Полновремените слуги предводат во делото на проповедање
Можеби првиот Јеховин сведок кој вам ви се обратил бил полновремен слуга пионер или мисионер. Бидејќи Јеховините сведоци немаат платена служба, можеби се прашувате како овие луѓе можат да се ангажираат во полновремена служба.
Сите предадени и крстени Јеховини сведоци се слуги (министри), но поголемиот број од нив имаат семејства и други обврски кои ги спречуваат на службата на проповедање да ѝ посветат повеќе од неколку часа седмично. Меѓутоа, илјадници Јеховини сведоци ширум светот го намалиле својот животен стандард така што своите намалени трошоци можат да ги покријат само со повремено вработување и така да посветат 1000 или повеќе часови годишно во службата на проповедање.
Вистина е дека полновремените слуги, пионери, немаат толку пари за да ги трошат на себе, но тоа за нив е начин најпрво да го бараат Божјето Царство. И примаат многу благослови. Можноста да се разговара со другите за Божјата реч 90 и повеќе часови месечно, само по себе е прекрасно искуство. Полновремениот слуга ја подобрува својата вештина во тоа дело, а исто така има време потполно да им се посвети на интересентите. Тоа дава мошне охрабрувачки резултати. Им се излегува во пресрет на нивните скромни материјални потреби, а тие многу го ценат она што го имаат (Матеј 6:33).
Во февруари 1943 г. Друштвото Стражарска кула ја основало Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула. Целта била искусните полновремени слуги, пионери, да се оспособат за мисионерска служба во странски земји. Петмесечниот курс се состои од интензивно проучување на Библијата, библиската историја, Јеховината организација и поврзани теми за подготовка за служба во странски земји.
Друштвото им го плаќа на мисионерите превозот до доделената земја и им обезбедува здрава исхрана и пристојни услови за живот во мисионерски домови. Секој мисионер прима и мал џепарлак за лични потреби. Мисионерите се менуваат во куќните работи, како што е купување, готвење и чистење. На тој начин мисионерите се во можност да посветат барем 140 часа месечно во службата на проповедање од куќа до куќа и во водење на библиски студии со заинтересирани лица.
Многу од овие мисионери се поставени на илјадници километри далеку од домот и семејството. Тие мораат да се прилагодуваат на различни животни норми и култури, на нови навики во исхраната, на поинакви климатски услови и да учат нов јазик. Сето тоа го прават зошто ги сакаат луѓето и имаат силна желба да им помогнат да научат за Божјето Царство.
Од 1943 до 1985 година Библиската школа Гилеад на Стражарска кула водела 80 класови и испратила повеќе од 6000 мисионери. Под надзор на Друштвото тие предводеле во ширењето на библиското образование по Африка, Централна и Јужна Америка, во источните земји и на Јужниот Пацифик, а многу постигнале и во Европа.
Без оглед дали се ангажирани во полновремената служба како пионери или како мисионери или само делумно, Јеховните сведоци служат без финансиска добивка. Тие го трошат своето време, парите и самите себеси за да им помогнат на другите да добијат спознание кое води до вечен живот (Јован 17:3).
● Како некои од Јеховините сведоци се во можност да бидат полновремени слуги, и зошто го прават тоа?
● Како слугите се оспособуваат за мисионерска работа?
● Како се издржуваат мисионерите во странските земји?
[Слики на страница 22]
Лево: Училница во Гилеад школата во Бруклин, САД
Десно: Мисионер поучува за Божјата Реч во Папуа Нова Гвинеја
[Слики на страница 23]
Пионери и мисионери ја проповедаат Божјата реч во разни земји
Бразил
Доминиканска Реп.
Шпанија
Сиера Леоне, Африка