Дел 3
Единствен извор на возвишена мудрост
1, 2. Зошто треба да ја испитаме Библијата?
1 Дали Библијата дава извештај за таква возвишена мудрост? Може ли таа да ни даде вистинити одговори на важните прашања кои се поврзани со смислата на животот?
2 Секако, Библијата заслужува да ја испитаме. Една причина е што таа е најнеобичната книга што некогаш била составена, многу поинаква од било која друга книга. Разгледајте ги следниве факти.
Најстара, најраширена книга
3, 4. Колку е стара Библијата?
3 Библијата е најстарата книга што некогаш била напишана, а некои нејзини делови се напишани пред околу 3.500 години. Таа е со векови постара од било која друга книга која се смета за света. Првата од нејзините 66 книги што таа ги содржи, била напишана околу илјада години пред Буда и Конфучие и околу две илјади години пред Мухамед.
4 Историјата што е запишана во Библијата оди наназад сѐ до почетокот на човечкото семејство и таа објаснува како сме дошле овде на Земјата. Таа нѐ носи назад дури во времето кога луѓето сѐ уште не биле создадени, давајќи ни факти за обликувањето на Земјата.
5. Колку древни манускрипти од Библијата постојат во споредба со древните световни списи?
5 Од старите манускрипти на другите верски книги, а и оние кои не се верски, има само неколку примероци. Од Библијата, пак, или од нејзините делови на хебрејски и грчки јазик, постојат околу 11.000 примероци на манускрипти, од кои некои датираат скоро од времето на првобитното пишување. Тие преживеале, иако против Библијата биле преземени најконцентрираните напади што можат некогаш да се замислат.
6. Колку е распространета Библијата?
6 Библијата е и далеку најраспространетата книга во историјата. Околу три милијарди Библии или делови од неа се дистрибуирани на околу две илјади јазици. Се смета дека 98 отсто од човечката фамилија може да ја чита Библијата на свој јазик. Ниедна друга книга ниту приближно не достигнала толкав тираж.
7. Што може да се каже за точноста на Библијата?
7 Освен тоа, ниедна друга древна книга не може да се спореди со Библијата по точноста. Научници, историчари, археолози, географи, лингвисти и други, постојано ја потврдуваат точноста на библиските извештаи.
Научна точност
8. Колку е точна Библијата во научните работи?
8 На пример, иако Библијата не била напишана како научен учебник, таа е во согласност со егзактната наука кога станува збор за научни прашања. Додека, пак, другите древни книги, кои се сметаат за свети, содржат научни митови, неточности и отворени невистини. Да погледнеме само четири од многуте примери за научната точност на Библијата:
9, 10. Наместо да ги одразува ненаучните гледишта од нејзиното време, што рекла Библијата за тоа на што се одржува Земјата?
9 Како се одржува Земјата во вселената. Во древни времиња, кога се пишувала Библијата, постоеле многу мудрувања за тоа како се одржува Земјата во вселената. Некои верувале дека Земјата ја држат четири слонови кои стојат на една голема морска желка. Аристотел, грчки филозоф и научник од четвртиот век пр. н. е., учел дека Земјата никогаш не би можела да виси во празен простор. Наместо тоа, тврдел дека небесните тела се прицврстени за површината на цврсти, проѕирни сфери, а секоја сфера е сместена во друга сфера. Земјата била наводно во внатрешната сфера, а надворешната ги држела ѕвездите.
10 Сепак, наместо да ги одразува измислените, ненаучни гледишта кои постоеле во времето на нејзиното пишување (околу 1473 пр. н. е.), Библијата едноставно навела: „[Бог] ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7). На оригиналниот хебрејски, зборот што овде се преведува со „ништо“, значи „не нешто“, и тоа е единственото место каде што се појавува во Библијата. Сликата за Земјата опкружена со празен простор што овде е прикажана, научниците ја сметаат за извонредна визија во тоа време. Речникот Theological Wordbook of the Old Testament вели: „Јов 26:7 на еден впечатлив начин го осликува светот за кој во тоа време се знаело дека е обесен во просторот, предвидувајќи на тој начин едно идно научно откритие“.
