ПОГЛАВЈЕ 13
„Правете сѐ за Божја слава“
КОГА му го заветувавме нашиот живот на Јехова, му ветивме дека ќе го славиме и со нашите зборови и со нашите постапки. Во врска со ова, апостол Павле дал едно начело според кое треба да се водиме. Тој напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Кор. 10:31). Тоа значи дека треба да живееме во склад со Јеховините праведни мерила, кои се одраз на неговата совршена личност (Кол. 3:10). Ако сакаме да бидеме свети, мораме да го следиме примерот на Бог (Еф. 5:1, 2).
2 Апостол Петар ги поттикнал христијаните: „Како послушни деца, немојте да дозволите и понатаму да ве обликуваат желбите што ги имавте додека бевте во незнаење, туку, како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите, бидејќи е напишано: ‚Бидете свети, зашто јас сум свет‘“ (1. Пет. 1:14-16). Исто како древните Израелци, сите во христијанското собрание треба да бидат свети. Тоа значи дека треба да останат чисти, неизвалкани од гревот и влијанието на овој свет. На тој начин, тие се одвоени за да вршат света служба (2. Мој. 20:5).
3 Ако сакаме да бидеме свети, мора да се држиме за Јеховините закони и начела кои јасно се запишани во Божјата Реч (2. Тим. 3:16). Додека ја проучувавме Библијата, го запознавме Јехова и дознавме како постапува тој. Поради тоа, бевме привлечени кон него. Се уверивме колку е важно најнапред да го бараме Божјето Царство и да ја вршиме Јеховината волја (Мат. 6:33; Рим. 12:2). За тоа беше потребно да ја облечеме новата личност (Еф. 4:22-24).
ДУХОВНА И МОРАЛНА ЧИСТОТА
4 Не е секогаш лесно да се држиме за Јеховините праведни мерила. Нашиот непријател, Сатана Ѓаволот, сака да нѐ одвлече од вистината. Понекогаш, животот ни го отежнуваат и лошото влијание од светот и нашата несовршеност. Треба силно да се напрегаме за да живееме во склад со нашиот завет. Библијата ни кажува дека не треба да нѐ чуди ако доживуваме противење или неволји. Всушност, во неа пишува дека ќе треба да страдаме поради праведноста (2. Тим. 3:12). Можеме да бидеме радосни кога се соочуваме со неволји затоа што тие се доказ дека ја вршиме Јеховината волја (1. Пет. 3:14-16; 4:12, 14-16).
5 Иако бил совршен, Исус се научил на послушност поради неволјите што ги претрпел. Тој ниту еднаш не подлегнал на искушенијата од Сатана ниту, пак, сакал да биде некој и нешто во овој свет (Мат. 4:1-11; Јован 6:15). Исус никогаш не ни помислил да направи отстапка од Божјите праведни мерила. Тој цврсто се држел за нив иако поради тоа си навлекол омраза од светот. Кратко пред својата смрт, Исус ги предупредил своите ученици дека светот и нив ќе ги мрази. Оттогаш, следбениците на Исус доживуваат неволји. Сепак, тие се храбри затоа што знаат дека Божјиот Син го победил светот (Јован 15:19; 16:33; 17:16).
6 За да не бидеме дел од светот, исто како Исус, и ние треба да живееме според Јеховините праведни мерила. Затоа, не се мешаме во политика и не заземаме страна во општествените спорови. Освен тоа, мора да се чуваме од лошото влијание што го шири овој свет во морален поглед. Сериозно го сфаќаме советот од Јаков 1:21, каде што пишува: „Отфрлете ја сета валканост и злоба, таа непожелна особина, и со благост прифатете да се всади во вас Божјата реч, која може да ви ги спаси душите“. Кога ја проучуваме Библијата и кога присуствуваме на состаноците, ние ја всадуваме Божјата Реч во нашиот ум и во нашето срце. Така, во нас нема ни да почне да се развива желба за работите што ги нуди овој свет. Јаков напишал: „Зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог? Затоа, кој сака да биде пријател со светот, му станува непријател на Бог“ (Јак. 4:4). Од таа причина, Библијата нѐ поттикнува да се држиме за Јеховините праведни мерила и да останеме одвоени од светот.
