Глава 10
Царство „кое нема да биде уништено“
1, 2. а) Кој факт секој ден се истакнува преку светските настани, и како? б) Кое е единственото решение?
СВЕТСКИТЕ настани секој ден го подвлекуваат фактот дека со отфрлањето на Јеховиниот суверенитет и со обидот да владеат самите со себе луѓето не нашле среќа. Ниеден систем на човечки влади не донел корист за човештвото без пристрасност. Иако луѓето ја развиле својата научна вештина на досега недостигнато ниво, сепак тие не успеале да го искоренат гревот, да ги победат болестите и да ѝ стават крај на смртта, ниту за еден единствен нивни поданик. Напротив, нациите продолжуваат да создаваат нови и постраотни оружја. Криминалното насилство цвета. Технологијата, алчноста и незнаењето здружено ја загадуваат Земјата, водата и воздухот. Вртоглавата инфлација и невработеноста на многумина крајно им го отежнуваат снабдувањето со основни животни потреби. Луѓето очајнички бараат излез (Проп. 8:9, NW).
2 Кое е решението? Божјето Царство, за кое Исус ги учел своите следбеници да молат (Мат. 6:9, 10). Колку треба да бидеме благодарни што ослободувањето кое ќе го донесе тоа Царство е мошне близу!
3. а) Во врска со ова Царство, што се случило на небото во 1914 н. е.? б) Зошто е важно тоа за нас?
3 Уште од 1914 н. е. Божјето Царство дејствува во рацете на Исус Христосa. Таа година, настаните кои Даниел ги видел во пророчка визија навистина се исполниле на небесата. ”Прадамнешниот“, Јехова Бог, му доделил на Синот човечки, Исус Христос, „владетелство и достоинство и царство, за да му служат сите народи, национални групи и јазици“. Известувајќи за визијата, Даниел напишал: „Неговото владетелство е владетелство кое трае до недогледно време, а неговото царство [е царство] кое нема да биде уништено“ (Дан. 7:13, 14, NW). Преку ова Царство Бог ќе им овозможи на љубителите на праведноста да уживаат безброј добри работи кои тој ги испланирал кога ги поставил првите човечки родители во Рајот.
4. Кои детали во врска со Царството се од посебен интерес за нас, и зошто?
4 Лојалните поданици на Царството се живо заинтересирани за составот и делувањето на оваа влада. Сакаат да сознаат што таа прави сега, што ќе исполни во иднина и што бара од нив. Додека ја разгледуваат одблиску, нивното ценење за неа расте и се оспособуваат самите за да им раскажуваат на другите за неа (Пс. 48:12, 13, NW).
Испитување кое го поттикнува срцето
5. а) Како Писмата покажуваат чиј суверенитет е изразен преку Месијанското Царство? б) Како на нас влијае она што го учиме за Царството?
5 Еден од првите резултати на таквото испитување е фактот дека Месијанското Царство е израз на Јеховиниот суверенитет. Тој е оној кој му дал „владетелство и достоинство и царство“ на својот Син. Така, откако Царството започнало да владее, гласови на небото на прикладен начин изјавиле: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ [Јехова Бог] и на Неговиот Христос, и Он [Јехова] Ќе царува во сите векови“ (Отк. 11:15). Затоа, сѐ што посматраме во врска со ова Царство и она што тоа го исполнува нѐ приближува поблиску до самиот Јехова. Тоа всадува во нас желба засекогаш да се подложиме на неговата сувереност.
6. Зошто е од посебен интерес за нас тоа што Исус Христос е Јеховин придружен владетел?
6 Колку е прекрасно што Јехова го поставил Исус Христос на престолот како Свој придружен владетел! Како Главен Работник кој Бог го употребил да ја создаде Земјата и човекот, Исус ги знае нашите потреби подобро отколку било кој друг од нас. Освен тоа, уште од почетокот на човечката историја тој ја покажал својата ‚наклоност кон синовите човечки‘ (Изреки 8:30, 31, NW; Кол. 1:15-17). Таа љубов е толку голема што тој лично дошол на Земјата и го дал својот живот како откуп во нивна корист. На тој начин, тој ни овозможил средство за ослободување од грев и смрт и ни дал прилика за вечен живот (Мат. 20:28).
7. а) За разлика од владата на било кој човек, зошто оваа влада ќе биде трајна? б) Каков однос има ‚верниот и разумен роб‘ со небесната влада?
