Поглавје 35
Најпрочуената проповед која некогаш била одржана
СЦЕНАТА е една од најнезаборавните во библиската историја: Исус седи на една падина и ја одржува својата прочуена Проповед на гората. Местото е во близина на Галилејско Море, веројатно близу Капернаум. Откако цела ноќ ја поминал во молитва, Исус штотуку избрал 12 од неговите ученици да бидат апостоли. Потоа, заедно со сите нив, се симнува на ова рамно место на планината.
Можеби си мислиш дека Исус сега веќе е многу уморен и би сакал малку да отспие. Но, доаѓаат големи мноштва народ, некои дури од Јудеја и Ерусалим кои се оддалечени 100 до 110 километри. Други доаѓаат од приморските градови Тир и Сидон кои се наоѓаат на север. Дојдени се за да го чујат Исус и да ги излекува од нивните болести. Тука се и лица кои се измачувани од демони, злобните ангели на Сатана.
Додека Исус се симнува, болните му се приближуваат за да го допрат, и тој сите ги лекува. После тоа, Исус изгледа се искачува на едно повисоко место на планината. Таму седнува и почнува да ги поучува мноштвата кои се испоседнати наоколу на чистината пред него. Замисли си! Сега меѓу сите оние кои го слушаат нема ниту еден кој страда од некоја сериозна болест!
Луѓето се желни да го чујат учителот кој може да прави такви извонредни чуда. Меѓутоа, Исус ја држи својата проповед повеќе во корист на своите ученици кои веројатно се собрани најблизу до него. Но, за да можеме и ние да извлечеме корист, ја запишале и Матеј и Лука.
Извештајот на Матеј за проповедта е околу четирипати подолг од извештајот на Лука. Освен тоа, за некои делови од она што го запишува Матеј, Лука вели дека Исус ги кажал во други прилики од неговата служба, како што можеме да забележиме ако споредиме Матеј 6:9—13 со Лука 11:1—4 и Матеј 6:25—34 со Лука 12:22—31. Но, тоа не треба да нѐ изненади. Исус очигледно поучувал за истите работи повеќе од еднаш, а Лука одбрал да запише некои од овие поуки во поинаква рамка.
Она што ја прави Исусовата проповед толку скапоцена не е само длабочината на нејзината духовна содржина туку и едноставноста и јасноста со која ги изнесува тие вистини. Тој црпи од секојдневните искуства и користи работи кои им се познати на луѓето, правејќи ги така своите идеи лесно разбирливи за сите оние кои бараат подобар живот на Божји начин.
Кој е навистина среќен?
Секој сака да е среќен. Знаејќи го ова, Исус ја започнува својата Проповед на гората со описот на оние кои се навистина среќни. Како што можеме и да си претпоставиме, ова веднаш го привлекува вниманието на неговата огромна публика. Меѓутоа, неговите уводни зборови сигурно на многумина им изгледаат противречни.
Обраќајќи им се на своите ученици, Исус започнува: „Среќни сте вие сиромасите, зашто ваше е царството Божјо. Среќни сте вие кои сега гладувате, бидејќи ќе се наситите. Среќни сте вие кои сега плачете, зашто ќе се смеете. Среќни сте кога луѓето ве мразат . . . Радувајте се во тој ден и потскокнувајте, зашто ете, вашата награда на небесата е голема“.
Ова е извештајот на Лука за уводот на Исусовата проповед. Но, според записот на Матеј, Исус вели дека среќни се и оние со благ нарав, милосрдните, оние со чисто срце и мирољубивите. Тие се среќни, забележува Исус, бидејќи ќе ја наследат Земјата, ќе им биде покажана милост, ќе го видат Бог и ќе бидат наречени Божји синови.
Меѓутоа, кога Исус вели дека се среќни, со тоа не мисли дека се само весели и ведри, како кога некој се забавува. Вистинската среќа е подлабока, ја пренесува мислата на задоволство, чувство на сатисфакција и исполнетост во животот.
