Прво поглавје
Книгата Даниел и ти
1, 2. а) Кои се некои од необичните ситуации изнесени во библиската книга Даниел? б) Кои прашања се поставуваат во нашево време во врска со книгата Даниел?
ЕДЕН моќен цар се заканува да ги погуби своите мудреци затоа што не можат да му го откријат и протолкуваат неговиот загадочен сон. Тројца младичи кои одбиваат да обожаваат еден многу висок лик се фрлени во една силно вжарена печка, но сепак остануваат живи. Среде една празнична прослава, стотици луѓе здогледуваат рака која пишува мистериозни зборови на еден од ѕидовите на палатата. Злобни заговорници предизвикуваат еден постар човек да биде фрлен во лавовска јама, но тој излегува без гребнатинка. Еден Божји пророк во визија гледа четири ѕверови, а нивното значење се протега со милениуми во иднината.
2 Тоа се само некои од извештаите кои се наоѓаат во библиската книга Даниел. Дали заслужуваат сериозно разгледување? Каква врска би можела да има оваа прастара книга со нашево време? Зошто да бидеме заинтересирани за настани кои се случиле пред 2.600 години?
ДАНИЕЛ — ДРЕВНА КНИГА ЗА ДЕНЕШНИНАТА
3, 4. Зошто многу луѓе оправдано се загрижени за иднината на човештвото?
3 Голем дел од книгата Даниел се сосредоточува на темата за светското владетелство, тема која денес е од главен интерес. Речиси секој ќе се сложи дека живееме во тешко време. Новинските извештаи секојдневно нѐ бомбардираат со мрачни потсетници дека човечкото општество тоне во едно мочуриште на збунувачки проблеми — и тоа покрај значајните достигнувања на науката и технологијата.
4 Размисли за ова: Човекот шетал на месечината, но на многу места не може без страв да шета по улиците на сопствената планета. Може да го опреми домот со секакви современи удобности, но не може да го запре бранот на распаднати семејства. И може да придонесе за ерата на информации, но не може да ги поучи луѓето да живеат заедно во мир. Хју Томас, професор по историја, еднаш напишал: „Ширењето на знаењето и образованието малку го научило човештвото за патот на самосовладување, а уште помалку за уметноста на живеење со другите луѓе“.
5. Што најчесто е резултат на човечкото владетелство?
5 Во обид да воспостават извесна мера ред во општеството, луѓето се организирале под најразлични влади. Но, за сите нив без исклучок важела вистинитоста на забелешката на цар Соломон: „Човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 4:1; 8:9). Секако, некои владетели имале благородни идеали. Сепак, ниеден цар, претседател или диктатор не може да ги искорени болестите и смртта. Ниеден човек не може да ја обнови нашата Земја во Рај, како што наумил Бог.
6. Зошто на Јехова не му е потребна соработка од човечките влади за да ја оствари својата волја?
6 Сепак, Творецот е и спремен и способен да ги направи тие работи. Нему не му е потребна дозвола од човечките влади за да ја оствари својата намера, зашто за него „народите се како капка од ведро, и се сметаат како прашинка на терезија“ (Исаија 40:15). Да, Јехова е Суверен Владетел на универзумот. Како таков, Тој има авторитет кој е далеку над човечките влади. Божјето Царство е тоа што ќе ги замени сите човечки владетелства, за вечен благослов на човештвото. Ова можеби на ниедно друго место не е појасно отколку во библиската книга Даниел.
ДАНИЕЛ — МНОГУ САКАН ОД БОГ
7. Кој бил Даниел, и како Јехова гледал на него?
7 Јехова Бог имал голема наклоност кон Даниел кој многу години служел како негов пророк. Всушност, Божјиот ангел го опишал Даниел како „многу пожелен“ (Даниел 9:23, NW). Оригиналниот хебрејски термин преведен со „многу пожелен“ може да значи „многу сакан“, „високо почитуван“, па дури и „љубимец“. Даниел бил посебно скапоцен во Божји очи.
8. Како Даниел се нашол во Вавилон?
8 Да ги разгледаме накратко единствените околности во кои се наоѓал овој сакан пророк. Во 618 пр.н.е. вавилонскиот цар Навуходоносор го опседнал Ерусалим (Даниел 1:1). Кратко потоа, некои добро образовани еврејски младинци биле присилно одведени во изгнанство во Вавилон. Меѓу нив бил и Даниел. Во тоа време веројатно бил во тинејџерски години.
9. Каква обука им била дадена на Даниел и на неговите еврејски другари?
9 Даниел и неговите другари Ананиј, Мисаил и Азариј биле меѓу оние Евреи кои биле избрани да добијат тригодишна обука за „халдејските книги и јазик“ (Даниел 1:3, 4). Некои изучувачи забележуваат дека ова веројатно било повеќе отколку само курс по јазик. На пример, професор К. Ф. Кил вели: „Даниел и неговите другари требало да бидат школувани во мудроста на халдејските свештеници и учени луѓе, а за тоа се поучувало во школите на Вавилон“. Значи, Даниел и неговите другари биле посебно обучени за државна служба.
10, 11. Со какви предизвици се соочиле Даниел и неговите другари, и каква помош им дал Јехова?
