Поглавје 52
Исус со чудо храни илјадници
ДВАНАЕСЕТТЕ апостоли уживале во едно значајно проповедничко патување по Галилеја. Сега, кратко после погубувањето на Јован, се враќаат кај Исус и ги раскажуваат своите прекрасни искуства. Гледајќи дека се изморени и дека толку многу луѓе доаѓаат и заминуваат што немаат време ниту да јадат, Исус вели: ‚Да одиме сами на некое осамено место и одморете се малку‘.
Влегуваат во чамецот, веројатно во близина на Капернаум, и поаѓаат кон едно осамено место, очигледно источно од Јордан, на извесна оддалеченост од Витсаида. Меѓутоа, многу луѓе ги гледаат како заминуваат, а и други дознаваат за тоа. Сите тие трчаат покрај брегот и кога чамецот пристигнува, веќе се таму да го пречекаат.
Кога излегува од чамецот и го гледа мноштвото народ, Исус се сожалува над нив бидејќи се како овци без пастир. Затоа ги лечи нивните болни и почнува да ги поучува за многу работи.
Времето бргу поминува, па учениците на Исус доаѓаат кај него и велат: „Местово е осамено, а веќе е доцен час. Распушти ги за да одат во околните селски подрачја и села и да си купат нешто за јадење“.
Меѓутоа, Исус им одговара: „Вие дајте им нешто да јадат“. Исус, знаејќи што ќе стори, го испитува Филип прашувајќи го: „Каде да купиме лебови за да јадат овие?“
Од гледна точка на Филип, ситуацијата е нерешлива. Присутни се околу 5.000 мажи, а со жените и децата веројатно бројат повеќе од 10.000 луѓе! Филип одговара: „Не е доволно леб ни за двесте денарии [денариј тогаш била дневна плата] за да добие секој по малку“.
Можеби за да покаже дека е невозможно да се нахранат толку многу луѓе Андреј доброволно се јавува: „Овде има едно момче кое има пет јачменови леба и две рипчиња“, и додава: „но што е тоа на толку многу од нив?“
Бидејќи е пролет, непосредно пред Пасхата 32 н.е., има многу зелена трева. Затоа Исус ги испраќа своите ученици да им кажат на луѓето да прилегнат на тревата во групи од по 50 и по 100 души. Ги зема петте леба и двете риби, погледнува кон небото и ги благословува. Потоа почнува да ги крши лебовите и да ги дели рибите. Тоа им го дава на учениците кои, пак, им ги разделуваат на луѓето. За чудо, сите луѓе јадат додека не се наситат!
После тоа, Исус им вели на своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња за да не пропадне ништо“. Кога го прават тоа, со остатоците од јадењето полнат уште 12 кошници! Матеј 14:13—21; Марко 6:30—44; Лука 9:10—17; Јован 6:1—13.
▪ Зошто Исус бара осамено место за своите апостоли?
▪ Каде ги води Исус своите ученици и зошто нивната потреба за одмор останува незадоволена?
▪ Кога веќе е доцна, на што поттикнуваат учениците, но како Исус се погрижил за луѓето?