ПОГЛАВЈЕ 60
Царство кое ќе владее засекогаш
Една вечер, цар Навуходоносор сонил чуден сон. Толку се вознемирил што не можел да заспие. Ги повикал сите свои магионичари и им рекол: „Објаснете ми го тоа што го сонував“. Тие го прашале: „А што сонуваше, царе?“ Царот им одговорил: „Не, вие кажете ми што сонував! Инаку ќе ве убијам!“ Магионичарите повторно рекле: „Кажи ни го сонот, и ќе ти го објасниме“. Царот им вратил: „Вие сакате да ме измамите. Веднаш кажете ми што сонував!“ На тоа магионичарите рекле: „Нема човек на Земјата што може да ти го открие тоа, царе. Тоа што го бараш е невозможно“.
Навуходоносор многу се налутил и наредил да бидат убиени сите магионичари и мудри луѓе во земјата. Меѓу мудрите луѓе биле и Даниел, Седрах, Мисах и Авденаго. Кога дознал за наредбата, Даниел побарал од царот да му даде малку време. Потоа, тој и неговите другари му се молеле на Јехова и барале помош од него. Што направил Јехова?
Додека Даниел спиел, Јехова му покажал што сонувал Навуходоносор и му го открил значењето на тој сон. Уште следниот ден, Даниел отишол кај слугата на царот и му рекол: „Не ги убивајте мудрите луѓе. Јас можам да го објаснам сонот на царот“. Така, слугата го однел Даниел пред Навуходоносор и Даниел му рекол: „Бог ти откри што ќе се случи во иднина. Еве го твојот сон: Најпрво виде еден огромен кип. Главата му беше од злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бутовите од бакар, нозете од железо, а стапалата од железо помешано со глина. Потоа, од една планина се отцепи камен кој удри во стапалата на кипот. Тогаш целиот кип се сруши и стана прав кој го однесе ветрот. А каменот се претвори во голема планина, која се прошири по целата Земја“.
Потоа Даниел рекол: „Еве што значи сонот: Главата од злато е твоето царство. Сребрениот дел е царството што ќе почне да владее по тебе. Потоа, со целиот свет ќе завладее едно царство кое е претставено со бакар. Следното царство ќе биде силно како железо. На крајот, царството што ќе владее ќе биде поделено — некои негови делови ќе бидат силни како железо, а други слаби како глина. Каменот кој се претвори во планина е Божјето Царство. Тоа ќе ги уништи сите други царства и ќе владее засекогаш“.
Кога го чул тоа, царот му се поклонил на Даниел и му рекол: „Твојот Бог ти откри што значи мојот сон. Нема друг Бог како него“. По ова, царот не го убил Даниел. Напротив, го поставил за главен надгледник над сите мудри луѓе и за владетел во Вавилон. Дали забележа како Јехова одговорил на молитвата на Даниел?
„Ги собраа на местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“ (Откровение 16:16)