Лево: состанок на отворено во Лондон (1945); десно: покраински собир одржан во 2012 год. во Малави (Африка)
ПЕТТИ ДЕЛ
Образовна програма на Царството — Царот ги поучува своите поданици
СО ЗАДОВОЛСТВО се смешкаш додека го гледаш говорникот кој стои на бината. Тоа е еден млад брат од твоето собрание, кој за првпат има говор на покраински собир. Додека со уживање го слушаш, помислуваш колку е скапоцена обуката што ја добиваат Божјите слуги. Се сеќаваш како овој млад брат несигурно ги изнесуваше своите први задачи во салата за состаноци, и просто не можеш да се изначудиш на неговиот напредок! Тој многу научи од Теократската школа за служба и од Школата за пионери, а неодамна беше заедно со жена му и на Школата за полновремени објавители. Додека воодушевено ракоплескаш откако завршува со својот одличен говор, помислуваш колку е убаво што целиот Божји народ има можност да добие извонредно образование.
Библијата прорекла дека ќе дојде ден кога сите Божји слуги „ќе бидат поучени од Јехова“ (Иса. 54:13). Ние живееме во тоа време. Јехова нѐ поучува преку нашите публикации, но и преку нашите состаноци, собири и конгреси, како и преку многуте школи чија цел е да нѐ оспособат да извршуваме различни задачи во Јеховината организација. Во овој дел ќе видиме како сета таа образовна програма јасно покажува дека денес Божјето Царство навистина владее.