7 Божјата Реч нѐ предупредува да не се впуштаме во срамотно и неморално однесување. Во неа пишува: „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе“ (Еф. 5:3). Затоа, не смееме да дозволиме да размислуваме за непристојни, срамотни или расипани работи, а уште помалку да зборуваме за нив. Така ќе покажеме дека сакаме да живееме во склад со Јеховините чисти и праведни морални мерила.
ФИЗИЧКА ЧИСТОТА
8 Освен што треба да бидат чисти во духовен и морален поглед, христијаните сфаќаат колку е важна и физичката чистота. Во времето на Израелците, Јехова Бог, кој е свет, барал од својот народ да го чува логорот чист. И ние мора да внимаваме на нашата чистота за Јехова да не најде кај нас „ништо недолично“ (5. Мој. 23:14).
9 Во Библијата, светоста и физичката чистота се тесно поврзани. На пример, Павле напишал: „Сакани, да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, и да се усовршуваме во светоста во Божји страв“ (2. Кор. 7:1). Според тоа, сите христијани треба да се трудат да бидат чисти со тоа што редовно ќе се капат и ќе си ја перат облеката. Иако условите се разликуваат од земја до земја, повеќето од нас имаат доволно вода и сапун за да ја одржуваат својата чистота и чистотата на своите деца.
10 Бидејќи проповедаме, повеќето луѓе во средината каде што живееме нѐ познаваат. Со тоа што се грижиме нашиот дом да биде чист и уреден и однатре и однадвор, им даваме сведоштво на соседите. Целото семејство може да помага околу грижата за домот. Браќата треба особено да обрнат внимание на куќата и дворот бидејќи уредниот двор и добро одржуваната куќа им оставаат убав впечаток на другите. Ако го прават ова и ако преземаат водство во духовните активности, поглаварите ќе покажат дека добро управуваат со својот дом (1. Тим. 3:4, 12). И сестрите треба да се грижат за чистотата, особено внатре во домот (Тит 2:4, 5). Ако се добро воспитани, децата ќе можат да внимаваат на својата чистота и да водат сметка нивните соби да бидат чисти и уредни. Така сите во семејството ќе стекнат добри хигиенски навики кои ќе им користат во новиот свет под власта на Божјето Царство.
11 Денес, голем број браќа и сестри одат на состаноците со автомобил. Во некои места, автомобилите се неопходни за службата на проповедање. Тие треба да бидат чисти и во добра состојба. Од нашите домови и коли треба да се гледа дека сме дел од Јеховиниот чист и свет народ. Истото важи и за чантата и за Библијата што ги користиме во служба.
12 Нашето облекување и изглед треба да биде во склад со Божјите начела. Ако треба да застанеме пред некоја угледна и влијателна личност, нема ни да помислиме да се појавиме во неуредна или претерано лежерна облека. Колку повеќе треба да обрнеме внимание кога го застапуваме Јехова во службата на проповедање или кога имаме учество во програмата на состаноците! Нашиот изглед и стил на облекување може да влијаат врз тоа како другите ќе гледаат на Јехова и на неговата организација. Не би било во ред со нашиот изглед и облека да не покажеме скромност и обѕирност кон другите (Мих. 6:8; 1. Кор. 10:31-33; 1. Тим. 2:9, 10). Затоа, кога се спремаме за служба или за состанок, за покраински собир или за конгрес, треба да се водиме по библиските начела за физичка чистота и за скромен изглед. Така секогаш ќе му оддаваме почит и слава на Јехова.
Кога му го заветувавме нашиот живот на Јехова, му ветивме дека ќе го славиме и со нашите зборови и со нашите постапки
13 Истото важи и кога одиме да го посетиме нашето главно седиште или некоја од подружниците. Имај на ум дека на хебрејски јазик називот Бетел значи „Божји дом“. Поради тоа, кога сме во посета на некој Бетел, треба да бидеме облечени и да се однесуваме исто како да сме на состанок.
14 Дури и во слободното време треба да внимаваме на облекувањето и изгледот. Добро е секогаш да се прашаме дали поради начинот на кој сме облечени би ни било непријатно да посведочиме некому доколку ни се укаже таква можност.
РЕКРЕАЦИЈА И ЗАБАВА
15 Ако сакаме да бидеме урамнотежени и здрави, неопходно е да се одмораме и да се рекреираме. Еднаш, Исус ги викнал своите ученици да појдат со него на едно осамено место за да се одморат (Мар. 6:31). Одморот и забавата можат да нѐ освежат и да ни дадат сила да продолжиме со секојдневните обврски.