Затоа, Исус покажува дека навистина среќни се оние луѓе кои се свесни за своите духовни потреби, кои се тажни поради својата грешна состојба и кои го запознаваат Бог и му служат. Значи, дури и да се мразени или прогонувани заради тоа што ја вршат Божјата волја, тие се среќни бидејќи знаат дека му угодуваат на Бог и дека од него ќе примат награда вечен живот.
Меѓутоа, многу од Исусовите слушатели, слично на некои луѓе денес, веруваат дека успехот и уживањето во задоволствата е она што човекот го прави среќен. Исус не мисли така. Подвлекувајќи еден контраст, кој сигурно изненадува многумина од неговите слушатели, тој вели:
„Но тешко вам богати, зашто во потполност ја имате вашата утеха. Тешко вам кои сега сте сити, бидејќи ќе гладувате. Тешко вам кои сега се смеете, бидејќи ќе тагувате и ќе плачете. Тешко вам кога сите луѓе зборуваат добро за вас, бидејќи истото тоа нивните прататковци им го правеа на лажните пророци“.
Што мисли Исус со ова? Зошто поседувањето богатство, веселото тежнеење по задоволства и уживањето одобрување од луѓето донесува неволја? Бидејќи кога некој човек ги поседува и цени овие работи, тогаш службата за Бог, која единствено донесува вистинска среќа, е исклучена од неговиот живот. Истовремено, Исус не мислел дека самото тоа што некој е сиромашен, гладен и жалосен го прави некого среќен. Меѓутоа, честопати таквите обесправени лица може да се одѕвијат на Исусовите учења, и затоа се благословени со вистинска среќа.
Понатаму, обраќајќи им се на своите ученици, Исус вели: „Вие сте солта на земјата“. Се разбира, тој не мисли дека тие дословно се сол. Но, солта е конзерванс. Покрај олтарот во Јеховиниот храм лежи голем куп сол, и свештениците кои таму ги вршат своите должности ја користат за да ги посолуваат приносите.
Учениците на Исус се ‚сол на земјата‘ во таа смисла што имаат такво влијание врз луѓето кое ги сочувува. И навистина, пораката што тие ја носат ќе ги сочува животите на сите кои се одѕиваат на неа! Во животот на тие луѓе ќе внесе особини на постојаност, лојалност и верност, спречувајќи каква и да било духовна и морална расипаност во нив.
„Вие сте светлината на светот“, им вели Исус на своите ученици. Светилката не се става под кошница туку се поставува на свеќник, па затоа Исус вели: „Така нека свети вашата светлина пред луѓето“. Исусовите ученици го прават тоа преку своето јавно сведочење, како и со тоа што служат како светли примери на однесување кое е во склад со библиските начела.
Високо мерило за неговите следбеници
Верските водачи го сметаат Исус за престапник на Божјиот закон и неодамна дури сковаа завера да го убијат. Затоа, додека продолжува со својата Проповед на гората, Исус објаснува: „Не мислете дека дојдов да го уништам Законот или Пророците. Не дојдов да уништам, туку да исполнам“.
Исус има највисока почит кон Божјиот закон и ги охрабрува и другите на тоа. Всушност, тој вели: „Според тоа, кој ќе прекрши една од овие најмали заповеди и така ги учи луѓето, ќе биде наречен ‚најмал‘ во однос на небесното царство“, што значи дека таквото лице воопшто нема да влезе во Царството.
Далеку од тоа да не го почитува Божјиот закон, Исус ги осудува дури и ставовите кои можат да придонесат некој да го прекрши. Откако напоменува дека во Законот стои: „Не убивај“, Исус додава: „Меѓутоа, јас ви велам дека секој кој постојано се гневи на својот брат, ќе одговара пред суд“.
Со оглед на тоа што постојаното гневење на ближниот е нешто толку сериозно што може да води до убиство, Исус илустрира до кој степен би требало да се оди за да се постигне мир. Тој го дава следново упатство: „Ако, значи, го носиш својот [жртвен] дар на олтарот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред олтарот, и оди си; прво помири се со брат ти, а потоа, кога ќе се вратиш, принеси го својот дар“.
