Поглавје 102
Христовото триумфално влегување во Ерусалим
СЛЕДНОТО утро, недела, 9 нисан, Исус ја напушта Витанија заедно со своите ученици и се упатува преку Маслинската Гора кон Ерусалим. Набрзо се приближуваат кон Витфагија, сместена на Маслинската Гора. На двајца од своите ученици Исус им дава упатство:
„Појдете во селоно што го гледате пред вас, и веднаш ќе најдете врзана магарица и прле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. И ако некој ви каже нешто, речете му: ‚Му требаат на Господ‘. И тој веднаш ќе ги испрати“.
Иако во почетокот учениците не успеваат да сфатат дека тие упатства имаат некаква врска со исполнувањето на библиските пророштва, подоцна разбираат. Пророкот Захарија претскажал дека Божјиот ветен Цар ќе влезе во Ерусалим јавајќи на магаре, да, „на осле, младенче на ослицата“. На сличен начин, цар Соломон јавал на прле кон местото каде што бил помазан.
Кога учениците влегуваат во Витфагија и го земаат прлето со неговата мајка, некои од оние кои стојат отстрана им велат: „Што правите?“ Но кога им кажуваат дека животните се за Господ, луѓето им дозволуваат да ги одведат кај Исус. Учениците ги положуваат своите горни облеки и врз магарицата и врз прлето, но Исус се качува на прлето.
Додека Исус јава кон Ерусалим, мноштвото се зголемува. Поголемиот дел од луѓето ги простираат горните облеки по патот, додека други сечат гранки од дрвјата и ги простираат. „Благословен нека е Оној кој доаѓа како Цар во Јеховино име!“ викаат тие. „Мир на небото и слава на највисоките места!“
Некои фарисеи од мноштвото се вознемирени од овие објави и му приговараат на Исус: „Учителе, прекори ги своите ученици“. Но, Исус одговара: „Ви велам: Кога овие би замолкнале, камењата би викале“.
Додека се приближува до Ерусалим, Исус го гледа градот и почнува да го оплакува, велејќи: „Да го спознаеше ти, токму ти, во овој ден, она што е поврзано со мирот — но сега е скриено од твоите очи“. За својата намерна непослушност, Ерусалим мора да плати цена, како што претскажува Исус:
„Твоите непријатели [Римјаните под генерал Тит] ќе изградат околу тебе утврдување од зашилени колци и ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни, и ќе те срамнат со земјата тебе и твоите деца во тебе, и нема да остават во тебе ни камен на камен“. Ова уништување на Ерусалим кое го претскажал Исус всушност се случило 37 години подоцна, во 70 н.е.
Само неколку седмици пред тоа, многумина од мноштвото видоа како Исус го воскресна Лазар. Сега тие им раскажуваат на другите за тоа чудо. Затоа, кога Исус влегува во Ерусалим, целиот град е раздвижен. „Кој е овој?“ — сакаат да знаат луѓето. А мноштвата зборуваат: „Ова е пророкот Исус, од Назарет во Галилеја!“ Гледајќи што се случува, фарисеите се жалат дека не постигнале апсолутно ништо, бидејќи, како што велат: „Светот отиде по него“.
Како што има обичај кога го посетува Ерусалим, Исус оди во храмот да поучува. Таму му доаѓаат слепи и куци и тој ги лекува! Кога главните свештеници и книжниците ги гледаат чудесните работи што ги прави Исус и кога слушаат како момчиња во храмот викаат: „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“, тие се разлутуваат. „Слушаш ли што велат овие?“ протестираат тие.
„Да“, одговара Исус. „Зарем никогаш не сте го читале ова: ‚Од устата на бебињата и доенчињата си прибави фалба‘?“
Исус продолжува да поучува, и да разгледува низ храмот. Наскоро се стемнува. Затоа си заминува со дванаесеттемина и патува назад околу три километри до Витанија. Таму останува во неделата навечер, веројатно во домот на својот пријател Лазар. Матеј 21:1—11, 14—17; Марко 11:1—11; Лука 19:29—44; Јован 12:12—19; Захарија 9:9.
▪ Кога и на кој начин влегува Исус во Ерусалим како Цар?
▪ Колку е важно тоа што мноштвото го фали Исус?
▪ Како се чувствува Исус кога го гледа Ерусалим, и какво пророштво изговара?
▪ Што се случува кога Исус оди во храмот?