ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • fy погл. 2 стр. 13-26
  • Подготовка за успешен брак

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Подготовка за успешен брак
  • Тајната на семејната среќа
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ДАЛИ СИ СПРЕМЕН ЗА БРАК?
  • НАЈНАПРЕД ЗАПОЗНАЈ СЕ СЕБЕСИ
  • ШТО ДА БАРАШ КАЈ СОПРУЖНИКОТ
  • ДОЗНАЈ ОДНАПРЕД
  • ЗАДРЖИ ЧЕСНОСТ ВО ДОДВОРУВАЊЕТО
  • ГЛЕДАЈ И НА ВРЕМЕТО ПОСЛЕ СВАДБАТА
  • Бракот — дар од Бог
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • Бракот — дар од Бог
    Зачувај ја Божјата љубов
  • Што е потребно за успешен брак?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • По венчавката
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
Повеќе
Тајната на семејната среќа
fy погл. 2 стр. 13-26

Второ поглавје

Подготовка за успешен брак

1, 2. а) На кој начин Исус ја истакнал важноста на планирањето? б) Особено во која област е неопходно планирање?

ЗА ДА се изгради една зграда, потребна е внимателна подготовка. Пред да се постави темелот, мора да се набави земјиште и да се изготват проекти. Меѓутоа, неопходно е уште нешто. Исус рекол: „Кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување“ (Лука 14:28).

2 Она што важи за изградбата на некоја зграда, важи и за изградбата на еден успешен брак. Многумина велат: „Јас сакам да стапам во брак“. Но, колкумина застануваат за да го пресметаат трошокот? Иако Библијата зборува позитивно за бракот, таа свртува внимание и на предизвиците што доаѓаат со него (Изреки 18:23а; 1. Коринтјаните 7:28). Затоа, оние кои размислуваат за брак, треба да имаат реално гледиште како за благословите така и за трошоците што бракот ги донесува со себе.

3. Зошто Библијата е скапоцена помош за оние кои планираат брак, и на кои три прашања таа ќе ни помогне да одговориме?

3 Библијата може да помогне. Нејзините совети ги инспирирал Основачот на бракот, Јехова Бог (Ефесјаните 3:14, 15; 2. Тимотеј 3:16). Применувајќи ги начелата што се наоѓаат во оваа прастара, но сепак потполно современа книга, ајде да утврдиме 1) Како може некој да одреди дали е спремен за брак? 2) Што треба да се бара кај сопружникот? и 3) На кој начин може да се задржи чесност во додворувањето?

ДАЛИ СИ СПРЕМЕН ЗА БРАК?

4. Кој е еден битен фактор за да се одржи еден успешен брак, и зошто?

4 Изградбата на една зграда може да чини многу, но и нејзиното долгорочно одржување може да биде скапо. Слично е и со бракот. Дури и самото стапување во брак изгледа прилично голем предизвик; меѓутоа, мора да се мисли и на тоа дека брачната врска треба да се одржува од година в година. Што е неопходно за да се одржи една таква врска? Битен фактор е чувството на обврска со сето срце. Еве како Библијата ја опишува брачната врска: „Ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Исус Христос ја дал единствената библиска основа за развод со можност за повторно стапување во брак — „блуд“, то ест недозволени сексуални односи надвор од бракот (Матеј 19:9, НС). Ако размислуваш за брак, имај ги на ум овие библиски начела. Доколку не си спремен за една ваква сериозна обврска, тогаш ти не си спремен за брак (5. Мојсеева 23:21; Проповедник 5:3, 4).

5. Иако многумина се плашат од сериозната обврска, зошто оние кои имаат намера да стапат во брак треба многу да ја ценат?