Свртувајќи внимание кон седмата од Десетте заповеди, Исус продолжува: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба‘“. Меѓутоа, Исус го осудува дури и непроменливиот став кон прељубата. „А јас ви велам дека секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“.
Исус овде не зборува само за некоја минлива неморална помисла, туку за ‚постојано гледање‘. Таквото постојано гледање побудува страствена желба која, доколку дозволуваат приликите, може да кулминира во прељуба. Како некој може да спречи да се случи тоа? Исус прикажува какви екстремни мерки можеби ќе бидат потребни, со зборовите: „Ако твоето десно око те наведува на спрепнување, извади го и фрли го од себе . . . И ако твојата десна рака те наведува на спрепнување, отсечи ја и фрли ја од себе“.
Луѓето често се спремни да жртвуваат некој дословен болен екстремитет за да си го спасат животот. Но, според Исус, уште поживотоважно е дури ‚да се фрли‘ што и да било, па дури и нешто толку скапоцено како што е окото или раката за да се избегне неморалното размислување и постапки. Инаку, објаснува Исус, таквите ќе бидат фрлени во Геена (депонија за ѓубре во близината на Ерусалим која горела), што симболизира вечно уништување.
Исус зборува и за тоа како да се постапува со луѓето кои им нанесуваат штета на другите и ги повредуваат. „Не спротивставувај му се на оној кој е злобен“, гласи неговиот совет. „Туку, кој ќе ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот“. Исус не мисли дека лицето не би требало да се брани себеси или своето семејство ако се нападнати. Шлаканица не се удира за некој физички да се повреди туку за да му се нанесе навреда. Значи, Исус вели дека ако некој се обиде да испровоцира тепачка или расправија, било со буквално удирање шлаканица било со боцкање со навредливи зборови, погрешно би било да се возврати со иста мера.
Откако го свртува вниманието кон Божјиот закон да се љуби ближниот, Исус наведува: „Меѓутоа, јас ви велам: Продолжете да ги љубите своите непријатели и да се молите за оние што ве прогонуваат“. Давајќи силна причина за таквото постапување, тој додава: „[Така] да се покажете како синови на својот Татко кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите“.
Исус го заклучува овој дел од својата проповед со опомената: „Според тоа, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко“. Со тоа Исус не мисли дека луѓето можат да бидат совршени во апсолутна смисла туку дека ако го имитираат Бог можат својата љубов да ја прошират дури и на своите непријатели. Во паралелниот извештај на Лука се запишани Исусовите зборови: „Бидете и понатаму милосрдни, како што вашиот Татко е милосрден“.
Молитва, и доверба во Бог
Во продолжение на својата проповед Исус го осудува лицемерството на оние кои прават претстава од својата наводна побожност. „Кога даваш дарови“, вели тој, „не труби пред себе, како што прават лицемерите.“
„Така“, продолжува Исус, „и кога се молите, не бидете како лицемерите; бидејќи тие сакаат да се молат стоејќи во синагогите и на аглите од широките улици за да бидат видени од луѓето.“ Наместо тоа, тој советува: „Но ти, кога се молиш, влези во својата приватна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли му се на својот Татко кој е во тајност“. Самиот Исус кажувал јавни молитви, што значи дека не ги осудува. Тој јавно ги осудува молитвите кои се изговараат за да се импресионираат другите, и за да им се извлечат комплименти на восхит.
Исус понатаму советува: „Кога се молите, не кажувајте секогаш одново едни исти работи, како што прават луѓето од нациите“. Исус не мисли дека повторувањето само по себе е погрешно. Во една прилика тој самиот во молитва го повторувал „истиот збор“. Но, она што тој не го одобрува е изговарањето ‚секогаш одново‘ напамет научени фрази како што прават, на пример, оние кои вртат броеници додека механички ги повторуваат своите молитви.
За да им помогне на своите слушатели да се молат, Исус дава една пример-молитва која вклучува седум молби. Првите три со право ѝ оддаваат признание на Божјата сувереност и на неговите намери. Тоа се барања да се свети Божјето име, да дојде неговото Царство и да се врши неговата волја. Останатите четири се лични барања, имено, за секојдневната храна, за простување на гревовите, да не бидеме искушани над своите сили и да бидеме избавени од злобниот.
