Прашања што често ги поставуваат заинтересираните лица
Некои прашања се поставуваат почесто од други. Некои од нив се разгледани овде.
Ако Бог е љубов, зошто го допушта злото?
Бог го допушта злото, а милиони луѓе на Земјата намерно го прават. На пример, објавуваат војни, фрлаат бомби врз деца, ја загадуваат Земјата и предизвикуваат глад. Милиони луѓе пушат и заболуваат од рак на белите дробови, прават прељуба и заболуваат од венерични болести, премногу пијат и добиваат цироза на црниот дроб и така натаму. Таквите лица всушност немаат искрена желба да се отстрани сето зло. Тие само сакаат да ги избегнат последиците на злото. И кога го жнеат она што го сееле, се жалат: „Зошто јас?“ И го обвинуваат Бог, како што читаме во Изреките 19:3: „Глупоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господа“. Кога Бог не би им дозволил да прават зло, тогаш би се жалеле дека им е одземена слободата да го прават тоа.
Главната причина што Јехова го допушта злото е да одговори на предизвикот од Сатана. Сатана Ѓаволот му рекол на Бог дека не може да има на Земјата луѓе кои би му останале верни под искушенија (Јов 1:6-12; 2:1-10). Јехова го остава Сатана за да му даде можност да го докаже своето тврдење. (Спореди 2. Мојсеева 9:16.) Сатана и денес им нанесува зло на луѓето за да ги наведе да се свртат против Бог додека се обидува да го докаже своето тврдење (Откровение 12:12). Меѓутоа, Јов ја зачувал својата беспрекорност. Тоа го сторил и Исус, а денес тоа го прават и вистинските христијани (Јов 27:5; 31:6; Матеј 4:1-11; 1. Петрово 1:6, 7).
Радо би верувал во Рај на Земјата каде што луѓето ќе можат вечно да живеат, но зар тоа не е премногу убаво за да биде вистинито?
Според Библијата, не. Тоа се чини премногу убаво за да биде вистинито само затоа што човештвото со векови знае само за зло. Јехова ја создал Земјата и им заповедал на луѓето да ја наполнат со праведни мажи и жени кои би се грижеле за растенијата и животните, да ја одржуваат нејзината убавина наместо да ја уништуваат. (Види страница 12 и 17.) Ветениот Рај не е премногу убав за да биде вистинит, туку сегашната жалосна состојба е премногу лоша за и натаму да постои. Таа ќе биде заменета со Рај.
Верата во тоа ветување нема ништо заедничко со лековерноста. „Верата доаѓа од слушање.“ Преку проучувањето на Божјата Реч ја запознаваме нејзината мудрост и верата расте (Римјаните 10:17; Евреите 11:1).
Што можам да им одговорам на лугето кои се подбиваат и тврдат дека Библијата е мит и дека е ненаучна?
Библиската археологија во голема мерка ја потврдува историската точност на Библијата. Егзактните науки се согласни со Библијата. Следниве факти биле содржани во Библијата многу порано пред да бидат откриени од светските научници: Редоследот на поединечните фази кои ги поминала Земјата во својот развој, дека Земјата е тркалезна, дека слободно лебди во просторот и дека птиците се селат (1. Мојсеева, 1. поглавје; Исаија 40:22; Јов 26:7; Јеремија 8:7).
Исполнувањето на пророштвата покажува дека Библијата е инспирирана од Бог. Даниил го прорекол подемот и падот на светските сили, како и времето кога ќе дојде Месијата и кога ќе биде убиен (Даниил поглавја 2 и 8; 9:24-27). И денес се исполнуваат други пророштва кои го одбележуваат нашево време како ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24. поглавје). Такво предзнаење не е во моќта на човекот (Исаија 41:23). За натамошни докази види во книгите Is the Bible Really the Word of God? (Библијата — Реч Божја или човечка?) и Life—How Did It Get Here? By Evolution or by Creation? (Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање?), издадени од Watchtower.
Како можам да се оспособам да одговорам на библиски прашања?
Морате да ја проучувате Библијата, да размислувате за проученото и истовремено да го молите Бог да Ве води со светиот дух (Изреки 15:28; Лука 11:9-13). „Ако некому од вас не му достига мудрост,“ вели Библијата, „нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор — и ќе му се даде“ (Јаков 1:5). Освен тоа, постојат помошни средства за проучување на Библијата кои содржат вредни совети. Обично е потребна и помош од некој друг, како што било случај со Етиопјаниниот со кој проучувал Филип (Дела 8:26-35). Јеховините сведоци водат бесплатни библиски студии со заинтересираните лица во нивните домови. И Вие можете да имате полза од таквата служба.
Зошто многу луѓе се против Јеховините сведоци и зошто ме предупредуваат да не проучувам со нив?