7 Тоа е стабилна и трајна влада. Фактот дека самиот Јехова не е подложен на смрт ја гарантира нејзината трајност (Авак. 1:12, NW; Псал. 145:3-5, 10). За разлика од човечките цареви, Исус Христос, оној на кого Бог му го доверил Царството, е исто така бесмртен (Рим. 6:9; 1. Тим. 6:15, 16). На небесните престоли со Христос ќе бидат здружени 144.000 други, лојални слуги на Бог, кои се земени од „секое племе и јазик и народ и нација“. И на нив им е даден бесмртен живот (Откр. 5:9, 10; 1. Кор. 15:42-44, 53, сите NW). Поголемиот дел од нив веќе се на небесата, а еден остаток сѐ уште на Земјата ја сочинува класата на „верен и разумен роб“ која овде лојално ги унапредува интересите на тоа Царство (Мат. 24:45-47, NW).
8, 9. а) Кои разединувачки, расипувачки влијанија ќе ги отстрани Царството? б) Во какви организации и активности ќе избегнуваме да се вплеткуваме ако не сакаме да станеме непријатели на Божјето Царство?
8 Многу брзо, во одредено време од Јехова, неговите казнени сили ќе стапат во акција на чистење на Земјата. Тие сили засекогаш ќе ги уништат оние кои поради сопствениот избор не го спознале Бог и одбиле да ја признаат неговата сувереност, и се однесуваат со презир кон неговите љубезни подготовки што ги спровел преку Исус Христос (2. Сол. 1:6-9, NW). Тоа ќе биде Јеховин ден, долгоочекуваното време за негово оправдување како Универзален Суверен.
9 Сите лажни религии, како и сите човечки влади и нивните војски, со кои манипулира невидливиот зол владетел на овој свет, ќе бидат уништени засекогаш. Сите кои се означуваат себеси како дел од овој свет со тоа што се саможиви, нечесни и водат неморален начин на живот, ќе бидат отсечени со смрт. Сатана и неговите демони ќе бидат отсечени од секаква врска со земските жители, безбедно затворени за илјада години. Какво ослободување ќе биде тоа за сите оние кои ја љубат праведноста! (Отк. 18:21, 24; 19:11-16, 19-21; 20:1, 2).
Како ќе ги постигне своите цели
10. а) Како Месијанското Царство ќе ја исполни Јеховината намера со самата Земја? б) Што ќе значи тоа за луѓето кои тогаш ќе живеат на Земјата?
10 Ова Месијанско Царство потполно ќе ја исполни Божјата првобитна намера со Земјата (1. Мој. 2:8, 9, 15; 1:28). До ден-денес, човекот не успеал да ја исполни таа намера. Меѓутоа, „населената земја која доаѓа“ ќе биде подложна на Синот човечки, Исус Христос. Сите кои ќе го преживеат извршувањето на Јеховиниот суд на овој стар систем, ќе работат обединето под Христос како Цар, радо ќе вршат сѐ што тој ќе нареди за Земјата да стане глобален Рај (Евр. 2:5-9, NW). Целото човештво ќе ужива во делото на своите раце и ќе има потполна корист од изобилството на земските плодови (Пс. 72:1, 7, 8, 16-19, NW; спореди Исаија 65:21, 22).
11. а) Како поданиците на Царството ќе постигнат совршенство на мислите и телото? б) Што ќе вклучува тоа?
11 Кога биле создадени, Адам и Ева биле совршени, а Божјата намера со Земјата била – таа да биде исполнета со нивните потомци и сите да уживаат совршенство на мислите и телото. Под владата на Царството, таа намера ќе стане славна реалност. За тоа потребно е да се отстранат сите последици на гревот, а за таа цел Христос служи не само како Цар, туку и како Првосвештеник. Трпеливо тој ќе им помогне на своите послушни поданици да извлечат корист од грево-помирбената вредност на жртвата на неговиот човечки живот. Слепите очи ќе прогледаат. Глувите уши ќе се отнат. Телото, изобличено од старост или болести, ќе стане посвежо од детското. Хроничните болести ќе му отстапат место на цветачко здравје. Ќе дојде ден кога никој нема да има причина да каже: „Болен сум“, бидејќи богобојазливите луѓе ќе бидат ослободени од товарот на гревот и неговите жалосни последици. (Спореди Исаија 33:22, 24; 35:5, 6; Јов 33:25; Лука 13:11-13.)