Продолжувајќи, Исус зборува за стапицата да се става преголем нагласок на материјалните поседи. Тој поттикнува: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ’рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат“. Таквите богатства не само што се пропадливи туку со нив и не стекнуваме никаква заслуга кај Бог.
Затоа, Исус вели: „Напротив, собирајте си блага на небото“. Тоа ќе го правиш ако службата за Бог ја ставаш на прво место во својот живот. Никој не може да ни ја одземе предноста која на таков начин ја стекнуваме кај Бог и големата награда која следи за неа. Потоа Исус додава: „Каде ти е благото таму ќе ти биде и срцето“.
Понатаму, зборувајќи за стапицата на материјализмот, Исус ја дава илустрацијата: „Светилка на телото е окото. Значи, ако окото ти е едноставно, целото тело ќе ти биде светло; но ако окото ти е злобно, целото тело ќе ти биде темно“. Окото кое функционира правилно, му служи на телото како запалена светилка на темно место. Но, за да гледаме јасно, окото мора да биде едноставно, т.е. мора да се фокусира на една работа. Окото кое не е фокусирано доведува до погрешна проценка на работите така што материјалните стремежи се ставаат пред службата за Бог, поради што „целото тело“ станува темно.
Исус ја доведува оваа тема до кулминација со силната илустрација: „Никој не може да им робува на двајца господари; бидејќи или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби, или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате на Бог и на Богатството“.
Откако го дава тој совет, Исус ги уверува своите слушатели дека, доколку на прво место ја стават службата за Бог не треба тегобно да се грижат за своите материјални потреби. „Внимателно набљудувајте ги птиците небесни“, вели тој, „бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат; а сепак вашиот небесен Татко ги храни.“ Потоа ги прашува: „Зарем вие не вредите повеќе од нив?“
После тоа, Исус укажува на полските кринови и забележува дека „ни Соломон во сета своја слава не беше дотеран како еден од нив. Ако, значи“, продолжува тој, „Бог така ја облекува вегетацијата . . . нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни?“ Потоа Исус заклучува: „Затоа, никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘ . . Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“.
Патот до живот
Патот до живот е да останеме при Исусовите учења. Но, тоа не е лесно. На пример, фарисеите се склони строго да ги судат другите, и веројатно многумина ги имитираат во тоа. Затоа, додека продолжува со својата Проповед на гората, Исус ја дава следнава опомена: „Престанете да судите за да не бидете судени; зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“.
Опасно е да се следи водството на претерано критички настроените фарисеи. Според извештајот на Лука, Исус ја илустрира оваа опасност велејќи: „Може ли слепец да води слепец? Зарем нема обајцата да паднат во јама?“
Да се биде премногу критичен кон другите, да се преувеличуваат нивните грешки и да се земаат на заб заради нив, е сериозен престап. Затоа Исус прашува: „Како можеш да му речеш на својот брат: ‚Дозволи ми да ти ја извадам сламката од окото‘ кога ете, во твоето око има греда? Лицемеру! Прво извади ја гредата од сопственото око, и тогаш јасно ќе видиш како да ја извадиш сламката од окото на брата си“.
Тоа не значи дека Исусовите ученици не треба да употребуваат проникливост во врска со другите луѓе, бидејќи тој вели: „Не давајте им го на кучињата она што е свето и не фрлајте ги своите бисери пред свињи“. Вистините од Божјата реч се свети. Тие се како симболични бисери. Но, ако некои поединци, кои се како кучиња или свињи, не покажуваат ценење за овие скапоцени вистини, Исусовите ученици треба да ги остават таквите луѓе и да ги бараат оние кои се поприемчиви.
