Поглавје 92
Десетмина лепрозни се излекувани при Исусовото последно патување во Ерусалим
ИСУС ги осуетува настојувањата на Синедрионот да го убијат со тоа што го напушта Ерусалим и патува кон градот Ефраим, веројатно само околу 24 километри североисточно од Ерусалим. Таму останува со своите ученици, далеку од непријателите.
Меѓутоа, времето на Пасхата 33 н.е. се приближува, и наскоро Исус повторно ќе тргне на пат. Тој патува низ Самарија па сѐ до Галилеја. Ова му е последна посета на тоа подрачје пред неговата смрт. Додека е во Галилеја, тој и неговите ученици веројатно им се придружуваат на останатите кои се на пат за Ерусалим за да ја прослават Пасхата. Тие тргнуваат по патот кој минува низ областа Переја, источно од реката Јордан.
На почетокот на патувањето, додека Исус влегува во едно село во Самарија или Галилеја, го пресретнуваат десетмина мажи кои имаат лепра. Оваа страшна болест постепено ги нагризува деловите на телото на човекот — прстите на рацете, на нозете, ушите, носот и усните. За да ги заштити другите од зараза, Божјиот Закон во врска со лепрозен човек вели: „Тој е должен да биде покриен до горната усна и да вика: ‚Нечист! Нечист!‘ Сѐ додека е болеста на него нека биде нечист; тој е нечист . . . неговиот дом да биде надвор од живеалиштето“.
Десеттемина лепрозни се придржуваат за ограничувањето на Законот за лепрозни и остануваат на оддалеченост од Исус. Сепак, со силен глас извикуваат: „Исусе, Учителе, смилувај ни се!“
Гледајќи ги оддалеку, Исус заповеда: „Одете и покажете им се на свештениците“. Исус го вели тоа бидејќи Божјиот Закон ги овластува свештениците да ги прогласуваат за здрави оние лепрозни кои оздравеле од својата болест. На тој начин таквите добивале одобрение повторно да живеат меѓу здравите луѓе.
Десеттемина лепрозни имаат доверба во Исусовата чудесна моќ. Затоа брзаат да појдат кај свештениците, и покрај тоа што сѐ уште не се излечени. Додека се на пат за таму, нивната вера во Исус е наградена. Тие го гледаат и го чувствуваат своето оздравување!
Деветмина од исчистените лепрозни си продолжуваат по патот, но едниот од нив, Самарјанин, се враќа да го побара Исус. Зошто? Затоа што е многу благодарен за она што му се случило. Тој го фали Бог со силен глас, и кога го пронаоѓа Исус, паѓа пред неговите нозе, благодарејќи му.
Одговарајќи, Исус вели: „Зарем не се исчистија десетмина? Тогаш, каде се другите деветмина? Зарем не се најде ниеден да се врати за да му даде слава на Бог, освен овој човек од друга нација?“
Тогаш му вели на Самарјанинот: „Стани и оди си; твојата вера те оздраве!“
Кога читаме за тоа како Исус ги излекувал десеттемина лепрозни, би требало да ја земеме при срце поуката која е индиректно изразена во неговото прашање: „Тогаш, каде се другите деветмина?“ Неблагодарноста која ја покажале деветтемина е сериозен недостаток. Дали и ние, како Самарјанинот, ќе се покажеме благодарни за работите што ги добиваме од Бог, вклучувајќи го и сигурното ветување за вечен живот во Божјиот праведен нов свет? Јован 11:54, 55; Лука 17:11—19; Левит 13:16, 17, 45, 46; Откровение 21:3, 4.
▪ Како Исус ги осуетува настојувањата да го убијат?
▪ Каде патува понатаму Исус, и кое е неговото одредиште?
▪ Зошто лепрозните стојат на оддалеченост, и зошто Исус им вели да одат кај свештениците?
▪ Каква поука би требало да извлечеме од ова искуство?