Поглавје 41
Средиште на полемика
НАБРГУ откако бил на гости во домот на Симон, Исус го започнува второто проповедничко патување низ Галилеја. На неговото претходно патување низ таа територија, тој бил придружуван од своите први ученици Петар, Андреј, Јаков и Јован. Но, сега го придружуваат 12-те апостоли, како и некои жени. Меѓу нив се Марија Магдалена, Сузана и Јована, чиј маж е службеник на цар Ирод.
Како што се засилува темпото на Исусовата служба, така се засилува и полемиката во врска со неговата активност. Пред Исус донесуваат еден човек опседнат од демон, кој исто така е слеп и неспособен да зборува. Кога Исус го излекувал, со тоа што го ослободил од власта на демонот, и човекот може и да зборува и да гледа, мноштвото едноставно е вон себе од восхитеност. Тие велат: „Да не е ова можеби Синот Давидов?“
Мноштвото во толкав број се собира околу куќата каде што престојува Исус, што тој и неговите ученици не можат дури ни да јадат. Покрај оние кои сметаат дека тој би можел да биде ветениот ‚Син Давидов‘, тука има и книжници и фарисеи кои дошле дури од Ерусалим за да го омаловажат. Кога Исусовите роднини слушаат за метежот околу Исус, доаѓаат да го фатат. Но, од која причина?
Па, дури ни Исусовите сопствени браќа сѐ уште не веруваат дека тој е Божји Син. Освен тоа, јавниот метеж и судирите што тој ги предизвикува се потполно несвојствени за Исус, онаков каков што тие го познавале додека растел во Назарет. Според тоа, веруваат дека кај Исус дошло до сериозно душевно растројство. „Се мрднал од умот“, заклучуваат тие и сакаат да го земат и одведат.
Но, постои јасен доказ дека Исус го излекувал демонизираниот човек. Книжниците и фарисеите знаат дека не можат да ја одречат вистинитоста на ова. Затоа, за да го омаловажат Исус, му велат на народот: „Овој не ги истерува демоните поинаку освен со помош на Велзевул, владетелот на демоните“.
Знаејќи ги нивните мисли, Исус ги повикува книжниците и фарисеите кај себе и им вели: „Секое царство поделено самото против себе, се опустува, и секој град или куќа, поделена против себе, нема да опстане. На ист начин, ако Сатаната го истерува Сатана, тој се поделил самиот против себе; како, тогаш ќе опстане неговото царство?“
Каква погубна логика! Бидејќи фарисеите тврдат дека лица од нивните сопствени редови ги истеруваат демоните, Исус исто така ги прашува: „Ако јас истерувам демони со помош на Велзевул, со чија помош ги истеруваат вашите синови?“ Со други зборови, нивното обвинение против Исус би требало да се примени и на нив исто како на него. Затоа Исус предупредува: „Но, ако јас ги истерувам демоните со помош на Божјиот дух, Божјето царство навистина ве стигнало“.
За да објасни дека тоа што истерува демони е доказ за неговата моќ над Сатана, Исус вели: „Како може некој да упадне во куќата на некој силен човек и да му ја ограби покуќнината, ако првин не го врзе силниот? И тогаш ќе му ја опљачка куќата. Кој не е на моја страна, против мене е, и кој не собира со мене, растура“. Фарисеите очигледно се против Исус, со што се покажуваат како застапници на Сатана. Тие ги растеруваат Израелците од него.
Затоа Исус ги предупредува овие сатански противници дека „хулата против духот нема да се прости“. Тој објаснува: „Кој ќе каже збор против Синот човечки, ќе му се прости; но, кој ќе каже против светиот дух, нема да му се прости, не, ниту во овој систем на работи ниту во оној што треба да дојде“. Тие книжници и фарисеи го извршиле тој непростлив грев со тоа што злобно му го припишале на Сатана она што очигледно било чудесно дејствување на Божјиот свет дух. Матеј 12:22—32; Марко 3:19—30; Лука 8:1—3; Јован 7:5.
▪ Како Исусовото второ патување низ Галилеја се разликува од првото?
▪ Зошто Исусовите роднини се обидуваат да го фатат?
▪ Како фарисеите се обидуваат да ги омаловажат Исусовите чуда и како Исус ги побива?
▪ За што се виновни тие фарисеи и зошто?