5 Многумина се заплашени кога ќе помислат на една сериозна обврска. „Помислата дека двајцата сме соединети до крајот на животот, ме тераше да се чувствувам како да сум турнат во некој ќош, затворен и опкружен од сите страни“, признал еден млад човек. Но ако навистина го сакаш оној со кој имаш намера да стапиш во брак, обврската нема да ти изгледа како некој товар. Наместо тоа, на неа ќе гледаш како на извор на сигурност. Чувството на обврска што доаѓа со бракот ќе предизвика брачната двојка да сака да остане заедно во добри и во лоши времиња и да се поддржуваат еден со друг, па што и да се случи. Христијанскиот апостол Павле напишал дека вистинската љубов „сѐ извинува“ и „сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:4, 7). „Поради брачната обврска се чувствувам посигурна“, вели една жена. „Ми се допаѓа тоа пријатно чувство што си признавме еден на друг и пред целиот свет дека имаме намера да останеме заедно“ (Проповедник 4:9—12).

6. Зошто е најдобро да не се избрзува со брак на млади години?

6 За да се живее според една таква обврска, потребна е зрелост. Затоа, според Павловиот совет христијаните ќе направат подобро ако не стапат во брак сѐ додека не го ‚поминат цутот на младоста‘ — период кога сексуалните чувства се најсилни и можат да искриват нечии просудувања (1. Коринтјаните 7:36, НС). Младите луѓе секавично се менуваат додека растат. Многумина од оние кои стапуваат во брак додека се сѐ уште млади, откриваат дека после само неколку години нивните потреби и желби, како и потребите и желбите на нивниот сопружник, се промениле. Статистиките покажуваат дека кај тинејџерите кои стапуваат во брак постои поголема веројатност да бидат несреќни и да бараат развод отколку кај оние кои чекаат малку подолго. Затоа, не брзај да стапиш во брак. Оние неколку години што ќе ги поминеш како млад, полнолетен самец, можат да ти дадат скапоцено искуство кое ќе те направи позрел и поспремен за улогата на добар сопружник. Тоа што ќе почекаш со бракот, ќе ти помогне подобро да се запознаеш себеси — што е неопходно за да развиеш успешна врска во својот брак.

НАЈНАПРЕД ЗАПОЗНАЈ СЕ СЕБЕСИ

7. Зошто оние кои планираат да стапат во брак треба најнапред да се преиспитаат себеси?

7 Сметаш ли дека лесно можеш да ги наброиш особините што сакаш да ги има твојот сопружник? Повеќето мислат така. Меѓутоа, што е со твоите особини? Кои особини што ги имаш ти ќе ти помогнат да придонесеш за еден успешен брак? Каков сопруг или сопруга ќе бидеш? На пример, дали отворено ги признаваш своите грешки и прифаќаш совет, или секогаш се браниш кога некој те исправа? Дали обично си весел и оптимистичен, или покажуваш склоност да бидеш нерасположен и често да негодуваш? (Изреки 8:33; 15:15). Запомни, бракот нема да ја измени твојата личност. Ако како самец си горд, пречувствителен или претерано песимистичен, тогаш ти ќе бидеш таков и кога ќе стапиш во брак. Бидејќи е тешко да се видиме себеси онака како што нѐ гледаат другите, зошто да не запрашаме еден од родителите или некој доверлив пријател да ни даде искрени забелешки и сугестии? Ако откриеш дека би можел да направиш некои промени, работи на нив пред да преземеш чекор да стапиш во брак.

8-10. Кој совет што го дава Библијата ќе му помогне на поединецот да се подготви за брак?

8 Библијата нѐ охрабрува да дозволиме Божјиот свет дух да дејствува врз нас и да создаде особини како што се „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“. Исто така, таа ни вели ‚да бидеме обновени во силата која го покренува нашиот ум‘ и ‚да ја облечеме новата личност која е создадена според Божјата волја во вистинска праведност и лојалност‘ (Галатјаните 5:22, 23; Ефесјаните 4:23, 24, НС). Ако го применуваш овој совет додека си сѐ уште самец, тогаш тоа ќе биде исто како да вложуваш пари во банка — нешто што ќе биде многу корисно во иднина, кога ќе стапиш во брак.