16 Во денешно време постојат многу видови забава и рекреација. Токму поради тоа, христијаните треба да бидат претпазливи кога избираат како ќе се забавуваат и рекреираат. Тие треба да донесуваат одлуки во склад со Божјата волја. Иако е потребно да се рекреираме и забавуваме, тоа не треба да ни биде најважното нешто во животот. Од Библијата дознаваме дека во „последните денови“, луѓето „повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тим. 3:1, 4). Голем дел од денешната забава и рекреација не е прифатлива за оние што сакаат да живеат според Јеховините праведни мерила.
17 Христијаните во првиот век морале да се спротивстават на штетното влијание на луѓето околу нив кои биле преокупирани со лични задоволства. Во римските арени, публиката се забавувала гледајќи како други луѓе страдаат. Во некои претстави се прикажувале насилство, крвопролевање и сексуален неморал. Но, христијаните се држеле настрана од сето тоа. И денес, голем дел од забавата во светот содржи слични елементи за да се задоволат расипаните желби на луѓето. Затоа Библијата нѐ предупредува: „Добро внимавајте како живеете“ (Еф. 5:15, 16; Пс. 11:5). Меѓу другото, тоа значи дека не треба да имаме ништо со расипаната забава. Сепак, дури и ако некоја забава сама по себе не е погрешна, таа може да го шири духот на овој свет од кој христијаните треба да се чуваат (1. Пет. 4:1-4).
18 Божјите слуги можат да се рекреираат и забавуваат на исправен начин. Библиските совети и урамнотежените предлози од нашите публикации им помогнале на многумина да донесат мудри одлуки во врска со рекреацијата и забавата.
19 Христијаните се дружат во различни прилики. Понекогаш, неколку семејства се поканети на гости кај некој брат или сестра. Исто така, се дружиме со нашите соверници на свадбите и на другите слични настани (Јован 2:2). Домаќинот е лично одговорен за она што се случува во тие прилики. Особено е потребно да бидеме претпазливи кога ќе се собере поголема група луѓе. Поради опуштената атмосфера, некои браќа и сестри ги преминале границите и почнале да се однесуваат на начин што не доликува за еден христијанин. Некои претерале со јадењето и пиењето, па дури и направиле други сериозни гревови. Разборитите христијани сфаќаат дека е мудро да го ограничат бројот на гости и времетраењето на дружењето или прославата. Доколку се служат алкохолни пијалаци, тие треба да се користат умерено (Фил. 4:5). Ако направиме сѐ што можеме за едно дружење да нѐ освежи и зајакне во духовен поглед, јадењето и пиењето нема да ни бидат најважни.
20 Гостољубивоста е прекрасна особина (1. Пет. 4:9). Кога сакаме да поканиме некои соверници на дружење, добро е да ги имаме на ум оние кои имаат тешки околности (Лука 14:12-14). Доколку ние сме поканети на дружење, треба да се однесуваме во склад со советот запишан во Марко 12:31. Секогаш треба да бидеме благодарни за добрината што ни ја покажуваат другите.
21 Христијаните знаат дека Божји дар е човек „да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд“, и тие се радосни поради тој дар (Проп. 3:12, 13). Ако правиме сѐ за Божја слава кога се дружиме, без разлика дали сме домаќини или гости, ќе бидеме освежени во духовен поглед и ќе имаме пријатни спомени.
НА УЧИЛИШТЕ
22 Децата на Јеховините сведоци настојуваат добро да го искористат времето што го поминуваат на училиште. Тие сакаат да научат добро да читаат и да пишуваат. Некои предмети што ги учат на училиште може да им користат на младите додека се трудат да ги остварат своите духовни цели. За време на школските години, младите треба да покажат дека се сеќаваат на својот Величествен Творец така што ќе ги стават духовните работи на прво место во животот (Проп. 12:1).
23 Доколку си млад христијанин кој оди на училиште, немој непотребно да поминуваш време со младите од светот (2. Тим. 3:1, 2). Бидејќи Јехова ти ја дава потребната заштита, можеш да се спротивставиш на влијанието од светот (Пс. 23:4; 91:1, 2). Затоа, искористи го сето она што ти го дава Јехова за да те заштити (Пс. 23:5).
