ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • lv погл. 13 стр. 144-159
  • Празници и прослави што Бог не ги сака

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Празници и прослави што Бог не ги сака
  • Зачувај ја Божјата љубов
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • БОЖИЌ — НОВО ИМЕ ЗА ОБОЖАВАЊЕТО НА СОНЦЕТО
  • ШТО КАЖУВА БИБЛИЈАТА ЗА РОДЕНДЕНИТЕ
  • ВЕЛИГДЕН — МАСКА ЗА ОБРЕДИТЕ НА ПЛОДНОСТА
  • ПОТЕКЛОТО НА НОЌТА НА ВЕШТЕРКИТЕ
  • ПРИСТОЈНИ СВАДБИ
  • НАЗДРАВУВАЊЕТО — ВЕРСКИ ОБИЧАЈ?
  • „ВИЕ КОИ ГО САКАТЕ ЈЕХОВА, МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО“
  • СЛАВИ ГО БОГ СО ЗБОРОВИ И СО ДЕЛА
  • Дали Бог ги одобрува сите празници и прослави?
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • Обожавај го Бог на исправен начин
    Што навистина учи Библијата?
  • Предизвикот на религиозната разноликост
    Јеховините сведоци и образованието
  • Дали Бог ги одобрува сите празници и прослави?
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
Повеќе
Зачувај ја Божјата љубов
lv погл. 13 стр. 144-159
Едно дете отвора подарок што го добило од своите родители

ТРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Празници и прослави што Бог не ги сака

„Испитувајте што е прифатливо за Господарот“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:10).

1. Какви луѓе Јехова привлекува кон себе, и зошто тие мораат да внимаваат да го прават она што е прифатливо за него?

„ВИСТИНСКИТЕ поклоници“, рекол Исус, „ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:23). Кога Јехова ќе најде такви луѓе — како што те нашол тебе — тој ги привлекува кон себе и кон својот Син (Јован 6:44). Огромна чест, зарем не? Меѓутоа, оние што ја сакаат вистината од Библијата мораат ‚да испитуваат што е прифатливо за Господарот‘, зашто Сатана е мајстор за измама (Ефешаните 5:10; Откровение 12:9).

2. Објасни како гледа Јехова на оние што сакаат да ја мешаат вистинската религија со лажната.

2 Да разгледаме што се случило во близината на планината Синај, кога Израелците побарале од Арон да им направи бог. Арон попуштил пред нивните барања и направил златно теле кое наводно го претставувало Јехова. „Утре има свеченост во чест на Јехова“, им рекол тој. Дали на Јехова му било сеедно кога видел дека вистинската религија се меша со лажната? Не. Како последица од тоа, околу 3.000 идолопоклоници биле убиени (2. Мојсеева 32:1-6, 10, 28). Што учиме од ова? Ако сакаме да ја зачуваме Божјата љубов, не смееме да ‚допираме ништо нечисто‘ и треба со жар да ја пазиме вистината да не се извалка со што и да било (Исаија 52:11; Езекиел 44:23; Галатите 5:9).

3, 4. Зошто треба да ги земеме предвид библиските начела кога размислуваме за некои општоприфатени обичаи и прослави?

3 За жал, по смртта на апостолите, кои не дозволувале во собранието да навлезе отпад, таканаречените христијани што не ја сакале библиската вистина почнале да ги прифаќаат паганските обичаи, прослави и празници, нарекувајќи ги „христијански“ (2. Солуњаните 2:7, 10). Додека разгледуваме некои такви прослави, забележи дека тие не го одразуваат духот на Бог, туку духот на светот. Општо земено, сите празници имаат нешто заедничко: Наменети се да ги задоволат телесните желби и да шират лажни верувања и спиритизам — главните обележја на „Големиот Вавилон“a (Откровение 18:2-4, 23). Исто така, не заборавај дека Јехова со свои очи ги видел одвратните пагански верски обреди од кои потекнуваат многу денешни обичаи. Без сомнение, таквите прослави му се одвратни и денес. А зарем не треба најважно да ни биде што мисли тој за работите? (2. Јованово 6, 7).

