Поглавје 118
Предавство и апсење
ПОМИНАЛО веќе доста време после полноќ кога Јуда води едно големо мноштво војници, главни свештеници, фарисеи и други во Гетсиманската градина. Свештениците се сложиле да му платат на Јуда 30 сребреници за да им го предаде Исус.
Пред тоа, кога Јуда бил отпуштен од Пасхалниот оброк, очигледно отишол право кај главните свештеници. Тие веднаш ги собрале своите лични службеници, како и чета војници. Можеби Јуда најпрвин ги одвел до местото каде што Исус и неговите апостоли ја прославиле Пасхата. Откривајќи дека си заминале, големото мноштво кое носи оружје, светилки и факли го следи Јуда надвор од Ерусалим и преку долината Кедрон.
Додека Јуда ја води поворката до Маслинската Гора, тој е сигурен дека знае каде да го најде Исус. Во текот на минатата седмица, додека Исус и апостолите патувале ваму-таму меѓу Витанија и Ерусалим, честопати застанувале кај Гетсиманската градина за да се одморат и да разговараат. Но сега, кога Исус е можеби скриен во темнината под маслиновите дрвја, како ќе го идентификуваат војниците? Можеби тие никогаш пред тоа не го виделе. Затоа Јуда им дава знак, велејќи: „Кого ќе го бакнам, тој е; уапсете го и безбедно одведете го“.
Јуда го води големото мноштво во градината, го здогледува Исус со неговите апостоли, и тргнува право кон него. „Добар ден, Раби!“ — вели тој и го бакнува многу нежно.
„Човеку, зошто си овде?“, возвраќа Исус. Тогаш, одговарајќи си сам на прашањето, тој вели: „Јудо, зарем со бакнеж го предаваш Синот човечки?“ Но, доволно за неговиот предавник! Исус истапува напред во светлината на запалените факли и светилки, и ги прашува: „Кого барате?“
„Исус Назареќанецот“, гласи одговорот.
„Јас сум тој“, одговара Исус додека храбро стои пред сите нив. Вчудовидени од неговата смелост и не знаејќи што да очекуваат, луѓето се повлекуваат и паѓаат на земја.
„Ви реков дека јас сум тој“, смирено продолжува Исус. „Затоа, ако мене ме барате, пуштете ги овие да си одат.“ Кратко пред тоа во горната соба, Исус во молитва му рекол на својот Татко дека ги сочувал своите верни апостоли и дека не изгубил ниеден од нив, „освен синот на уништувањето“. Затоа, за да се исполни неговиот збор, тој замолува неговите следбеници да бидат пуштени.
Кога војниците си доаѓаат при себе, и стануваат и почнуваат да го врзуваат Исус, апостолите сфаќаат што ќе се случи. „Господи, да удриме ли со меч?“, прашуваат тие. Пред Исус да им одговори, Петар држејќи еден од двата меча кои ги носеле апостолите, го напаѓа Малх, роб на главниот свештеник. При ударот, Петар ја промашува главата на робот и му го отсекува десното уво.
„Доста, не правете ништо повеќе“, вели Исус вмешувајќи се. Допирајќи го увото на Малх, му ја лекува раната. Тогаш им дава една важна лекција, заповедајќи му на Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зошто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат. Или мислиш дека не можам да го замолам мојот Татко да ми даде овој час повеќе од дванаесет легии ангели?“
Исус е спремен да биде уапсен, бидејќи објаснува: „Како би се исполнило Писмото дека вака мора да се случи?“ Потоа додава: „Зарем да не ја пијам чашата што ми ја даде Таткото?“ Тој е во потполна согласност со Божјата волја за него!
Тогаш Исус му се обраќа на мноштвото. „Зарем излеговте како против разбојник со мечови и палици да ме уапсите?“ — прашува тој. „Од ден на ден имав обичај да седам во храмот и да поучувам, а вие сепак не ме уапсивте. Но сето ова се случи за да се исполнат списите на пророците.“
На тоа четата војници, воениот заповедник и еврејските службеници го фаќаат и го врзуваат. Гледајќи го ова, апостолите го напуштаат Исус и бегаат. Сепак, еден младич — можеби е тоа ученикот Марко — останува сред мноштвото. Можеби тој бил во куќата каде што Исус ја прославил Пасхата и после тоа, оттаму одел по мноштвото. Меѓутоа, сега го препознаваат и се обидуваат да го фатат. Но, тој ја остава зад себе својата ленена облека и бега. Матеј 26:47—56; Марко 14:43—52; Лука 22:47—53; Јован 17:12; 18:3—12.
▪ Зошто Јуда е сигурен дека ќе го најде Исус во Гетсиманската градина?
▪ Како Исус покажува грижа за своите апостоли?
▪ Каква акција презема Петар за да го одбрани Исус, но што му вели Исус за тоа?
▪ Како Исус открива дека тој е во потполна согласност со Божјата волја за него?
▪ Кој останува кога апостолите го напуштаат Исус, и што му се случува?