Поглавје 53
Пожелен натчовечки владетел
КОГА Исус со чудо нахранува илјадници, луѓето се зачудени. „Ова сигурно е пророкот кој требаше да дојде во светот“, велат тие. Тие заклучуваат дека Исус не само што мора да е оној пророк што ќе биде поголем од Мојсеј, туку и дека би бил многу пожелен владетел. Затоа планираат да го фатат и да го постават за цар.
Меѓутоа, Исус е свесен што планираат луѓето. Затоа бргу заминува за да избегне да го грабнат сосила. Тој ги отпушта мноштвата, ги тера учениците да влезат во чамецот и се враќа назад кон Капернаум. Потоа се повлекува во планината да се моли. Таа ноќ, Исус е таму потполно сам.
Кратко пред зори Исус погледнува од своето место на поволна височина и забележува дека силен ветер крева бранови на морето. Под светлината на скоро полната месечина, бидејќи е близу Пасхата, Исус гледа како чамецот во кој се наоѓаат неговите ученици се бори да се пробие низ брановите. Мажите веслаат со сета сила.
Кога го здогледува тоа, Исус слегува од планината и почнува да оди по брановите кон чамецот. Чамецот е оддалечен околу пет до шест километри кога Исус го престигнува. Меѓутоа, тој продолжува да оди и се чини дека ќе го измине. Кога учениците го здогледуваат, извикуваат: „Тоа е привидение!“
Исус утешно им одговара: „Јас сум; не плашете се“.
Но, Петар вели: „Господи, ако си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе по водите“.
„Дојди!“, одговара Исус.
Тогаш Петар излегува од чамецот и тргнува по водата кон Исус. Но, гледајќи ја бурата, Петар се исплашува и почнува да тоне, па повикува: „Господи, спаси ме!“
Исус веднаш ја пружа раката, го фаќа и вели: „Маловерен, зошто дозволи да те совлада сомневање?“
Кога Петар и Исус се враќаат во чамецот, ветрот престанува, а учениците се зачудени. Но, дали треба да бидат? Кога би го разбрале „значењето на лебовите“ на тој начин што би го ценеле големото чудо што Исус го направил само неколку часови пред тоа кога нахранил илјадници луѓе само со пет леба и две мали риби, тогаш не би изгледало толку зачудувачки ниту неговото одење по водата и смирувањето на ветерот. Меѓутоа, сега учениците му оддаваат почит на Исус и велат: „Навистина, ти си Божји Син“.
Набргу доаѓаат во Генезарет, една убава, плодна рамница во близината на Капернаум. Таму го закотвуваат чамецот. Но, кога излегуваат на брегот, луѓето го препознаваат Исус и заминуваат по околниот крај за да ги најдат оние кои се болни. Кога ги донесуваат на носилки и болните само ги допираат ресите од Исусовата горна облека, потполно оздравуваат.
Во меѓувреме, мноштвото кое виде како Исус со чудо нахрани неколку илјади луѓе, забележува дека тој си заминал. Затоа кога пристигнуваат мали чамци од Тиверијада, тие влегуваат во нив и отпловуваат кон Капернаум да го бараат Исус. Кога го наоѓаат, го прашуваат: „Раби, кога дојде овде?“ Исус ги укорува, како што ќе видиме наскоро. Јован 6:14—25; Матеј 14:22—36; Марко 6:45—56.
▪ Што сакаат да му сторат луѓето на Исус, откако тој со чудо нахранува неколку илјади луѓе?
▪ Што гледа Исус од планината на која се повлекол и што прави потоа?
▪ Зошто учениците не треба да бидат толку зачудени од ова?
▪ Што се случува кога стигнуваат на брегот?