4 Како вистински христијани, знаеме дека има прослави што Јехова не ги сака. Но, длабоко во срцето, мораме да бидеме цврсто решени да немаме ништо со нив. Сега накратко ќе разгледаме зошто Јехова не ги сака тие прослави. Тоа ќе ни помогне уште порешително да избегнуваме сѐ што би можело да ни ја одземе Божјата љубов.

БОЖИЌ — НОВО ИМЕ ЗА ОБОЖАВАЊЕТО НА СОНЦЕТО

5. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус не се родил ниту на 25 декември ниту на 7 јануари?

5 Никаде во Библијата не се спомнува дека некогаш се славел роденденот на Исус. Всушност, дури не се ни знае точниот датум кога е роден. Но, едно е сигурно — не е роден на 25 декември ниту на 7 јануари, кога зимите во тој дел од светот се прилично студени.b Еден факт кој го поткрепува тоа е она што го запишал Лука. Тој напишал дека, кога Исус се родил, ‚овчарите живееле надвор‘ и си ги чувале стадата под ведро небо (Лука 2:8-11). Ако било вообичаено овчарите цела година да ‚живеат надвор‘, зошто Лука воопшто би ја спомнал таа информација? Меѓутоа, бидејќи зимите во Витлеем се проследени со студени дождови и снег, во тоа време од годината стадата се чувале во покриени трла, а овчарите сигурно не би ‚живееле надвор‘. Освен тоа, Јосиф и Марија отишле во Витлеем затоа што цезарот Август наредил да се спроведе попис на населението (Лука 2:1-7). Многу мала е веројатноста дека цезарот би наредил Евреите, кои и онака биле огорчени на римската власт, сред зима да патуваат до местата од каде што им е потеклото.

6, 7. а) Од каде потекнуваат голем број божиќни обичаи? б) Каква разлика може да се види помеѓу давањето подароци меѓу вистинските христијани и давањето подароци за Божиќ?

6 Божиќ не потекнува од Библијата, туку од древните пагански празници, како што бил римскиот празник Сатурналии кој се празнувал во чест на Сатурн, богот на земјоделието. Исто така, според нивното сметање на времето, поклониците на богот Митра го славеле 25 декември како „раѓање на непобедливото сонце“ (New Catholic Encyclopedia). Според истата енциклопедија, „Божиќ потекнува од времето кога во Рим бил особено силен култот на сонцето“, околу три века по смртта на Христос.

Вистинските христијани даваат од љубов

7 За време на тие празници, паганите си давале подароци и се гоштевале — обичаи што и ден-денес се дел од божиќните празнувања. Меѓутоа, како и денес, во голема мера давањето подароци на тие празници не било во духот на зборовите запишани во 2. Коринќаните 9:7: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“. Вистинските христијани даваат подароци од љубов, без да се врзуваат за одредени датуми и без да очекуваат нешто за возврат (Лука 14:12-14; прочитај Дела 20:35). Освен тоа, многу се благодарни што не мора да бидат дел од божиќната треска и што не мора да запаѓаат во долгови во тоа време од годината (Матеј 11:28-30; Јован 8:32).

8. Дали астролозите му донеле роденденски подароци на Исус? Објасни.

8 Можеби некои ќе речат: ‚Па, зарем астролозите не му донеле подароци на Исус кога се родил?‘ Не. Со своите дарови, тие едноставно му оддале чест на Исус како на важна личност, што било обичај во библиски времиња (1. Царевите 10:1, 2, 10, 13; Матеј 2:2, 11). Всушност, тие и не дошле вечерта кога се родил Исус. Кога дошле кај него, тој не бил новороденче ставено во јасли, туку веќе бил детенце и живеел во куќа.

ДАЛИ ДА УЧЕСТВУВАМ ВО ПРОСЛАВАТА?

Една христијанка одбива да го украсува работното место за време на еден празник

Начело: „,Излезете од нивната средина и одвојте се‘ вели Јехова, ‚и повеќе не допирајте ништо што е нечисто,‘ ‚и јас ќе ве примам‘“ (2. Коринќаните 6:17).

