„За да не паднете во искушение“
„Бдејте и молете се непрестајно за да не паднете во искушение“ (МАТЕЈ 26:41).
ТОЛКУ силен притисок не доживеал никогаш порано. Исус Христос, Божјиот Син, бил сѐ поблизу до крајот на својот живот на Земјата. Сфатил дека наскоро ќе биде уапсен, осуден на смрт и прикован на маченички столб. Знаел дека секоја негова одлука и постапка ќе се одрази врз името на неговиот Татко. Исус, исто така, знаел дека од него зависи дали човештвото ќе живее во иднина. Соочен со целиот овој притисок, што направил?
2 Исус отишол со своите ученици во градината Гетсиманија. Таа му била омилено место. Таму, се оддалечил малку од своите ученици. Кога останал сам, му се обратил на својот Татко за сила, излевајќи си го срцето во горлива молитва — не само еднаш, туку трипати. Иако бил совршен, Исус не мислел дека ќе може сам да се соочи со притисокот (Матеј 26:36—44).
3 И ние денес сме под притисок. Претходно во оваа брошура ги разгледавме доказите дека живееме во последните денови на овој зол систем. Искушенијата и притисоците од Сатановиот свет се засилуваат. Одлуките и постапките на секој од нас кој тврди дека му служи на вистинскиот Бог се одразуваат врз Божјето име и во голема мера влијаат врз нашите лични изгледи за живот во неговиот нов свет. Ние го сакаме Јехова. Сакаме да ‚истраеме до крај‘ — до крајот на нашиот живот или до крајот на овој систем, зависи кој ќе дојде попрво (Матеј 24:13). Но, како да го одржиме чувството на итност и да бдееме?
4 Бидејќи знаел дека неговите ученици — и тогаш и денес — исто така ќе бидат под притисок, Исус дал совет: „Бдејте и молете се непрестајно за да не паднете во искушение“ (Матеј 26:41). Што значат овие зборови за нас денес? Со кое искушение се соочуваш ти? И како да ‚бдееш‘?
Искушение да направиш што?
5 Сите ние секојдневно се соочуваме со искушението да влеземе во „замката на Ѓаволот“ (2. Тимотеј 2:26). Библијата нѐ предупредува дека Јеховините обожаватели му се посебна мета на Сатана (1. Петрово 5:8; Откровение 12:12, 17). Зошто? Тој не сака да ни го одземе животот. Сатана не извојувал победа ако умреме верни на Бог. Тој е свесен дека Јехова, во Своето одредено време, преку воскресението ќе го поништи она што го направила смртта (Лука 20:37, 38).
6 Сатана сака да уништи нешто многу подрагоцено од нашиот сегашен живот — нашиот интегритет кон Бог. Очајнички сака да докаже дека може да нѐ одврати од Јехова. Според тоа, ако успее да нѐ наведе на неверност — да престанеме да ја проповедаме добрата вест или да се откажеме од христијанските мерила — тогаш Сатана победил! (Ефешаните 6:11—13). Затоа „Искушувачот“ става пред нас искушенија (Матеј 4:3).
7 Сатановите „измамнички тактики“ се најразновидни (Ефешаните 6:11, Jewish New Testament). Тој може да нѐ искуша со материјализам, со страв, со сомнежи или со тежнеењето по задоволства. Но, една од неговите најделотворни методи е обесхрабрувањето. Како некој што лукаво гледа да ја искористи секоја шанса, тој добро знае дека малодушноста може да нѐ ослаби и да нѐ направи ранливи (Пословици 24:10). Затоа, особено кога сме емоционално ‚сотрени‘, тој нѐ наведува да се откажеме (Псалм 38:8).
8 Додека завлегуваме подлабоко во последните денови, се чини дека причините за обесхрабрување се множат, а ние не сме имуни на нив. (Види ја рамката „Некои фактори што предизвикуваат обесхрабрување“.) Сеедно од која причина, обесхрабрувањето може да ни ја исцеди силата. Да ‚откупиш поволно време‘ за духовните обврски — меѓу кои спаѓаат проучувањето на Библијата, присуството на христијанските состаноци и учеството во службата — може да биде предизвик ако си исцрпен физички, умствено и емоционално (Ефешаните 5:15, 16). Запомни дека Искушувачот сака да се откажеш. Но, сега не е време да забавиме или да го изгубиме чувството на итност во врска со времињата во кои живееме! (Лука 21:34—36). Како да му се спротивставиш на искушението и да продолжиш да бдееш? Разгледај четири предлози што можат да ти помогнат.
„Молете се непрестајно“
9 Потпри се на Јехова преку молитва. Сети се на Исусовиот пример во градината Гетсиманија. Што направил тој кога емоционално бил под голем стрес? Му се обратил за помош на Јехова, молејќи се толку горливо што ‚потта му станала како капки крв што паѓале на земјата‘ (Лука 22:44). Размисли за тоа. Исус добро го познавал Сатана. Тој ги набљудувал од небото сите искушенија што Сатана ги користел во обид да ги фати во замка Божјите слуги. Сепак, не мислел дека ќе може лесно да се справи со сѐ што Искушувачот би можел да му го сервира како искушение. Ако совршениот Божји Син чувствувал потреба да се моли за Божја помош и за сила, тогаш колку повеќе треба да чувствуваме ние! (1. Петрово 2:21).
10 Сети се, исто така, дека, откако ги поттикнал своите ученици да ‚се молат непрестајно‘, Исус рекол: „Духот, секако, е горлив, но телото е слабо“ (Матеј 26:41). На чие тело мислел Исус? Сигурно не на своето; во неговото совршено човечко тело немало никаква слабост (1. Петрово 2:22). Но, со неговите ученици не било така. Поради наследената несовршеност и грешните склоности, ним особено им била потребна помош за да им се спротивстават на искушенијата (Римјаните 7:21—24). Затоа тој ги поттикнал нив — и сите вистински христијани по нив — да се молат за помош кога се соочуваат со искушение (Матеј 6:13). Јехова одговара на таквите молитви (Псалм 65:2). Како? На најмалку два начина.
11 Прво, Бог ни помага да ги препознаеме искушенијата. Искушенијата на Сатана се како замки поставени насекаде по една неосветлена патека. Ако не ги гледаш, може да бидеш фатен во некоја од нив. Преку Библијата и публикациите темелени на неа, Јехова фрла светлина врз замките на Сатана и така ни овозможува да не влеземе во искушение. Низ годините, печатената литература и програмата на конгресите и собирите секогаш одново ни ги предочуваат опасностите како што се: страв од човек, сексуален неморал, материјализам и други сатански искушенија (Пословици 29:25; 1. Коринќаните 10:8—11; 1. Тимотеј 6:9, 10). Зарем не си му благодарен на Јехова што нѐ прави свесни за Сатановите намери? (2. Коринќаните 2:11). Сите такви предупредувања се одговор на твоите молитви за помош да им се спротивставиш на искушенијата.
12 Второ, Јехова одговара на нашите молитви така што ни дава сила да истраеме во искушение. Неговата Реч вели: „Бог . . . нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез“ (1. Коринќаните 10:13). Бог никогаш нема да дозволи искушението да стане толку големо што ќе немаме духовна сила да му се спротивставиме — под услов да продолжиме да се потпираме на него. Како ‚прави излез‘ за нас? Тој ‚им дава свет дух на оние кои го молат‘ (Лука 11:13). Тој дух може да ни помогне да се сетиме на библиски начела кои можат да ја зајакнат нашата решеност да го правиме она што е исправно и да ни помогнат да донесеме мудри одлуки (Јован 14:26; Јаков 1:5, 6). Тој може да ни помогне да ги покажуваме токму оние особини што ни се потребни за да ги победиме грешните склоности (Галатите 5:22, 23). Божјиот дух дури може да ги поттикне сообожавателите да ‚ни станат зајакнувачка помош‘ (Колошаните 4:11). Зарем не си благодарен што Јехова на таков љубезен начин одговара на твоите молитви за помош?
Биди реален во очекувањата
13 За да бдееме, треба да бидеме реални во очекувањата. Поради притисоците во животот, сите ние понекогаш се изморуваме. Но, мораме да запомниме дека Бог никогаш не ветил дека во овој стар систем животот ќе ни биде без проблеми. Дури и во библиски времиња, Божјите слуги се соочиле со неволји, како што се: прогонство, сиромаштија, депресија и болест (Дела 8:1; 2. Коринќаните 8:1, 2; 1. Солуњаните 5:14; 1. Тимотеј 5:23).
14 Денес, и нас не нѐ одминуваат проблемите. Можеби се соочуваме со прогонство, тегобно сме загрижени поради финансиите, се бориме со депресија, се разболуваме и страдаме на други начини. Ако Јехова со чудо нѐ заштитува од секое зло, зарем тоа не би му дало на Сатана основа за да му се подбива на Јехова? (Пословици 27:11). Јехова дозволува неговите слуги да бидат искушани и испитани, во некои случаи дури до таа мера што предвремено умираат од рацете на противниците (Јован 16:2).
15 Тогаш, што ветил Јехова? Како што забележавме претходно, тој ветил дека ќе ни помогне да му се спротивставиме на секое искушение со кое можеби ќе се соочиме, само ако имаме потполна доверба во него (Пословици 3:5, 6). Преку својата Реч, својот дух и својата организација, тој нѐ заштитува духовно, помагајќи ни да го зачуваме својот однос со него. Ако не е нарушен тој однос, дури и ако умреме, сме победиле. Ништо — па дури ни смртта — не може да го спречи Бог да ги награди своите верни слуги (Евреите 11:6). А во новиот свет, кој сега е толку близу, Јехова нема да пропушти да ги исполни сите други прекрасни ветувања дека ќе ги благослови оние што го љубат (Псалм 145:16).
