Поглавје 33
Исполнување на пророштвото на Исаија
ОТКАКО Исус дознава дека фарисеите и припадници на Иродовата партија планираат да го убијат, тој и неговите ученици се повлекуваат кај Галилејското Море. Тука кај него се собира големо мноштво од цела Палестина, па дури и надвор од нејзините граници. Тој лекува многумина, и поради тоа сите кои имаат тешки болести се туркаат за да го допрат.
Бидејќи мноштвата се толку големи, Исус им вели на своите ученици постојано да има чамец на располагање. Оддалечувајќи се од брегот, тој може да ги задржи мноштвата да не се туркаат во него. Може да ги поучува од чамецот или да оди до друго подрачје по должината на брегот за да им помогне на тамошните луѓе.
Ученикот Матеј забележува дека Исусовата активност го исполнува ‚она што било кажано преку пророкот Исаија‘. Тогаш Матеј го цитира пророштвото што го исполнува Исус:
„Гледај, мојот слуга кого го избрав, мојот љубен, кого мојата душа го одобри! Ќе го ставам својот дух на него и тој јасно ќе им покаже на нациите што е правда. Нема да се кара, ниту гласно ќе вика, ниту некој ќе го чуе неговиот глас на широките улици. Згмечена трска нема да здроби и ленен фитил што тлее нема да угасне, сѐ додека со успех не истера правда. Всушност, нациите ќе се надеваат во неговото име“.
Секако, Исус е љубениот слуга кого Бог го одобрува. И Исус јасно покажува што е вистинска правда, онаа што била замрачена со лажните религиозни традиции. Поради своето неправедно применување на Божјиот закон, фарисеите на Сабат не му притекуваат на помош дури ни на некој што е болен! Јасно покажувајќи ја Божјата правда, Исус ги ослободува луѓето од товарот на неправедните традиции, и заради тоа верските водачи се обидуваат да го убијат.
Што значи тоа дека ‚тој нема да се кара, ниту да вика за да биде чуен на широките улици‘? Кога ги лекува луѓето, Исус ‚строго им заповеда да не го откриваат‘. Тој не сака бучно да го рекламираат по улиците или од уста до уста со возбуденост да се шират искривени извештаи.
Исто така, Исус ја пренесува својата утешителна порака до оние кои сликовито се како згмечена трска, свиткана и згазена под нозе. Тие се како ленен фитил што тлее, чија последна искра на живот е пред задушување. Исус не ја дроби згмечената трска ниту, пак, го гасне треперливиот, чадлив фитил. Напротив, со нежност и љубов тој вешто ги подига кротките. Навистина, Исус е оној во кого нациите можат да се надеваат! Матеј 12:15—21; Марко 3:7—12; Исаија 42:1—4.
▪ Како Исус јасно покажува што е правда, без да се кара или да го подига својот глас на широките улици?
▪ Кој е како згмечена трска и ленен фитил, и како Исус се однесува со нив?