Некои прашања за размислување во врска со популарните прослави и обичаи

  • Дали е очигледно дека потекнува од лажните верски обичаи или учења, меѓу кои е и спиритизмот? (Исаија 52:11; 1. Коринќаните 4:6; 2. Коринќаните 6:14-18; Откровение 18:4).

  • Дали со таа прослава или обичај се оддава претерана чест на човек, на некоја организација или на државен симбол? (Еремија 17:5-7; Дела 10:25, 26; 1. Јованово 5:21).

  • Дали се велича некоја нација или етничка група? (Дела 10:34, 35; 17:26).

  • Дали го одразува „духот на светот“, кој дејствува против влијанието на Божјиот свет дух? (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2).

  • Дали со тоа што ќе бидам присутен може да спрепнам некого? (Римјаните 14:21).

  • Ако одлучам да не присуствувам, како можам со почит да им ги објаснам моите причини на другите? (Римјаните 12:1, 2; Колошаните 4:6).

И следниве стихови може да ти бидат од помош во врска со прашањата за популарните празници:

  • „[Неверните Израелци] се мешаа со народите и се научија да постапуваат како нив“ (Псалм 106:35).

  • „Кој е верен во најмалото, верен е и во многу, а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу“ (Лука 16:10).

  • „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19).

  • „Не можете да јадете од ‚трпезата на Јехова‘ и од трпезата на демоните“ (1. Коринќаните 10:21).

  • „Доста е што во минатото ја вршевте волјата на луѓето од светот кога живеевте во бесрамност, во страсти, во пијанство, во разуздани гозби, во натпивања и во недозволени идолопоклонства“ (1. Петрово 4:3).

ШТО КАЖУВА БИБЛИЈАТА ЗА РОДЕНДЕНИТЕ

9. Што се случило на единствените роденденски прослави спомнати во Библијата?

9 Раѓањето на едно дете отсекогаш бил убав и радосен настан, но во Библијата никаде не се спомнува дека некој Божји слуга славел роденден (Псалм 127:3). Дали се работи за пропуст? Не, зашто сепак се спомнати две роденденски прослави — на египетскиот фараон и на Ирод Антипа. (Прочитај 1. Мојсеева 40:20-22; Марко 6:21-29.) Меѓутоа, овие прослави се прикажани како неубави настани — особено роденденот на Ирод, кога му била пресечена главата на Јован Крстител.

10, 11. Како гледале првите христијани на славењето родендени, и зошто?

10 Според една енциклопедија, „првите христијани... сметале дека славењето на нечиј роденден е пагански обичај“ (The World Book Encyclopedia). Античките Грци, на пример, верувале дека секој човек си има дух-заштитник кој бил присутен на неговото раѓање и кој го штител цел живот. Една книга вели: „Тој дух на некој мистичен начин бил поврзан со богот на чиј роденден била родена таа личност“ (The Lore of Birthdays). Исто така, родендените од многу одамна се тесно поврзани со астрологија и хороскопи.

ПРАЗНИЦИТЕ И САТАНИЗМОТ

Интересно е да се забележи дека најважниот ден во религијата наречена сатанизам е роденденот. Зошто? Затоа што сатанистите веруваат дека секој што сака може да се смета себеси за бог. Според тоа, кога некој го слави својот роденден, тоа е како да слави раѓање на некој бог. Се разбира, повеќето луѓе немаат вакво екстремно, егоистично гледиште. Сепак, во една книга се вели: „Другите празници го радуваат срцето, а родендените го истакнуваат сопственото ‚јас‘“ (The Lore of Birthdays).

Следни по важност во календарот на сатанистите се празниците Валпургиска ноќ и Ноќ на вештерките. Според еден лексикон, Валпургиска ноќ е „ноќта меѓу 30 април и 1 мај, кога се состануваат вештерките“ (Голем лексикон на странски зборови и изрази).

11 Освен поради поврзаноста на родендените со паганството и спиритизмот, Божјите слуги во минатото најверојатно не ги славеле и од принцип. Зошто? Па, тоа биле понизни, скромни луѓе кои не сметале дека нивното раѓање било толку важно што треба да се славиc (Михеј 6:8; Лука 9:48). Напротив, тие го славеле Јехова и му благодареле за животот што им го далd (Псалм 8:3, 4; 36:9; Откровение 4:11).

