„Да се свети Името Твое“ — Кое име?
ДАЛИ си побожно лице? Тогаш, без сомнение, како многу други, веруваш во едно Врховно Битие. И веројатно имаш голема почит кон добро познатата молитва до тоа Битие, за која Исус ги поучувал своите следбеници и која е позната како Господова молитва или Оченаш. Молитвата започнува вака: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“ (Матеј 6:9).
Дали некогаш си се запрашал зошто Исус ‚светењето‘ или посветувањето на Божјето име го ставил на прво место во оваа молитва? Потоа, тој споменал и други работи, како што е доаѓањето на Божјето Царство, да се врши Божјата волја на Земјата и да ни се простат гревовите. Исполнувањето на овие други барања конечно ќе значи траен мир на Земјата и вечен живот за човештвото. Можеш ли да си замислиш нешто поважно од тоа? Меѓутоа, Исус ни рекол најнапред да се молиме за посветувањето на Божјето име.
Не било случајно што Исус ги поучил своите следбеници да го стават Божјето име на прво место во своите животи. Јасно е дека тоа име било од пресудна важност за него, бидејќи честопати го споменувал во своите лични молитви. Во една прилика, кога јавно му се молел на Бог, го чуле како вели: „Оче, прослави Го името Свое!“ Бог лично му одговорил: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам“ (Јован 12:28).
Вечерта пред да умре, Исус му се молел на Бог во близина на своите ученици, и тогаш повторно го чуле како ја истакнува важноста на Божјето име. Рекол: „Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот“. Подоцна тој повторил: „И им го објавив името Твое, и ќе го известувам“ (Јован 17:6, 26).
Зошто Божјето име било толку важно за Исус? Зошто покажал дека е важно и за нас кога рекол да молиме за неговото посветување? За да го разбереме ова, треба да сфатиме како се гледало на имињата во библиски времиња.
Имињата во библиски времиња
Јехова Бог очигледно на човекот му всадил желба да им дава имиња на нештата. Првиот човек имал име Адам. Во извештајот за создавањето, една од првите работи за коишто се известува дека Адам ја направил, е именувањето на животните. Кога Бог му дал на Адам жена, Адам веднаш ја нарекол „Жена“ (на хебрејски: ишша́). Подоцна ѝ го дал името Ева, кое значи „Жива“, бидејќи требало да стане „мајка на сите живи“ (1. Мојсеева 2:19, 23; 3:20). Дури и денес ние го следиме обичајот да им даваме имиња на луѓето. Всушност, тешко е да си замислиме како би излегле на крај без имиња.
Меѓутоа, во времето на Израелците, имињата не биле само етикети. Тие имале свое значење. На пример, името на Исак, „Смеа“, потсетувало на смеењето на неговите остарени родители кога првпат слушнале дека требало да имаат дете (1. Мојсеева 17:17, 19; 18:12). Името на Исав значело „Влакнест“ и опишувало една телесна одлика. Неговото друго име, Едом, „Црвен“ или „Румен“, било потсетник дека го продал своето првородство за една чинија црвено вариво (1. Мојсеева 25:25, 30-34; 27:11; 36:1). Иако Јаков бил едвај нешто помлад од својот брат близнак Исав, тој го купил првородството од Исав и го добил благословот на првороден од татка си. Уште од раѓањето, значењето на Јакововото име било „Оној кој се држи за петата“ или „Истиснувач“ (1. Мојсеева 27:36). Слично на тоа, и името Соломон, за време на чие владеење Израел уживал мир и просперитет, значело „Мирољубив“ (1. Летописи 22:9).
Затоа, The Illustrated Bible Dictionary (Илустрираниот библиски речник, том 1, страница 572), го наведува следното: „Студирањето на зборот ‚име‘ во С[тариот] з[авет] открива колку многу тоа значи на хебрејски. Името не е само обична етикета туку е значајно за вистинската личност на оној што го носи“.
Фактот дека Бог ги смета имињата за важни, се гледа и од тоа што преку еден ангел, тој ги поучил идните родители на Јован Крстител и на Исус какви имиња треба да им стават на своите синови (Лука 1:13, 31). А повремено тој им ги менувал имињата на луѓето или им давал додатни имиња за да го покаже местото што треба да го имаат во неговата намера. На пример, кога Бог прорекол дека неговиот слуга Аврам („Возвишен татко“) ќе стане татко на многу народи, Тој му го сменил името во Авраам („Татко на едно мноштво“). А името на Авраамовата жена Сара („Кавгаџика“), го сменил во Са́ра („Принцеза“), бидејќи требало да стане мајка на Авраамовото семе (1. Мојсеева 17:5, 15, 16; спореди 1. Мојсеева 32:28; 2. Царства 12:24, 25).
И Исус, исто така, ја сфаќал важноста на имињата и се осврнал на Петровото име кога му дал една предносна служба (Матеј 16:16-19). Дури и духовните суштества имаат имиња. Две кои се споменати во Библијата, се Гавриил и Михаил (Лука 1:26; Јуда 9). А кога човекот им дава имиња на неживите работи како што се ѕвезди, планети, градови, планини и реки, тој само го имитира својот Творец. На пример, Библијата ни кажува дека Бог ги повикува сите ѕвезди по име (Исаија 40:26).
