Поглавје 2
Борбата за преживување на Библијата
Постојат многу нишки на доказот кој докажува дека Библијата навистина е Реч Божја. Секоја нишка е силна, но кога ќе се земат сите заедно, тие се нескршливи. Во ова и во следното поглавје ќе дискутираме токму за една нишка на доказот: историјата на Библијата како книга. Вистината е дека рамно на чудо е тоа како оваа извонредна книга преживеала до ден-денес. Разгледај ги фактите за себе.
1. Кои се некои детали за Библијата?
БИБЛИЈАТА е повеќе отколку само една книга. Таа е богата библиотека од 66 книги, некои кратки а некои прилично долги, содржејќи закон, пророштво, историја, поезија, совет и многу повеќе. Првите 39 од овие книги — повеќето на хебрејски јазик — ги напишале верни Евреи, односно Израелци, со векови пред раѓањето на Христос. Овој дел честопати е наречен Стар завет. Последните 27 книги биле напишани на грчки од страна на христијани, и се нашироко познати како Нов завет. Според внатрешниот доказ и најдревните традиции, овие 66 книги биле напишани во период од околу 1.600 години, почнувајќи тогаш кога Египет бил доминантна сила и завршувајќи кога Рим бил господарка над светот.
Само Библијата преживеала
2. а) Каква била ситуацијата во Израел кога почнало пишувањето на Библијата? б) Кои биле некои други пишани дела создадени во текот на истиот временски период?
2 Пред повеќе од 3.000 години, кога започнало пишувањето на Библијата, Израел бил само една мала нација меѓу многуте на Средниот Исток. Јехова бил нејзин Бог, додека околните нации имале збунувачка разноликост од богови и божици. Во текот на тој временски период, Израелците не биле единствените кои создавале религиозна литература. И други нации создавале пишани дела кои ја одразувале нивната религија и нивните национални вредности. На пример, акадската легенда Гилгамеш од Месопотамија и епот Рас Шамра, напишани на угаритски (јазик кој се зборувал во она што сега се нарекува северна Сирија), без сомнение, биле многу популарни. Огромната литература од таа ера вклучувала и дела како што се: The Admonitions of Ipu-wer и The Prophecy of Nefer-rohu на египетски јазик, химни на различни божества на сумерски и пророчки дела на акадски јазик.1
3. Што ја означува Библијата за поинаква од другата религиозна литература создадена на Средниот Исток во текот на истиот период?
3 Меѓутоа, сите овие дела од Средниот Исток наишле на заедничка судбина. Биле заборавени, па дури и јазиците на кои биле напишани изумреле. Дури во неодамнешниве години археолозите и филолозите дознале за нивното постоење и откриле како да ги читаат. Од друга страна, пак, првите напишани книги од хебрејската Библија преживеале дури до наше време и сѐ уште нашироко се читаат. Понекогаш, научниците тврдат дека хебрејските книги на Библијата потекнуваат на некој начин од тие древни литературни дела. Но, фактот што толкав голем дел од таа литература бил заборавен додека хебрејската Библија преживеала, ја означува Библијата за значително поинаква.
Чувари на Речта
4. Кои сериозни проблеми на Израелците можеби изгледале дека ќе го доведат во неизвесност преживувањето на Библијата?
4 Да се разбереме, од човечка гледна точка преживувањето на Библијата не бил однапред донесен заклучок. Заедниците кои ја создавале, поднеле толку тешки испити и горко угнетување што нејзиното преживување во наше време е навистина извонредно. Во годините пред Христос, Евреите кои ги создале Хебрејските списи („Стариот завет“) биле релативно мала нација. Тие живееле во несигурност сред моќни политички држави кои се туркале едни со други за превласт. Израел морал да се бори за својот живот против низа нации, како што биле Филистејците, Моавците, Амонитите и Едомците. Во текот на еден период, кога Евреите биле разделени на две царства, суровата Асирска Империја практично го збришала северното царство, додека Вавилонците го уништиле јужното царство, одведувајќи го народот во изгнанство од кое после 70 години се вратил само еден остаток.