12. Како може смртниот ден да биде подобар од денот на раѓање?

12 Сите оние што ќе умрат верни на Бог остануваат во неговото сеќавање и иднината им е засигурана (Јов 14:14, 15). Во Проповедник 7:1 стои: „Подобро е добро име отколку добро масло, и смртниот ден е подобар од денот на раѓањето“. Нашето „добро име“ е убавиот глас што сме си го стекнале кај Бог со нашата верна служба. Интересно, со единствениот настан кој на христијаните им е заповедано да го прославуваат не се одбележува раѓање, туку смрт — смртта на Исус, чие извонредно „име“ е неопходно за нашето спасение (Евреите 1:3, 4; Лука 22:17-20).

ВЕЛИГДЕН — МАСКА ЗА ОБРЕДИТЕ НА ПЛОДНОСТА

13, 14. Од каде влечат корени денешните велигденски обичаи?

13 Иако се тврди дека Велигден се празнува во чест на Христовото воскресение, овој празник, всушност, влече корени од лажната религија. А како дошло до тоа јајцата и зајаците да станат заштитен знак на Велигден? Јајцата „се симбол за нов живот и воскресение“, стои во една енциклопедија, а зајакот веќе одамна служи како симбол за плодноста (Encyclopædia Britannica). Според тоа, Велигден всушност е обред на плодноста, невешто замаскиран како празник во чест на Христовото воскресение.e

14 Дали Јехова би одобрил со еден ваков одвратен обред на плодноста да се одбележува воскресението на неговиот Син? Тешко е и да се помисли такво нешто! (2. Коринќаните 6:17, 18). Всушност, Библијата ниту заповеда ниту, пак, одобрува да се одбележува воскресението на Исус! Кога тоа се прави под маската на Велигден, се работи за уште поголема неверност.

ПОТЕКЛОТО НА НОЌТА НА ВЕШТЕРКИТЕ

15. Од каде потекнува празникот Ноќ на вештерките, и што е интересно во врска со датумот на кој се слави овој празник?

15 Празникот Ноќ на вештерките, кој се слави на 31 октомври и е познат по вештерки, чудовишта и други страшни украси и декорации, потекнува од древните Келти во Британија и Ирска. Вечерта на полна месечина која се паѓала најблизу до 1 ноември, тие го славеле празникот Сауин, што значи „крај на летото“. Келтите верувале дека таа ноќ паѓа преградата меѓу човечкиот и натприродниот свет и дека духовите — и добрите и лошите — шетаат по Земјата. Мислеле дека душите на умрените се враќаат во своите домови, па затоа семејствата ваделе храна и пијалак за овие духови со надеж дека така ќе им угодат. Во наше време децата, преправени во духови и вештерки, одат од врата на врата и им се закануваат на домаќините дека ќе им направат некоја беља ако не ги почестат со нешто. Со тоа несвесно ги продолжуваат обичаите што се правеле на празникот Сауин.

ПРИСТОЈНИ СВАДБИ

16, 17. а) Зошто христијаните што планираат да се венчаат треба да ги испитаат локалните свадбени обичаи имајќи ги на ум библиските начела? б) Што треба да земат предвид христијаните кога станува збор за обичаи како што е фрлањето ориз или бонбони, конфети и слично?

16 Наскоро „глас од младоженец и невеста повеќе нема да се чуе во [Големиот Вавилон]“ (Откровение 18:23). Зошто? Делумно, поради неговите спиритистички обичаи, кои можат да го обесчестат бракот уште од самиот почеток — од свадбата (Марко 10:6-9).

17 Обичаите се разликуваат од земја до земја. Некои обичаи, кои можеби изгледаат сосем невино, може да потекнуваат од вавилонските обичаи, за кои се верувало дека им носат ‚среќа‘ на младенците и на нивните гости (Исаија 65:11). Еден таков обичај е фрлањето ориз или бонбони, конфети и слично. Можно е овој обичај да потекнува од верувањето дека храната ги смирува злите духови и ги спречува да им напакостат на младоженецот и невестата. Освен тоа, уште од многу одамна се сметало дека оризот има некоја мистична врска со плодноста, среќата и долговечноста. Очигледно, секој што сака да ја зачува Божјата љубов нема да има ништо заедничко со овие валкани обичаи (Прочитај 2. Коринќаните 6:14-18).

