Проучувањето наградува
ДАЛИ некогаш си гледал како луѓето избираат овошје? Повеќето од нив, за да одредат дали е зрело, ја набљудуваат бојата и големината. Некои го мирисаат овошјето. Други го допираат, па дури и го притискаат. Трети, пак, го мерат, ставајќи во секоја рака по едно парче за да откријат кое е посочно. За што размислуваат овие луѓе? Тие анализираат детали, ги проценуваат разликите, се потсетуваат на она што порано го избрале и го споредуваат она што сега го гледаат со она што веќе го знаат. Ги очекува вкусна награда бидејќи обрнале грижливо внимание.
Се разбира, наградите од проучувањето на Божјата реч се далеку поголеми. Кога таквото проучување зазема важно место во нашиот живот, верата ни станува појака, љубовта се продлабочува, службата ни станува попродуктивна, а одлуките што ги донесуваме сведочат за проникливост и побожна мудрост. Во врска со тие награди, во Пословици 3:15 се вели: „Колку и да се твоите скапоцености, не можат да се споредат со неа“. Дали ти добиваш такви награди? Тоа може да зависи од начинот на кој проучуваш (Кол. 1:9, 10).
Одвој си време за да медитираш
Што е проучување? Тоа е повеќе отколку само површно читање. Се работи за користење на умствените способности во грижливо или подолго разгледување на некој предмет. Тука спаѓа да го проанализираш она што го читаш, да го споредиш со она што веќе го знаеш и да обрнеш внимание на причините што се дадени за наведените изјави. Кога проучуваш, длабоко размислувај за секоја изразена идеја која е можеби нова за тебе. Размисли и за тоа како уште поцелосно лично да го примениш библискиот совет. Како Сведок на Јехова, ќе сакаш да размислуваш и за приликите да го употребиш тој материјал за да им помогнеш на другите. Очигледно, проучувањето вклучува и медитирање.
Внеси се во исправна умствена состојба
За да извлечеш целосна корист од личното проучување, подготви го срцето
Кога се подготвуваш да проучуваш, ти вадиш некои работи како, на пример, Библијата, публикацијата што планираш да ја користиш, молив или пенкало и, можеби, тетратка. Но, дали го подготвуваш и своето срце? Библијата ни кажува дека Езра ,настојувал со [го подготвил, NW] сето свое срце, да проникне во Господовиот Закон, да го извршува и да го поучува Израел во законите и уредбите‘ (Езра 7:10). Што вклучува таквата подготовка на срцето?
Молитвата ни овозможува да му пристапиме на проучувањето на Божјата реч со исправен став. Ние сакаме нашето срце, нашето највнатрешно јас да биде приемливо за поуката што ни ја дава Јехова. Секојпат кога почнуваш со проучување, помоли го Јехова за помошта од неговиот дух (Лука 11:13). Барај да ти помогне да го разбереш значењето на она што ќе го проучуваш, како е тоа поврзано со неговата намера, како може да ти помогне да распознаваш што е добро а што лошо, како да ги примениш неговите начела во својот живот и како тој материјал влијае врз твојот однос со него (Посл. 9:10). Додека проучуваш, ,постојано барај од Бог‘ мудрост (Јак. 1:5). Чесно преиспитај се во светлината на она што го учиш, додека бараш Јеховина помош за да се ослободиш од грешните мисли или од штетните желби. Секогаш „одговарај му на Јехова со благодарење“ за работите што ти ги открива (Псал. 147:7, NW). Ваквиот молитвен пристап кон проучувањето води до присност со Јехова, бидејќи ни овозможува да се одѕвиеме додека тој ни зборува преку својата Реч (Псал. 145:18).
Таквата приемливост го разликува Јеховиниот народ од другите луѓе што проучуваат. Кај оние на кои им недостига побожна оддаденост, тренд е да се сомневаат и да го доведуваат во прашање напишаното. Но, нашиот став не е таков. Ние имаме доверба во Јехова (Посл. 3:5-7). Ако не разбираме нешто, не заклучуваме дрско дека тоа мора да е грешка. Додека трагаме и копаме по одговори, чекаме на Јехова (Мих. 7:7). Исто како Езра, имаме цел да постапуваме и да поучуваме според она што го учиме. Со ваква склоност на срцето имаме добри изгледи да пожнееме богати награди од нашето проучување.
Како се проучува
Наместо едноставно да започнеш со 1. пасус и да продолжиш така до крај, најпрвин одвој време да ја прегледаш целата статија или поглавје од материјалот. Започни на тој начин што ќе ги проанализираш зборовите што го сочинуваат насловот. Тоа е темата на она што ќе го проучуваш. Потоа, грижливо обрни внимание како поднасловите се поврзани со темата. Испитај ги сите слики, табели или рамки за поучување, кои го придружуваат текстот. Запрашај се: ,На темел на овој преглед, што очекувам да научам? Во кој поглед тоа ќе има вредност за мене?‘ Ова ти дава правец во проучувањето.
Запознај се со алатките за истражување што се достапни на твојот јазик
Сега, собери ги фактите. Во студиските статии на Стражарска кула и во некои книги има и отпечатени прашања. Додека го читаш секој пасус, од корист е ако ги означиш одговорите. Дури и ако нема прашања за проучување, сепак можеш да ги означиш важните точки што сакаш да ги запомниш. Ако некоја мисла е нова за тебе, посвети ѝ малку повеќе време за да се осигуриш дека добро ја разбираш. Внимавај на илустрациите или правците на резонирање што ќе ти користат во службата на теренот или би можел да ги вметнеш во некој претстоен говор. Размислувај конкретно за одредени луѓе чија вера би можела да се зајакне ако со нив го споделиш она што го проучуваш. Означи ги точките што сакаш да ги употребиш и, откако ќе завршиш со проучувањето, повтори ги.
Додека го разгледуваш материјалот, побарај ги наведените стихови. Анализирај како секој стих е поврзан со главната поента во пасусот.
Можеби ќе наидеш на точки што не ги разбираш веднаш или би сакал потемелно да ги истражиш. Наместо да дозволиш поради нив да скршнеш од темата, забележи ги за да ги разгледаш подоцна. Честопати точките се разјаснуваат додека продолжуваш со останатиот дел од материјалот. Ако не, можеш да направиш додатно истражување. Какви работи би можел да забележиш за да им обрнеш такво внимание? Можеби тоа е некој цитиран стих што не го разбираш баш јасно. Или, можеби не гледаш веднаш како се применува на предметот за кој се дискутира. Можеби мислиш дека некоја идеја во материјалот ја разбираш, но не баш доволно за да му ја објасниш на друг. Наместо едноставно да поминеш преку тие работи, би било мудро да ги истражиш откако ќе завршиш со она што си почнал да го проучуваш.
Потруди се да ги побараш стиховите
Пишувајќи го своето детално писмо до еврејските христијани, кога дошол до средината, апостол Павле застанал за да каже: „Главното е ова“ (Евр. 8:1). Дали одвреме навреме се потсетуваш на таков начин? Размисли зошто Павле го сторил тоа. Во претходните поглавја од неговото инспирирано писмо, тој веќе покажал дека Христос, како Божји голем Првосвештеник, влегол во самото небо (Евр. 4:14-5:10; 6:20). Сепак, издвојувајќи ја и нагласувајќи ја таа главна точка во почетокот на 8. поглавје, Павле ги подготвил умовите на своите читатели длабоко да размислат како тоа се однесува на нивниот живот. Истакнал дека Христос се појавил пред Божјето лице во нивна корист и го отворил патот за нивното влегување во небесното ,свето место‘ (Евр. 9:24; 10:19-22). Сигурноста на нивната надеж требало да им помогне да ги применат понатамошните совети што ги содржело тоа писмо во врска со верата, истрајноста и христијанското однесување. На сличен начин, кога проучуваме, сосредоточувањето на главните точки ќе ни помогне да го сфатиме развојот на темата и ќе ни ги вреже во умот здравите причини да постапуваме во согласност со неа.
Дали твоето лично проучување ќе те поттикне на акција? Тоа е битно прашање. Кога учиш нешто, запрашај се: ,Како би требало ова да влијае врз мојот став и врз моите цели во животот? Како да ги применам овие информации при решавањето на некој проблем, при донесувањето одлука или при постигнувањето на некоја цел? Како да ги употребам во семејството, во службата на теренот, во собранието?‘ Размислувај за овие прашања во молитва, разгледувајќи во кои реални ситуации можеш да го примениш своето спознание.
Откако ќе завршиш со едно поглавје или со една статија, одвој си време за кратко повторување. Види дали можеш да се присетиш на главните точки и на потпорните аргументи. Овој чекор ќе ти помогне да ги запомниш информациите за да можеш да ги користиш во иднина.
Што да проучуваш
Како Јеховин народ, ние имаме изобилство материјал за проучување. Но, од каде да почнеме? Секој ден, добро е ако ги проучуваме стихот и коментарот од Секојдневно испитување на Писмото. Секоја седмица, присуствуваме на собраниските состаноци, а проучувањето како подготовка за нив ќе ни помогне да извлечеме уште поголема корист. Освен ова, некои мудро вложуваат време во проучување на некоја од нашите христијански публикации отпечатени пред тие да ја запознаат вистината. Други си избираат некој дел од седмичното читање на Библијата и подлабоко ги проучуваат овие стихови.
Што ако околностите не ти дозволуваат внимателно да ги проучиш сите информации што ќе се разгледуваат на седмичните собраниски состаноци? Избегнувај ја замката набрзина да прелеташ преку материјалот колку само да го поминеш или, што е уште полошо, ништо да не проучуваш од него бидејќи не можеш да го поминеш целиот. Наместо тоа, одреди колку можеш да проучуваш и направи го тоа квалитетно. Така прави секоја седмица. Со текот на времето, настојувај да го прошириш тој материјал за да ги опфатиш и другите состаноци.
,Изградувај го своето домаќинство‘
Јехова признава дека семејните поглавари мораат напорно да работат за да ги згрижат своите сакани. „Сврши ја својата работа надвор“, се вели во Пословици 24:27, „и приготви ја својата нива.“ Сепак, не смеат да се превидат ни духовните потреби на семејството. Затоа, стихот продолжува: „Потоа изгради ја и својата куќа [домаќинство, NW]“. Како можат семејните поглавари да го прават тоа? Во Пословици 24:3 (NW) се вели: „Со проникливост [едно домаќинство] ќе се покаже цврсто основано“.
Како може проникливоста да му користи на твоето домаќинство? Проникливост е умствена способност да се види зад она што е очигледно. Би можело да се рече дека делотворната семејна студија започнува со студирање на самото твое семејство. Како напредуваат членовите на семејството во духовен поглед? Слушај внимателно додека разговараш со нив. Постои ли дух на жалење или огорченост? Дали материјалистичките стремежи им се нешто важно? Кога си во служба на теренот со своите деца, дали им е пријатно пред своите врсници да се идентификуваат како Јеховини сведоци? Дали уживаат во вашата програма на семејно читање и проучување на Библијата? Дали навистина го прават Јеховиниот пат свој начин на живот? Внимателното набљудување ќе ти открие што треба ти, како семеен поглавар, да сториш за да втемелиш и изградиш духовни особини во секој член на семејството.
Провери во Стражарска кула и во Разбудете се! кои статии се занимаваат со специфични потреби. Потоа, кажи му однапред на семејството што ќе проучувате, така што сите ќе можат да размислат за информациите. Задржи љубезна атмосфера во текот на студијата. Без да казнуваш или да засрамуваш кој и да било член на семејството, истакни ја вредноста на материјалот што го разгледувате, укажувајќи како тој конкретно се применува на потребите на вашето семејство. Вклучи го секој член. Помогни му на секого да увиди како Јеховината Реч е ,совршена‘, обезбедувајќи го токму со она што му е потребно во животот (Псал. 19:7).
Жнеење награди
Луѓето што набљудуваат, а немаат духовно сфаќање можат да го проучуваат универзумот, светските настани, па дури и себеси, но не успеваат да го сфатат вистинското значење на она што го гледаат. Од друга страна, пак, со помош на Божјиот дух, луѓето што редовно ја проучуваат Божјата реч можат во овие работи да ги препознаат Божјите ракотворби, исполнувањето на библиските пророштва и разоткривањето на Божјата намера за благослов на послушните луѓе (Мар. 13:4-29; Рим. 1:20; Откр. 12:12).
Колку и да е чудесно, ова не треба да нѐ направи горди. Наместо тоа, секојдневното испитување на Божјата реч ни помага да останеме понизни (Втор. 17:18-20). Исто така, тоа нѐ заштитува од „измамничката моќ на гревот“, бидејќи кога Божјата реч е жива во нашите срца, постои помала веројатност привлечноста на гревот да ја надвладее нашата решеност да му се спротивставиме (Евр. 2:1; 3:13; Кол. 3:5-10). Така ќе ,одиме достојно на Јехова, за потполно да му угодиме додека и понатаму донесуваме плод во секое добро дело‘ (Кол. 1:10). Тоа е нашата цел при проучувањето на Божјата реч, а најголемата награда е да го постигнеме тоа.