Иако Исус претходно веќе зборуваше за молитвата во својата Проповед на гората, тој сега ја нагласува потребата да се истрае во неа. „Постојано молете се“, поттикнува тој, „и ќе ви се даде.“ За да ја илустрира спремноста на Бог да одговори на молитвите, Исус прашува: „Кој е тој човек меѓу вас, чијшто син, ако го замоли за леб — ќе му даде камен? . . Според тоа, ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе вашиот Татко кој е на небесата ќе им даде добри работи на оние кои го молат!“
Исус потоа го кажува она што станува прочуено правило на однесување, обично наречено Златно правило. Тој вели: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“. Да се живее според ова правило значи да се дејствува позитивно во правење добро на другите, да се однесуваме со нив онака како што сакаме тие да се однесуваат со нас.
Исусовото упатство открива дека патот до живот не е лесен. Тој вели: „Влезете низ тесната порта; бидејќи широк е и простран патот што води во уништување, и мнозина се оние кои одат по него; додека тесна е портата и тесен патот што води во живот, и малцина се оние кои го наоѓаат“.
Опасноста да се биде заведен е голема, па затоа Исус предупредува: „Чувајте се од лажните пророци кои доаѓаат кај вас во овча облека, а однатре се грабливи волци“. Исто како што добрите дрвја и лошите дрвја се препознаваат по своите плодови, забележува Исус, така и лажните пророци можат да се препознаат по своето однесување и учења.
Понатаму Исус објаснува дека човек не станува негов ученик само со она што го кажува туку со она што го прави. Некои луѓе тврдат дека Исус е нивни Господ, но ако тие не ја вршат волјата на неговиот Татко, тој вели: „Тогаш ќе им признаам: Никогаш не сум ве знаел! Бегајте од мене, вие кои вршите беззаконие“.
На крајот, Исус го дава незаборавниот заклучок на својата проповед. Тој вели: „Затоа секој кој ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе се спореди со разборит човек кој ја изградил својата куќа врз камена маса. И истури дожд и дојдоа порои и дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа, но таа не се сруши, зашто беше втемелена врз камена маса“.
Од друга страна, пак, Исус изјавува: „Секој кој ги слуша овие мои зборови, а не ги извршува, ќе биде спореден со глупав човек, кој ја изградил својата куќа врз песок. И истури дожд и дојдоа порои и дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа и таа се сруши, и нејзиното паѓање беше големо“.
Кога Исус ја завршува својата проповед, мноштвата се вчудовидени од неговиот начин на поучување, зашто ги учи како оној што има власт, а не како нивните верски водачи. Лука 6:12—23; Матеј 5:1—12; Лука 6:24—26; Матеј 5:13—48; 6:1—34; 26:36—45; 7:1—29; Лука 6:27—49.
▪ Каде се наоѓа Исус кога ја држи својата најнезаборавна проповед, кој е присутен, и што се случува токму пред да ја одржи?
▪ Зошто не изненадува тоа што Лука запишува некои учења од проповедта во поинаква рамка?
▪ Што ја прави Исусовата проповед толку вредна?
▪ Кој е навистина среќен, и зошто?
▪ За кого е тешко, и зошто?
▪ На кој начин Исусовите ученици се „солта на земјата“ и „светлината на светот“?
▪ Како покажува Исус длабока почит кон Божјиот закон?
▪ Каква поука дава Исус за да се искоренат причините за убиство и прељуба?
▪ Што мисли Исус кога вели дека треба да се сврти и другиот образ?
▪ Како можеме да бидеме совршени како што Бог е совршен?
▪ Какви упатства за молитвата дава Исус?
▪ Зошто небесните блага се подобри, и како се стекнуваат?
▪ Кои илустрации се дадени за да ни се помогне да го избегнуваме материјализмот?
▪ Зошто вели Исус дека не е потребно да се биде тегобно загрижен?
▪ Што вели Исус за судењето на другите, и како тој сепак покажува дека неговите ученици треба да употребат проникливост во врска со луѓето?
▪ Што вели понатаму Исус во врска со молитвата, и кое правило на однесување го дава тој?
▪ Како покажува Исус дека патот до живот нема да биде лесен и дека постои опасност да бидеме заведени?
▪ Како ја заклучува Исус својата проповед, и каков ефект има таа?