Да, имињата се важни во Божји очи, и тој ја всадил во човекот желбата да ги идентификува луѓето и нештата преку имиња. Затоа, ангелите, луѓето, животните, како и ѕвездите и другите неживи работи, имаат имиња. Дали би било доследно Творецот на сите овие работи самиот да биде безимен? Се разбира дека не, особено ако се имаат предвид зборовите на псалмистот: „Секое тело нека го благословува [Божјето] име свето, сега, секогаш и во сите векови“ (Псалм 144:21).
The New International Dictionary of New Testament Theology (Новиот меѓународен речник на новозаветна теологија, том 2, страница 649), вели: „Една од најфундаменталните и најважните одлики на библиското откровение е фактот дека Бог не е без име: тој има лично име со кое може и треба да биде повикуван“. Исус сигурно го имал тоа име на ум кога ги поучил своите следбеници да се молат: „Оче Наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“ (Матеј 6:9).
Со оглед на сево ова, очигледно е важно да знаеме кое е Божјето име. Дали ти го знаеш Божјето лично име?
Кое е Божјето име?
Изненадувачки е што на поголемиот дел од стотиците милиони членови на црквите на христијанството веројатно би им било тешко да одговорат на ова прашање. Некои би рекле дека Божјето име е Исус Христос. Но, Исус се молел на некој друг кога рекол: „Го јавив името Твое на луѓето, што [Ти] си Ми ги дал од светот“ (Јован 17:6). Тој се молел на Бог кој е на небото, како син кој му зборува на својот татко (Јован 17:1). Она што морало да се „свети“, односно „посвети“, било името на неговиот небесен Татко.
Па сепак, многу од современите Библии не го содржат името, кое ретко се употребува и во црквите. Оттука, далеку од тоа да биде „светено“, за милиони читатели на Библијата името било скриено. За да видиме како преведувачите на Библијата постапувале со Божјето име, да разгледаме само еден стих каде што се појавува тоа име: Псалм 82:18 [83:18, НС]. Еве како е преведен овој стих во четири различни преводи:
„Нека знаат дека само ти, чие име е ГОСПОД, си Највишиот над целата земја“ (Revised Standard Version, 1952).
„За да бидат поучени дека ти, о Вечни, ти си Највишиот Бог над целиот свет“ (A New Translation of the Bible, од Џемс Мофат, 1922).
„Нека го знаат ова: само ти го носиш името Јахве, Највиш над целиот свет“ (Католичка Jerusalem Bible, 1966).
„За да знаат луѓето дека ти, чие име единствено е ЈЕХОВА, си највишиот над целата земја“ (Authorized или King James Version, 1611).
Зошто Божјето име изгледа толку различно во овие преводи? Дали е неговото име ГОСПОД, Вечен, Јахве или Јехова? Или, пак, сите тие се прифатливи?
За да одговориме на овие прашања, треба да запомниме дека Библијата првобитно не била напишана на англиски. Библиските писатели биле Евреи и главно пишувале на хебрејскиот и на грчкиот јазик од нивното време. Повеќето од нас не ги зборуваат овие стари јазици. Но, Библијата е преведена на многубројни современи јазици на кои можеме да ја читаме Божјата Реч кога сакаме.
Христијаните имаат длабоко почитување кон Библијата и со право веруваат дека „целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16). Затоа, преведувањето на Библијата е сериозна одговорност. Ако некој намерно менува или испушта делови од содржината на Библијата, тој неовластено ја менува инспирираната Реч. На таквиот може да се примени библиското предупредување: „Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне поразии напишани во оваа книга. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му одземе дел од книгата [од дрвјата, НС] на животот“ (Откровение 22:18, 19; види и 5. Мојсеева 4:2).
Поголемиот број преведувачи на Библијата, несомнено, ја почитуваат Библијата и искрено сакаат да ја направат разбирлива во оваа современа доба. Но, преведувачите не се инспирирани. Исто така, повеќето од нив имаат цврсти убедувања во врска со религиозните работи и можат да бидат под влијание на лични идеи и склоности. А можат да прават и човечки пропусти или грешки во просудувањето.
Затоа, имаме право да поставиме неколку важни прашања: Кое е Божјето вистинско име? Зошто различни преведувачи на Библијата имаат различни имиња за Бог? Откако ќе го утврдиме одговорот на овие прашања, можеме да се вратиме на нашиот првобитен проблем: Зошто посветувањето на Божјето име е толку важно?
[Истакната мисла на страница 4]
Ангелите, луѓето, животните, како и ѕвездите и другите неживи работи имаат имиња. Дали би било доследно Творецот на сите овие работи да биде безимен?
[Истакната мисла на страница 5]
Божјето име очигледно било од пресудно значење за Исус, затоа што тој секогаш одново го споменувал во своите молитви