Приказна 58
Давид и Голијат
ФИЛИСТЕЈЦИТЕ повторно дошле да се борат против Израел. Тројцата најстари браќа на Давид биле во Сауловата војска. Затоа, еден ден, Јесеј му рекол на Давид: ‚Однеси им на твоите браќа малку жито и неколку лебови и распрашај се како се‘.
Кога пристигнал во воениот логор, Давид отрчал до местото каде што се водела борбата за да ги побара своите браќа. Филистејскиот џин Голијат излегол за да ги исмејува Израелците. Тоа го правел секое утро и секоја вечер 40 дена. Тој викал: ‚Изберете еден од вашите луѓе за да се бори со мене. Ако ме победи и ме убие, ние ќе ви бидеме робови. Но, ако јас победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови. Ајде, ако имате смелост, изберете некого да се бори со мене‘.
Давид прашал некои војници: ‚Што ќе добие човекот кој ќе го убие овој Филистеец и ќе го ослободи Израел од овој срам?‘
‚На тој човек, Саул ќе му даде големо богатство‘, рекол еден војник, ‚и ќе му ја даде и својата ќерка за жена.‘
Но, сите Израелци се плашеле од Голијат бидејќи тој бил толку голем. Бил висок околу 3 метри, и друг војник му го носел штитот.
Некои војници отишле и му кажале на цар Саул дека Давид сака да се бори со Голијат. Но Саул му рекол на Давид: ‚Ти не можеш да се бориш со овој Филистеец. Ти си уште дете, а тој е војник цел живот‘. Давид му одговорил: ‚Јас убив мечка и лав кои зедоа по една од овците на татко ми. Истото ќе го снајде и овој Филистеец. Јехова ќе ми помогне‘. Затоа Саул рекол: ‚Оди, и Јехова нека биде со тебе‘.
Давид слегол до еден поток, зел пет мазни камења и ги ставил во својата торба. Потоа ја зел својата праќа и излегол да се бори со џинот. Кога го здогледал, Голијат не можел да поверува. Тој мислел дека ќе биде многу лесно да го убие Давид.
‚Само дојди ми‘, му рекол Голијат, ‚па ќе им го дадам твоето тело на птиците и на животните да го изедат.‘ Но Давид му возвратил: ‚Ти доаѓаш против мене со меч и со копје, но јас доаѓам против тебе во името на Јехова. Денес Јехова ќе те предаде во моите раце, и јас ќе те убијам‘.
Тогаш Давид се стрчал кон Голијат. Зел еден камен од торбата, го ставил во праќата и го фрлил со сета сила. Каменот го погодил Голијат право во главата, и тој паднал мртов. Кога виделе дека нивниот јунак паднал, Филистејците почнале да бегаат. Израелците се стрчале по нив и ги победиле во битката.