9 На пример, ако си жена, научи да обрнуваш поголемо внимание на „тајната личност на срцето“ (НС) отколку на физичкиот изглед (1. Петрово 3:3, 4). Скромноста и разумноста ќе ти помогнат да стекнеш мудрост, која е вистинска „круна на убавината“ (Изреки 4:9, НС; 31:10, 30; 1. Тимотеј 2:9, 10). Ако си маж, научи да се однесуваш кон жените љубезно и со почитување (1. Тимотеј 5:1, 2). Додека учиш да донесуваш одлуки и да сносиш одговорности, научи исто така да бидеш скромен и понизен. Ставот на господарење ќе доведе до неволји во бракот (Изреки 29:23; Михеј 6:8; Ефесјаните 5:28, 29).

10 Иако не е лесно да се промени мислењето во врска со овие работи, тоа е нешто на што треба да работат сите христијани. Исто така, тоа ќе ти помогне да бидеш подобар брачен партнер.

ШТО ДА БАРАШ КАЈ СОПРУЖНИКОТ

11, 12. Како можат двајца луѓе да откријат дали си одговараат?

11 Дали во твоето место е обичај секој сам да го избира својот брачен другар? Ако е така, тогаш како треба да постапиш доколку те привлекува некој од спротивниот пол? Најнапред запрашај се: ‚Дали навистина мојата намера е да склопам брак?‘ Сурово е да се игра со чувствата на другиот и кај него да се предизвикаат лажни надежи (Изреки 13:12). Потоа прашај се: ‚Дали сум во состојба да стапам во брак?‘ Ако одговорот на обете прашања е позитивен, чекорите што ќе ги преземеш понатаму ќе зависат од локалниот обичај. Во некои земји можеби е обичај да ѝ пристапиш на некоја личност откако ќе ја набљудуваш извесно време и да изразиш желба да се запознаете подобро. Ако добиеш негативен одговор, не станувај одбивен со својата упорност. Запомни, и другиот има право да донесе одлука во врска со тоа. Меѓутоа, ако одговорот е позитивен, можете да се договорите заедно да поминувате време во здрави активности. Тоа ќе ти даде можност да видиш дали ќе биде мудро да стапиш во брак со таа личност.a Што треба да испиташ сега?

12 За да добиеш одговор на тоа прашање, замисли си два музички инструмента, можеби клавир и гитара. Ако се исправно наштимувани, секој од нив може да создаде прекрасна соло музика. Но, што се случува ако на овие два инструмента се свири истовремено? Во тој случај ќе мора да бидат наштимувани еден со друг. Слично е со тебе и со твојот иден сопружник. Секој од вас можеби напорно работел за да ги „наштимува“ особините на својата личност како поединец. Но, сега се наметнува прашањето: Дали сте меѓусебно наштимувани? Со други зборови, дали си одговарате?

13. Зошто не е воопшто мудро да му се додворуваш на некој кој не ја дели твојата вера?

13 Важно е обајцата да имате исти верувања и начела. Апостол Павле напишал: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14; 1. Коринтјаните 7:39). Сосема е веројатно дека ќе има голем несклад во бракот што ќе го склопиш со некој кој не ја дели твојата вера во Бог. Од друга страна, пак, взаемната оддаденост кон Јехова Бог е најцврстиот темел за обединетост. Јехова сака да бидеш среќен и да се радуваш на колку што е можно поблиска врска со личноста со која ќе склопиш брак. Тој сака да бидете приврзани кон Него и еден кон друг, и тоа со трикратната врска на љубовта (Проповедник 4:12).

14, 15. Дали поседувањето иста вера е единствениот аспект на единство во бракот? Објасни.

