Поглавје петнаесет
Слушај совет, прифати дисциплина
1. а) Зошто на сите нам ни треба совет и дисциплина? б) За кое прашање треба да размислиме?
„СИТЕ ние се спрепнуваме многу пати“, вели Библијата во Јаков 3:2. Можеме да се сетиме на многу случаи кога сме потфрлиле да бидеме такви лица какви што Божјата реч нѐ поттикнува да бидеме. Затоа признаваме дека Библијата е во право кога вели: „Слушај совет и прифати дисциплина, за да станеш мудар во твојата иднина“ (Пословици 19:20, NW). Несомнено веќе сме направиле преиначувања во својот живот за да го доведеме во склад со учењата од Библијата. Но, како реагираме кога некој сохристијанин нѐ советува за некоја одредена работа?
2. Што треба да правиме кога добиваме личен совет?
2 Некои реагираат така што се обидуваат да се оправдаат, да ја минимизираат сериозноста на ситуацијата или, пак, вината да ја префрлат на други. Но, подобро е да го сослушаме советот и да го примениме (Евреите 12:11). Се разбира, никој не треба да очекува совршенство од другите ниту, пак, треба постојано да дава совети за ситни работи или работи коишто Библијата ги остава на личен избор. Исто така, можеби оној што дава совет не ги зел предвид сите фактори, па може со почит да му се сврти внимание кон нив. Но, во следнава дискусија, да претпоставиме дека дадениот совет или дисциплина е соодветна, темелена на Библијата. Како треба да реагираме?
Примери за наша опомена
3, 4. а) Што содржи Библијата, а може да ни помогне да развиваме исправно гледиште спрема советот и дисциплината? б) Како реагирал цар Саул на советот, и со каков резултат?
3 Божјата реч содржи вистински искуства на поединци што добиле потребен совет. Понекогаш, советот бил придружен со дисциплина. Еден таков поединец бил царот Саул од Израел. Тој пропуштил да го послуша Јехова во врска со нацијата Амалик. Амаликците им се спротивставувале на Божјите слуги, а Јеховиниот божествен суд бил ниту Амаликците ниту нивниот добиток да не бидат поштедени. Но, цар Саул го поштедил нивниот цар и нивните најдобри животни (1. Самоил 15:1—11).
4 Јехова го испратил пророкот Самоил да го укори Саул. Каква била реакцијата на Саул? Тој аргументирал дека ги победил Амаликците, но едноставно одлучил да го поштеди нивниот цар. Меѓутоа, тоа било спротивно на Јеховината заповед (1. Самоил 15:20). Саул се обидел вината за тоа што го поштедил добитокот да ја префрли на луѓето, велејќи: „Се боев од народот и му попуштив на неговото барање“ (1. Самоил 15:24). Тој изгледал позагрижен за својата гордост, па дури и побарал од Самоил да му оддаде чест пред народот (1. Самоил 15:30). На крајот, Јехова го отфрлил Саул како цар (1. Самоил 16:1).
5. Што му се случило на царот Озиј кога го отфрлил советот?
5 Царот Озиј од Јуда ‚го изневерил Господа, својот Бог, зашто влегол во Господовиот Храм и почнал да принесува темјан‘ (2. Летописи 26:16). Но, само свештениците можеле законски да принесуваат темјан. Кога првосвештеникот се обидел да го запре Озиј, царот реагирал со лутина. Што се случило? Библијата вели: ‚My избувнала лепра на челото . . . зашто Господ го удрил. Царот Озиј останал лепрозен до смртта‘ (2. Летописи 26:19—21).
6. а) Зошто Саул и Озиј одбиле совет? б) Зошто одбивањето совет е сериозен проблем денес?
6 Зошто и на Саул и на Озиј им било тешко да прифатат совет? Основниот проблем бил гордоста, зашто и двајцата имале превисоко мислење за себеси. Мнозина си нанесуваат жалост поради оваа особина. Изгледа мислат дека ако прифатат совет, тоа ќе значи некаков недостаток кај нив или дека ќе му наштети на нивниот углед. Но, гордоста е слабост. Гордоста го поматува размислувањето на лицето, па така тоа е склоно да се спротивставува на помошта што ја дава Јехова преку својата Реч и организацијата. Затоа, Јехова предупредува: „Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето“ (Пословици 16:18; Римјаните 12:3).
