Поглавје 124
Предаден и одведен
КОГА Пилат, трогнат од спокојното достоинство на измачениот Исус, повторно се обидува да го пушти, главните свештеници уште повеќе се разбеснуваат. Тие се одлучни ништо да не ги спречи во нивната злобна намера. Затоа продолжуваат да викаат: „Прикови го! Прикови го!“
„Земете си го вие и приковете го“, одговара Пилат. (Спротивно на своите претходни тврдења, Евреите можеби имаат авторитет да ги погубат злосторниците за многу сериозни религиозни престапи.) Тогаш, најмалку по петти пат, Пилат го прогласува Исус за невин, велејќи: „Јас не наоѓам никаква кривица во него“.
Увидувајќи дека нивните политички обвиненија не им донеле резултати, Евреите се враќаат на религиозното обвинение за богохулство кое го употребиле неколку часа пред тоа при Исусовото судење пред Синедрионот. „Ние имаме закон“, велат тие, „и според законот тој треба да умре, зашто сам се направи Божји син.“
Ова обвинение е ново за Пилат, и заради тоа уште повеќе се плаши. Сега сфаќа дека Исус не е обичен човек, како што покажал и сонот на неговата жена, а и Исусовата извонредно цврста личност. Но, „Божји син“? Пилат знае дека Исус е од Галилеја. Сепак, дали е можно да живеел и порано? Враќајќи го повторно во палатата, Пилат го прашува: „Од каде си ти?“
Исус и понатаму молчи. Претходно му кажал на Пилат дека тој е цар, но дека неговото царство не е дел од овој свет. Никакво додатно објаснување сега не би било од корист. Меѓутоа, затоа што Исус одбива да одговори, гордоста на Пилат е повредена и тој се распалува извикувајќи: „Мене ли не ми зборуваш? Зарем не знаеш дека имам власт да те пуштам и дека имам власт да те приковам?“
„Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора“, одговара Исус со почит. Тој мисли на власта дадена од Бог на човечките владетели да управуваат со земните работи. Исус додава: „Затоа поголем грев има оној кој ме предаде на тебе“. Навистина, првосвештеникот Кајафа, неговите соучесници и Јуда Искариот носат поголема одговорност отколку Пилат заради неправедното постапување со Исус.
Уште поимпресиониран од Исус и уплашен дека тој можеби сепак има божествено потекло, Пилат повторно се обидува да го пушти. Меѓутоа, Евреите го спречуваат Пилат во тоа. Тие го повторуваат своето политичко обвинение, лукаво заканувајќи му се: „Ако го пуштиш овој човек, не си му пријател на цезарот. Секој кој се прави цар, зборува против цезарот“.
И покрај застрашувачките последици, Пилат повторно го изнесува Исуса надвор. „Гледајте, вашиот цар!“, им се обраќа уште еднаш.
„Тргни го! Тргни го! Прикови го!“
„Вашиот цар ли да го приковам?“, прашува Пилат очајно.
Евреите биле огорчени од власта на Римјаните. Всушност, тие ја презирале римската доминација! Сепак, главните свештеници лицемерно велат: „Ние немаме никаков цар освен цезарот“.
Плашејќи се за својата политичка позиција и углед, Пилат најпосле попушта под немилосрдните барања на Евреите. Им го предава Исус. Војниците му ја соблекуваат на Исус пурпурната наметка и му ја облекуваат неговата горна облека. Додека го водат да биде прикован, на Исус му даваат да го носи сопствениот маченички столб.
Веќе е средина на претпладнето, петок, 14 нисан; можеби се приближува пладне. Исус е буден од четврток изутрина и минува од агонија во агонија. Разбирливо е тоа што силата набрзо му попушта под тежината на столбот. Затоа, еден минувач по име Симон од Кирена (Африка) е присилен на служба да го носи столбот место него. Додека продолжуваат понатаму, го следат голем број луѓе, меѓу кои има и жени кои се удираат од тага и го оплакуваат Исус.
Обраќајќи им се на жените, Исус вели: „Ќерки ерусалимски, престанете да плачете за мене. Туку плачете за себе и за своите деца; зашто ете, доаѓаат денови кога луѓето ќе речат: ‚Среќни се неротките, и утробите кои не раѓале и градите кои не доеле!‘ . . Зашто ако овие работи ги прават додека дрвото е влажно, што ќе се случи кога ќе биде суво?“
Исус мислел на дрвото на еврејската нација во кое сѐ уште имало малку влага на живот поради Исусовата присутност и постоењето на остатокот кој верувал во него. Но, кога овој остаток ќе се одземе од нацијата, ќе остане само едно духовно мртво дрво, да, овената национална организација. Ах, колкава само ќе биде причината за плачење кога римските војски, кои ќе служат како Божји погубители, ќе ја опустошат еврејската нација! Јован 19:6—17; 18:31; Лука 23:24—31; Матеј 27:31, 32; Марко 15:20, 21.
▪ Какво обвинение подигнуваат верските водачи против Исус откако политичките обвиненија не им донесуваат резултати?
▪ Зошто Пилат веројатно уште повеќе се плаши?
▪ Кој носи поголем грев за она што му се случува на Исус?
▪ Како најпосле свештениците го наговараат Пилат да го предаде Исус на погубување?
▪ Што им вели Исус на жените кои плачат за него, и што мисли укажувајќи на дрвото кое е „влажно“, а потоа „овенало“?