5, 6. Кои обиди биле направени ставајќи ја во опасност самата егзистенција на Евреите како посебен народ?
5 Постојат дури и извештаи за обид за геноцид над Израелците. Во деновите на Мојсеј, Фараонот наредил да се убијат сите новородени машки бебиња. Доколку неговата заповед била држана, еврејскиот народ би бил поништен (2. Мојсеева 1:15—22). Многу подоцна, кога Евреите дошле под персиска власт, нивните непријатели сковале завера да се донесе закон, одобрен со намера да ги истреби (Естира 3:1—13а, 14, 15). Неуспехот на овој план сѐ уште се прославува на еврејскиот празник Пурим.
6 Нешто подоцна, кога Евреите биле потчинети на Сирија, царот Антиохиј IV многу жилаво се обидувал да ја хеленизира нацијата, присилувајќи ја да ги следи грчките обичаи и да обожава грчки богови. И тој не успеал. Наместо да бидат збришани или асимилирани, Евреите преживеале додека повеќето од националните групи околу нив, една по друга, исчезнале од светската сцена. А со нив преживеале и Хебрејските списи на Библијата.
7, 8. Како неволјите на христијаните се заканувале на преживувањето на Библијата?
7 Христијаните кои го создале вториот дел од Библијата („Новиот завет“) биле исто така угнетувана група. Нивниот водач, Исус, бил убиен како обичен криминалец. Во првите денови после неговата смрт, еврејските авторитети во Палестина се обиделе да ги задушат. Кога христијанството се раширило и во други земји, Евреите ги гонеле, обидувајќи се да го спречат нивното мисионерско дело (Дела 5:27, 28; 7:58—60; 11:19—21; 13:45; 14:19; 18:5, 6).
8 Во времето на Нерон, почетниот толерантен став на римските авторитети се изменил. Тацит се фалел со „сјајните тортури“ нанесени на христијаните од тој злобен император и, од неговото време па натаму, да се биде христијанин било капитален престап.2 Во 303 н. е., императорот Диоклецијан постапувал директно против Библијата.a Со цел да го затре христијанството, тој наредил сите христијански Библии да бидат запалени.3
9. Што ќе се случело ако кампањите за истребување на Евреите и христијаните успеале?
9 Овие кампањи на угнетување и геноцид биле вистинска закана за преживувањето на Библијата. Доколку Евреите завршеле исто како Филистејците и Моавците или, пак, доколку напорите — првин на еврејските а потоа на римските авторитети да го затрат христијанството — успеале, кој би ја напишал и би ја сочувал Библијата? За среќа, чуварите на Библијата — првин Евреите а потоа христијаните — не биле збришани, и Библијата преживеала. Меѓутоа, постоела една друга сериозна закана, ако не за преживувањето, тогаш барем за интегритетот на Библијата.
Погрешливи копии
10. Како Библијата била првобитно сочувана?
10 Многу од гореспоменатите древни дела кои подоцна биле заборавени, биле изгравирани на камен или втиснати на трајни глинени плочи. Со Библијата не било така. Таа првобитно била напишана на папирус или на пергамент — многу повеќе трошливи материјали. Значи, манускриптите кои ги создале оригиналните писатели исчезнале одамна, многу одамна. Тогаш, како Библијата била сочувана? Неброени илјадници копии биле трудољубиво напишани рачно. Тоа било нормален начин на репродукција на една книга пред да се појави печатењето.
11. Што неизбежно се случува кога манускриптите се препишуваат рачно?
11 Меѓутоа, при рачното препишување постои и една опасност. Сер Фредерик Кенјон, прочуениот археолог и библиотекар во Британскиот музеј, објаснил: „Сѐ уште не се создадени човечка рака и мозок кои би можеле едно цело долго дело да препишат апсолутно без грешка . . . Сигурно би се вовлекле грешки“.4 Кога во еден манускрипт се вовлекувала грешка, таа била повторувана кога тој манускрипт станувал основа за идните копии. Кога во текот на еден долг временски период биле направени многу копии, се вовлекувале бројни човечки грешки.
