Поглавје 103
Повторна посета на храмот
ИСУС и неговите ученици штотуку ја минале својата трета ноќ во Витанија откако стигнале од Ерихон. Раната утринска светлина во понеделник, 10 нисан, ги затекнува веќе на пат кон Ерусалим. Исус е гладен. Затоа, кога здогледува смоква со лисја, оди за да види дали на неа има некоја смоква.
Смоквините лисја временски подраниле, бидејќи сезоната на смоквите е дури во јуни, а сега е само крајот на март. Меѓутоа, Исус изгледа мисли дека, со оглед на тоа што лисјата подраниле, веројатно подраниле и смоквите. Но, се разочарува. Лисјата му дале на дрвото лажлив изглед. Тогаш Исус го проколнува дрвото, велејќи: „Нека никој никогаш веќе не јаде плод од тебе“. Последиците од Исусовата постапка и нејзиното значење се гледаат следното утро.
Продолжувајќи по патот, Исус и учениците набрзо стигнуваат во Ерусалим. Оди во храмот, кој го прегледал претходното попладне. Меѓутоа, денес тој презема акција исто како што сторил пред три години, во 30 н.е., кога дошол на Пасхата. Исус ги истерува оние кои продаваат и купуваат во храмот, и им ги превртува масите на менувачите на пари и клупите на оние кои продаваат гулаби. Дури не дозволува никому да пренесе ни предмет низ храмот.
Осудувајќи ги оние кои менуваат пари и продаваат животни во храмот, тој вели: „Зарем не е напишано: ‚Мојот дом ќе биде наречен дом на молитва за сите нации?‘ А вие го направивте разбојничка пештера“. Тие се разбојници затоа што бараат превисоки цени од оние кои имаат мал избор, и мораат од нив да ги купат животните потребни за жртви. Затоа Исус гледа на овие трговски постапки како на еден вид изнудување или разбојништво.
Кога главните свештеници, книжниците и водечките личности од народот слушаат што направил Исус, повторно бараат начин да го убијат. Со тоа докажуваат дека се непоправливи. Сепак, не знаат како да го убијат Исус, бидејќи целиот народ се држи за него и внимателно го слуша.
Освен природните Евреи, на Пасхата доаѓаат и не-Евреи. Тоа се прозелити, што значи дека се обратиле на религијата на Евреите. Сега на Филип му приоѓаат некои Грци, очигледно прозелити, и молат да го видат Исус. Филип оди кај Андреј, можеби за да го праша дали би била пригодна една таква средба. Исус очигледно сѐ уште е во храмот, каде што Грците можат да го видат.
Исус знае дека му преостануваат само уште неколку дена од животот, па затоа убаво ја илустрира својата ситуација: „Дојде часот да се прослави Синот човечки. Вистина, вистина ви велам: Ако зрно пченица не падне во земјата и не умре, останува само тоа едно зрно; но ако умре, донесува многу плод“.
Едно зрно пченица има мала вредност. Но, што ако е положено во земјата и „умре“, завршувајќи го својот живот како семе? Тогаш никнува и со текот на времето израснува во стебленце кое донесува многу, многу зрна пченица. На сличен начин, Исус е само еден совршен човек. Но, ако тој умре верен на Бог, станува средство преку кое ќе добијат вечен живот верните кои го имаат истиот самопожртвуван дух како и тој. Затоа, Исус вели: „Кој ја сака својата душа, ја уништува, а кој ја мрази својата душа во овој свет, ќе ја сочува за вечен живот“.
Исус очигледно не мисли само на себе, затоа што понатаму објаснува: „Ако некој сака да ми служи, нека ме следи, и каде што сум јас, таму ќе биде и мојот слуга. Ако некој сака да ми служи, Таткото ќе му искаже чест“. Каква само прекрасна награда ако се следи Исус и му се служи! Тоа е наградата да се биде почестен од Таткото — некој да му се придружи на Христос во Царството.
Размислувајќи за големото страдање и агониската смрт која го очекува, Исус продолжува: „Сега мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, спаси ме од овој час“. Кога само би можело да се избегне она што го очекува! Но, не може, како што вели: „Токму поради тоа дојдов до овој час“. Исус се согласува со целата Божја подготовка, вклучувајќи ја и својата жртвена смрт. Матеј 21:12, 13, 18, 19; Марко 11:12—18; Лука 19:45—48; Јован 12:20—27.
▪ Зошто Исус очекува да најде смокви, иако не е сезона за нив?
▪ Зошто Исус ги нарекува ‚разбојници‘ оние кои продаваат во храмот?
▪ На кој начин Исус е како зрно пченица кое умира?
▪ Како се чувствува Исус имајќи ги предвид страдањата и смртта што го очекуваат?