ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • jr погл. 1 стр. 4-13
  • „Ги ставам своите зборови во твојата уста“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Ги ставам своите зборови во твојата уста“
  • Еремија и Божјата порака за нас
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • БОГ ИЗБИРА ГЛАСНИК
  • ОБИЧЕН ЧОВЕК КАКО НАС
  • ЦЕЛТА НА ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА
  • „Не можам да молчам“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • Какви пријатели ќе избереш?
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Кажи им ги овие зборови“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • Дали секој ден прашуваш „Каде е Јехова?“
    Еремија и Божјата порака за нас
Повеќе
Еремија и Божјата порака за нас
jr погл. 1 стр. 4-13

Прво поглавје

„Ги ставам своите зборови во твојата уста“

1, 2. Зошто имаш доверба во она што стои во Библијата?

„ИМА... пријатели поприврзани од брат“, вели Библијата (Изр. 18:24). Имаш ли и ти еден таков вистински пријател? Ако да, сигурно имаш доверба во она што ти го вели. Кога ќе ти каже нешто добро или ќе ти објасни што ќе направи, му веруваш. Ако ти укаже дека треба да смениш нешто кај себеси, веројатно размислуваш за неговите зборови и се трудиш да ги направиш потребните промени. Низ годините, твојот пријател покажал дека секогаш ти го мисли најдоброто, дури и ако понекогаш морал да ти даде совет. Тој сака да бидеш среќен, исто како што и ти сакаш тој да биде среќен, и вашето пријателство да трае засекогаш.

2 Во многу аспекти, токму такви пријатели можат да ти бидат луѓето кои Бог ги водел за да ја напишат Библијата. Можеш да веруваш во сѐ што ти кажуваат и да бидеш сигурен дека тоа е за твое добро. Израелците во старо време требало да имаат ваков став кон овие ‚луѓе кои ги кажувале зборовите што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух‘ (2. Пет. 1:20, 21). Оној кому Бог му дал задача да ја напише најголемата пророчка книга бил Еремија. Тој исто така ги напишал Плач Еремиин и уште две други библиски книги.

3, 4. Што мислат некои луѓе за книгите Еремија и Плач Еремиин, но дали нивното гледиште е исправно? Објасни.

3 Сепак, некои читатели на Библијата сметаат дека книгите Еремија и Плач Еремиин не се за нив. Можеби си мислат дека овие книги содржат само строги предупредувања и злокобни претскажувања. Но, дали е навистина така?

4 Точно е дека Еремија дал директни предупредувања и совети, но од лично искуство знаеш дека и еден пријател понекогаш може да ти каже нешто без да заобиколува. Самиот Исус отворено ги исправил своите апостоли кога покажале погрешни ставови (Мар. 9:33-37). И покрај тоа, тој главно пренесувал позитивна порака со која им помагал на луѓето да сфатат што треба да прават за да ја стекнат Божјата милост и да бидат среќни (Мат. 5:3-10, 43-45). Истото може да се каже и за Еремија, чии списи, како дел од „целото Свето Писмо“, можат ‚да ни помогнат да се поправиме‘ (2. Тим. 3:16, Радосна Вест). Тој отворено кажал што мисли Бог за оние што тврделе дека му служат, но всушност заслужувале да ги пожнеат последиците од своите лоши постапки. Сепак, книгите Еремија и Плач Еремиин содржат и порака на надеж, и покажуваат како можеме да имаме среќна иднина. Исто така, Еремија прорекол како Бог ќе ја оствари својата намера, а ние денес сме лично вклучени во исполнувањето на тие пророштва. Во овие две книги навистина ќе најдеш позитивни и охрабрувачки зборови. (Прочитај Еремија 31:13, 33; 33:10, 11; Плач Еремиин 3:22, 23.)

5. Како може да ни користи она што го напишал Еремија?

5 Списите на Еремија можат да ни помогнат да бидеме среќни додека служиме со Божјиот народ денес, а и да влијаат врз нашата надеж за иднината. На пример, ќе ни покажат како да придонесеме за поголема слога во нашето братство и ќе ни помогнат да го примениме следниов совет на апостол Павле: „Браќа, радувајте се, исправајте се, примајте утеха, еднакво размислувајте, живејте во мир, па Богот на љубовта и на мирот ќе биде со вас!“ (2. Кор. 13:11). Она што го напишал Еремија е тесно поврзано и со пораката што ја проповедаме. И ние им кажуваме на другите за последните денови и ги предупредуваме дека се ближи крајот на овој поредок, но нашата порака сепак е позитивна и дава надеж. Зборовите на Еремија можат да ни користат и во секојдневниот живот. Има многу сличности меѓу нас и неговиот живот и порака. Ова ќе го разбереме подобро ако ги разгледаме околностите во кои се родил и живеел, како и задачата што ја имал овој извонреден пророк, кому Бог му рекол: „Еве, ги ставам своите зборови во твојата уста“ (Ерем. 1:9).

6, 7. Од каде знаеме дека Бог бил заинтересиран за Еремија, и што се случувало во Јуда кога тој се родил?

6 Еден брачен пар што очекува дете честопати размислува за него. Какво ќе биде и што ќе прави во животот? Што ќе го интересира и на што ќе се посвети? И твоите родители веројатно размислувале за овие работи. Сигурно истото било случај и со родителите на Еремија. Но, ова дете било нешто посебно. Зошто? Затоа што Творецот на вселената бил особено заинтересиран за животот и активностите на Еремија. (Прочитај Еремија 1:5.)

7 Всушност, уште додека Еремија бил во утробата на својата мајка, Јехова видел дека ќе може да го користи како пророк. Бог посебно се заинтересирал за ова момче што требало да се роди во едно свештеничко семејство кое живеело северно од Ерусалим. Сето ова се случувало кон средината на 7 век пр.н.е., кога условите во Јуда не биле најдобри бидејќи со неа владеел лошиот цар Манасија. (Види на 19. страница.) Во поголемиот дел од своето 55-годишно владеење, Манасија го правел она што е лошо во Јеховини очи. Подоцна и неговиот син Амон тргнал по неговите стапки (2. Цар. 21:1-9, 19-26). Но, со следниот цар на Јуда дошло до огромна промена. Цар Јосија го барал Јехова и, до 18-тата година од своето владеење, ја исчистил земјата од идолопоклонство. Родителите на Еремија сигурно се радувале поради тоа. Токму за време на владеењето на Јосија, Јехова го повикал нивниот син да служи како пророк (2. Лет. 34:3-8).

Зошто би требало да се интересираш за книгите Еремија и Плач Еремиин?

БОГ ИЗБИРА ГЛАСНИК

8. Каква задача добил Еремија, и што мислел за тоа?

8 Не знаеме колку години имал Еремија кога Бог му рекол: „Те поставив за пророк на народите“. Можеби имал неполни 25 години, возраст на која еден левит можел да започне со својата служба во Божјиот дом (4. Мој. 8:24). Како и да е, Еремија одговорил: „Леле, Севишен Господару Јехова! Еве, јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ (Ерем. 1:6). Тој не се чувствувал дораснат на таа задача можеби затоа што си мислел дека е премлад или дека не е доволно способен за сериозните одговорности што ги имал еден пророк, во кои спаѓало и зборувањето во јавност.

9, 10. Какви биле условите во земјата кога Еремија прифатил да служи како пророк, но зошто, со текот на времето, неговата задача станала тешка?

9 Еремија бил повикан за пророк во времето кога цар Јосија ја чистел земјата од одвратната лажна религија и им помагал на своите поданици да му служат на вистинскиот Бог. Иако не знаеме дали и колку блиску соработувале Еремија и Јосија, тоа сигурно било поволно време за еден вистински пророк. Софонија и Наум исто така пророкувале во Јуда кога почнал да владее Јосија.a И пророчицата Олда служела кога владеел овој цар, но таа претскажала дека доаѓаат тешки времиња, кои Еремија ги доживеал (2. Цар. 22:14). Всушност, пријателите на Еремија, како што биле Авде-Мелех и Варух, понекогаш морале да го спасат од сигурна смрт или да го заштитат од непријателите кои сакале да му се одмаздат.

10 Како би се чувствувал кога Бог лично би те повикал тебе за да служиш како пророк и да објавуваш една тешка порака? (Прочитај Еремија 1:10.) Размисли само за една од објавите што морал да ги пренесе Еремија. Во 609 год. пр.н.е., вавилонската војска напредувала кон Ерусалим. Цар Седекија очекувал Бог да му прати утешна порака преку Еремија, но Тој немал таква порака за царот. (Прочитај Еремија 21:4-7, 10.)

ОБИЧЕН ЧОВЕК КАКО НАС

11. Зошто на Еремија можеби му било тешко да ја исполни својата задача, но какво уверување му дал Бог?

11 Замисли ние да сме морале да им пренесуваме остри обвиненија и осуди на злобни цареви, расипани свештеници и лажни пророци! Тогаш Бог би ни помогнал исто како што му помогнал на Еремија, кој добил токму таква задача (Ерем. 1:7-9). Јехова покажал дека има доверба во младиот Еремија и го охрабрил со следниве зборови: „Јас те направив денес утврден град и железен столб и бакарен ѕид против целата оваа земја, против царевите на Јуда, против нејзините кнезови, против нејзините свештеници и против народот. Тие ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат, зашто ‚јас сум со тебе‘, вели Јехова, ‚за да те избавам‘“ (Ерем. 1:18, 19).

12. Наведи некои причини зошто извештајот за Еремија е значаен за нас.

12 Никој не треба да мисли дека Еремија имал исклучителна сила или способности. Тој бил обичен човек како нас. Интересно е и тоа што, иако Еремија живеел во друго време, сепак се соочувал со ситуации слични на оние со кои се соочуваме ние денес. Додека ги вршиме секојдневните и собраниските активности, и ние сме во контакт со најразлични луѓе. Затоа можеме многу да научиме од него бидејќи, слично на пророкот Илија, бил ‚човек кој имал исти чувства како и ние‘ (Јак. 5:17, фус.). Да разгледаме некои работи што можеме да ги научиме од Еремија.

13, 14. Зошто некои христијани можат да разберат како се чувствувал Еремија кога пострадал од Пасхор? (Види ја сликата на 10. страница.)

13 Кој немал свои подеми и падови во животот? Еремија не бил исклучок. Во една прилика, Пасхор, кој бил угледен свештеник, го нападнал и наредил да биде ставен во клада. Еремија со часови бил приклештен во дрвената рамка која можеби му ги стегала нозете, рацете и вратот, и го држела во неприродна положба. Освен болката, морал да ги поднесува и погрдните зборови со кои го опсипувале противниците. Што мислиш, дали ти би можел да поднесеш вакво злобно исмејување, па дури и физичко малтретирање? (Ерем. 20:1-4).

14 Со оглед на ситуацијата во која се наоѓал, не е чудо што Еремија рекол: „Проклет да е денот во кој се родив!.. Зошто излегов од утробата да гледам мака и тага и мојот живот да заврши во срам?“ (Ерем. 20:14-18). Тој навистина знаел што е очај. Дали и ти понекогаш си бил толку разочаран што си мислел дека ништо не вредиш, дека сѐ што правиш е залудно, па дури и дека нема смисла да продолжиш да му служиш на Јехова? Сите што некогаш се бореле со вакви чувства ќе бидат утешени кога ќе дознаат низ што сѐ минувал Еремија и каков бил крајниот исход.

Што ти остава посебен впечаток во врска со Јеховиниот избор на Еремија? Какви сличности гледаш меѓу тебе и Еремија?

15. Зошто е корисно да знаеме дека и Еремија доживувал промени во расположението?

15 Очајните зборови што ги читаме во Еремија 20:14-18 следат веднаш откако пророкот зборувал за пеење и за фалби на Јехова. (Прочитај Еремија 20:12, 13.) Дали и тебе понекогаш нагло ти се менува расположението? Ти се случило ли во еден момент да бликаш од радост и веќе следниот момент да те притисне силна тага и потиштеност? Веројатно сите ние можеме да извлечеме поука ако размислиме за она што му се случувало на Еремија. Очигледно е дека и тој се борел со нормални човечки чувства, исто како и ние. Затоа, веројатно може многу да ни помогне тоа што ќе ги разгледаме постапките и реакциите на овој човек, кого Творецот во голема мера го користел како свој гласник (2. Лет. 36:12, 21, 22; Езра 1:1).

16. На кој друг може да му помогне примерот на Еремија?

16 Некои од нас се слични на Еремија и во друг поглед. Во кој? Тој бил самец. Бог му поставил едно необично и веројатно тешко барање. Му рекол да не се жени. (Прочитај Еремија 16:2.) Зошто Јехова му дал ваква заповед, и како тоа се одразило на него? Кои работи од овој извештај можат да им помогнат на браќата и сестрите што не се во брак, сеедно дали по свој избор или поради моменталните околности? Всушност, дали и Сведоците што се во брак можат да научат нешто од зборовите кои Бог му ги кажал на Еремија? А што е со брачните двојки кои немаат „синови и ќерки“? Како може примерот на Еремија да ти помогне тебе лично?

17. Во склад со Еремија 38:20, за кое поле од животот би требало да размислиме?

17 Интересно е тоа што во една прилика Еремија го поттикнал тогашниот цар на Јуда: „Послушај го, те молам, гласот на Јехова, кој ти го пренесувам, па ќе поминеш добро и твојата душа ќе остане жива!“ (Ерем. 38:20). Овие зборови содржат одличен совет за нашите односи со другите. Овде спаѓа и нашиот однос кон луѓето кои сѐ уште не му служат на Јехова, а на кои би можеле да им помогнеме. Освен тоа, начинот на кој постапувал Еремија со оние што му биле послушни на Бог е добар пример и за нас денес. Всушност, можеме многу да научиме од Еремија.

ЦЕЛТА НА ОВАА ПУБЛИКАЦИЈА

18, 19. Како би можеле да ги проучуваме книгите Еремија и Плач Еремиин?

18 Оваа публикација ќе ти помогне да ги истражиш библиските книги Еремија и Плач Еремиин и да извлечеш поука од нив. Воден од светиот дух, апостол Павле напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тим. 3:16). Во тоа Писмо спаѓаат и овие две книги.

19 Се разбира, може да користиме различен пристап кога ги проучуваме книгите Еремија и Плач Еремиин. На пример, може да ги проучуваме стих по стих, со цел да дознаеме нешто повеќе за времето кога биле пишувани или за значењето на секој стих. Друг пристап би бил да се концентрираме на сличностите меѓу некои поединци и настани опишани во овие книги и некои групи луѓе или настани во нашево време. (Спореди со Еремија 24:6, 7; 1. Коринќаните 3:6.) Трет пристап би бил да ги проучуваме од историски аспект (Ерем. 39:1-9). Всушност, во некоја мера, вакви информации ни се неопходни ако сакаме да извлечеме корист од овие две книги. Затоа, второто поглавје, со наслов „Пророк што служел ‚во последните денови‘“, ќе ни даде краток преглед на историскиот период во кој живеел Еремија, и ќе видиме како Бог ги водел работите во тоа време.

20. Од кој аспект ќе ги разгледаме книгите Еремија и Плач Еремиин во оваа публикација?

20 Но, во оваа публикација ќе користиме поинаков пристап. Ќе ги разгледаме книгите Еремија и Плач Еремиин како дарови што Бог ни ги дал за да ни помогне да живееме како христијани (Тит 2:12). Ќе сфатиме, повеќе од кога и да било порано, дека овие две книги содржат многу информации што се ‚корисни за поучување‘. Во нив има практични совети и примери што ќе нѐ оспособат и ќе нѐ опремат да се соочиме со проблемите во животот, сеедно дали сме самци, во брак, старешини, пионери, дали го издржуваме семејството, дали сме домаќинки или сѐ уште сме во училишните клупи. Секој од нас ќе увиди дека, и преку овие книги, Бог ‚нѐ опремува за секое добро дело‘ (2. Тим. 3:17).

21. Зошто сметаш дека ќе ти користи проучувањето на оваа публикација?

21 Додека го проучуваш секое поглавје, труди се да најдеш мисли што би можеле да ти користат. Нема сомнение дека книгите Еремија и Плач Еремиин ќе го потврдат она што го кажал и Павле, кога рекол: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4).

Какви поуки за секојдневниот живот ќе можеме да извлечеме ако ги проучуваме книгите Еремија и Плач Еремиин?

[Фуснота]

a Подоцна, во исто време со Еремија, служеле како пророци и други лица, како Авакум, Авдија, Даниел и Езекиел. Кога Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е., Еремија веќе служел околу 40 години, и живеел повеќе од 20 години по тој настан.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели