ПОГЛАВЈЕ 17
Тесно соработувај со Јеховината организација
УЧЕНИКОТ Јаков напишал: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:8). Иако сме несовршени, Јехова не е ниту премногу возвишен ниту премногу далеку од нас за да ги чуе нашите молитви (Дела 17:27). Како можеме да му се приближиме на Бог? Така што сесрдно ќе му се молиме (Пс. 39:12). Освен тоа, можеме да се зближиме со Бог и така што редовно ќе ја проучуваме неговата Реч, Библијата. На тој начин, ќе го запознаеме Јехова, ќе ја дознаеме неговата намера и ќе сфатиме што бара од нас (2. Тим. 3:16, 17). Како резултат на тоа, ќе научиме да го сакаме и ќе стекнеме страхопочит која ќе нѐ спречи да правиме нешто што тој не го одобрува (Пс. 25:14).
2 Сепак, можеме да се зближиме со Јехова само преку неговиот Син, Исус (Јован 17:3; Рим. 5:10). Ниту еден човек не би можел да ни помогне подобро да го запознаеме Јехова. Исус бил толку близок со својот Татко што можел да рече: „Никој не знае кој е Синот, освен Таткото, и никој не знае кој е Таткото, освен Синот и оној кому Синот сака да му го открие“ (Лука 10:22). Кога ги проучуваме евангелијата за да дознаеме како размислувал и какви чувства имал Исус, всушност, дознаваме како размислува и какви чувства има Јехова. Така, сѐ повеќе се зближуваме со нашиот Бог.
3 Близок однос со Јехова можеме да стекнеме и ако тесно соработуваме со видливиот дел од неговата организација на чие чело е неговиот Син. Божјата организација нѐ учи како да ја вршиме Јеховината волја. Како што е проречено во Матеј 24:45-47, Господарот, Исус Христос, го поставил „верниот и разборит роб“ да им дава „храна во вистинско време“ на сите свои слуги. Денес, верниот роб ни дава изобилство духовна храна. Преку него, Јехова нѐ советува секој ден да ја читаме Библијата, редовно да одиме на нашите состаноци, како и ревносно и темелно да ја проповедаме добрата вест за Царството (Мат. 24:14; 28:19, 20; Ис. Нав. 1:8; Пс. 1:1-3). Никогаш не треба да гледаме на верниот роб од човечка гледна точка. Напротив, треба тесно да соработуваме со видливиот дел од Јеховината организација и спремно да го прифаќаме водството што ни го дава. Ова ќе нѐ зближи со нашиот Бог, Јехова, и ќе нѐ зајакне и заштити и покрај искушенијата.
ЗОШТО ИМАМЕ СЀ ПОВЕЌЕ НЕВОЛЈИ И ИСКУШЕНИЈА?
4 Ако си подолго време во вистината, тогаш сигурно си се соочил со искушенија и знаеш што значи да истраеш во нив. Но, дури и ако неодамна си го запознал Јехова и си почнал да се дружиш со неговиот народ, свесен си дека Сатана Ѓаволот му се противи на секој што го избира Јехова за свој Владетел (2. Тим. 3:12). Затоа, без разлика дали си се соочил со помали или поголеми искушенија, нема потреба да се плашиш или обесхрабруваш. Јехова ветува дека ќе те зајакне, спаси и награди со вечен живот (Евр. 13:5, 6; Отк. 2:10).
5 Секој од нас може да доживее уште неволји во овие последни денови од Сатанскиот свет. Откако Божјето Царство почнало да владее на небото во 1914 год., Сатана нема пристап кај Јехова. Тој бил исфрлен од небото и, заедно со своите злобни ангели, може да дејствува само на Земјата. Сѐ полошата состојба која владее на Земјата, вклучувајќи го и сѐ посилното прогонство на Јеховините верни слуги, е доказ дека Сатана е гневен и дека на овој злобен владетел наскоро ќе му дојде крај (Отк. 12:1-12).
6 Сатана е бесен поради понижувањето што го доживеал и знае дека му останува уште малку време. Заедно со демоните, тој прави сѐ што може за да го спречи делото на проповедање и да го уништи единството што владее меѓу Јеховините слуги. Затоа може да се каже дека ние сме во духовна војна и дека „не се бориме против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“. Ако сакаме да бидеме на Јеховината страна и во таа војна да излеземе како победници, не смееме да се откажеме, туку мора да ја одржуваме нашата духовна воена опрема во добра состојба. Мора одлучно да им се спротивставиме на сплетките на Ѓаволот (Еф. 6:10-17). За да го направиме ова, потребна ни е истрајност.
ДА РАЗВИВАМЕ ИСТРАЈНОСТ
7 Оној што е истраен не потклекнува пред тешкотиите или неволјите. Во духовен поглед, да бидеме истрајни значи решително да го правиме она што е исправно и покрај неволјите, противењето, прогонството или што и да е друго кое би можело да нѐ оттргне од Бог. Истрајноста е особина која мора да ја развиваме. За тоа е потребно време. Колку повеќе духовно напредуваме толку поистрајни стануваме. Ако истраеме во помалите испити на верата со кои се соочуваме уште на почетокот од нашиот христијански живот, ќе станеме поцврсти и ќе можеме да ги издржиме потешките искушенија кои сигурно ќе ги доживееме (Лука 16:10). Не треба да чекаме да дојдат големи искушенија, па дури тогаш да решиме дека ќе останеме цврсти во верата. Таа одлука мора да ја донесеме пред да се соочиме со искушенијата. За да истакне дека истрајноста треба да се развива заедно со другите христијански особини, апостол Петар напишал: „Сесрдно потрудете се да ја дополните својата вера со доблест, доблеста со знаење, знаењето со самосовладување, самосовладувањето со истрајност, истрајноста со оддаденост на Бог, оддаденоста на Бог со братска љубов, братската љубов со љубов кон сите“ (2. Пет. 1:5-7; 1. Тим. 6:11).
Истрајноста ја развиваме кога од ден на ден му остануваме верни на Бог и покрај проблемите
8 И Јаков во своето писмо истакнал колку е важно да развиваме истрајност. Тој напишал: „Сметајте дека навистина имате за што да се радувате, браќа мои, кога ќе се најдете во разни искушенија, знаејќи дека искушувањето на вашата вера во вас гради истрајност. А истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни, без никаков недостаток“ (Јак. 1:2-4). Јаков рекол дека христијаните треба да ги прифатат неволјите и да се радуваат поради нив бидејќи ќе им помогнат да развијат истрајност. Дали гледаш така на искушенијата и неволјите? Потоа, Јаков истакнал дека, ако бидеме истрајни, ќе ја усовршиме нашата христијанска личност и ќе му угодиме на Бог. Истрајноста ја развиваме кога од ден на ден му остануваме верни на Бог и покрај проблемите. А истрајноста, пак, ни помага да стекнеме други неопходни особини.
9 Јехова се радува кога гледа дека сме истрајни и ќе нѐ награди со вечен живот. Јаков понатаму напишал: „Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот, кој Јехова им го вети на оние што го сакаат“ (Јак. 1:12). Надежта за вечен живот ни помага да истраеме. Без истрајност, не можеме да останеме во вистината. Доколку потпаднеме под влијанието на светот, повторно ќе станеме дел од него. Ако не сме истрајни, нема да го имаме светиот дух и нема да ги покажуваме неговите плодови.
10 За да истраеме во овие тешки последни денови, потребно е да имаме исправен став кон страдањата што ги доживуваме поради тоа што сме христијани. Треба да ги имаме на ум зборовите што ги запишал Јаков: „Сметајте дека навистина имате за што да се радувате“. Можеби не е лесно да го правиме тоа затоа што страдањата може да ни предизвикаат физичка или емоционална болка. Но, да не заборавиме дека во прашање е нашиот вечен живот. Примерот на апостолите ни помага да сфатиме како можеме да се радуваме додека страдаме. Извештајот за нив е запишан во книгата Дела. Таму стои: „Ги викнаа апостолите, ги истепаа со стапови и им наредија да не зборуваат во Исусово име, па ги пуштија да си одат. Тие, пак, си заминаа од Судскиот совет, радувајќи се што беа достојни да поднесат срам поради неговото име“ (Дела 5:40, 41). Апостолите сфатиле дека тоа што страдаат е доказ дека ѝ се послушни на заповедта на Исус и дека Јехова ги прифаќа. Со години подоцна, кога под водство на светиот дух го пишувал своето прво писмо, Петар истакнал дека вреди да трпиме страдања поради праведноста (1. Пет. 4:12-16).
11 Уште еден добар пример се Павле и Сила. Додека проповедале како мисионери во Филипи, биле уапсени и обвинети дека го нарушуваат редот и мирот во градот и дека шират забранети обичаи. Поради тоа, биле сурово претепани и фрлени в затвор. Извештајот од Библијата ни открива дека, еднаш околу полноќ додека сѐ уште биле в затвор и додека раните им биле свежи, Павле и Сила се молеле и со песна го фалеле Бог, а другите затвореници ги слушале (Дела 16:16-25). Павле и Сила сметале дека нивното страдање поради Христос е доказ дека се беспрекорни пред Бог и пред луѓето. Освен тоа, за нив страдањето било можност да им посведочат на оние што сакале да ја слушаат добрата вест. Во прашање бил животот на другите. Во истата ноќ, затворскиот чувар и сите во неговиот дом добиле сведоштво и станале ученици на Исус (Дела 16:26-34). Павле и Сила имале доверба во Јехова, во неговата моќ и во неговата желба да ги поткрепи во нивните страдања. Тие воопшто не се разочарале поради тоа.
12 И денес Јехова ни го дава сето она што ни е потребно за да издржиме во неволјите. Тој сака да истраеме. Јехова ни ја дал својата Реч за да ни помогне добро да ја запознаеме неговата намера. Ова ни ја гради верата. Освен тоа, имаме можност да се состануваме со нашите браќа и сестри и да извршуваме света служба. Исто така, имаме чест да се зближиме со Јехова преку молитва. Тој слуша кога во нашите молитви го фалиме или сесрдно го молиме да ни помогне да останеме чисти во негови очи (Фил. 4:13). А не треба да заборавиме и дека црпиме сила кога размислуваме за нашата надеж (Мат. 24:13; Евр. 6:18; Отк. 21:1-4).
ДА ИСТРАЕМЕ ВО РАЗНИ ИСКУШЕНИЈА
13 Искушенијата со кои се соочуваме денес се многу слични на искушенијата со кои се соочувале учениците на Исус Христос во првиот век. Во наше време, Јеховините сведоци претрпеле вербално и физичко малтретирање од противници кои се погрешно информирани. Исто како во деновите на апостолите, противењето главно е подбуцнато од верски фанатици чии лажни учења и обичаи се разоткриени во Божјата Реч (Дела 17:5-9, 13). Понекогаш, Јеховините сведоци се повикуваат на своите законски права кои им се загарантирани од световните влади (Дела 22:25; 25:11). Меѓутоа, и властите понекогаш го забрануваат нашето дело и се обидуваат да ја спречат нашата христијанска служба (Пс. 2:1-3). Кога ќе се случи тоа, смело го следиме примерот на верните апостоли, кои рекле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29).
14 Бидејќи национализмот зема сѐ поголем замав низ целиот свет, објавителите на добрата вест се соочуваат со сѐ поголем притисок да престанат да ја извршуваат службата што им ја дал Бог. Како Божји слуги уште појасно го разбираме предупредувањето запишано во Откровение 14:9-12 во врска со обожавањето на „ѕверот и неговиот кип“. Сфаќаме колку се важни следниве зборови на Јован: „Тоа бара истрајност од светите, оние што ги држат Божјите заповеди и верата во Исус“.
15 Поради војните, граѓанските немири, отвореното прогонство или законските забрани, може да биде невозможно јавно да ја извршуваме нашата христијанска служба. Можеби нема да можеме да ги одржуваме нашите состаноци како собрание. Можеби нема да можеме да стапиме во контакт со подружницата. Можеби покраинските надгледници нема да бидат во можност да ги посетуваат собранијата. А можеби нема да имаме ни публикации. Ако се случи нешто вакво, што треба да направиме?
16 Треба да направиме сѐ што можеме во рамките на тие околности. Најверојатно ќе можеме сами да проучуваме. Обично е возможно помали групи да одржуваат состаноци во нечиј дом. На состаноците може да се користат постарите публикации и Библијата. Немој претерано да се грижиш или да се плашиш. Водечкото тело обично за кратко време наоѓа начин да стапи во контакт со одговорните браќа.
17 Дури и ако си потполно одвоен од сите браќа и сестри, имај на ум дека не си одвоен од Јехова и од неговиот Син, Исус Христос. Твојата надеж може да остане цврста. Јехова сѐ уште може да ги чуе твоите молитви и да те зајакне со својот дух. Барај водство од него. Никогаш не заборавај дека си слуга на Јехова и ученик на Исус Христос. Затоа, искористи ги приликите што ќе ти се укажат да сведочиш. Јехова ќе го благослови твојот труд, и по некое време можеби и други ќе почнат да му служат заедно со тебе (Дела 4:13-31; 5:27-42; Фил. 1:27-30; 4:6, 7; 2. Тим. 4:16-18).
18 Ако и ти, како апостолите и некои други христијани, се најдеш лице в лице со смртта, потпирај се на „Бог, кој ги воскреснува мртвите“ (2. Кор. 1:8-10). Твојата вера во воскресение може да ти помогне да го издржиш и најжестокото прогонство (Лука 21:19). Исус Христос ни оставил добар пример во овој поглед. Тој знаел дека, со тоа што ќе остане верен и покрај искушенијата, ќе ги зајакне другите и ќе им помогне да истраат. И ти можеш со својата верност да ги зајакнеш браќата и сестрите (Јован 16:33; Евр. 12:2, 3; 1. Пет. 2:21).
19 Освен противење и прогонство, можеби ќе треба да издржиш и други тешкотии. На пример, некои се обесхрабрени поради тоа што луѓето на подрачјето се рамнодушни на добрата вест. Други, пак, се соочуваат со физички и психички болести или со други ограничувања кои ни ги наметнува несовршеноста. И апостол Павле морал да истрае додека се соочувал со еден проблем кој му ја отежнувал службата (2. Кор. 12:7). Исто така, и Епафродит, христијанин од првиот век кој живеел во Филипи, станал потиштен затоа што соверниците слушнале дека се разболел (Фил. 2:25-27). Нашите лични маани и слабости, како и мааните и слабостите на другите, може да предизвикаат проблеми во кои ќе ни биде особено тешко да истраеме. Меѓу христијаните, па дури и во едно семејство, може да дојде до расправии поради различните карактери. Но, можеме да истраеме и да ги надминеме овие тешкотии ако се држиме за советите од Јеховината Реч (Езек. 2:3-5; 1. Кор. 9:27; 13:8; Кол. 3:12-14; 1. Пет. 4:8).
ДА БИДЕМЕ РЕШЕНИ ДА ОСТАНЕМЕ ВЕРНИ ДО КРАЈ
20 Мора да му бидеме послушни на Исус Христос кој е поставен од Јехова како глава на собранието (Кол. 2:18, 19). Треба тесно да соработуваме со „верниот и разборит роб“ и со браќата кои се поставени да служат како надгледници (Евр. 13:7, 17). Ако се држиме за теократскиот ред и ако соработуваме со оние што нѐ предводат, организирано ќе ја вршиме Јеховината волја. Многу е важно редовно и сесрдно да се молиме. Дури и да сме фрлени во затвор или во самица, не треба да заборавиме дека ништо не може да нѐ спречи да му се молиме на нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака. Исто така, треба да имаме на ум дека ништо не може да го наруши единството што го имаме како Божји народ.
21 Да бидеме непоколебливи и истрајни додека со сета душа ја вршиме задачата што Исус откако воскреснал им ја дал на своите следбеници. Тој им заповедал: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20). Исто како Исус, да истраеме до крај! Цврсто да ја задржиме во мислите надежта за Царството и вечниот живот (Евр. 12:2). Како крстени следбеници на Христос, имаме чест да учествуваме во исполнувањето на Исусовото пророштво во врска со „свршетокот на овој поредок“. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:3, 14). Ако со цело срце го вршиме ова дело, ќе добиеме вечен живот во Јеховиниот праведен нов свет!