18. Кои библиски начела треба да ги имаат на ум и оние што планираат свадба и оние што се поканети на свадбата?

18 Слугите на Јехова не ги прават ни обичаите кои можат да го срушат христијанското достоинство на една свадба или кои можат да ја повредат совеста на другите. На пример, не држат говори полни со сарказам или со вулгарности и избегнуваат коментари и шеги на туѓа сметка со кои би ги засрамиле младенците или другите (Изреки 26:18, 19; Лука 6:31; 10:27). Исто така, не прават раскошни свадби со кои не се покажува скромност, туку ‚се истакнува својот имот‘ (1. Јованово 2:16). Ако планираш свадба, секогаш имај на ум дека Јехова сака тој посебен ден да биде нешто на што ќе се сеќаваш со радост, а не со жалење.f

НАЗДРАВУВАЊЕТО — ВЕРСКИ ОБИЧАЈ?

19, 20. Што вели една книга во врска со потеклото на наздравувањето, и зошто христијаните не наздравуваат?

19 Чест обичај на свадбите и на другите седенки е наздравувањето. Во една книга (International Handbook on Alcohol and Culture од 1995 год.) се вели: „Наздравувањето... најверојатно потекнува од древните жртви налевници, при што на боговите им била принесувана света течност... во замена за исполнување на некоја желба, и тоа било еден вид молитва сумирана во зборовите ‚За многу години!‘ или ‚На здравје!‘“

20 Точно, денес многу луѓе можеби не се свесни дека наздравувањето е верски или суеверен обичај. Сепак, кога се крева чашата кон небото, тоа изгледа како од „небото“ — од некоја натприродна сила — да се бара благослов на начин кој не е во склад со Библијата (Јован 14:6; 16:23).g

„ВИЕ КОИ ГО САКАТЕ ЈЕХОВА, МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО“

21. Иако можеби немаат никаква религиозна заднина, кои популарни прослави треба да ги избегнуваат христијаните, и зошто?

21 Како резултат на сѐ понискиот морал во светот — зад кој директно или индиректно стои Големиот Вавилон — во некои земји секоја година се одржуваат карневали или паради на кои има разуздано танцување и на кои дури се велича животот на хомосексуалците. Дали би било во ред некој што ‚го сака Јехова‘ да гледа или да оди на еден таков настан? Ако го направи тоа, дали ќе покаже дека вистински го мрази злото? (Псалм 1:1, 2; 97:10). Многу подобро е да имаме став како псалмистот, кој се молел: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“! (Псалм 119:37).

22. Во кои случаи христијанинот одлучува на темел на својата совест дали ќе учествува во некоја прослава или не?

22 Тие денови кога има некои празници, христијаните треба да внимаваат како се однесуваат за да не остават впечаток дека и тие го слават празникот. Апостол Павле напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31; види ја рамката „Мудри одлуки“). Од друга страна, ако е јасно дека некој обичај или некоја прослава нема никакви траги од лажната религија, не е дел од некоја политичка или патриотска свеченост и не ги прекршува библиските начела, тогаш секој христијанин треба самиот да одлучи дали ќе учествува во одбележувањето или не. Но, во исто време, треба да ги земе предвид чувствата на другите за да не даде некому повод за спрепнување.

СЛАВИ ГО БОГ СО ЗБОРОВИ И СО ДЕЛА

23, 24. Како можеме да дадеме добро сведоштво за Јеховините праведни мерила?

23 Многу луѓе гледаат на извесни празници пред сѐ како на прилики кога може да се собере целото семејство и пријателите. Затоа, ако некој дојде до погрешен заклучок дека поради нашиот библиски став сме бесчувствителни или дека одиме во крајности, можеме љубезно да му објасниме дека на Јеховините сведоци многу им значи кога семејството и пријателите се собираат заедно (Изреки 11:25; Проповедник 3:12, 13; 2. Коринќаните 9:7). Ние сакаме да се дружиме со нив низ целата година, но од љубов кон Бог и кон неговите праведни мерила не сакаме да ги извалкаме тие убави прилики со обичаи кои го повредуваат. (Види ја рамката „Обожавањето на вистинскиот Бог носи најголема радост“.)

