Сигурна надеж
„Уште од моментот на раѓањето, присутна е постојаната можност човечкото суштество да умре секој момент; а оваа можност неизбежно ќе стане готов факт“ (АРНОЛД ТОЈНБИ, БРИТАНСКИ ИСТОРИЧАР).
1. Со која реалност морало да се помири човештвото, и кои прашања ги покренува тоа?
КОЈ може да се препира со горенаведената историска очевидна вистина? Човештвото отсекогаш морало да се помири со ужасната реалност на смртта. А какво само чувство на беспомошност доживуваме кога ќе умре некој што го љубиме! Тогаш загубата изгледа тотално неповратна. Дали е можно да бидеме повторно обединети со нашите љубени кои умреле? Каква надеж нуди Библијата за умрените? Разгледај го следниов извештај.
‚Нашиот пријател умре‘
2-5. а) Кога умрел неговиот пријател Лазар, како Исус ја покажал својата спремност и способност да го воскресне? б) Освен што го вратило Лазара во живот, што постигнало чудото со воскресението?
2 Било 32 година н. е. Во гратчето Витанија, на три километри од Ерусалим, живеел Лазар со своите сестри Марта и Марија. Тие биле блиски пријатели со Исус. Еден ден, Лазар тешко се разболел. Неговите загрижени сестри брзо ја испратиле оваа вест до Исус, кој бил отаде реката Јордан. Исус имал наклоност кон Лазар и кон неговите сестри, па затоа по некое време тргнал за Витанија. Патем, на своите ученици Исус им рекол: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам“. Поради тоа што учениците не го сфатиле веднаш значењето на оваа изјава, Исус јасно рекол: „Лазар умре“ (Јован 11:1—15).
3 Штом чула дека Исус доаѓа во Витанија, Марта истрчала за да го пресретне. Трогнат од нејзината тага, Исус ја уверил: „Твојот брат ќе воскресне“. Марта одговорила: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“. Исус потоа ѝ кажал: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:20—25).
4 Потоа Исус отишол кај гробницата и заповедал да го тргнат каменот што го затворал нејзиниот влез. Откако гласно се помолил, наредил: „Лазаре, излези надвор!“ И додека очите на сите биле вперени во гробницата, Лазар навистина излегол. Исус го воскреснал Лазар — обновувајќи го животот на еден човек кој бил мртов веќе четири дена! (Јован 11:38—44).
5 Марта веќе имала вера во ветувањето за воскресение (Јован 5:28, 29; 11:23, 24). Чудото на Лазаровото враќање во живот послужило за одново да се зајакне нејзината вера и за да всади вера во другите (Јован 11:45). Но, што точно се мисли со терминот „воскресение“?
„Ќе воскресне“
6. Што значи терминот „воскресение“?
6 Зборот „воскресение“ е преведен од грчкиот збор ана́стасис, кој дословно значи „повторно станување“. Хебрејските преведувачи од грчки, ана́стасис го превеле со хебрејските зборови техија́т хамети́м, што значи „оживување на умрените“.a Според тоа, воскресението вклучува подигање на лицето од безживотната состојба на смрт — реактивирање на животниот образец на поединецот.
7. Зошто воскресението на поединци нема да претставува проблем за Јехова Бог и за Исус Христос?
7 Поради тоа што е бесконечен во мудроста и совршен во сеќавањето, Јехова Бог може лесно да воскресне едно лице. Сеќавањето на животниот образец на умрените — нивните обележја на личноста, нивната лична историја и сите детали од нивниот идентитет — за него не е проблем (Јов 12:13; спореди со Исаија 40:26). Јехова е и Основач на животот. Затоа, тој може без тешкотии да го врати во живот истото лице, давајќи му ја истата личност во новооформено тело. Освен тоа, како што покажува искуството на Лазар, Исус Христос е и спремен и способен да ги воскресне умрените. (Спореди Лука 7:11—17; 8:40—56.)
8, 9. а) Зошто воскресението и идејата за бесмртност на душата се неспоиви? б) Кој е лекот за смртта?
8 Меѓутоа, библиското учење за воскресението не е споиво со доктрината за бесмртност на душата. Ако една бесмртна душа ја преживува смртта, никој не би требало да биде воскреснат, односно вратен во живот. Всушност, Марта не изразила никаква мисла околу тоа дека една бесмртна душа живее и понатаму на друго место после смртта. Таа не верувала дека Лазар веќе бил заминат во некое духовно подрачје за да го продолжи своето постоење. Напротив, таа ја покажала својата вера во Божјето ветување дека ќе ги сврти последиците од смртта. Таа рекла: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11:23, 24). На сличен начин, ни самиот Лазар не раскажал некакво искуство за некој задгробен живот. Немало што да се известува.
9 Јасно, според Библијата, душата умира, а лекот за смртта е воскресението. Но, откако првиот човек, Адам, одел по Земјата, милијарди луѓе умреле. Тогаш, кој ќе воскресне, и каде?
‚Сите во спомен-гробовите‘
10. Какво ветување дал Исус во врска со оние во спомен-гробовите?
10 Исус Христос рекол: „Иде часот кога сите, кои што се во [спомен-, NW] гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Да, Исус Христос ветил дека сите оние кои се во Јеховиното сеќавање, ќе воскреснат. Милијарди луѓе живееле и умреле. Кој меѓу нив е во Божјето сеќавање, чекајќи го воскресението?
