Ќе преживее ли овој свет?
Ниедна друга генерација не слушала толку многу зборување за крајот на светот. Многу луѓе се плашат дека светот ќе заврши во нуклеарен холокауст. Други мислат дека загаденоста може да го уништи светот. А други се загрижени дека економскиот хаос ќе ги сврти масите на човештвото едни спроти други.
Дали овој свет навистина би можел да заврши? Ако може, што би значело тоа? Дали некогаш порано некој свет завршил?
Еден свет завршува — друг го заменува
Да, еден свет завршил. Размисли за светот кој станал многу злобен во времето на Ное. Библијата објаснува: „Тогашниот свет претрпе уништување, кога беше потопен со вода“. Библијата исто така вели: „[Бог] не се воздржа да казни еден стар свет, туку го остави Ное, проповедник на праведност, на сигурно со седуммина други кога донесе потоп врз еден свет од безбожни луѓе“ (2. Петрово 2:5; 3:6, New World Translation of the Holy Scriptures).
Запази што значел крајот на тој свет, а што не значел. Не значел крај на човештвото. Ное и неговото семејство го преживеале светскиот Потоп. Него го преживеале исто и планетата Земја и убавото ѕвездено небо. Исчезнал „свет од безбожни луѓе“, еден злобен поредок.
На крајот, како што растело Ноевото потомство, се развил друг свет. Тој втор свет, или поредок, постои до ден–денеска. Неговата историја е полна со војни, криминал и насилство. Што ќе се случи со овој свет? Ќе преживее ли?
Иднината на овој свет
Откако вели дека светот во Ноевото време претрпел уништување, библискиот извештај продолжува: „Преку истата реч небото и земјата кои се сега, се чуваат за оган“ (2. Петрово 3:7, NW). Навистина, како што објаснува еден друг библиски писател: „Светот [оној кој денес постои] поминува“ (1 Јованово 2:17).
Библијата не вели дека дословната Земја или ѕвезденото небо ќе поминат, како што не поминале во Ноевото време (Псалми 104:5, Даничиќ-Караџиќ). Не, туку овој свет, со своето ‚небо‘, односно државни владетели под влијание на Сатана, и со својата ‚земја‘, или човечко општество, ќе бидат уништени како со оган (Јован 14:30; 2. Коринтјаните 4:4). Овој свет, или поредок, сигурно ќе биде уништен како што бил уништен светот пред Потопот. Дури и Исус Христос зборувал за состојбата во „деновите на Ноја“ како пример на она што ќе се случи непосредно пред крајот на овој свет (Матеј 24:37-39).
Значајно е тоа дека кога Исус зборувал за времето на Ное, дал одговор на прашањето на неговите апостоли: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3). Исусовите следбеници знаеле дека овој свет ќе заврши. Дали тој изглед ги застрашувал?
Напротив, кога Исус ги опишал настаните кои ќе се случат пред крајот на светот, ги охрабрил да се радуваат ‚зашто близу е нивното ослободување‘ (Лука 21:28). Да, ослободување од Сатана и неговиот злобен поредок во еден мирољубив нов свет! (2. Петрово 3:13).
Но кога ќе заврши овој свет? Каков „знак“ дал Исус за неговото „доаѓање и за свршетокот на светот“?
„Знакот“
Грчкиот збор овде преведен со „доаѓање“ е паруси́ја, и значи „присутност“, односно, на дофат. Затоа кога ќе се види „знакот“, нема да значи дека Христос наскоро треба да дојде, туку дека веќе се вратил и е присутен. Тоа ќе значи дека почнал да владее невидливо како небесен цар и дека наскоро ќе им стави крај на неговите непријатели (Откровение 12:7-12; Псалми 110:1, 2, NW).
Исус не дал само еден настан како „знак“. Тој опишал многу светски настани и ситуации. Сите тие ќе се одвиваат во текот на времето кое библиските писатели го нарекуваат „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5; 2. Петрово 3:3, 4). Разгледај некои работи за кои Исус прорекол дека ќе ги обележуваат „последните денови“.
„Нација ќе се дигне против нација, и царство против царство“ (Матеј 24:7, NW). Војната во современо доба е со поголеми размери од кога и да е порано. Еден историчар забележал: „Првата светска војна [која започнала во 1914] беше првата ‚тотална‘ војна“. Сепак, Втората светска војна беше многу поразорна. А војните продолжуваат да ја опустошуваат Земјата. Да, Исусовите зборови се исполниле на еден драматичен начин!
„Ќе има оскудица на храна“ (Матеј 24:7, NW). По Првата светска војна се појави можеби најголемиот глад во целата историја. Страшна глад дојде и после Втората светска војна. Бедата на недоволна исхранетост погодува една петтина од населението на Земјата, убивајќи околу 14 милиони деца секоја година. Навистина, имало „глад“!
„Ќе има големи земјотреси“ (Лука 21:11, NW). Од 1914 па наваму, секоја година од земјотреси во просек умирале околу десетпати повеќе отколку во претходните столетија. Разгледај само неколку поголеми: 1920, Кина: 200.000 загинати; 1923, Јапонија: 99.300 жртви; 1939, Турција: 32.700 смртни случаи; 1970, Перу: 66.800 убиени и 1976, Кина: околу 240.000 (или, според некои извори, 800.000) жртви. Навистина, „големи земјотреси“!
„Од едно место во друго чуми“ (Лука 21:11, NW). Веднаш после Првата светска војна, околу 21 милион луѓе умреа од шпанската грозница. Списанието Science Digest известило: „Никогаш порано во историјата смртта не нападнала толку остро и брзо“. Оттогаш, срцевите заболувања, ракот, СИДА-та, и многу други чуми убиле стотици милиони.
‚Пораст на беззаконието‘ (Матеј 24:12, NW). Од 1914, нашиот свет станал познат како свет на криминал и насилство. Во многу места луѓето не се чувствуваат безбедни на улиците дури ниту дење. Навечер, луѓето остануваат дома зад заклучени и забарикадирани врати, плашејќи се да излезат надвор.
Многу други работи биле проречени дека ќе се случат во текот на последните денови, и сите тие исто така се исполнуваат. Тоа значи дека крајот на светот е близу. Но, за среќа, ќе има преживеани. Откако вели дека „светот поминува“, Библијата ветува: „оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17).
Затоа мораме да ја запознаеме Божјата волја и да ја вршиме. Тогаш можеме да го преживееме крајот на овој свет за да уживаме во благословите на Божјиот нов свет. Библијата ветува дека во тоа време: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:3, 4).
Доколку не е наведено поинаку, употребен е македонскиот превод на Библијата (Британско и инострано библиско друштво, 1990).
[Извор на слика на страница 6]
Фотографии: Авион: фотографија на USAF. Дете: фотографија на WHO од В. Катинг. Земјотрес: Ј. Ишијама, универзитет Хокаидо, Јапонија.