ОБОЖАВАЊЕТО НА ВИСТИНСКИОТ БОГ НОСИ НАЈГОЛЕМА РАДОСТ

Јехова е „среќниот Бог“ и сака и неговите слуги да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11). Ова се гледа од следниве стихови:

  • „Кој има весело срце, на гозба е без престан“ (Изреки 15:15).

  • „Сознав дека за нив нема ништо подобро отколку да се веселат и да прават добро во животот, и секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:12, 13).

  • „Оној што е великодушен поттикнува на великодушни дела и станува за да прави великодушни дела“ (Исаија 32:8).

  • „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас [Исус] ќе ве закрепнам. Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28, 30).

  • „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).

  • „Секој нека [даде] како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Коринќаните 9:7).

  • „Плодовите на духот се: љубов, радост, мир... љубезност, доброта“ (Галатите 5:22).

  • „Плодот на светлината се состои од секаква доброта и праведност и вистина“ (Ефешаните 5:9).

24 Некои Сведоци вешто го користат 16. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?h за да им го објаснат нашиот став на оние што со искрени намери ги распрашуваат во врска со празниците. Но, секогаш да имаме на ум дека нашата цел е да ги заинтересираме луѓето за вистината, а не да им докажуваме дека не се во право. Затоа, да зборуваме со почит и со благост, а „[нашиот] збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол“ (Колошаните 4:6).

25, 26. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ја зајакнат верата и да ја продлабочат љубовта кон Јехова?

25 Како слуги на Јехова, ние сме многу добро информирани. Знаеме зошто веруваме и правиме одредени работи, а зошто не правиме други (Евреите 5:14). Затоа родители, учете ги своите деца да ги сфатат библиските начела. Така ќе им ја зајакнете верата, ќе им помогнете да одговорат на темел на Библијата кога некој ги распрашува за нивните верувања и ќе ги уверите дека Јехова ги сака (Исаија 48:17, 18; 1. Петрово 3:15).

26 Сите што му оддаваат почит на Бог „со дух и со вистина“ не само што не учествуваат во прослави што не се во склад со Библијата, туку и се трудат со сите сили да бидат чесни во сѐ (Јован 4:23). Денес мнозина сметаат дека не е практично да се биде чесен. Но, во следното поглавје ќе видиме дека секогаш е најдобро да се држиме за Божјето гледиште.

a Види ја рамката „Дали да учествувам во прославата?“. Некои конкретни празници и прослави се наведени во Индексот на публикации на Јеховините сведоци, издаден од Јеховините сведоци.

b Според библиската хронологија и световната историја, Исус најверојатно се родил во 2 год. пр.н.е. во еврејскиот месец етаним, кој според нашиот календар одговара на септември/октомври. (Види во книгата Увид во Светото писмо, том 2, страници 56-57 [англ.], издадена од Јеховините сведоци.)

c Види ја рамката „Празниците и сатанизмот“.

d Според сојузот на Законот, кога една жена ќе се породела, требало да му принесе на Бог жртва за грев (3. Мојсеева 12:1-8). Како горко потсетување дека луѓето им пренесуваат грев на своите деца, ова барање од Законот им помагало на Израелците да гледаат разумно на раѓањето на едно дете и можеби ги спречувало да прифатат некои пагански роденденски обичаи (Псалм 51:5).

e Англиското име за Велигден (Истер) се поврзува со Естра, или Остра, англосаксонска божица на зората и пролетта. Таа била и божица на плодноста. Според едно дело, „таа имала зајак... кој сакал јајца, а понекогаш била прикажувана со глава на зајак“ (The Dictionary of Mythology).

f Разгледај ги трите статии во врска со свадбите и другите собири во Стражарска кула од 15 октомври 2006, страници 18-31.

g Види во Стражарска кула од 15 февруари 2007, страници 30-31.

h Издадена од Јеховините сведоци.

