Приказна 45
Преминување на реката Јордан
ГЛЕДАЈ! Израелците ја преминуваат реката Јордан! Но, каде е водата? Поради обилните дождови во тој дел од годината, само неколку минути пред тоа, водата во реката била многу длабока. Но, сега, нема ни капка вода! А Израелците поминуваат по сува земја исто како што го поминале Црвеното Море. Каде отишла сета таа вода? Да видиме.
Кога дошло време Израелците да ја преминат реката Јордан, Јехова му заповедал на Исус Навин да му каже на народот вака: ‚Свештениците нека го земат ковчегот на сојузот и нека одат пред вас. Кога ќе стапнат во Јордан, водата ќе престане да тече‘.
Така свештениците го зеле ковчегот на сојузот и го носеле, одејќи пред народот. Кога дошле до Јордан, свештениците загазиле во водата. Таа течела многу силно и била длабока. Но, штом ја допреле со нозете, водата почнала сѐ помалку да тече. Тоа било чудо! Во горниот тек на реката, Јехова ја задржал водата. Затоа, по кратко време, во реката немало повеќе вода.
Свештениците кои го носеле ковчегот на сојузот застанале точно во средината на сувата река. Ги гледаш ли на сликата? Додека стоеле таму, сите Израелци го преминале Јордан по сува земја!
Кога сите биле на другата страна, Јехова му рекол на Исус Навин да им заповеда на 12 силни мажи: ‚Влезете во реката каде што стојат свештениците со ковчегот на сојузот. Земете 12 камења и ставете ги на куп таму каде што ќе преспиете ноќеска. Па во иднина, кога вашите деца ќе ве прашаат што значат тие камења, ќе им кажете дека водата престанала да тече кога Јеховиниот ковчег го преминувал Јордан. Камењата ќе ве потсетат на ова чудо‘. Исус Навин, исто така, ставил 12 камења во реката, на местото каде што стоеле свештениците.
На крајот, Исус Навин им рекол на свештениците што го носеле ковчегот на сојузот: ‚Излезете од Јордан‘. И веднаш откако излегле, реката повторно почнала да тече.