Многумина се спротивставувале на Исусовото проповедање, а тој рекол дека и неговите следбеници ќе наидат на отпор. На некои кои биле импресионирани од Исусовото поучување, религиозните противници им рекле: „Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во него?“ (Јован 7:46-48; 15:20). Многумина кои предупредуваат да не се проучува со Јеховините сведоци го прават тоа или од незнаење или затоа што имаат предрасуди. Проучувајте со Сведоците и видете самите дали Вашето разбирање за Библијата ќе порасне или не (Матеј 7:17-20).
Зошто Јеховините сведоци посетуваат луѓе кои имаат своја религија?
Со тоа тие го следат Исусовиот пример. Тој одел кај Евреите. Евреите имале своја религија, но таа во многу се разликувала од Божјата Реч (Матеј 15:1-9). Сите народи имаат некаква религија, било таканаречена христијанска или нехристијанска. Мошне е важно луѓето да се држат за верувања кои се согласни со Божјата Реч, а настојувањето на Сведоците да им помогнат во тоа е израз на љубов спрема ближните.
Дали Сведоците веруваат дека само нивната вера е исправна?
Секој кој сериозно ја сфаќа својата вера, треба да ја смета за исправна. Зошто инаку би ѝ припаѓал? Христијаните се опоменати: „Сѐ испитувајте, за доброто држете се!“ (1. Солунјаните 5:20). Потребно е човек да се увери дали неговите верски гледишта се темелат на Светото писмо, бидејќи постои само една вистинска вера. Ефесјаните 4:5 го потврдуваат тоа, наведувајќи: „Еден е Господ, една е верата, едно е крштевањето“. Исус не се согласувал со модерното, попустливо гледиште дека многу патишта, многу религии, водат до спасение. Наместо тоа рекол: „Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат“. Јеховините сведоци веруваат дека го имаат најдено. Во спротивно, би барале друга религија (Матеј 7:14).
Дали тие веруваат дека само тие ќе бидат спасени?
Не. Многу милиони луѓе кои живееле во изминатите векови а не биле Јеховини сведоци, ќе воскреснат и ќе добијат можност да живеат. Многумина од оние кои денес живеат можат уште пред ‚големата неволја‘ (НС) да заземат став за вистината и правдата, па и тие ќе бидат спасени. Освен тоа, Исус рекол дека не смееме да им судиме на другите. Ние ја гледаме само надворешноста; Бог може да го види срцето. Тој може сѐ точно да просуди и е милосрден судија. Судот му го доверил на Исус а не нам (Матеј 7:1-5; 24:21).
Какви финансиски прилози се очекуват од оние кои ги посетуваат состаноците на Јеховините сведоци?
Во поглед на паричните прилози, апостол Павле напишал: „Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринтјаните 9:7). Во Салите на Царството и во конгресните сали на Јеховините сведоци нема собирање на прилози. Таму се поставени кутии за прилози, така што секој кој сака може да даде прилог. Никој не знае колку другите даваат. Некои можат да дадат повеќе а некои помалку; некои, пак, не можат да дадат ништо. Исус укажал на исправното гледиште кога во една прилика говорел за кутиите за прилог во храмот во Ерусалим и за оние кои давале прилози: Одлучувачко е дали некој е во состојба да даде и мотивот за давањето, а не сумата на парите (Лука 21:1-4).
Ако станам Јеховин сведок, дали и од мене ќе се очекува да проповедам како и тие?
Ако сме исполнети со сознание за ветениот земски Рај под Христовото Царство, тогаш ќе имаме желба да го поделиме со другите. И со Вас ќе биде така. Тоа е добра вест! (Дела 5:41, 42).
Тоа е важен начин да покажете дека сте ученик на Исус Христос. Во Библијата Исус е означен како ‚верен и вистинит сведок‘. Кога бил на Земјата, проповедал: „Се приближи царството небесно“. Ги испратил и своите ученици да го прават тоа (Откровение 3:14; Матеј 4:17; 10:7). Подоцна, Исус им заповедал на своите следбеници: „Одите и научете ги сите народи . . . учејќи ги“. Исто така прорекол дека пред да дојде крајот, „ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 28:19, 20; 24:14).
Постојат многу начини за објавување на добрата вест. Една можност е низ разговор со пријатели или познаници. Некои тоа го прават со пишување на писма или преку телефон. Други им испраќаат литература на познатите со тема за која мислат дека посебно ќе ги интересира. Сведоците не сакаат никого да го превидат, па затоа ја носат веста од врата до врата.
Библијата го содржи следниов срдечен повик: „И Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Секој кој им говори на другите за рајската Земја и нејзините благослови треба да го прави тоа доброволно и од срце, исполнет со желба да ја подели со другите оваа добра вест.
Уверени сме дека имате уште многу прашања во врска со Јеховините сведоци и нивните верски гледишта. Можеби некои од нив се спорни по природа. Би сакале да Ви одговориме на нив. Во оваа брошура просторот за тоа е ограничен, па затоа Ве подбудуваме да разговарате со Јеховините сведоци, било во местото каде што живеете, во нивната Сала на Царството или кога ќе Ве посетат дома. Вашите прашања можете да ги испратите и до Watch Tower Society, така што ќе пишете на една од долунаведените адреси што Ви е најблиска.