Да се прифати совет
7. Кои позитивни лекции можеме да ги научиме од начинот на кој Мојсеј реагирал на советот?
7 Писмото содржи и добри примери на некои што прифатиле совет, и можеме да учиме од нив. Разгледај го примерот на Мојсеј, чиј тест му дал совет за тоа како да се справи со својот тежок товар на работа. Мојсеј го послушал и веднаш го применил советот (Излез 18:13—24). Зошто Мојсеј бил приемчив за совет и покрај големиот авторитет што го имал? Затоа што бил понизен. „Мојсеј беше мошне скромен човек, најскромен [најкроткиот, NW] човек на земјата“ (Броеви 12:3). Колку е важна кроткоста? Софонија 2:3 покажува дека таа значи живот за нас.
8. а) Какви гревови извршил Давид? б) Каква била Давидовата реакција на укорот од Натан? в) Кои биле последиците од Давидовите гревови?
8 Цар Давид извршил прељуба со Витсавеа и се обидел да го прикрие тоа така што средил да биде убиен нејзиниот сопруг, Урија. Јехова го испратил пророкот Натан да го укори Давид. Тој се покајал и веднаш признал: „Згрешив против Јехова“ (2. Самоил 12:13, NW). Иако Бог го прифатил Давидовото покајание, тој требало да си ги сноси последиците од својот престап. Јехова му рекол дека мечот ‚нема да се сврти од неговиот дом‘, дека неговите жени ќе му бидат дадени ‚на неговиот ближен‘ и дека синот кој се родил од неговата прељуба „неминовно ќе умре“ (2. Самоил 12:10, 11, 14).
9. Што не треба да заборавиме ако сме советувани или дисциплинирани?
9 Цар Давид знаел каква е користа од слушањето здрав совет. Во една прилика, тој му заблагодарил на Бог за оној преку кого дошол советот (1. Самоил 25:32—35). Дали ние сме такви? Ако сме, тоа ќе нѐ сочува да не кажеме или направиме многу работи за кои би можеле да се каеме. Но, што ако се најдеме во околности што ќе доведат до тоа да бидеме посоветувани или дури и дисциплинирани? Да не заборавиме дека ова е доказ за Јеховината љубов, чија цел е нашето вечно добро (Пословици 3:11, 12; 4:13).
Да се развиваат скапоцени особини
10. Која особина покажал Исус дека е неопходна за оние што ќе влезат во Царството?
10 За да имаме добар однос со Јехова и со нашите христијански браќа, треба да развиваме извесни особини. Исус истакнал една од нив кога ставил едно дете меѓу неговите ученици и рекол: „Ако не се обратите и не станете како мали деца, никако нема да влезете во небесното царство. Затоа, кој ќе се понизи како ова мало дете, тој е најголем во царството на небесата“ (Матеј 18:3, 4). Исусовите ученици требало да негуваат понизност, бидејќи се расправале меѓу себе кој е најголем (Лука 22:24—27).
11. а) Пред кого треба да бидеме понизни, и зошто? б) Ако сме понизни, како ќе реагираме на советот?
11 Апостол Петар напишал: „Сите вие опашајте се со понизност на умот еден кон друг, бидејќи Бог им се противставува на горделивите, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. Петрово 5:5). Знаеме дека треба да бидеме понизни пред Бог, но овој стих покажува дека треба да бидеме понизни и пред соверниците. Ако сме, нема да се лутиме на исправните предлози што ни ги нудат другите, туку ќе учиме од нив (Пословици 12:15).
12. а) Која важна особина е тесно поврзана со понизноста? б) Зошто треба да водиме сметка за тоа како нашето однесување ќе влијае врз другите?
