Лекција 4
Како можеш да учиш за Бог
Можеш да учиш за Јехова читајќи ја Библијата. Многу одамна, Бог избрал извесни луѓе за тие да ги запишат неговите мисли. Тие записи се наречени Библија. Денес учиме за Бог читајќи ја Библијата. Поради тоа што Библијата ја содржи Јеховината реч, или порака, таа исто така е наречена Божја реч. Можеме да веруваме во она што го вели Библијата бидејќи Јехова никогаш не лаже. ‚Не е можно Бог да излаже‘ (Евреите 6:18). Божјата реч ја содржи вистината (Јован 17:17).
Библијата е еден од Божјите најскапоцени дарови за нас. Таа е како писмо од еден татко полн со љубов до неговите деца. Ни кажува за Божјето ветување дека ќе ја претвори Земјата во едно прекрасно место за живот — рај. Ни кажува што направил тој во минатото, што прави сега и што ќе прави во иднината за своите верни деца. Исто така, таа ни помага да си ги решиме проблемите и да најдеме среќа (2. Тимотеј 3:16, 17).
Јеховините сведоци му се пријатели на Бог; тие ќе ти помогнат да го разбереш она што го поучува Библијата. Само кажи им дека сакаш да ја проучуваш Библијата. Тие не бараат пари за тоа (Матеј 10:8). Освен тоа, можеш да присуствуваш на христијанските состаноци. Тие се одржуваат на места за обожавање наречени Сали на Царството. Ако присуствуваш на христијанските состаноци, брзо ќе растеш во своето спознание за Бог.
Можеш да учиш за Бог од работите што тој ги направил. На пример, Библијата вели: „Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Кога Јехова го создал „небото“ го направил Сонцето. Сега, што ни кажува тоа за Бог? Ни кажува дека Јехова има голема моќ. Само тој може да направи нешто толку моќно како Сонцето. Исто така ни кажува дека Јехова е мудар, бидејќи е потребна мудрост за да се направи Сонцето кое ни дава топлина и светлина, и кое никогаш не прегорува.
Јеховиното творештво ни покажува дека тој нѐ сака. Помисли само на сите различни видови овошје што постојат на Земјата. Јехова можел да ни обезбеди само еден вид овошје — или воопшто да не ни обезбеди овошје. Наместо тоа, Јехова ни дал многу видови овошје со голема разноликост во обликот, големината, бојата и вкусот. Ова покажува дека Јехова е Бог кој не само што е полн со љубов туку е и многу дарежлив, обѕирен и љубезен (Псалм 103:24).