Поглавје 100
Илустрацијата за мините
ИСУС можеби сѐ уште е во домот на Закхеј, каде запира додека е на пат за Ерусалим. Неговите ученици мислат дека кога ќе стигнат во Ерусалим, тој ќе објави дека е Месијата и ќе го воспостави своето Царство. За да ја исправи таа идеја и да покаже дека Царството е сѐ уште далеку, Исус кажува една илустрација.
„Еден човек со благородно потекло“, раскажува тој, „отпатува во далечна земја за да си осигури царска власт и да се врати.“ Исус е тој „човек со благородно потекло“, а таа „далечна земја“ се небесата. Кога Исус ќе пристигне таму, неговиот Татко ќе му додели царска моќ.
Меѓутоа, пред да замине, човекот со благородничко потекло повикува десет робови и на секого од нив му дава по една сребрена мина, велејќи: „Тргувајте додека не дојдам“. Десеттемина робови во првото исполнување ги претставуваат првите Исусови ученици. А во поширока смисла, тие ги претставуваат сите потенцијални наследници со него во небесното Царство.
Сребрените мини се вредни пари и секоја од нив изнесува отприлика колку три месечни плати на еден земјоделец. Но, што претставуваат мините? И каква работа треба да вршат робовите со нив?
Мините ги претставуваат средствата кои учениците родени со дух ќе можат да ги употребат во правењето повеќе наследници на небесното Царство сѐ до Исусовото доаѓање како Цар во ветеното Царство. После неговото воскресение и појавување пред неговите ученици, тој им ги дал симболичните мини за да прават повеќе ученици и со тоа да придодадат кон класата за небесното Царство.
„Но“, продолжува Исус, „неговите граѓани го мразеа [човекот со благородно потекло] и испратија по него пратеништво да каже: ‚Не сакаме овој да стане цар над нас‘.“ Граѓаните се Израелци, или Евреи, не вклучувајќи ги неговите ученици. По заминувањето на Исус на небесата, овие Евреи со прогонување на неговите ученици дале до знаење дека не сакаат тој да биде нивни цар. На тој начин постапиле како граѓаните кои испратиле пратеништво.
Како десетте робови ги користат своите мини? Исус објаснува: „Кога конечно се врати откако ја осигури царската власт, заповеда да му ги повикаат оние робови на кои им ги беше дал сребрените пари, за да утврди што стекнале преку својата деловна активност. Тогаш првиот се претстави, велејќи: ‚Господаре, твојата мина стекна десет мини‘. А тој му рече: ‚Арно сторено, добар робу! Затоа што се покажа верен во многу мала работа, имај власт над десет градови‘. Потоа дојде вториот, велејќи: ‚Твојата мина, Господаре, донесе пет мини‘. И на овој му рече: ‚И ти, биди над пет градови‘.“
Робот со десетте мини претставува една класа, или група ученици, од Пентекост 33 н.е. сѐ до денес, која ги вклучува и апостолите. Робот кој добил пет мини исто така претставува група која во истиот временски период, во склад со своите околности и способности, ги зголемува средствата на својот цар на Земјата. Обете групи ревносно ја проповедаат добрата вест и, како резултат на тоа, многумина со исправно настроени срца стануваат христијани. Деветмина од робовите успешно тргувале и ги зголемиле своите имоти.
„Но“, продолжува Исус, „дојде и еден друг, велејќи: ‚Господаре, еве ја твојата мина што ја чував во крпа. Знаеш, се плашев од тебе бидејќи си строг човек; земаш што не си вложил и жнееш што не си посеал‘. Тој му рече: ‚Од твојата сопствена уста те судам, зол робу. Значи, знаеше дека сум строг човек, дека земам што не сум вложил и дека жнеам што не сум посеал? Тогаш зошто не ги стави моите сребреници во банка? Та кога ќе дојдев ќе ги подигнев со камата‘. На тоа, на оние кои стоеја таму, им рече: ‚Земете му ја мината и дајте му ја на оној кој има десет мини‘.“
За злобниот роб, губењето на симболичната мина значи губење место во небесното Царство. Да, тој, така да се рече, ја губи предноста да владее над десет или пет градови. Забележи го и тоа дека робот не е прогласен за зол заради некакво лошо дело туку затоа што пропуштил да работи за да се зголеми богатството на царството на неговиот господар.
Кога мината од злобниот роб му се дава на првиот роб, даден е приговор: „Господаре, тој има десет мини!“ Сепак, Исус одговара: „На секој кој има, ќе му се даде уште; а од оној кој нема, ќе му се одземе и она што го има. Впрочем, овие мои непријатели кои не сакаа да станам цар над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене“. Лука 19:11—27; Матеј 28:19, 20.
▪ Што го поттикнува Исус да ја раскаже илустрацијата за мините?
▪ Кој е човекот со благородно потекло, а која земјата во која оди?
▪ Кои се робовите, и што е претставено со мините?
▪ Кои се граѓаните, и како ја покажуваат својата омраза?
▪ Зошто еден роб е наречен зол, и што значи губењето на неговата мина?