11. Кој ќе воскресне?
11 Ќе воскреснат оние кои се стремеле по праведен пат како Јеховини слуги. Но, милиони други луѓе умреле без да покажат дали би се повинувале на Божјите праведни мерила. Или биле во незнаење за Јеховините барања или, пак, немале доволно време за да ги направат потребните промени. И тие се во Божјето сеќавање, па затоа ќе воскреснат, зашто Библијата ветува: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).
12. а) Каква визија добил апостол Јован во врска со воскресението? б) Што е ‚фрлено во огненото езеро‘, и што значи тој израз?
12 Апостол Јован имал една возбудлива визија за воскреснатите како стојат пред Божјиот престол. Опишувајќи ја, тој напишал: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот [Хадесот, NW] ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот [Хадесот, NW] беа фрлени во огнено езеро. Тоа е втората смрт“ (Откровение 20:12—14). Помисли само што значи ова! Сите мртви кои се во Божјето сеќавање ќе бидат ослободени од хадесот, односно шеолот, општиот гроб на човештвото (Псалм 16:10; Дела 2:31, обата NW). Тогаш ‚смртта и хадесот‘ ќе бидат фрлени во она што е наречено „огнено езеро“, кое симболизира потполно уништување. Општиот гроб на човештвото ќе престане да постои.
Каде ќе воскреснат?
13. Зошто Бог подготвил некои да воскреснат на небо, и какво тело ќе им даде Јехова?
13 Еден мал број мажи и жени ќе воскреснат во живот на небо. Тие ќе владеат со Христа како цареви и свештеници и ќе учествуваат во отстранувањето на сите последици од смртта што човештвото ги наследило од првиот човек, Адам (Римјаните 5:12; Откровение 5:9, 10, NW). Според Библијата, тие бројат само 144.000 и се избрани меѓу следбениците на Христос, почнувајќи од верните апостоли (Лука 22:28—30; Јован 14:2, 3; Откровение 7:4; 14:1, 3). На секој еден од овие воскреснати Јехова ќе им даде духовно тело за да можат да живеат на небо (1. Коринтјаните 15:35, 38, 42—45; 1. Петрово 3:18).
14, 15. а) Во каков живот ќе воскресне огромното мнозинство од оние кои умреле? б) Какви благослови ќе доживее послушното човештво?
14 Меѓутоа, огромното мнозинство од оние кои умреле, ќе воскреснат во живот на Земјата (Псалм 36:29; Матеј 6:10). Каква Земја? Земјата денес е исполнета со судири, крвопролевање, загадување и насилство. Доколу умрените би се вратиле во живот на една таква Земја, сигурно дека секоја среќа би била краткотрајна. Но, Создателот ветил дека наскоро ќе му стави крај на сегашново светско општество кое е под контрола на Сатана (Изреки 2:21, 22; Даниил 2:44). Праведното ново човечко општество — „нова земја“ — тогаш ќе биде реалност (2. Петрово 3:13). Во тоа време, „ниеден од жителите нема да каже: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Дури и болката од смртта ќе биде отстранета, бидејќи „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ниту плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
15 Во Божјиот ветен нов свет, кротките „ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11). Небесната влада на Христос Исус и на неговите 144.000 придружници прогресивно ќе го врати послушното човештво до совршенството што го изгубиле нашите прародители, Адам и Ева. Меѓу жителите на Земјата ќе спаѓаат и воскреснатите (Лука 23:42, 43).
16-18. Каква радост ќе им донесе воскресението на семејствата?
16 Библијата ни дава бегол поглед во радоста што воскресението ќе им ја донесе на семејствата. Замисли си ја среќата што ја почувствувала вдовицата од Наин кога Исус ја запрел погребната поворка и го воскреснал нејзиниот син единец! (Лука 7:11—17). Подоцна, близу Галилејското Море, кога Исус вратил во живот една 12-годишна девојка, нејзините родители ‚биле вон себе од голема восхитеност‘ (Марко 5:21—24, 35—42, NW; види и 3. Царства 17:17—24; 4. Царства 4:32—37).
17 За милиони кои сега се заспани во смрт, воскресението ќе значи живот во еден мирољубив нов свет. Само помисли на возбудливите изгледи што ги отвора ова за Томи и за бизнисменот, споменати во воведниот дел од брошурава! Кога Томи ќе се разбуди во живот во рајот на Земјата, тој ќе биде истиот Томи како што го знаела мајка му — но без болести. Таа ќе биде во можност да го допре, да го држи во своите раце и да го љуби. На сличен начин, наместо да биде фатен во стапицата на некој скоро бескраен циклус од повторни раѓања, бизнисменот од Индија го има прекрасниот изглед да ги отвори своите очи во Божјиот нов свет и да ги здогледа своите синови.
18 Познавањето на вистината во врска со душата, за тоа што ни се случува кога ќе умреме и за надежта во врска со воскресението, може да има длабок учинок и врз оние кои се живи сега. Да видиме како.
[Фуснота]
a Иако во Хебрејските списи не се појавува зборот „воскресение“, надежта во воскресение јасно е изразена во Јов 14:13, Даниил 12:13 (NW) и Осија 13:14.
[Слика на страница 26]
Воскресението ќе донесе трајна радост