12. а) Што уште е потребно за човечката совршеност? б) Како ќе се постигне, и кој ќе биде резултатот од тоа?
12 Меѓутоа, постигнувањето на совршеност вклучува многу повеќе отколку само да се има здраво тело и здрави мисли. Тоа вклучува исправно одразување на особините на Јеховината личност, бидејќи човекот бил создаден ‚по Божја слика, според неговиот изглед‘ (1. Мој. 1:26, NW). За таа цел, ќе се бара повеќе поучување. Ова е Нов поредок во кој „пребива правда“, затоа, како што прорекол пророкот Исаија, „правда е она што жителите на плодната земја сигурно ќе учат“ (2. Петр. 3:13; Иса. 26:9, сите NW). Оваа особина води до мир меѓу луѓето од сите нации, помеѓу блиски другари, мир во семејството и, пред сѐ, мир со самиот Бог (Иса. 32:17; Псал. 84:10-13). Оние кои се учат на праведност постепено ќе бидат подучувани за Божјата волја со нив. Додека љубовта за Јеховините патишта сѐ подлабоко се вкоренува во нивните срца, тие ќе ги следат нив во секој аспект од својот живот. Совршениот човек Исус можел да рече: ‚Јас секогаш го вршам она што Му е угодно на мојот Отец‘ (Јован 8:29). Колку ќе биде задоволувачки животот за целото човештво кога сето ова ќе се исполни!
Исполнувањата се веќе видливи
13. Искористи ги горните прашања за да ги истакнеш придобивките на Царството и што би требало ние да правиме во врска со тоа?
13 Впечатливите достигнувања на Царството веќе им се јасно видливи на поединците кои гледаат со очите на верата. Следните прашања и библиски цитати ќе те потсетат на некои од нив, како и на работите кои сите поданици на Царството можат и треба да ги вршат сега:
Против кого Царот најпрво ќе стапи во акција, и со каков резултат? (Отк. 12:7-10, 12).
По Христовото востоличување, на која група ѝ е посветено посебно внимание за собирање на нејзините последни членови? (Мат. 24:31; Отк. 7:1-4).
Во Матеј 25:31-33, за кое друго дело Исус прорекол дека ќе го врши откако ќе го земе својот престол, а пред да го уништи злото?
Како се извршува ова дело? Кој учествува во него? (Мат. 24:14; Пс. 110:3, NW; Отк. 14:6, 7).
Зошто политичките и религиозните противници не можат да го спречат? (Дела 5:38, 39; Зах. 14:6).
Како резултат на образовното дело кое се спроведува, какви промени настапиле во животите на лицата кои се подложиле на Царската влада? (Иса. 2:4; 1. Кор. 6:9-11).
Трајноста на Царството
14. а) Колку долго ќе владее Христос? б) Што ќе се постигне во тоа време?
14 Откако Сатана и неговите демони ќе бидат затворени во бездна, Исус Христос заедно со своите 144.000 сонаследници ќе владее илјада години (Отк. 20:6). За тоа време човештвото ќе биде доведено до совршенство. Сите влади и власти и сили кои се против Јехова ќе бидат отстранети. Кога сето тоа ќе се исполни, Исус ќе му го предаде Царството на својот Татко, „за Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:24, 28, NW).
15. Колку е вистинито дека тоа Царство ‚никогаш нема да биде уништено‘?
15 Поради тоа, Исусовата положба во однос на Земјата ќе се промени. Сепак, неговото владетелство ќе биде „неодредено трајно“, а неговото Царство „нема да биде уништено“ (Дан. 7:14, NW). Во која смисла? Така што владетелската моќ нема да премеине во рацете на други кои имаат поинакви цели. Придобивките на Царството ‚никогаш нема да бидат уништени‘. Она што го прави Царството за да го посвети Јеховиното име и да ја исполни неговата намера со оваа Земја ќе остане засекогаш.
[Фуснота]
a Види: ”Да дојде царството твое“, стр. 127-139 (срп.)
За повторување
● Зошто Божјето Царство е единственото решение за проблемите на човештвото? Кога започнало да владее?
● Што особено те привлекува во врска со Божјето Царство и она што тоа ќе го постигне? Зошто?
● Кои придобивки на Царството можеме уште сега да ги видиме? Каков удел имаме ние во ова?
[Слика на страници 84 и 85]
Луѓето ќе се учат на праведност