12 Тесно поврзана со понизноста е грижата за доброто на другите. Апостол Павле напишал: „Никој да не ја бара својата корист, туку користа на другиот . . . Затоа, јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава. Пазете да не бидете причина за спрепнување ни за Евреите, ни за Грците, ни за Божјето собрание“ (1. Коринќаните 10:24—33). Павле не рекол дека мораме да го ставиме настрана сето она што лично повеќе го претпочитаме, туку нѐ поттикнал да не правиме ништо што би можело да охрабри некој друг да го прави она за кое неговата совест му вели дека е погрешно.
13. Кој пример би можел да покаже дали имаме навика да го применуваме библискиот совет?
13 Дали го ставаш доброто на другите луѓе пред она што лично го претпочиташ? Сите ние треба да учиме да го правиме тоа. Постојат многу начини на кои може да се стори тоа. Размисли, на пример, за облекувањето и дотерувањето. Ова се работи во кои е вклучен личниот вкус во рамките на библиските упатства да се биде скромен, уреден и чист. Но, ако дознаеш дека поради потеклото на луѓето во твојата средина, твојот начин на облекување и дотерување ги спречува другите да ја слушаат пораката за Царството, дали би направил преиначувања? Секако, да му се помогне на друго лице да постигне вечен живот е поважно отколку да си угодиме себеси.
14. Зошто е важно да се негува понизност и грижа за другите?
14 Со тоа што бил понизен и покажувал грижа за другите, Исус дал пример, и дури им ги измил и нозете на своите ученици (Јован 13:12—15). За него Божјата реч вели: „Задржете го во себе ваквиот умствен став каков што беше и во Христос Исус кој, иако беше во Божји облик, не размислуваше за грабање, имено дека треба да биде еднаков со Бог. Не, туку се одрече од себеси и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. И повеќе од тоа, кога се најде во облик на човек се понизи и стана послушен сѐ до смрт“ (Филипјаните 2:5—8; Римјаните 15:2, 3).
Не отфрлај ја Јеховината дисциплина
15. а) Какви промени треба да направиме за да бидеме личност која му е допадлива на Бог? б) Преку кои средства Јехова обезбедил совет и дисциплина за сите нас?
15 Поради тоа што сите ние сме грешници, потребни се промени во нашиот став и во однесувањето за да ја одразуваме личноста на нашиот Бог. Треба да ја облечеме „новата личност“ (Колошаните 3:5—14). Советот и дисциплината ни помагаат да ги препознаеме подрачјата на кои се потребни преиначувања и потоа да видиме како да ги направиме. Основниот извор на поуката што ни е потребна е самата Библија (2. Тимотеј 3:16, 17). Библиската литература и состаноците што ги обезбедува Јеховината организација ни помагаат да ја применуваме Божјата реч. Дури и ако советот сме го чуле порано, дали ќе признаеме дека тој ни е потребен и дали ќе се обидеме да се подобриме?
16. Каква помош ни дава Јехова како на поединци?
16 Со грижа полна со љубов, Јехова ни помага во нашите проблеми. На милиони им било помогнато со домашни библиски студии. Родителите ги советуваат и ги дисциплинираат своите деца за да ги заштитат од однесување кое би можело да предизвика болка во срцето (Пословици 6:20—23). Во собранието некои честопати бараат од искусните слуги совет и предлози за да се подобрат во своите напори во активноста на теренот. Понекогаш, старешините може да побараат совет еден од друг или од други кои се искусни во службата. Оние што имаат духовни квалификации, ја користат Библијата за да им дадат поддршка на оние на кои им треба, правејќи го тоа во дух на благост. Ако даваш совет, имај на ум ‚да пазиш на себе и самиот да не бидеш искушан‘ (Галатите 6:1, 2). Да, сите нам ни се потребни совет и дисциплина за обединето да го обожаваме единствениот вистински Бог.
Дискусија за повторување
• Како Јехова со љубов ни помага да видиме каде треба лично да правиме преиначувања?
• Зошто на мнозина им е тешко да го прифатат потребниот совет, и колку сериозно е ова?
• Кои скапоцени особини ќе ни помогнат да бидеме приемчиви за совет, и како Исус дал пример за нив?
[Слика на страница 142]
Озиј го отфрлил советот и бил погоден од лепра
[Слика на страница 142]
Мојсеј извлекол корист од тоа што го прифатил советот од Јотор