12, 13. Кој ја презел одговорноста за сочувување на текстот на Хебрејските списи?
12 Со оглед на тоа што биле направени многу илјадници копии на Библијата, како знаеме дека овој процес на репродукција не ја изменил за да не може да се препознае? Па, земи го случајот со хебрејската Библија, „Стариот завет“. Во втората половина од шестиот век пр. н. е., кога Евреите се вратиле од своето вавилонско изгнанство, една група еврејски изучувачи познати како соферими, „препишувачи“, станале чувари на текстот на хебрејската Библија, и нивна одговорност била да ги препишуваат овие стихови за употреба во јавното и во приватното обожавање. Тие биле високо мотивирани, професионални мажи и нивната работа била од највисок квалитет.
13 Од седмиот до десеттиот век од нашата ера, наследници на соферимите биле масоретите. Нивното име доаѓа од хебрејскиот збор што значи „традиција“ и, во суштина, и тие биле препишувачи задолжени со задачата да го сочуваат традиционалниот хебрејски текст. Масоретите биле прецизни. На пример, за свој главен текст препишувачот морал да употреби копија која била точно докажана како автентична и не му било дозволувано да напише нешто од сеќавање. Морал да ја провери секоја буква пред да ја напише.5 Професор Норман К. Готвалд известува: „Показател на грижата со која тие ги исполнувале своите должности е рабинското барање — сите нови манускрипти требало да бидат проверени, а погрешните копии веднаш исфрлени“.6
14. Кое откритие овозможило да се потврди пренесувањето на библискиот текст од страна на соферимите и масоретите?
14 Колку точно соферимите и масоретите го пренесувале текстот? Сѐ до 1947 било тешко да се одговори на тоа прашање, бидејќи најраните достапни комплетни хебрејски манускрипти биле од десеттиот век од нашата ера. Меѓутоа, во 1947, во пештерите близу Мртвото Море биле пронајдени некои многу древни фрагменти од манускрипти, вклучувајќи и делови од книги на хебрејската Библија. Извесен број фрагменти датирале од времето пред Христос. Научниците ги споредиле нив со постоечките хебрејски манускрипти за да ја потврдат точноста на пренесувањето на текстот. Каков бил резултатот од ова споредување?
15. а) Каков бил резултатот од споредувањето на свитокот од манускриптот на Исаија од Мртвото Море со масоретскиот текст? б) Што треба да заклучиме од фактот што некои манускрипти кои биле најдени кај Мртвото Море покажуваат извесна текстуална разлика? (Види фуснота.)
15 Едно од најстарите откриени дела била комплетната книга Исаија, и блискоста на нејзиниот текст со оној на масоретската Библија што ја имаме денес е неверојатна. Професор Милер Буроус пишува: „Многу од разликите меѓу [неодамна откриениот] Свети Марков Исаиин свиток и масоретскиот текст, можат да бидат објаснети како грешки во препишувањето. Освен тоа, постои извонредна согласност, општо земено, со текстот најден во средновековните манускрипти. Таквата согласност во еден толку многу постар манускрипт дава засигурувачко сведоштво за општата точност на традиционалниот текст“.7 Буроус додава: „За чудење е тоа што низ отприлика илјада години текстот претрпел толку мала измена“.b
16, 17. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека текстот од Христијанските грчки списи е вистинит? б) Што посведочил сер Фредерик Кенјон за текстот на Грчките списи?
16 Во случајот со делот од Библијата кој христијаните го напишале на грчки, таканаречениот Нов завет, препишувачите повеќе биле како надарени аматери отколку како високо обучените професионални соферими. Но, онака како што работеле, под закана од казнување од страна на властите, тие сериозно ја сфатиле својата работа. А дека ние денес имаме текст кој во суштина е истиот како што бил напишан од оригиналните писатели, нѐ уверуваат две работи. Прво, имаме манускрипти кои се многу поблизу до времето на пишување отколку што тоа е случај со хебрејскиот дел од Библијата. Навистина, еден фрагмент од Евангелието на Јован е од првата половина на вториот век, помалку од 50 години од датумот кога Јован веројатно го напишал своето Евангелие. Второ, самиот број манускрипти кои преживеале дава импресивна демонстрација на точноста на текстот.