11, 12. Кога луѓето ја сфатиле точноста на Јов 26:7?
11 Точната изјава на Библијата претходела на Аристотеловата за повеќе од 1.100 години. Сепак, гледиштата на Аристотел продолжиле да се учат како факти во текот на скоро 2.000 години по неговата смрт! Конечно, во 1687 н. е., сер Исак Њутн ги објавил своите откритија според кои Земјата се одржува во вселената, во однос на другите небесни тела, преку взаемна привлечност, односно гравитација. Но тоа било приближно 3.200 години откако Библијата, со прекрасна едноставност, изјавила дека Земјата е обесена „на ништо“.
12 Да, пред скоро 3.500 години, Библијата точно забележала дека Земјата нема видлива потпора — факт кој е во согласност со поновите откриени закони за гравитација и движење. „Прашањето како Јов ја знаел вистината“, забележал еден научник, „не може лесно да го одговорат оние кои ја негираат вдахновеноста на Светото писмо“.
13. Како, пред многу векови, луѓето го замислувале обликот на Земјата, но што го променило нивното мислење?
13 Обликот на Земјата. Encyclopedia Americana вели: „Најраната позната претстава што ја имале луѓето за Земјата била таа дека Земјата претставува рамна, цврста плоча во центарот на универзумот. . . . Идејата за тркалезна Земја не бил нашироко прифатен сѐ до ренесансата“. Некои рани морепловци дури се плашеле дека ќе допловат до работ на плоснатата Земја. Но потоа, со воведувањето на компасот и на други напредни средства, биле овозможени подолги океански патувања. Тие „истражувачки патувања“, објаснува една друга енциклопедија, „покажале дека Земјата е тркалезна, а не рамна, како што верувале повеќето луѓе“.
14. Како Библијата го опишала обликот на Земјата, и кога го сторила тоа?
14 Сепак, долго време пред тие патувања, пред околу 2.700 години, Библијата рекла: „Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата“ (Исаија 40:22). Хебрејскиот збор кој е овде преведен со „круг“ може исто така да значи „сфера“, како што покажуваат различни научни дела. Затоа, други преводи на Библијата велат: „Земјина топка“ (Douay Version) и „тркалезна Земја“ (Moffatt).
15. Зошто Библијата не била под влијание на ненаучните гледишта за Земјата?
15 Според тоа, врз Библијата не влијаеле ненаучните гледишта кои преовладувале во тоа време за тоа што ја држи Земјата и каков облик има. Причината е едноставна: Авторот на Библијата е Авторот на универзумот. Тој ја создал Земјата и затоа треба да знае на што виси таа и каков облик има. Затоа, кога ја инспирирал Библијата, се погрижил да не бидат внесени никакви ненаучни гледишта во неа, без разлика колку тие биле прифатени во тоа време.
16. Како составот на живите организми се согласува со извештајот на Библијата?
16 Составот на живите организми. „Го создаде Господ Бог човекот од прав земен“, известува 1. Мојсеева 2:7, The World Book Encyclopedia вели: „Сите хемиски елементи, од кои се состојат живите организми, се исто така присутни и во неживата материја“. Значи, сите основни хемикалии кои ги сочинуваат живите организми, вклучувајќи го и човекот, се наоѓаат исто така во самата Земја. Тоа е во согласност со библиската изјава која го открива материјалот којшто Бог го употребил за да ги создаде луѓето и сите други живи организми.
17. Која е вистината за настанокот на живите суштества?
17 „Според родот нивни“. Библијата наведува дека Бог ја создал првата човечка двојка и дека од нив потекнуваат сите други луѓе (1. Мојсеева 1:26-28; 3:20). Таа вели дека другите живи организми, како рибите, птиците и цицачите, исто така настанале „според родот нивни“ (1. Мојсеева 1:11, 12, 21, 24, 25). Научниците токму тоа го откриле во природата, имено секој жив организам потекнува од родител од истиот род. Нема исклучоци. Во врска со тоа, физичарот Рејмо забележува: „Животот создава живот; тоа се случува секојпат во секоја клетка. Но, како неживото го создало живото? Тоа е едно од најголемите неодговорени прашања во биологијата, и досега биолозите не можат да понудат ништо повеќе од само случајни претпоставки. Неживата материја некако успеала да се организира да стане жива. . . . Авторот на 1. Мојсеева можеби сепак бил во право“.
