Поглавје 127
Во петок погребан — во недела празен гроб
ВЕЌЕ е петок доцна попладне, а по заоѓањето на сонцето ќе започне Сабат, 15 нисан. Исусовото мртво тело виси омлитавено на столбот, но двајцата разбојници покрај него сѐ уште се живи. Петок попладне се нарекува Подготовка бидејќи тогаш луѓето приготвуваат јадења и ја привршуваат секоја друга работа која не може да чека до после Сабатот.
Сабатот кој наскоро ќе започне не е само обичен Сабат (седми ден во седмицата), туку двоен, или „велики“ Сабат. Така е наречен бидејќи 15 нисан, кој е прв ден од седмодневниот Празник на бесквасни лебови (и секогаш е Сабат, без разлика кој ден од седмицата е), се паѓа во истиот ден како и редовниот Сабат.
Според Божјиот закон, телата не смеат да се оставаат да висат на столбот прекуноќ. Поради тоа Евреите бараат од Пилат да се забрза смртта на погубените со тоа што ќе им бидат скршени нозете. Затоа војниците им ги кршат нозете на двајцата разбојници. Но, бидејќи се гледа дека Исус е мртов, нему не му ги кршат нозете. Со тоа се исполнува стихот од Писмото: „Ниедна коска нема да му биде здробена“.
Меѓутоа, за да отстрани какво и да било сомнение дека Исус е навистина мртов, еден од војниците му ја прободува страната со копје. Копјето му го прободува пределот на срцето, и веднаш потекуваат крв и вода. Апостол Јован, кој е очевидец на ова, известува дека со тоа се исполнил еден друг стих: „Ќе гледаат на Оној кого го прободоа“.
На погубувањето е присутен и Јосиф од градот Ариматеја, угледен член на Синедрионот. Тој одбил да гласа во корист на неправедната одлука на врховниот суд против Исус. Јосиф, всушност, е Исусов ученик, иако се плашел да се изјасни како таков. Меѓутоа, сега тој покажува храброст и оди кај Пилат да го побара Исусовото тело. Пилат го повикува одговорниот воен офицер и откако офицерот потврдува дека Исус е мртов, Пилат му го предава мртвото тело.
Јосиф го зема телото и го завиткува во чисто ленено платно, подготвувајќи го за погреб. Во тоа му помага Никодим, друг член на Синедрионот. И Никодим не ја признал својата вера во Исус од страв да не си ја изгуби положбата. Но, сега донесува една смеса која содржи околу 33 килограми смирна и скапа алоја. Го завиткуваат Исусовото тело во завои кои ги содржат овие мирудии, токму онака како што Евреите имаат обичај да ги подготвуваат телата за погреб.
Потоа телото го положуваат во Јосифовиот нов спомен-гроб издлабен во камен во блиската градина. На крај, дотркалуваат голем камен пред гробницата. За да се изврши погребот пред Сабатот, се забрзува подготвувањето на телото. Затоа, Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков Помалиот, кои можеби помагаат околу подготвувањето, брзаат дома за да приготват уште мирудии и мирисни масла. Планираат после Сабатот да продолжат со мачкање на Исусовото тело за да се сочува за подолг временски период.
Наредниот ден, сабота (Сабат), главните свештеници и фарисеите одат кај Пилат и му велат: „Господине, се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: ‚После три дена ќе бидам подигнат‘. Затоа заповедај гробот да биде осигуран до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му речат на народот: ‚Тој стана од мртвите!‘ и оваа последна измама ќе биде полоша од првата“.
„Имате стража“, одговара Пилат. „Одете и осигурете го како што знаете.“ Така тие си заминуваат и го осигуруваат гробот запечатувајќи го каменот и поставувајќи римски војници на стража.
Во недела рано наутро, Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков, заедно со Салома, Јоана и други жени, донесуваат мирудии на гробот за да го намачкаат Исусовото тело. По патот си велат една на друга: „Кој ќе ни го отркала каменот од вратата на спомен-гробот?“ Но, пристигнувајќи таму забележуваат дека се случил земјотрес и дека Јеховин ангел го отркалал каменот. Стражата ја нема, а гробот е празен! Матеј 27:57—28:2; Марко 15:42—16:4; Лука 23:50—24:3, 10; Јован 19:14, 31—20:1; 12:42; Левит 23:5—7; Второзаконие 21:22, 23; Псалм 34:20; Захарија 12:10.
▪ Зошто петок е наречен Подготовка, и што е тоа „велики“ Сабат?
▪ Кои стихови се исполниле во врска со Исусовото тело?
▪ Што прават Јосиф и Никодим во врска со Исусовиот погреб, и каков е нивниот однос со Исус?
▪ Што бараат свештениците од Пилат, и како им одговара тој?
▪ Што се случува во недела рано наутро?