17 Во врска со тоа прашање, сер Фредерик Кенјон посведочил: „Не може доволно силно да се потврди дека, во суштина, текстот на Библијата е сигурен. Тоа е особено случај со Новиот завет. Бројот на манускриптите на Новиот завет, на раните преводи од него и на цитатите од него кај најстарите писатели на Црквата, е толку голем што практично е сигурно дека вистинската верзија на секој сомнителен пасус е сочувана во еден или во друг од овие древни авторитети. Ова не може да се каже за ниедна друга древна книга на светот“.10
Луѓето и нивните јазици
18, 19. Како дошло до тоа Библијата да не биде ограничена на јазиците на кои била првобитно напишана?
18 На крајот на краиштата, оригиналните јазици на кои е напишана Библијата биле и препрека за нејзиното преживување. Првите 39 книги биле напишани воглавно на хебрејски, јазикот на Израелците. Но, хебрејскиот никогаш не бил нашироко познат. Доколку Библијата останела на тој јазик, никогаш немало да има некакво влијание надвор од еврејската нација, како и врз малкуте странци кои можеле да ја читаат. Меѓутоа, во третиот век пр. н. е., во корист на Евреите кои живееле во Александрија (Египет), започнал да се преведува хебрејскиот дел од Библијата на грчки. Тогаш грчкиот бил меѓународен јазик. Така, хебрејската Библија станала лесно достапна за не-Евреите.
19 Кога дошло време да биде напишан вториот дел од Библијата, сѐ уште нашироко се зборувало грчки, така што последните 27 книги од Библијата биле напишани на тој јазик. Но, не можел секој да разбере грчки. Затоа, наскоро почнале да се појавуваат преводи од хебрејските и грчките делови на Библијата на секојдневните јазици од тие рани векови, како што биле сириски, коптски, ерменски, грузиски, готски и етиопски. Службен јазик во Римската Империја бил латинскиот, и биле направени латински преводи во толкави броеви што морало да се даде налог за една „авторизирана верзија“. Таа била завршена околу 405 н. е. и станала позната како Вулгата (што значи „популарна“ или „вообичаена“).
20, 21. Кои биле препреките за преживувањето на Библијата, и зошто биле надминати?
20 На тој начин, и покрај многуте препреки, Библијата преживеала сѐ до раните векови на нашата ера. Оние кои ја создале биле презрени и прогонувани малцинства кои тешко опстојувале во еден непријателски свет. Таа лесно можела многу да се изврти во процесот на препишување, но не било така. Уште повеќе, таа ја избегнала опасноста да биде достапна само на луѓето кои зборувале извесни јазици.
21 Зошто било толку тешко да преживее Библијата? Самата Библија вели: „Целиот свет лежи во зло [власта на оној кој е зол, NW]“ (1. Јованово 5:19). Со оглед на ова, ние би очекувале светот да биде непријателски настроен кон објавената вистина, и се докажало дека тоа е случај. Тогаш, зошто Библијата сепак преживеала кога толку многу делови од друга литература кои не се соочиле со истите тешкотии биле заборавени? Библијата одговара и на тоа. Таа вели: „Словото Господово останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25). Доколку Библијата навистина е Реч Божја, никаква човечка сила не може да ја уништи. И токму во овој 20 век, тоа било случај.
22. Која промена се случила на почетокот од четвртиот век од нашата ера?
22 Меѓутоа, во четвртиот век од нашата ера се случило нешто што на крај резултирало во нови напади врз Библијата и длабоко влијаело врз курсот на европската историја. Само десет години откако Диоклецијан се обидел да ги уништи сите копии на Библијата, императорската политика се сменила и „христијанството“ било легализирано. После дванаесет години, во 325 н. е., еден римски император претседавал на „христијанскиот“ концил во Никеја. Зошто еден таков наизглед поволен развој се докажал како опасен за Библијата? Одговорот ќе го видиме во следното поглавје.
[Фусноти]
a Во оваа публикација, наместо традиционалното „А. Д.“ и „пр. Хр.“, се употребени поточните „н. е.“ (нашата ера) и „пр. н. е.“ (пред нашата ера).
b Сите манускрипти кои биле најдени во Мртвото Море не се сложувале толку точно со преживеаниот библиски текст. Некои покажуваат прилично голема текстуална разлика. Меѓутоа, овие разлики не значат дека е извртено битното значење на текстот. Според Патрик В. Скехан од Католичкиот универзитет од Америка, повеќето прикажуваат „ревидирање [на библискиот текст] на темел на сопствената интегрална логика, така што обликот се раширува, но суштината останува иста . . . Основниот став е став на отворено длабоко почитување кон текстот кој се смета за свет, став на објаснување (како што ние би го изнеле) на Библијата со Библијата, во пренесувањето на самиот текст“.8
Друг коментатор додава: „И покрај сите несигурности, останува големиот факт дека текстот, каков што го имаме сега, воглавно, чесно ги претставува вистинските зборови на авторите кои живееле, некои од нив скоро пред три илјади години, и не треба да имаме сериозно сомневање што се однесува до текстуалното изопачување во однос на валидноста на пораката која има да ни ја даде Стариот завет“.9
[Рамка на страница 19]
Библискиот добро заснован текст
За да сфатиме колку е добро заснован текстот на Библијата, треба само да го споредиме со друг извор на литература кој ни дошол од дамнина — класичните записи на Грција и Рим. Всушност, поголемиот дел од оваа литература била напишана откако биле завршени Хебрејските списи. Не се запишани некакви обиди за геноцид на Грците или Римјаните ниту, пак, нивната литература требало да биде сочувана наспроти прогонство. Сепак, забележи ги коментарите на професор Ф. Ф. Брус:
„За Цезаровата Галска војна (составена меѓу 58 и 50 пр. Хр.) има неколку постоечки MSS [манускрипти], но само девет или десет се добри, додека најстариот потекнува од околу 900 години подоцна од времето на Цезар.
Од 142 книги за римската историја на Ливиј (59 пр. Хр. — 17 А. Д.), преживеале само 35; тие ни се познати од не повеќе од дваесет MSS што се од некаква важност, од кои само еден — кој содржи фрагменти од Книгите III до VI — датира од четвртиот век.
Од четиринаесет книги од Историите на Тацит (о. 100 А. Д.) само четири и пол преживеале; од шеснаесет книги од неговите Анали, десет преживеале во потполност, а две делумно. Текстот од овие постоечки делови од неговите две големи историски дела во целост зависи од двата MSS — еден од деветтиот век, а еден од единаесеттиот . . .
Историјата на Тукидид (о. 460 — 400 пр. Хр.) ни е позната од осум MSS, најраниот е од о. 900 А. Д., а неколку папирусни парчиња се од околу почетокот на христијанската ера.
Истото е случај и со Историјата на Херодот (о. 488 — 428 пр. Хр.). Сепак, ниеден класичен научник не би сослушал некој аргумент за сомневање во автентичноста на Херодот или Тукидид бидејќи најраните MSS од нивните дела, кои ни се од некаква корист, се после повеќе од 1.300 години од оригиналите“ (The Books and the Parchments, страница 180).
Спореди го ова со фактот дека постојат илјадници манускрипти од различни делови на Библијата. А манускриптите од Христијанските грчки списи настануваат во рамките на стоте години од пишувањето на оригиналните книги.
[Слика на страница 13]
Евреите биле мала нација на која постојано ѝ се заканувале појаки нации. Оваа древна резба отсликува некои Евреи кои Асирците ги одвеле во ропство
[Слика на страница 14]
Пред да се појави печатењето, Писмото било рачно препишувано
[Слика на страница 16]
Нерон сметал дека е капитален престап тоа што некој е христијанин
[Слика на страница 21]
Една студија на свитокот на Исаија од Мртвото Море докажал дека оваа книга останала практично непроменета за период од 1.000 години
[Слика на страница 23]
Императорот Диоклецијан не успеал во своите напори да ја уништи Библијата