Поглавје 90
Надежта во воскресение
КОНЕЧНО Исус пристигнува на периферијата на Витанија, село кое е оддалечено околу три километри од Ерусалим. Поминаа неколку дена од смртта и погребот на Лазар. Неговите сестри Марија и Марта сѐ уште го оплакуваат, и многу луѓе се дојдени во нивниот дом за да ги утешат.
Додека оплакуваат, некој ја известува Марта дека Исус е на пат. Затоа таа излегува и брза да го пресретне, очигледно без да ѝ каже на сестра си. Доаѓајќи кај Исус, Марта го повторува она што таа и нејзината сестра сигурно многупати го кажале во изминатите четири дена: „Да беше ти овде, брат ми немаше да умре“.
Меѓутоа, Марта изразува надеж навестувајќи дека Исус можеби сепак ќе стори нешто за нејзиниот брат. „Знам дека што и да побараш од Бог, Бог ќе ти даде“, вели таа.
„Твојот брат ќе стане“, ветува Исус.
Марта сфаќа дека Исус зборува за едно идно воскресение на Земјата, кое Авраам и другите Божји слуги исто така со нетрпение го очекувале. Затоа одговара: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“.
Меѓутоа, Исус дава надеж за скоро ослободување, одговарајќи: „Јас сум воскресението и животот“. Тој ја потсетува Марта дека Бог му дал моќ над смртта, велејќи: „Кој практикува вера во мене, и да умре, ќе оживее; и секој кој живее и практикува вера во мене, нема никогаш да умре“.
Исус не ја наведува Марта на помисла дека верните од тоа време нема никогаш да умрат. Не, туку поентата што ја изнесува е дека практикувањето вера во него може да води до вечен живот. Таквиот живот ќе го уживаат многу луѓе како резултат на тоа што ќе бидат воскреснати во последниот ден. Но, други кои се верни ќе го преживеат крајот на овој систем на работи на Земјата, и за нив Исусовите зборови ќе се остварат во буквална смисла. Тие никогаш нема да умрат! По оваа значајна изјава, Исус ја прашува Марта: „Го веруваш ли тоа?“
„Да, Господи“, одговара таа. „Јас верувам дека ти си Христос, Синот Божји, Оној кој доаѓа на светот.“
Тогаш Марта брзо се враќа за да ја повика сестра си, велејќи ѝ насамо: „Учителот е овде и те вика“. Марија веднаш ја напушта куќата. Другите забележуваат дека таа заминува, и ја следат, претпоставувајќи дека оди кај спомен-гробот.
Кога доаѓа до Исус, Марија паѓа пред неговите нозе плачејќи. „Господи, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“, вели таа. Исус е длабоко трогнат гледајќи како Марија и мноштвото луѓе кои се со неа плачат. „Каде сте го положиле?“, прашува тој.
„Господи, дојди и види“, одговараат тие.
И Исус почнува да рони солзи, поради што Евреите велат: „Гледајте каква наклоност имал кон него!“
Некои се присетуваат дека Исус, за време на празникот Сеници неколку месеци пред тоа, излечил младич слеп од раѓање, па прашуваат: „Не можеше ли овој, кој му ги отвори очите на слепиот, да спречи овој да умре?“ Јован 5:21; 6:40; 9:1—7; 11:17—37.
▪ Кога Исус конечно пристигнува во близина на Витанија, и каква е ситуацијата таму?
▪ Каква основа има Марта за да верува во воскресение?
▪ Како смртта на Лазар влијае врз Исус?