Практична вредност на добрата вест за Вашата заедница
Во денешниот свет често го слушаме мислењето: „Начелата на христијанството не се практични. Во денешново комплицирано општество не е можно да се применуват“. Во еден разговор воден меѓу хиндускиот водач Мохандас К. Ганди и некогашниот британски вицекрал на Индија, лорд Ирвин, било изразено сосема поинакво гледиште. Лордот Ирвин го прашал Ганди како, според неговото мислење, можат да се решат проблемите помеѓу Велика Британија и Индија. Ганди ја зел в раце Библијата, отворил кај петтото поглавје од евангелието по Матеј и рекол: „Кога вашата и мојата земја би се сложиле на темел на учењето кое го изложил Исус Христос во оваа Проповед на гората, би ги решиле проблемите не само на нашите земји туку и проблемите на целиот свет“.
Во таа проповед се говори дека треба да се бара духовноста, да се биде благ, мирољубив, милосрден и да се сака праведноста. Не се осудува само убиството туку и гневот спрема другите, не само прељубата туку и неморалните помисли. Се говори против неодговорните разводи на брак кои го растураат семејството и поради кои патат децата. Таа ни кажува: „Љубете ги дури и оние на кои не им се допаѓате, дајте им на оние што се во оскудица, престанете немилосрдно да им судите на другите, постапувајте со другите онака како што сакате тие да постапуваат со вас“. Применувањето на сите овие совети донесува прекрасни резултати. Колку повеќе луѓе во општеството ги применуваат толку е подобро тоа општество.
Јеховините сведоци влијаат во таа насока. Библијата ги учи да го почитуваат бракот. Тие ги воспитуваат своите деца според праведни начела и го истакнуваат значењето на семејството. Обединетите семејства се благослов за твојата заедница, да, за целата држава. Историјата изобилува со примери за светски сили кои пропаѓале како резултат на слабеењето на семејните врски и порастот на неморал. Врз колку повеќе поединци и семејства ќе влијаат Јеховините сведоци да живеат според христијанските начела толку помалку ќе има деликвенција, неморал и криминал во твојата заедница.
Еден од најголемите проблеми што ги измачуваат општествата и народите се расните предрасуди. Апостол Петар рекол: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице, туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, постапува правично, мил Му е“. А Павле напишал: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса“ (Дела 10:34, 35; Галатјаните 3:28). Јеховините сведоци го прифаќаат тоа. Во нивната светска централа, во подружниците и собранијата живеат и работат заедно луѓе од сите раси.
Во Африка некои племиња не можат да бидат заедно а да не избувнат караници. Меѓутоа, на конгресите на Јеховините сведоци таму, припадници на многу различни племиња заедно јадат, спијат и го вршат своето обожавање во потполна слога и срдечно дружење. Владините службеници се изненадени кога ќе го видат тоа. Во њујоршкиот весник Amsterdam News од 2. август 1958 година е наведен пример за обединувачката сила на вистинското христијанство. Се говори за претходно споменатиот меѓународен конгрес на кој во Њујорк Сити се собрале повеќе од четврт милион луѓе.
„Насекаде црнци, белци и ориенталци од сите сталежи и од сите делови на светот се дружеа радосно и спонтано . . . Сведоци од 120 земји мирољубиво и во единство го обожаваа Бог, покажувајќи им на Американците колку тоа е лесно. . . . Конгресот претставува сјаен пример како луѓето можат сложно да живеат и работат.“
Многумина може да речат дека начелата на христијанството во денешниот свет не се практични. Но, што воопшто можело или може да функционира? Христијанските начела можат уште сега да бидат од вистинска вредност ако се применуваат во твојата заедница, а тие ќе бидат темел за обединувањето на сите „племиња и колена, народи и јазици“ по целата Земја кога Божјето Царство ќе завладее над човештвото (Откровение 7:9, 10).
[Истакната мисла на страница 24]
Луѓе од сите раси и бои работат заедно
[Истакната мисла на страница 24]
Христијанството е практично. Што воопшто би можело да функционира?