МУДРИ ОДЛУКИ

Понекогаш може да дојде до ситуации во кои ќе бидеме испитани колку го сакаме Јехова и колку ги разбираме библиските начела. На пример, кога една христијанка има маж што не ги дели нејзините верувања, тој можеби ќе сака таа да оди на ручек или вечера заедно со него кај роднините за некој празник.i Некои христијанки можеби со мирна совест ќе отидат на ручекот, но други не би отишле. Ако една христијанка реши да оди, со своето однесување треба јасно да даде на знаење дека не го прославува празникот и дека дошла само на ручек со роднините.

Мудро е однапред и со почит да зборува со својот маж за да му објасни дека самиот тој може да се најде во непријатна ситуација кога роднините ќе прават некои адети и обичаи во кои таа, како Сведок, нема да учествува. Во тој случај, маж ѝ можеби ќе реши да одат кај роднините некој друг ден (1. Петрово 3:15).

Но што ако, откако ќе ги чуе нејзините причини, сепак инсистира таа да оди со него на прославата? Па, можеби жената ќе заклучи дека, како поглавар, маж ѝ има одговорност да се грижи да има храна за семејството (Колошаните 3:18). Во тој случај, храната ќе биде во домот на неговите роднини. Таму можеби ќе има прилика и да даде убаво сведоштво. Храната не е валкана само затоа што се јаде на некој празник (1. Коринќаните 8:8). Можеби христијанката ќе гледа на тој настан само како на обичен оброк и нема да се придружи во никакви честитања, песни, здравици и слично.

Но, мора да земе предвид уште еден фактор — како ќе влијае врз другите ако отиде на тој настан. Една христијанка треба да има на ум дека, кога другите ќе разберат дека била тој ден на ручек кај роднините, може да се спрепнат (1. Коринќаните 8:9; 10:23, 24).

Освен тоа, треба да размисли дали семејството можеби ќе врши притисок врз неа да направи нешто што не е во склад со Библијата. Стравот да не се посрамоти може да ја стави под силен притисок! Затоа е важно однапред добро да размисли, земајќи ги предвид сите овие фактори, а секако и својата христијанска совест (Дела 24:16).

Дали да прифатам новогодишен бонус?

За време на новогодишните и божиќните празници, работодавецот може да понуди подароци или новогодишен бонус. Дали еден христијанин треба да одбие? Не мора да значи. На работодавецот можеби нема ни на крај памет да му падне дека со тоа што ќе го прифати бонусот, некој слави Божиќ или Нова година. Можеби тој едноставно сака да им даде на своите вработени дел од заработката на компанијата. Или, пак, со тоа сака да им покаже дека е благодарен за нивниот труд во текот на годината и да ги поттикне да продолжат со својата вредна работа. Можеби ќе им даде подарок на сите вработени — муслимани, Евреи и други — без разлика дали слават Божиќ и Нова година или не. Со други зборови, само поради тоа што името на подарокот е поврзано со некој празник или е даден за време на тој празник не значи дека Јеховините сведоци мораат да го одбијат.

Дури и кога подарокот е даден во поврзаност со некој верски празник, не значи дека, ако некој реши да го прими, се смета дека учествувал во празникот. Некој колега или некој роднина може да му каже на еден Сведок: „Знам дека не го славиш овој празник, но сепак сакам да ти го дадам овој подарок“. Ако тоа не му ја вознемирува совеста, христијанинот може да го прифати подарокот и да се заблагодари без воопшто да се спомнува празникот (Дела 23:1). Можеби во друга прилика, кога тоа нема да се сфати како навреда, ќе може тактично да го објасни својот став.

Меѓутоа, што да се прави ако оној што го дава подарокот очигледно има намера да покаже дека христијанинот не се држи цврсто за своите верувања или дека ќе ги прекрши ако има материјална добивка од тоа? Во тој случај, дефинитивно е најдобро да не го земе подарокот. Ние сакаме да му бидеме оддадени само на Јехова Бог (Матеј 4:8-10).

[Фуснота]

i Заради едноставност, користиме женски род. Меѓутоа, начелата што се разработени овде важат и за мажите.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели