Поглавје 15
Првото Исусово чудо
ПОМИНАЛЕ само еден или два дена откако Андреј, Петар, Јован, Филип, Натанаил, а можеби и Јаков станале први ученици на Исус. Тие сега се враќаат дома, во подрачјето на Галилеја од каде сите потекнуваат. Одредиштето им е Кана, родниот град на Натанаил, кој лежи во ритчестиот предел недалеку од Назарет каде што пораснал и самиот Исус. Поканети се на свадба во Кана.
И мајка му на Исус е дојдена на свадбата. Како пријателка на семејството на младенците, Марија изгледа помага при послужувањето на многуте гости. Затоа веднаш забележува дека нешто недостасува, па му вели на Исус: „Немаат вино“.
Кога Марија со ова, всушност, предлага Исус да стори нешто во врска со недостигот на вино, тој отпрвин ја одбива. „Што имам јас со тебе?“, ја прашува. Како наименуван Цар од Бог, тој не треба да биде воден во својата активност од членовите на семејството или од пријателите. Затоа Марија мудро му ја препушта работата на својот син, едноставно велејќи им на оние кои послужуваат: „Што и да ви рече, направете“.
Таму има шест големи ќупови за вода направени од камен, а секој од нив може да собере над 40 литри. Исус им вели на оние кои послужуваат: „Наполнете ги ќуповите со вода“. И слугите ги полнат до врв. Потоа Исус вели: „Нацрпете сега малку и однесете му на управникот на гозбата“.
Управникот е импресиониран од добриот квалитет на виното, и не сфаќа дека тоа е резултат на чудо. Тој го повикува младоженецот и му вели: „Секој друг човек го изнесува најпрво доброто вино, а кога луѓето ќе се опијат, полошото. Ти си го зачувал доброто вино сѐ досега“.
Ова е првото чудо на Исус, и гледајќи го, верата на неговите нови ученици се зајакнува. После тоа, патуваат заедно со неговата мајка и неговите полубраќа во градот Капернаум, близу до Галилејското море. Јован 2:1—12.
▪ Во кое време од Исусовата служба се одржува свадбата во Кана?
▪ Зошто Исус приговара на предлогот на мајка си?
▪ Какво чудо прави Исус и како тоа влијае на другите?