14 Иако заедничкото обожавање на Бог е најважниот аспект на единството, сепак е потребно и нешто друго. За да бидете меѓусебно усогласени, ти и твојот иден сопружник треба да имате слични цели. Кои се вашите цели? На пример, што мислите обајцата за тоа да имате деца? Кои работи се на прво место во вашиот живот?b (Матеј 6:33). Во еден навистина успешен брак, сопружниците се добри пријатели и уживаат во меѓусебното друштво (Изреки 17:17). За таа цел потребно е да имаат заеднички интереси. Ако тоа не е случај, тешко е да се одржи и едно блиско пријателство — а камоли брак. Па сепак, ако твојот иден партнер ужива во некоја посебна активност, како што е пешачењето, а ти не уживаш во тоа, дали ова ќе значи дека вие не треба да стапите во брак? Не мора да значи. Можеби имате други, поважни заеднички интереси. Освен тоа, ти можеш да бидеш извор на среќа за твојот иден партнер ако му се придружиш во здравите активности само заради тоа што тој ужива во нив (Дела 20:35).

15 Навистина, усогласеноста во голема мерка зависи од тоа колку сте прилагодливи, а не колку сте идентични. Наместо да се прашате: „Дали се сложуваме во сѐ?“ подобро би било да си ги поставите прашањата: „Што се случува кога не се сложуваме? Можеме ли смирено да разговараме за ситуацијата, укажувајќи си меѓусебно почитување и достоинство? Дали дискусиите честопати преминуваат во жолчни расправии?“ (Ефесјаните 4:29, 31). Ако сакаш да стапиш во брак, биди претпазлив со секој оној кој е горд и своеглав и никогаш не е спремен на заедничко решение или, пак, оној кој постојано бара нешто и кове планови за да биде сѐ по негово или по нејзино.

ДОЗНАЈ ОДНАПРЕД

16, 17. Што треба да испита еден маж или една жена кога размислува за идниот брачен другар?

16 Во христијанското собрание, оние на кои им се доверени одговорности треба „најнапред да бидат испитани“ (1. Тимотеј 3:10). И ти можеш да го примениш ова начело. На пример, една жена би можела да се запраша: „На каков глас е овој човек? Кои се негови пријатели? Дали покажува самоконтрола? Како се однесува кон постарите? Од какво семејство потекнува? Каков е неговиот однос со нив? Каков е неговиот став кон парите? Дали се оддава на алкохолни пијалаци? Дали е темпераментен, па дури и насилен? Какви одговорности има во собранието и како се грижи за нив? Можам ли да имам длабоко почитување кон него?“ (3. Мојсеева 19:32; Изреки 22:29; 31:23; Ефесјаните 5:3—5, 33; 1. Тимотеј 5:8; 6:10; Тит 2:6, 7).

17 Еден маж би можел да се запраша: „Дали оваа жена покажува љубов и почитување кон Бог? Дали е способна да се грижи за домот? Што ќе очекува од нас нејзиното семејство? Дали е мудра, трудољубива и штедлива? За што разговара? Дали е искрено заинтересирана за доброто на другите или е себична и се меша во туѓи работи? Дали е доверлива? Спремна ли е да се подложи на поглаварството или е тврдоглава, а можеби дури и бунтовна?“ (Изреки 31:10—31; Лука 6:45; Ефесјаните 5:22, 23; 1. Тимотеј 5:13; 1. Петрово 4:15).

18. Ако во периодот на додворување се откријат некои помали слабости, што треба да се има на ум?

18 Не заборавај дека имаш работа со еден несовршен потомок на Адам, а не со некаков идеализиран херој или хероиња од некој љубовен роман. Секој си има недостатоци и ќе мора да се премине преку некои од нив — како преку твоите така и преку недостатоците на твојот иден партнер (Римјаните 3:23; Јаков 3:2). Освен тоа, слабоста што си ја согледал може да претставува можност да созрееш. На пример, замисли си дека во периодот на вашето додворување дошло до препирка. Имај на ум дека повремено доаѓа до несогласици дури и кај луѓето кои се сакаат и се почитуваат. (Спореди 1. Мојсеева 30:2; Дела 15:39.) Дали можеби вие треба едноставно малку повеќе ‚да владеете со својот дух‘ и да научите посмирено да ги решавате работите? (Изреки 25:28). Дали твојот иден сопружник покажува желба да се подобри? Дали е тоа случај со тебе? Можеш ли да научиш да не бидеш толку чувствителен и лесно навредлив? (Проповедник 7:9). Ако научиш да ги решаваш проблемите, ќе можеш да изградиш пат на искрена комуникација која е неопходна доколку вие двајцата еден ден стапите во брак (Колосјаните 3:13).

