Поглавје 119
Одведен кај Ана, потоа кај Кајафа
ИСУС, врзан како обичен злосторник, е одведен кај Ана, влијателен поранешен првосвештеник. Ана бил првосвештеник кога Исус како 12-годишно момче ги вчудовидел рабинските учители во храмот. Неколку синови на Ана подоцна служеле како првосвештеници, а сега таа положба ја зазема неговиот зет Кајафа.
Веројатно Исус најпрвин го водат во домот на Ана бидејќи тој првосвештеник долго време заземал истакната положба во религиозниот живот на Евреите. Тоа запирање да се посети Ана му дава време на првосвештеникот Кајафа да го собере Синедрионот, еврејскиот врховен суд кој се состои од 71 член, и да собере лажни сведоци.
Главниот свештеник Ана сега го прашува Исус за неговите ученици и за неговото учење. Меѓутоа, Исус му одговара: „Јас му зборував на светот јавно. Секогаш поучував во синагогите и во храмот каде што се собираат сите Евреи; и ништо не зборував во тајност. Зошто ме испрашуваш мене? Испрашувај ги оние кои чуле што им зборував. Ете, тие знаат што кажав“.
На тоа, еден од службениците кој стои близу до Исус го удира по лице и му вели: „Зарем така му одговараш на главниот свештеник?”
„Ако кажав погрешно“, одговара Исус, „посведочи дека е погрешно; но ако право кажав, зошто ме удираш?“ По таа дискусија, Ана го испраќа Исус врзан кај Кајафа.
Сега почнуваат да се собираат сите главни свештеници, постари мажи и книжници, да, целиот Синедрион. Очигледно, нивно место на состанување е домот на Кајафа. Да се одржува такво судење ноќе за време на Пасха јасно е против еврејскиот закон. Но, тоа не ги одвраќа верските водачи од нивната злобна намера.
Неколку седмици пред тоа, кога Исус го воскреснал Лазар, Синедрионот веќе одлучил дека тој мора да умре. А само два дена пред тоа, во средата, верските авторитети заеднички се посоветувале на подмолен начин да го фатат Исус за да го убијат. Замисли си, тој всушност веќе бил осуден уште пред неговото судење!
Сега се вложуваат напори да се пронајдат сведоци кои ќе дадат лажни докази за да може против Исус да се покрене судска парница. Меѓутоа, не можат да најдат сведоци кои се сложуваат во сведочењето. Конечно, истапуваат двајца и тврдат: „Ние го чувме како вели: ‚Ќе го урнам овој храм кој е направен со раце и за три дена ќе изградам друг кој не е направен со раце‘“.
„Зарем ништо не одговараш?“ — прашува Кајафа. „Што е ова што овие сведочат против тебе?“ Но, Исус и понатаму молчи. Дури ни во ова лажно обвинение, на понижување на Синедрионот, сведоците не можат да ги усогласат своите приказни. Затоа првосвештеникот се обидува со поинаква тактика.
Кајафа знае колку се осетливи Евреите за какво и да било тврдење дека некој е самиот Син Божји. Во две прилики пред тоа, тие дрско го етикетираа Исус како богохулник кој заслужува смрт, кога еднаш погрешно си претпоставуваа дека тврди оти е еднаков на Бог. Сега Кајафа подмолно бара: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали ти си Христос, Синот Божји?“
Без разлика на тоа што мислат Евреите, Исус е навистина Син Божји. А молчењето би можело да се протолкува како одрекување дека тој е Христос. Затоа Исус храбро одговара: „Јас сум; и ќе го видите Синот човечки како седи откај десницата на моќта и како доаѓа со облаците небесни“.
На тоа Кајафа, во еден драматичен настап, ја кине својата облека и извикува: „Тој похули! Што ни требаат уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата. Какво е вашето мислење?“
„Заслужува смрт!“, објавува Синедрионот. Тогаш почнуваат да го исмеваат и кажуваат многу работи хулејќи на него. Го удираат по лице и го плукаат. Дури му го покриваат лицето, го удираат со тупаници и саркастично велат: „Проречи ни, Христе. Кој те удри?“ Ова навредливо, незаконско однесување се случува за време на ноќното судење. Матеј 26:57—68; 26:3, 4; Марко 14:53—65; Лука 22:54, 63—65; Јован 18:13—24; 11:45—53; 10:31—39; 5:16—18.
▪ Каде најпрвин е одведен Исус, и што му се случува таму?
▪ Каде е одведен Исус потоа, и со каква цел?
▪ Како Кајафа успева да го наведе Синедрионот да објави дека Исус заслужува смрт?
▪ Какво навредливо, незаконско однесување се случува за време на судењето?