СТУДИЈА 32
Да се изрази со увереност
КОГА некој зборува со увереност, другите гледаат дека тој цврсто верува во она што го кажува. Таквата увереност била видлива во службата на апостол Павле. На оние што станале верници во Солун, тој им напишал: ,Добрата вест која ја проповедаме не се појави меѓу вас само со зборови туку и со . . . силна увереност‘ (1. Сол. 1:5). Таа увереност се гледала како во начинот на којшто зборувал така и во начинот на којшто живеел. Силната увереност треба да се види и во начинот на кој ги презентираме библиските вистини.
Да се изрази увереност не е исто со тоа да се биде тврдоглав, догматичен или арогантен. Напротив, кога некој што има увереност зборува за работи од Божјата реч, тоа го прави на начин што покажува силна вера (Евр. 11:1).
Прилики да се изрази увереност. Важно е со увереност да зборуваш кога си во службата на теренот. Луѓето честопати го забележуваат начинот на којшто зборуваш исто колку и твојата порака. Тие ќе осетат какви чувства ти навистина имаш за она што го кажуваш. Твојата увереност може да им пренесе, посилно отколку само зборовите, дека со нив имаш да споделиш нешто многу вредно.
Исто така, постои потреба да изразиш увереност и кога ѝ се обраќаш на публика составена од соверници. Апостол Петар го напишал своето прво инспирирано писмо ,за да даде охрабрување и сесрдно сведоштво дека ова е вистинската Божја незаслужена љубезност‘. Притоа, браќата ги поттикнал: „Стојте цврсто“ (1. Петр. 5:12). Кога му пишувал на собранието во Рим, апостол Павле изразил увереност што им користела. Тој напишал: „Уверен сум дека ниту смртта, ниту животот, ниту ангелите, ниту владите, ниту она што е сега, ниту она што ќе дојде, ниту силите, ниту височината, ниту длабочината, ниту кое и да е друго создание не ќе може да нѐ одвои од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 8:38, 39). Исто така, Павле пишувал убедливо и за потребата да им се проповеда на другите, а неговата ревност во таа активност дала јасен доказ дека тој лично бил уверен во нејзината важност (Дела 20:18-21; Рим. 10:9, 13-15). Слична увереност треба да се види и кај христијанските старешини денес додека поучуваат од Божјата реч.
Во периодите на проучување и во други прилики кога дискутираат со своите деца за духовни работи, родителите треба да се изразуваат со увереност. Ова бара родителите во своето срце да негуваат љубов кон Бог и кон неговите патишта. Тогаш можат да им зборуваат на своите деца со срдечна увереност, ,бидејќи устата зборува од изобилието на срцето‘ (Лука 6:45; Втор. 6:5-7). Исто така, таа увереност ќе ги мотивира родителите да дадат пример на ,нелицемерна вера‘ (2. Тим. 1:5).
Особено е важно да се изразуваш со увереност кога твојата вера е оспорувана. Некој соученик, наставник или колега на работа може да изрази изненадување поради тоа што не се придружуваш во извесна прослава. Цврст, добро промислен одговор може да му помогне да го почитува твојот став темелен на Библијата. Што ако некој се обидува да те намами во погрешно однесување — нечесност, злоупотреба на дрога или сексуален неморал? Важно е да ставиш до знаење дека ти дефинитивно нема да учествуваш во тоа и дека никаков обид за убедување нема да те натера да се премислиш. Ова бара да зборуваш со увереност кога ја отфрлаш понудата. Кога се спротивставувал на неморалните додворувања на Петефриевата жена, Јосиф цврсто навел: „Како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога?“ Кога била упорна, тој побегнал од куќата (Бит. 39:9, 12).
Како се покажува увереност. Зборовите што ги користиш можат многу да помогнат за да ја пренесеш својата увереност. Во повеќе прилики, пред да даде некоја важна изјава, Исус велел: „Вистина, вистина ти/ви велам“ (Јован 3:3, 5, 11; 5:19, 24, 25). Увереноста на Павле се одразувала во изразите како што се: „Уверен сум“, „Знам и уверен сум во Господ Исус“ и „Ја кажувам вистината, не лажам“ (Рим. 8:38; 14:14; 1. Тим. 2:7). Во врска со исполнувањето на својата реч, Јехова понекогаш ги инспирирал пророците да дадат силни изјави како што се: „Навистина тој ќе дојде“ (Хаб. 2:3). Кога укажуваш на овие пророштва, би можел да користиш сличен јазик. Ако ја полагаш довербата во Јехова, а не во себе, и ако разговараш со другите на учтив начин, изразите што одразуваат слична увереност ќе дадат доказ дека имаш силна вера.
Увереноста можеш да ја покажеш и со срдечноста и интензитетот на твоето изразување. Изразите на лицето, гестовите и говорот на телото придонесуваат за тоа, иако можат малку да се разликуваат од човек до човек. Дури и ако по природа си срамежлив или милозвучен, кога си целосно убеден дека она што го кажуваш е вистина и дека другите треба да го чујат, твојата увереност ќе биде очигледна.
Се разбира, сите наши изрази на увереност мора да бидат вистински. Ако осетат дека се преправаме наместо да зборуваме од срце, луѓето веројатно ќе заклучат дека на нашата порака ѝ недостига суштина. Затоа, пред сѐ, биди она што си. Зависно од тоа колкава е публиката, можеби ќе треба да зборуваш со поголема јачина на гласот отколку обично и со поголем интензитет. Но, целта треба да ти биде да се изразиш искрено и природно.
Помагала за да се изрази увереност. Со оглед на тоа што увереноста ги вклучува и твоите чувства за материјалот, клучот се состои во добрата подготовка. Не е доволно само да го препишеш материјалот од некоја публикација и потоа да го изрецитираш. Треба јасно да го разбереш и да бидеш во состојба да го изразиш со свои сопствени зборови. Мораш да бидеш целосно уверен дека тоа е вистина и дека она што го кажуваш е од корист за присутните. Ова значи дека, кога ја подготвуваш твојата презентација, ги земаш предвид нивните околности, како и она што веќе го знаат за темата или што можеби го чувствуваат за неа.
На другите им е полесно да осетат дека сме уверени кога нашето изнесување е течно. Затоа, освен што ќе подготвиш добар материјал, напорно работи на своето изнесување. Обрни посебно внимание на оние делови од материјалот што бараат поголема срдечност за да можеш да ги изнесеш без премногу да се потпираш на забелешките. Не заборавај, исто така, да му се молиш на Јехова да ги благослови твоите напори. На тој начин, ,со помош на нашиот Бог ќе собереш смелост‘ да зборуваш на начин што ја одразува твојата увереност во врска со вистинитоста и важноста на твојата порака (1. Сол. 2:2).