24 За да останат одвоени од светот додека се на училиште, многу Сведоци одлучуваат да не учествуваат во воншколски активности. Можеби на нивните соученици и професори им е тешко да го сфатат тоа. Сепак, на овие млади христијани најважно им е да му угодат на Бог. Тие се водат според својата совест која е обликувана на темел на Библијата и се решени да не го поддржуваат натпреварувачкиот и националистичкиот дух на овој свет (Гал. 5:19, 26). Тоа што ги слушаат библиските совети од своите родители и избираат добро друштво во собранието им помага на младите да се држат за Јеховините праведни мерила.
НА РАБОТА
25 Според Библијата, поглаварите се должни да се грижат за своите семејства (1. Тим. 5:8). Сепак, за Божјите слуги службата за Јехова е поважна дури и од работата (Мат. 6:33; Рим. 11:13). Бидејќи му се оддадени на Бог и се задоволни со тоа што имаат храна и облека, тие се заштитени од грижите и замките на материјализмот (1. Тим. 6:6-10).
26 Сите крстени христијани кои одат на световна работа треба секогаш да ги имаат на ум библиските начела. Бидејќи сакаме чесно да заработуваме за живот, не правиме ништо што е во судир со Божјиот закон или со законите на државата (Рим. 13:1, 2; 1. Кор. 6:9, 10). Освен тоа, свесни сме колку е опасно лошото друштво. Исто така, како војници на Христос, не прифаќаме работа со која се кршат Божјите начела, се доведува во прашање нашата неутралност и се доведува во опасност нашиот однос со Бог (Иса. 2:4; 2. Тим. 2:3, 4). Немаме ништо заедничко со Божјиот непријател кој Библијата го нарекува „Големиот Вавилон“ (Отк. 18:2, 4; 2. Кор. 6:14-17).
27 Ако се држиме за Божјите праведни мерила, нема да ги користиме приликите кога учествуваме во теократски активности за да оствариме профит или за некоја друга лична корист. На состаноците, собирите и конгресите одиме за да го славиме Јехова. Таму се храниме од духовната трпеза што ни ја подготвува тој и се охрабруваме еден со друг (Рим. 1:11, 12; Евр. 10:24, 25). Во тие прилики, духовните работи треба да ни бидат најважни.
ДА ЖИВЕЕМЕ ВО ЕДИНСТВО
28 Јехова очекува од своите слуги да се трудат да живеат во единство бидејќи тоа придонесува да има мир (Еф. 4:1-3). Наместо да мисли само на себе, секој од нас го прави она што е добро за другите (1. Сол. 5:15). Сигурно ова е случај и во твоето собрание. Без разлика на нашата раса, националност, статус во општеството, економска состојба или степен на образование, сите ние живееме според истите праведни мерила. Дури и луѓето што не се Сведоци го забележуваат ова извонредно обележје на Божјите слуги (1. Пет. 2:12).
29 За уште повеќе да се истакне темелот на нашето единство, во Библијата пишува: „Едно е телото и еден е духот — како што е и една надежта на која сте повикани — еден Господар, една вера, едно крштавање, еден Бог и Татко на сите, кој е над сите и во сите и дејствува преку сите“ (Еф. 4:4-6). За ова е потребно да бидеме обединети во разбирањето на основните, но и на подлабоките библиски учења. Така ќе покажеме дека го прифаќаме Јехова за наш Севишен Владетел. Јехова ги научил своите слуги на чистиот јазик на вистината и со тоа им овозможил да му служат „рамо до рамо“ (Соф. 3:9, фус.).
30 Единството и мирот кои владеат во христијанското собрание се извор на поткрепа за сите што му служат на Јехова. На своја кожа го чувствуваме исполнувањето на следново ветување што го дал Јехова: „Ќе ги обединам како овци во трло“ (Мих. 2:12). За да го зачуваме тоа единство, треба да живееме според Јеховините праведни мерила.
31 Оние што Јехова ги прифаќа во своето чисто собрание се навистина среќни! Вреди да ја направиме секоја жртва за честа да го носиме Јеховиното име. Додека го чуваме нашиот скапоцен однос со Јехова, да дадеме сѐ од себе за да се држиме за неговите праведни мерила и да им кажуваме на другите колку ни користат тие! (2. Кор. 3:18).