Поглавје 117
Агонија во градината
КОГА Исус завршува со молитвата, тој и неговите 11 верни апостоли му пеат песни на фалба на Јехова. Потоа се симнуваат од горната соба, излегуваат во студената темнина на ноќта и пак се упатуваат низ долината Кедрон кон Витанија. Но, по патот застануваат на едно омилено место, Гетсиманската градина. Таа е сместена на Маслинската Гора или во нејзина близина. Тука, меѓу маслинките, Исус честопати се состанувал со своите апостоли.
Оставајќи осуммина од апостолите — веројатно близу до влезот на градината — тој им дава упатство: „Седнете овде додека јас одам онаму и се помолам“. Потоа ги зема останатите тројца — Петар, Јаков и Јован — и продолжува уште повнатре во градината. Исус станува тажен и болно вознемирен. „Душата ми е длабоко нажалена, дури до смрт“, им вели тој. „Останете овде и бдејте со мене.“
Одејќи малку понапред, Исус паѓа на земја и со лицето кон неа почнува горливо да се моли: „Татко мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша. Сепак, не како јас што сакам, туку како ти што сакаш“. Што мисли со тоа? Зошто е ‚длабоко нажален, дури до смрт‘? Дали тој се откажува од својата одлука да умре и да обезбеди откупнина?
Никако! Исус не моли да биде поштеден од смрт. Нему му е одвратна дури и помислата за избегнување жртвена смрт, како што еднаш му предложи Петар. Напротив, тој е во агонија бидејќи се плаши дека начинот на кој набрзо ќе умре — како презрен злосторник — ќе донесе срам врз името на неговиот Татко. Сега тој чувствува дека за неколку часа ќе биде прикован на столб како најлош човек — богохулник! Тоа е она што болно го вознемирува.
По долгата молитва, Исус се враќа и ги наоѓа тројцата апостоли како спијат. Обраќајќи му се на Петар, вели: „Зарем не можевте ниту еден час да стражарите со мене? Бдејте и молете се непрестајно за да не паднете во искушение“. Меѓутоа, сфаќајќи под каков стрес се наоѓаат и дека е прилично доцна, тој вели: „Духот, секако, е горлив, но телото е слабо“.
Тогаш Исус оди по вторпат и го моли Бог да го одмине „оваа чаша“, т.е. од Јехова доделениот дел, или волја за него. Кога се враќа, повторно ги наоѓа тројцата како спијат, кога всушност би требало да се молат да не паднат во искушение. Кога Исус им зборува, тие не знаат што да одговорат.
На крај, Исус по третпат оди на оддалеченост од околу едно дофрлање со камен и клечејќи, со силни извици и солзи се моли: „Татко, ако сакаш, тргни ја оваа чаша од мене“. Исус длабоко чувствува силни болки поради срамот кој неговата смрт како злосторник ќе го нанесе врз името на неговиот Татко. Навистина, да се биде обвинет како богохулник — оној кој го проколнува Бог — е скоро неподносливо!
Сепак, Исус продолжува да се моли: „Не што сакам јас, туку што сакаш ти“. Исус послушно ја подложува својата волја на Божјата. На тоа, од небото се појавува ангел и го зајакнува со охрабрувачки зборови. Веројатно ангелот му кажува на Исус дека ја има насмевката на одобрување од својот Татко.
Сепак, каква тежина носи Исус врз своите рамења! На коцка виси неговиот сопствен вечен живот и животот на целиот човечки род. Емоционалниот стрес е огромен. Затоа, Исус продолжува уште погорливо да се моли, и неговата пот станува како капки крв кои паѓаат на земјата. „Иако е тоа редок феномен“, забележува списанието The Journal of the American Medical Association, „при крајно напнати емоционални состојби може да се појави . . . крвава пот.“
После тоа, Исус по третпат се враќа кај своите апостоли, и уште еднаш ги наоѓа како спијат. Тие се исцрпени од длабока тага. „Во вакво време спиете и се одморате!“, извикува тој. „Доста е! Дојде часот! Еве, Синот човечки е предаден во рацете на грешници. Станете, да одиме! Еве, мојот предавник се приближи.“
Додека тој сѐ уште зборува, пристапува Јуда Искариот придружен од големо мноштво кое носи факли, светилки и оружје. Матеј 26:30, 36—47; 16:21—23; Марко 14:26, 32—43; Лука 22:39—47; Јован 18:1—3; Евреите 5:7.
▪ Каде ги води Исус апостолите откако ја напуштаат горната соба, и што прави таму?
▪ Што прават апостолите додека Исус се моли?
▪ Зошто Исус е во агонија, и за што го моли Бог?
▪ Што покажува тоа што Исусовата пот станала како капки крв?