19. Како би било мудро да се постапи доколку во периодот на додворувањето се појават сериозни проблеми?

19 Меѓутоа, што ако забележиш некои работи кои длабоко те вознемируваат? Таквите сомненија треба внимателно да бидат разгледани. Без оглед на тоа колку романтично се чувствуваш или колку си нестрплив да стапиш во брак, не затворај ги очите пред сериозните недостатоци (Изреки 22:3; Проповедник 2:14). Ако одржуваш врска со некого за кого имаш сериозни приговори, ќе биде мудро да ја прекинеш врската со него и да не стапиш во трајна обврска кон таа личност.

ЗАДРЖИ ЧЕСНОСТ ВО ДОДВОРУВАЊЕТО

20. Како може една двојка која е во период на додворување да одржи беспрекорност во моралното однесување?

20 На кој начин можеш да задржиш чесност во додворувањето? Како прво, увери се дали твоето морално однесување е беспрекорно. Дали во твоето место се смета дека е пристојно невенчаните двојки да се држат за рака, да се бакнуваат или да се прегрнуваат? Дури и ако на таквите изрази на наклоност не се гледа со неодобрување, тие треба да се дозволат само тогаш кога врската дошла до тој степен кога дефинитивно се планира брак. Бидете внимателни ваквото покажување наклоност да не премине во нечисто однесување, па дури и во блуд (Ефесјаните 4:18, 19; спореди Песна над песните 1:1; 2:6; 8:5, 9, 10). Бидејќи срцето е измамливо, обајцата би постапиле мудро кога би избегнувале да бидете сами во куќа, во стан, во паркиран автомобил или на кое и да е друго место што би создало прилика за неисправно однесување (Јеремија 17:9). Ако задржите морална чистота во додворувањето, ќе дадете јасен доказ дека имате самоконтрола и дека несебичниот интерес за доброто на другиот го ставате пред своите сопствени желби. Што е најважно, чистото додворување ќе му биде угодно на Јехова Бог, кој им заповеда на своите слуги да се воздржуваат од нечистота и од блуд (Галатјаните 5:19—21).

21. Каква искрена комуникација можеби ќе биде потребна за да се задржи чесност во додворувањето?

21 Второ, во чесното додворување е вклучена и искрената комуникација. Додека вашето додворување оди кон брак, за некои работи ќе треба да дискутирате отворено. Каде ќе живеете? Дали двајцата ќе имате световно вработување? Сакате ли да имате деца? Исто така, сосема е фер да откриеш некои работи, можеби од минатото, кои би можеле да влијаат врз бракот. Во нив може да спаѓаат некои поголеми долгови или обврски или, пак, нешто во врска со здравјето, како што е некоја сериозна болест што ја имаш или твојата општа здравствена состојба. Со оглед на тоа што кај многумина од оние кои се инфицирани од ХИВ (вирус што предизвикува СИДА) симптомите не се јавуваат веднаш, не би било неисправно ако еден поединец или неговите грижливи родители бараат од оној кој во минатото бил вмешан во сексуален промискуитет или интравенозно употребувал дрога, да направи СИДА-тест на крвта. Ако тестот е позитивен, инфицираниот не треба да врши притисок врз планираниот партнер да ја продолжи врската доколку тој сака да ја прекине. Всушност, секој оној кој водел ризичен начин на живот, би постапил исправно кога доброволно би се подложил на СИДА-тест на крвта уште пред да започне со додворување.

ГЛЕДАЈ И НА ВРЕМЕТО ПОСЛЕ СВАДБАТА

22, 23. а) Како може да се изгуби урамнотеженоста кога се прават подготовки за свадба? б) Кое урамнотежено гледиште треба да се задржи кога се размислува за свадбата и за бракот?

22 Во последните месеци пред венчавката, веројатно двајцата ќе бидете презафатени со подготовки околу свадбата. Ако бидете умерени, ќе можете прилично да ја ублажите напнатоста. Со една луксузна свадба може да им се угоди на роднините и на средината, но после тоа нововенчаните и нивните семејства може да бидат физички исцрпени и финансиски истрошени. Разумно е до одредена мера да се следат локалните обичаи, но ропското, па можеби и натпреварувачко придржување кон нив, би можело да го засени значењето на таа прилика и да ви ја одземе радоста што би требало да ја чувствувате. Иако треба да се земат предвид и мислењата на другите, младоженецот има првенствена одговорност да одлучи како ќе се одвива свадбената свеченост (Јован 2:9).

23 Запомни дека твојата свадба трае само еден ден, а твојот брак — цел живот. Избегнувај премногу да се сосредоточуваш на чинот на стапување во брак. Наместо тоа, барај водство од Јехова Бог и однапред планирај за животот кога ќе бидеш во брак. Тогаш ќе имаш една добра подготовка за успешен брак.

[Фусноти]

a Ова важи за оние земји во кои се смета дека состанувањето е пригодно за христијаните.

b Дури и во христијанското собрание може да има некои кои, така да се каже, живеат на работ. Наместо да бидат целосно оддадени слуги на Бог, врз нив можеби влијаат ставовите и однесувањето на светот (Јован 17:16; Јаков 4:4).

КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА Ѝ ПОМОГНАТ . . . НА ЕДНА ЛИЧНОСТ ДА СЕ ПОДГОТВИ ЗА УСПЕШЕН БРАК?

Сопругот и сопругата треба да чувствуваат обврска еден кон друг (1. Мојсеева 2:24).

Внатрешната личност е поважна од надворешниот изглед (1. Петрово 3:3, 4).

„Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14).

Луѓето кои се нечисти во морален поглед, отуѓени се од Бог (Ефесјаните 4:18, 19).

[Рамка на страница 17]

ОБИЧАИТЕ И БИБЛИЈАТА

Цена за невестата и мираз: Во некои земји се очекува семејството на младоженецот да му даде пари на семејството на невестата (цена за невестата). Во други земји, семејството на невестата му дава пари на семејството на младоженецот (мираз). Сѐ додека овие обичаи се законски, можеби нема ништо лошо во нив (Римјаните 13:1). Меѓутоа, и во едниот и во другиот случај, семејството кое прима треба да избегнува лакомо да бара повеќе пари или стока отколку што е разумно (Изреки 20:21; 1. Коринтјаните 6:10). Освен тоа, плаќањето цена за невестата не треба никогаш да се протолкува како жената едноставно да е купен посед ниту, пак, сопругот треба да смета дека неговата единствена одговорност кон сопругата и кон нејзините роднини е само во финансиски поглед.

Полигамија: Во некои култури на мажите им е дозволено да имаат повеќе од една жена. Во една таква средина, мажот би можел да стане господар наместо сопруг и татко. Освен тоа, полигамниот брак честопати поттикнува на соперништво меѓу жените. Единствено нешто што Библијата допушта за христијаните е или самештво или моногамија (1. Коринтјаните 7:2).

Пробен брак: Многу двојки тврдат дека заедничкиот живот пред бракот ќе им помогне да испитаат дали си одговараат. Па сепак, со пробниот брак не се испитува еден од најбитните елементи на бракот — чувството на обврска. Ниедно друго уредување освен бракот не им дава еднаков степен на заштита и сигурност на двете страни — вклучувајќи ги и децата кои би можеле да произлезат од една таква врска. Да се живее заедно со меѓусебна согласност без благословите на бракот, во очите на Јехова Бог претставува блуд (1. Коринтјаните 6:18; Евреите 13:4).

[Слики на страница 19]

Додека си сѐ уште самец, развивај особини, навики и способности кои ќе ти користат во бракот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели