Поглавје 131
Последните појавувања и Пентекост 33 н.е.
ВО ЕДЕН момент Исус прави подготовки да се состане со сите свои 11 апостоли на една гора во Галилеја. Очигледно дека и на други ученици им е кажано за тој состанок, и се собираат повеќе од 500 луѓе. Колку среќен собир испаѓа тоа кога се појавува Исус и почнува да ги поучува!
Меѓу другото, Исус му објаснува на тоа големо мноштво дека Бог му ја дал сета власт на небото и на Земјата. „Затоа одете“, ги поттикнува, „и правете ученици од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав.“
Размисли за тоа! Сите — мажи, жени и деца — го примаат истиот налог да учествуваат во делото на правење ученици. Противниците ќе се обидат да го запрат нивното проповедање и поучување, но Исус ги теши: „И гледај, јас сум со вас во сите денови до завршетокот на системот на работи“. Исус останува со своите следбеници преку светиот дух за да им помогне да ја извршат својата служба.
Исус им се покажува жив на своите ученици сѐ на сѐ во период од 40 дена по своето воскресение. Во текот на тие појавувања ги поучува за Божјето Царство, и нагласува кои се нивните одговорности како негови ученици. Во една прилика дури му се појавува и на својот полубрат Јаков и го уверува овој некогашен неверник дека Тој навистина е Христос.
Додека апостолите сѐ уште се во Галилеја, Исус очигледно ги упатува да се вратат во Ерусалим. Кога се состанува таму со нив, им вели: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го она што го вети таткото, за кое чувте од мене; зашто Јован, вистина, крштаваше со вода, а вие не многу дни по ова ќе бидете крстени во свет дух“.
Подоцна Исус повторно се состанува со своите апостоли и ги изведува од градот сѐ до Витанија која е сместена на источната падина од Маслинската Гора. За чудо, и покрај сѐ што им кажал за своето скоро заминување на небото, тие сепак веруваат дека неговото Царство ќе биде воспоставено на Земјата. Затоа прашуваат: „Господи дали во ова време ќе го обновиш царството на Израел?“
Наместо да се обиде да го поправи нивното погрешно разбирање, Исус едноставно одговара: „Не е ваше да ги знаете времињата или раздобјата што Таткото ги ставил под своја надлежност“. Потоа, нагласувајќи го уште еднаш делото кое мора да го извршат, им вели: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде на вас, и ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“.
Додека тие сѐ уште гледаат, Исус почнува да се крева кон небото, а потоа еден облак го сокрива од нивните погледи. Откако го напушта своето материјално тело, тој се вознесува на небото како духовна личност. Додека единаесеттемина и понатаму гледаат кон небото, покрај нив се појавуваат двајца мажи во бели облеки. Овие материјализирани ангели ги прашуваат: „Луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус кој беше земен од вас на небото, така ќе дојде, на истиот начин како што го видовте да заминува на небото“.
Начинот на кој Исус штотуку ја напуштил Земјата е без јавна помпа и го набљудувале само неговите верни следбеници. На таков начин и ќе се врати — без јавна помпа и само неговите верни следбеници ќе препознаат дека се вратил и дека започнала неговата присутност во моќта на Царството.
Апостолите сега слегуваат од Маслинската Гора, ја преминуваат долината Кедрон и пак влегуваат во Ерусалим. Остануваат таму, послушни на Исусовата заповед. Десет дена подоцна, на еврејскиот празник Пентекост 33 н.е., додека околу 120 ученици се собрани во една горна соба во Ерусалим, шум како при налет на силен ветрец одеднаш ја исполнува целата куќа. Се појавуваат јазици како од оган и по еден застанува на секој од присутните, и сите ученици почнуваат да зборуваат различни јазици. Тоа е излевањето на светиот дух што го ветил Исус! Матеј 28:16—20; Лука 24:49—52; 1. Коринќаните 15:5—7; Дела 1:3—15; 2:1—4.
▪ Кому Исус му дава проштални упатства на една гора во Галилеја, и какви се тие упатства?
▪ Каква утеха им дава Исус на своите ученици, и како тој ќе остане со нив?
▪ Колку долго после своето воскресение Исус им се појавува на своите ученици, и за што ги поучува?
▪ На кое лице, кое очигледно пред Исусовата смрт сѐ уште не било ученик, му се појавува Исус?
▪ Кои два последни состанока ги има Исус со своите апостоли, и што се случува во тие прилики?
▪ Како Исус ќе се врати на ист начин како што заминува?
▪ Што се случува на Пентекост 33 н.е.?