10 Каква само драстична промена на околностите било тоа за Даниел и за неговите придружници! Во Јуда живееле меѓу Јеховини обожаватели. Сега биле опкружени со луѓе кои обожавале митолошки богови и божици. Сепак, младите Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј не биле заплашени. Биле одлучни — и покрај оваа ситуација која претставувала предизвик за нивната вера — да се држат цврсто за вистинското обожавање.
11 Ова не би било лесно. Цар Навуходоносор бил ревносен поклоник на Мардук, главното божество на Вавилон. Барањата на царот понекогаш биле сосема неприфатливи за еден Јеховин обожавател. (На пример, види Даниел 3:1—7.) Сепак, Даниел и неговите другари го имале Јеховиното сигурно водство. За време на трите години обука, Бог ги благословил со „знаење и разбирање на секаква книга и мудрост“. Освен тоа, на Даниел му била дадена способност да го разбира значењето на визиите и соновите. Подоцна, кога царот ги испитал овие четворица младичи, увидел дека се ‚десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имало во целото негово царство‘ (Даниел 1:17, 20).
ОБЈАВУВАЊЕ НА БОЖЈИТЕ ПОРАКИ
12. Каква посебна задача имал Даниел?
12 Низ многуте години поминати во Вавилон, Даниел служел како Божји гласник на луѓе како што биле цар Навуходоносор и цар Валтазар. Задачата на Даниел била пресудна. Јехова дозволил Навуходоносор да го уништи Ерусалим, користејќи го како Свој инструмент. Со текот на времето, и Вавилон требало да биде уништен. Навистина, книгата Даниел го велича Јехова Бог како Севишен и како Владетел во „човечкото царство“ (Даниел 4:14).
13, 14. Што се случило со Даниел после падот на Вавилон?
13 Даниел продолжил со службата на дворот околу седум децении, сѐ до падот на Вавилон. Доживеал да види како многу Евреи се вратиле во својата татковина во 537 пр.н.е., иако Библијата не кажува дека тој бил меѓу нив. Бил многу активен барем до третата година од владеењето на цар Кир, основачот на Персиската Империја. До тоа време, Даниел сигурно имал околу 100 години!
14 После падот на Вавилон, Даниел ги запишал најзначајните настани од својот живот. Неговиот документ сега е значаен дел од Светото писмо и е познат како книгата Даниел. Но, зошто треба да обрнеме внимание на оваа древна книга?
ДВЕ НИШКИ, ЕДНА ПОРАКА
15. а) Кои две нишки ги содржи библиската книга Даниел? б) Како може да ни користи раскажувачкиот дел на Даниел?
15 Уникатната книга Даниел содржи две многу различни нишки — едната е раскажувачка, а другата пророчка. Обата аспекта на книгата Даниел можат да ја изградат нашата вера. Како? Раскажувачките делови — едни од најживите во Библијата — ни покажуваат дека Јехова Бог ќе ги благослови оние кои го чуваат својот интегритет кон него и дека ќе се грижи за нив. Даниел и тројцата негови другари останале цврсти и покрај испитите кои им го загрозувале животот. Денес, сите кои сакаат да му останат лојални на Јехова ќе бидат зајакнати ако одблизу го разгледаат нивниот пример.
16. Каква поука извлекуваме од пророчките делови на Даниел?
16 Пророчките делови на Даниел изградуваат вера со тоа што покажуваат дека Јехова го знае текот на историјата со векови — па дури и со милениуми — однапред. На пример, Даниел дава детали во врска со подемот и падот на светските сили од времето на древниот Вавилон па сѐ до „последното време“ (Даниел 12:4). Даниел го насочува нашето внимание кон Царството на Бог во рацете на Неговиот наименуван Цар и придружните ‚светии‘, укажувајќи на него како на влада која ќе остане засекогаш. Оваа влада во целост ќе ја оствари Јеховината намера во врска со Земјата и ќе донесе благослов за сите оние кои сакаат да му служат на Бог (Даниел 2:44; 7:13, 14, 22).
17, 18. а) На кој начин ќе биде зајакната нашата вера со поблиското испитување на книгата Даниел? б) На која работа треба да се осврнеме пред да почнеме да ја проучуваме оваа пророчка библиска книга?
17 Ние сме благодарни што Јехова не го чува само за себе знаењето за идните настани. Напротив, тој е оној „Кој открива тајни“ (Даниел 2:28). Додека го разгледуваме исполнувањето на пророштвата запишани во книгата Даниел, нашата вера во Божјите ветувања ќе биде зајакната. Ќе станеме уште посигурни дека Бог ќе ја оствари својата намера во точното време и токму на начинот кој самиот го избрал.
18 Сите кои библиската книга Даниел ја проучуваат со приемчиво срце ќе се здобијат со поголема вера. Меѓутоа, пред да започнеме со темелно испитување на оваа книга, треба да ги разгледаме доказите за тоа дали оваа книга е навистина автентична. Некои критичари ја напаѓаат книгата Даниел велејќи дека нејзините пророштва всушност се напишани после нивното исполнување. Дали тврдењата на скептиците се оправдани? Следното поглавје ќе се осврне на тоа.
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Зошто Даниел е книга за денешнината?
• Како дошло до тоа Даниел и неговите другари да стапат во вавилонска државна служба?
• Каква посебна задача имал Даниел во Вавилон?
• Зошто треба да обрнеме внимание на пророштвото на Даниел?
[Слика на целата страница 4]
[Слика на целата страница 11]