Поглавје 1
Пораки од небото
ЦЕЛАТА Библија всушност е порака од небото што ни ја дал за наша поука нашиот небесен Татко. Меѓутоа, скоро пред 2.000 години, ангелот што „стои пред Бог, близу него“ пренел две посебни пораки. Тој се вика Гавриел. Да ги испитаме околностите на овие две важни посети на Земјата.
Трета година пред наша ера. Во ридиштата на Јудеја, веројатно недалеку од Ерусалим, живее еден свештеник на Јехова кој се вика Захарија. Тој и неговата жена Елисавета се веќе остарени и немаат деца. Захарија е на ред да ја извршува својата свештеничка служба во Божијот храм во Ерусалим. Одеднаш се појавува Гавриел од десната страна на олтарот за кадење.
Захарија е мошне исплашен. Но, Гавриел го смирува и му вели: „Не плаши се, Захарија, зашто твоето преколнување е поволно услишено, и твојата жена Елисавета ќе стане мајка на твој син, и ќе му го дадеш името Јован“. Гавриел изјавува дека Јован „ќе биде голем пред Јехова“ и дека ќе „подготви за Јехова спремен народ“.
Меѓутоа, Захарија не може да верува. Му се чини невозможно тој и Елисавета да имаат дете на таа возраст. Затоа Гавриел му вели: „Ќе занемиш и не ќе можеш да зборуваш сѐ до оној ден кога ќе се случат овие работи, затоа што не им веруваше на моите зборови“.
Во меѓувреме, народот кој стои надвор се чуди зошто Захарија се задржал во храмот толку долго. Кога конечно излегува, не може да зборува туку само гестикулира со рацете, и народот сфаќа дека видел нешто натприродно.
Откако Захарија ја завршува својата служба во храмот, се враќа дома. И набрзо после тоа, кажаното се обистинува — Елисавета е бремена! Додека го чека раѓањето на детето, Елисавета останува пет месеци дома, одвоена од луѓето.
Подоцна Гавриел повторно се појавува. Со кого разговара сега? Со една млада немажена жена по име Марија од градот Назарет. Каква порака пренесува овојпат? Слушај! „Си нашла наклоност кај Бога“, ѝ вели Гавриел на Марија. „Еве, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син, и треба да му го дадеш името Исус“. Гавриел додава: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Највишиот . . . и тој ќе владее како цар над Јакововиот дом засекогаш, и неговото царство нема да има крај“.
Можеме да бидеме сигурни дека Гавриел се чувствувал привилегирано да ги пренесе овие пораки. И како што ќе читаме повеќе за Јован и Исус, уште појасно ќе ни стане зошто овие пораки од небото се толку важни. 2. Тимотеј 3:16; Лука 1:5—33.
▪ Кои две важни пораки се пренесени од небото?
▪ Кој ги пренесува пораките и до кого?
▪ Зошто е толку тешко да се верува во пораките?