Потсетувај се на спорните прашања
16 За да истраеме до крајот, мораме да се потсетуваме на важните спорни прашања поради кои Бог го допушта злото. Ако проблемите понекогаш ни изгледаат преголеми, па сме искушани да се откажеме, ќе биде добро да се потсетиме дека Сатана ја оспорил законитоста на Јеховиниот суверенитет. Овој измамник исто така ги довел во прашање оддаденоста и интегритетот на обожавателите на Бог (Јов 1:8—11; 2:3, 4). Тие спорни прашања и начинот на кој Јехова избрал да одговори на нив се поважни од кој и да е од нас како поединец. Зошто?
17 Тоа што Бог привремено ги допушта тешкотиите им остава време на другите да ја прифатат вистината. Размисли за следново: Исус страдал за да можеме ние да имаме живот (Јован 3:16). Зарем не сме благодарни за тоа? Но, дали сме спремни да поднесуваме тешкотии малку подолго за да можат и други луѓе да добијат живот? За да истраеме до крајот, мора да признаеме дека Јеховината мудрост е далеку поголема од нашата (Исаија 55:9). Тој ќе му стави крај на злото тогаш кога ќе биде најдоброто време за да се расчистат спорните прашања засекогаш и за наше вечно добро. Всушност, може ли да биде поинаку? Кај Бог нема неправда! (Римјаните 9:14—24).
„Приближете му се на Бог“
18 За да го задржиме чувството на итност, треба да останеме блиски со Јехова. Никогаш не заборавај дека Сатана прави сѐ што е во негова моќ за да го уништи нашиот добар однос со Јехова. Сатана би сакал да нѐ натера да веруваме дека крајот нема никогаш да дојде и дека нема смисла да ја проповедаме добрата вест или да живееме според библиските мерила. Но, тој „е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Ние мораме решително да ‚му се спротивставиме на Ѓаволот‘. Нашиот однос со Јехова е нешто што никогаш не треба да го земеме здраво за готово. Библијата љубезно нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:7, 8). Како да станеш уште поблизок со Јехова?
19 Важно е да медитираш молејќи се често. Кога притисоците во животот изгледаат неподносливи, излеј му го на Јехова своето срце. Колку поконкретно му кажуваш што те мачи толку полесно ќе го видиш одговорот на своите молби. Одговорот можеби нема да биде секогаш токму она што ти си го имал на ум, но ако сакаш да му оддаваш чест нему и да го задржиш интегритетот, тој ќе ти ја обезбеди помошта што ти е потребна за да можеш успешно да истраеш (1. Јованово 5:14). Додека гледаш како те води во животот, ќе ти стане уште поблизок. Читањето и размислувањето за Јеховините особини и патишта, кои се откриени во Библијата, е исто така неопходно. Таквото медитирање ти помага да го запознаеш подобро; тоа го побудува твоето срце и ја продлабочува твојата љубов кон него (Псалм 19:14). А таа љубов, повеќе отколку што и да е друго, ќе ти помогне да му се спротивставиш на искушението и да бдееш (1. Јованово 5:3).
20 За да останеме блиски со Јехова, исто така е важно да останеме блиски со нашите соверници. Ова ќе биде разгледано во последниот дел од оваа брошура.
ПРАШАЊА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ
• Што направил Исус кога бил под крајно голем притисок кратко пред крајот на својот живот на Земјата и на што ги поттикнал учениците? (пас. 1—4)
• Зошто му се Јеховините сведоци мета на Сатана, и на кои начини тој нѐ искушува? (пас. 5—8)
• За да му се спротивставиме на едно искушение, зошто мораме да се молиме непрестајно (пас. 9—12), да бидеме реални во очекувањата (пас. 13—15), да се потсетуваме на спорните прашања (пас. 16 и 17) и ‚да му се приближиме на Бог‘ (пас. 18—20)?
[Рамка на страница 25]
Некои фактори што предизвикуваат обесхрабрување
Здравјето/староста. Ако страдаме од некоја хронична болест или ако напреднатата возраст ни наметнува ограничувања, може да паднеме во депресија поради тоа што не можеме да направиме повеќе во службата за Бог (Евреите 6:10).
Разочарувањето. Може да станеме обесхрабрени ако е мал одѕивот на нашите напори да ја проповедаме Божјата реч (Пословици 13:12).
Чувствата на безвредност. Поради долгогодишно малтретирање, некои можат да станат убедени дека никој не ги сака, па дури ни Јехова (1. Јованово 3:19, 20).
Повредените чувства. Ако е некој длабоко навреден од страна на соверник, тој може да стане толку вознемирен што ќе биде во искушение да престане да оди на христијанските состаноци или да учествува во службата на подрачјето (Лука 17:1).
Прогонството. Оние што имаат поинакви верски убедувања може да ти се противат, да те прогонуваат или да те исмејуваат (2. Тимотеј 3:12; 2. Петрово 3:3, 4).
[Слика на страница 26]
Исус нѐ поттикнал да ‚се молиме непрестајно‘ за помош во борбата со искушенијата