ПОГЛАВЈЕ 54
Јехова бил стрплив со Јона
Луѓето од асирскиот град Ниневија биле многу злобни. Јехова му рекол на својот пророк Јона да оди таму и да им рече да престанат да прават лоши работи. Но, наместо да оди во Ниневија, Јона тргнал во спротивен правец. Се качил на еден брод кој пловел за Тарсис и побегнал.
Додека бродот пловел, одеднаш настанала силна бура, и морнарите се преплашиле. Тие им се молеле на своите богови и се прашувале: „Зошто ни се случува ова?“ На крајот, Јона им рекол: „Јас сум крив. Јехова ми даде една задача, но не го послушав, туку избегав. Фрлете ме во морето, па бурата ќе престане“. Морнарите не сакале да го фрлат Јона, но тој упорно им велел да го направат тоа. Кога на крајот го фрлиле, бурата престанала.
Јона помислил дека ќе умре. Додека тонел сѐ подлабоко во морето, му се молел на Јехова. Тогаш Јехова испратил една голема риба. Таа го голтнала Јона, но тој останал жив. Од стомакот на рибата Јона му се помолил на Јехова: „Ветувам дека отсега ќе правам сѐ што ќе ми кажеш“. Јехова направил чудо, и Јона останал жив три дена во рибата, а потоа таа го исфрлила на копното.
Дали тоа што Јехова го спасил Јона значело дека тој веќе не мора да оди во Ниневија? Не. Јехова повторно му рекол да оди таму. Овојпат Јона послушал. Кога стигнал кај тие лоши луѓе, им рекол: „За 40 дена, Ниневија ќе биде уништена“. Но, тогаш се случило нешто што Јона не го очекувал — на луѓето од Ниневија им паднало жал за лошите работи што ги правеле и се смениле. Царот на Ниневија им рекол: „Повикувајте го Бог и покајте се. Можеби тогаш нема да нѐ уништи“. Кога Јехова видел дека луѓето се каат, решил да не ја уништи Ниневија.
Јона многу се налутил што Јехова не го уништил градот. Замисли, Јехова бил стрплив и милостив кон Јона, а Јона не бил милостив кон луѓето од Ниневија. Наместо тоа, тој намуртено седел надвор од градот под сенката на една тиква. Но, тиквата се исушила, и Јона многу се налутил. Затоа Јехова му рекол: „Тебе повеќе ти е жал за тиквата отколку за луѓето од Ниневија. Јас им се смилував, и затоа сега сите се живи“. Што сакал Јехова да го поучи Јона? Дека луѓето од Ниневија вределе многу повеќе отколку едно растение.
„Јехова... е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9)