Каде оди твојот живот?
• Многу луѓе се толку преокупирани со секојдневните активности што скоро не помислуваат на тоа во која насока им оди животот.
• Библијата ни го свртува вниманието на прекрасните настани што нѐ очекуваат во блиска иднина. Таа исто така не предупредува дека наскоро човечките институции во светот ќе доживеат огромни промени. За свое добро и за да избегнеме несреќа, итно е потребно да направиме некои решителни чекори.
• Постојат луѓе кои знаат што вели Библијата и се обидуваат да ја применат, но им дозволуваат на тегобните грижи на животот да ги одвлечат во друг правец.
• Дали си задоволен од насоката во која се движи твојот живот? Кога планираш да правиш нешто, дали земаш предвид како ќе се одрази тоа на твоите долгорочни цели во животот?
[Рамка/слики на страница 9]
Што ти е најважно?
Како ќе ги оцениш следниве работи? Стави ги под реден број.
Многу од нив си имаат свое место во животот, но кога би морал да избереш, што би дошло на прво место, што на второ, и така натаму.
․․․ Забава/рекреација
․․․ Работата или кариерата
․․․ Здравјето
․․․ Личната среќа
․․․ Сопружникот
․․․ Родителите
․․․ Децата
․․․ Убава куќа, добра облека
․․․ Да бидам најдобар во сѐ што правам
․․․ Обожавањето на Бог
[Рамка на страници 10 и 11]
Дали твоите одлуки те водат таму каде што навистина сакаш да одиш?
РАЗГЛЕДАЈ ГИ СЛЕДНИВЕ ПРАШАЊА
ЗАБАВА/РЕКРЕАЦИЈА: Дали рекреацијата што ја избирам ме освежува? Дали вклучува нешто што е толку возбудливо што може да го загрози моето здравје или дури да ме осакати за цел живот? Дали е тоа „забава“ во која возбудата можеби трае неколку часа, но потоа раѓа болка во срцето што останува засекогаш? Дури и ако забавата што ја избирам е здрава, дали трошам толку многу време за неа што не ми останува време за поважните работи?
РАБОТАТА ИЛИ КАРИЕРАТА: Дали ми служи како средство за издршка или сум всушност нејзин роб? Дали бара од мене толку многу што ми го уништува здравјето? Што би избрал попрво: да останам на работа прекувремено или да бидам со сопружникот или со децата? Ако мојот работодавач бара да работам нешто што ја вознемирува мојата совест или често ги истиснува духовните интереси, дали ќе го направам тоа за да ја задржам работата?
ЗДРАВЈЕТО: Дали го земам здраво за готово или доследно го чувам? Дали зборувам претежно за него? Дали начинот на кој постапувам со здравјето покажува грижа за моето семејство?
ЛИЧНАТА СРЕЌА: Дали таа ми е на прво место? Дали ја ставам пред среќата на мојот сопружник или на семејството? Дали начинот на кој сакам да ја постигнам е во согласност со тоа што сум обожавател на вистинскиот Бог?
СОПРУЖНИКОТ: Дали го гледам сопружникот како другар само кога мене така ми одговара? Дали постапувам со него со почит, како со човек што има право на лично достоинство? Дали тоа што верувам во Бог влијае на начинот на којшто гледам на мојот сопружник?
РОДИТЕЛИТЕ: Ако сум сѐ уште малолетен, дали сум им послушен на родителите така што им одговарам со почит, ги вршам задачите што ќе ми ги дадат, доаѓам дома тогаш кога ќе кажат, избегнувам друштва и активности за кои тие ме предупредуваат? Ако сум полнолетен, дали ги слушам родителите со почит, помагајќи им кога е потребно? Дали постапувам со нив како што ми одговара мене или постапувам според советот од Божјата реч?
ДЕЦАТА: Дали се чувствувам одговорен самиот да ги поучувам за исправните морални вредности или очекувам тоа да го сторат училиштата? Дали поминувам време со моите деца или очекувам играчките, телевизорот или компјутерот да ги занимаваат? Дали доследно ги дисциплинирам децата кога ги занемаруваат Божјите потсетувања, или го правам тоа главно тогаш кога ќе ме изнервираат?
ПРИЈАТЕН ДОМ, УБАВА ОБЛЕКА: Што диктира колку внимание да му посветам на мојот изглед и на она што го поседувам — впечатокот што се надевам дека ќе им го оставам на соседите, благосостојбата на моето семејство или фактот дека сум обожавател на Бог?
ДА БИДАМ НАЈДОБРИОТ ВО СЀ ШТО ПРАВАМ: Дали сметам дека е важно работите да ги правам добро? Дали тежнеам кон тоа да бидам најдобриот? Дали сум вознемирен ако некој друг е подобар во нешто?
ОБОЖАВАЊЕТО НА БОГ: Дали за мене е поважно да го имам одобрувањето од Бог или, пак, одобрувањето од сопружникот, од децата, од родителите или од работодавачот? За да одржам еден удобен животен стил, дали би бил спремен службата за Бог да ја поместам на второ место?
РАЗГЛЕДАЈ ГИ ВНИМАТЕЛНО БИБЛИСКИТЕ СОВЕТИ
Кое место го зазема Бог во твојот живот?
Проповедник 12:13: „Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот“.
ПРАШАЈ СЕ: Дали мојот живот покажува дека така гледам на работите? Дали послушноста кон Божјите заповеди го одредува начинот на кој ги исполнувам одговорностите дома, на работа или на училиште? Дали другите интереси или, пак, притисоците во животот се она што одредува дали ќе одвојам време за Бог?
Каков е твојот однос со Бог?
Пословици 3:5, 6: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“.
Матеј 4:10: „Јехова, твојот Бог, да го обожаваш, и единствено нему да му принесуваш света служба“.
ПРАШАЈ СЕ: Дали го чувствувам тоа за Бог? Дали покажуваат таква доверба и оддаденост моите секојдневни активности, како и начинот на кој се справувам со тешките ситуации?
Колку ти се важни читањето и проучувањето на Библијата?
Јован 17:3: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“.
ПРАШАЈ СЕ: Дали местото на коешто ги ставам читањето на Божјата реч и длабокото размислување за неа покажува дека навистина верувам во тоа?
Колку ти е важно присуството на состаноците на христијанското собрание?
Евреите 10:24, 25: „И да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање . . . и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“.
Псалм 122:1: „Се зарадував кога ми рекоа: ‚Да одиме во Господовиот Дом!‘“
ПРАШАЈ СЕ: Дали мојот начин на живот покажува ценење за ова упатство што се наоѓа во Божјата реч? Во последниов месец, дали прескокнав некој христијански состанок поради тоа што дозволив нешто друго да ми биде поважно?
Дали ревносно им зборуваш на другите за Бог и за неговата намера?
Матеј 24:14: „И оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво . . . и тогаш ќе дојде крајот“.
Матеј 28:19, 20: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации . . . учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“.
Псалм 96:2: „Пејте Му на Господа, благословувајте Го Неговото име! Проповедајте го од ден на ден Неговото спасение“.
ПРАШАЈ СЕ: Дали оваа активност навистина го има местото што го заслужува во мојот живот? Дали со учеството што го имам во неа ја одразувам својата увереност дека се сериозни времињата во кои живееме?