Историска точност
18. Што вели еден правник во врска со историската точност на Библијата?
18 Библијата ја содржи најточната древна историја во однос на било која друга книга што постои. Книгата A Lawyer Examines the Bible (Еден правник ја испитува Библијата), на следниов начин ја нагласува нејзината историска точност: „Додека романите, легендите и лажните сведоштва внимателно ги поместуваат настаните во некое далечно место и во некое непознато време, кршејќи го така првото правило што ние правниците го научивме за добра одбрана, имено во ‚изјавата мора да се наведат времето и местото‘, библиските раскажувачи со крајна прецизност ни го даваат датумот и местото на работите за кои раскажуваат“.
19. Како еден извор коментира за историските детали на Библијата?
19 The New Bible Dictionary коментира: „[Писателот на Делата] своето раскажување го поместува во рамките на современата историја; неговите страници се полни со осврти на градски магистрати, гувернери на провинции, цареви на зависни држави и слично, и тие осврти секој пат се покажуваат како точни во поглед на местото и времето за кои станува збор“.
20, 21. Што вели еден библичар за библиската историја?
20 Пишувајќи во The Union Bible Companion, С. Остин Алибоун вели: „Сер Исак Њутн . . . бил истакнат и како критичар на древните списи и со голема грижливост го испитувал Светото писмо. Која била неговата оценка по тоа прашање? ‚Во Новиот Завет наоѓам‘, вели тој, ‚повеќе сигурни белези за автентичноста отколку во било која профана [световна] историја воопшто.‘ Д-р Џонсон вели дека ние имаме повеќе докази за Исус Христос дека умрел на Калварија, како што е наведено во Евангелијата, отколку за Јулиј Цезар дека умрел на Капитол. Навистина ги имаме многу повеќе“.
21 Овој извор додава: „Секој оној кој тврди дека се сомнева во вистинитоста на историјата на Евангелијата, прашај го каква причина има да верува дека Цезар умрел на Капитол, или дека папата Лео III го крунисал царот Карло Велики за цар на Западното Римско царство во 800-тата година? . . . Од каде знаете дека некогаш живеел таков човек каков што бил Чарлс I [од Англија] кому му била отсечена главата, и дека Оливер Кромвел станал владетел на негово место? . . . На сер Исак Њутн му се припишува откривањето на законот за гравитација . . . Им веруваме на сите овие тврдења за овие луѓе сѐ затоа што имаме историски докази за нивната вистинитост. . . . Ако врз основа на таквите докази некои сѐ уште не сакаат да веруваат, се откажуваме од нив како неразумно тврдоглави или безнадежно неуки“.
22. Зошто некои одбиваат да ја прифатат автентичноста на Библијата?
22 Истиот извор потоа заклучува: „Што да кажеме тогаш за оние кои, и покрај обилните докази што постојат денес за автентичноста на Светото писмо, и понатаму тврдат дека не се уверени? . . . Секако, имаме причини да заклучиме дека нешто не е во ред со срцето, а не со главата; дека тие не сакаат да веруваат во она што ја понизува нивната гордост и што ќе ги наведе да водат поинаков живот“.
Внатрешна хармонија и искреност
23, 24. Зошто е толку необична внатрешната хармонија на Библијата?
23 Замисли некоја книга да почне да се пишува во текот на Римското Царство, да продолжи низ средниот век и да се заврши во нашиот XX век, а да ја пишувале многу различни писатели. Каков резултат би очекувал ако писателите се од различни занимања, како: војници, цареви, свештеници, рибари, овчари и лекари? Дали би очекувал книгата да биде хармонична и доследна? ‚Тешко!‘ — можеби ќе речеш. Но, Библијата била напишана токму под такви околности. Сепак, таа е хармонична во својата севкупност, не само во општите поими туку и во најмалите детали.
24 Библијата е збирка од 66 книги, која во период од преку 1.600 години ја пишувале околу 40 различни писатели, почнувајќи во 1513 пр. н. е., а завршувајќи во 98 н. е. Писателите потекнувале од различни општествени слоеви, и повеќето од нив немале никаков контакт со другите писатели. Сепак, книгата што произлегла од тоа следи една централна, доследна тема низ целата Библија, како да е производ на еден ум. И спротивно на верувањето на некои, Библијата не е производ на западната цивилизација, туку ја напишале Ориенталци.
25. Кое тврдење на библиските писатели ја потврдува чесноста и искреноста на Библијата?
25 Додека поголемиот дел од древните писатели известувале само за своите успеси и доблести, библиските писатели отворено ги признавале сопствените грешки, како и неуспесите на нивните цареви и водачи. Во 4. Мојсеева 20:1-13 и 5. Мојсеева 32:50-52 се забележани неуспесите на Мојсеј, а тие книги ги напишал самиот тој. Јона 1:1-3 и 4:1 ги наведува недостатоците на Јона, кој лично ги напишал тие извештаи. Во Матеј 17:18-20; 18:1-6; 20:20-28 и 26:56 се забележани лошите особини што ги покажувале Исусовите ученици. Според тоа, чесноста и искреноста на библиските писатели го поддржува нивното тврдење дека се инспирирани од Бог.
Нејзината најистакната одлика
26, 27. Зошто Библијата е толку точна по научните и по другите прашања?
26 Самата Библија открива зошто е толку точна во научните, историските и во другите работи, и зошто е толку хармонична и чесна. Таа покажува дека Врховното Суштество, семоќниот Бог, Творецот кој го основал универзумот, е Авторот на Библијата. Тој само употребил човечки библиски писатели како свои запишувачи, мотивирајќи ги преку својата моќна активна сила да го запишат она за што биле инспирирани.
27 Во Библијата апостол Павле наведува: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело“. Исто така тој рекол: „Откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку — како што и е — слово Божјо“ (2. Тимотеј 3:16, 17; 1. Солунјаните 2:13).
28. Тогаш, од каде потекнува Библијата?
28 Според тоа, Библијата потекнува од еден единствен Автор — Бог. А со неговата зачудувачка моќ, не му било тешко да се погрижи, дури до наше време, да се зачува целокупноста на она што било напишано. Во врска со тоа, еден водечки авторитет во областа на библиски манускрипти, сер Фредерик Кењон, во 1940 рекол:. „Со тоа е отстранета и последната причина за сомневање дали Писмата дошле до нас онака како што стварно биле составени“.
29. Како може да се илустрира Божјата способност за комуницирање?
29 Луѓето ја имаат способноста да праќаат радио и телевизиски сигнали до Земјата на оддалеченост од илјадници километри во вселената, па дури и од Месечината. Вселенските сонди пратиле назад до Земјата физички информации и фотографии од планети кои се оддалечени стотици милиони километри. Секако дека Творецот на човекот, Творецот на радио-брановите, може да стори барем толку. Всушност, за него било едноставно да ја користи својата семоќна сила за да пренесе зборови и слики до мислите на оние кои ги избрал да ја напишат Библијата.
30. Дали Бог сака луѓето да откријат која е неговата намера со нив?
30 Освен тоа, многу работи во врска со Земјата и животот на неа даваат сведоштво за Божјата заинтересираност за човештвото. Според тоа, разбирливо е што тој сака да им помогне на луѓето да откријат кој е тој и која е неговата намера со нив, изразувајќи ги јасно тие работи во една книга — траен документ.
31. Зошто една писмена инспирирана порака е далеку посупериорна од информациите што се пренесени по устен пат?
31 Размисли за супериорноста на една книга чиј автор е Бог, споредена со информациите предадени од луѓето само по устен пат. Усниот збор не би бил веродостоен, бидејќи луѓето би можеле да ја парафразираат пораката и, со текот на времето, значењето би било искривено. Тие би ја пренеле информацијата по устен пат според нивното сопствено гледиште. Но, помала е веројатноста еден траен, писмен запис инспириран од Бог, да содржи грешки. Исто така, една книга може да биде репродуцирана и преведувана за да можат луѓето од различни јазични групи да ја читаат и да извлечат корист од неа. Затоа, зарем не е разумно што нашиот Творец користел такви средства за пренесување на информации? Навистина, тоа е повеќе од разумно, бидејќи Творецот вели дека го сторил токму тоа.
Исполнети пророштва
32-34. Што има Библијата што ниедна друга книга го нема?
32 Освен тоа, Библијата носи белег на божествена инспирираност на еден истакнат начин: Таа е книга на пророштва кои имале и кои и понатаму имаат непогрешиво исполнување.
33 На пример, уништувањето на древниот Тир, падот на Вавилон, повторното изградување на Ерусалим, како и подемот и падот на царевите на Медо-Персија и Грција, биле проречени во прецизни поединости во Библијата. Пророштвата биле толку прецизни што некои критичари залудно се обидувале да докажат дека биле напишани откако настаните се случиле (Исаија 13:17-19; 44:27-45:1; Језекиил 26:3-6; Даниил 8:1-7, 20-22).
34 Пророштвата што ги дал Исус за уништувањето на Ерусалим во 70 н. е. биле точно исполнети (Лука 19:41-44; 21:20, 21). А пророштвата за „последните денови“, што ги дале Исус и апостол Павле, се исполнуваат во детали токму во наше време (2. Тимотеј 3:1-5, 13; Матеј 24; Марко 13; Лука 21).
35. Зошто библиското пророштво може да потекнува само од Творецот?
35 Ниеден човечки ум, колку и да е интелигентен, не може со толкава прецизност да предвидува идни настани. Тоа го можел само умот на Семоќниот и Семудриот Творец на универзумот, како што читаме во 2. Петрово 1:20, 21: „Ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“.
Таа го дава одговорот
36. Што ни кажува Библијата?
36 Според тоа, на многу начини Библијата дава докази дека е инспирирана Реч на Врховното Суштество. Како таква, ни кажува зошто луѓето се на Земјата, зошто постојат толку многу страдања, каде одиме и како условите ќе се променат на подобро. Таа ни открива дека постои Врховен Бог кој ги создал луѓето и Земјата за одредена цел и таа цел ќе се исполни (Исаија 14:24). Библијата исто така ни открива која е вистинската религија и како можеме да ја пронајдеме. Затоа, таа е единствениот извор на возвишена мудрост која може да ни ја каже вистината за сите важни прашања во животот (Псалм 145:3; Изреки 3:5; Исаија 2:2-4).
37. Што мора да се запрашаме во врска со т. н. христијанство?
37 Иако постојат обилни докази за автентичноста и вистинитоста на Библијата, дали сите кои тврдат дека ја прифаќаат ги следат нејзините учења? На пример, земи ги предвид нациите кои тврдат дека практицираат христијанство, односно т. н. христијанство. Тие многу векови имале пристап кон Библијата. Но, дали нивното размислување и нивните постапки вистински ја одразуваат Божјата возвишена мудрост?
[Слики на страница 11]
Сер Исак Њутн верувал дека Земјата се одржува во вселената, во однос на другите небесни тела, преку гравитација
Сликата за Земјата опкружена со празен простор каква што ја дава Библијата, научниците ја сметаат за извонредна визија за тоа време
[Слика на страница 12]
Некои рани морепловци дури се плашеле дека ќе допловат до работ на плоснатата Земја
[Слика на страница 13]
Постојат повеќе докази за постоењето на Исус Христос отколку за Јулиј Цезар, царот Карло Велики, Оливер Кромвел или папата Лео III
[Слика на страница 15]
Исполнувањето на пророштвата што ги дал Исус за уништувањето на Ерусалим во 70 н. е. е потврдено на Триумфалната порта на императорот Тит во Рим