Објавителите на Царството известуваат
Библиската вистина триумфира над традицијата
РЕЛИГИОЗНАТА традиција може да биде длабоко вкоренета. Милиони луѓе мислат дека е погрешно да се менува сопствената религија. Савле, подоцна апостол Павле, очигледно го мислел истото кога рекол: ”Јас многу повеќе ревнував за преданијата на моите татковци.“ Но, откако му била покажана вистината, тој го напуштил јудаизмот и станал христијанин (Галатјаните 1:13-16). Многумина и денес увидуваат дека библиската вистина доаѓа од повисок извор отколку преданијата. Забележи како библиската вистина триумфирала во Италија.
Една жена објаснува: ”Мојата сестра и јас пораснавме во големо семејство со долга католичка традиција и бевме мошне побожни католици. Со тек на време се омажив. Подоцна го изгубив мојот маж, и долги години живеев како вдовица сама со моите деца. Мојата внука учеше катекизам и на свештеникот му поставуваше прашања за Библијата, но не добиваше задоволувачки одговори.
Еднаш кога го посетив родното место, за првпат дојдов во контакт со Јеховините сведоци и прифатив да ја проучувам Библијата. Сите мои поранешни католички другари ме исмејуваа затоа што ја проучував Библијата. Меѓутоа, не се обесхрабрив. За првпат имав своја лична Библија, и никој не можеше да ми ја одземе. Сестра ми исто така зазеде став за Јехова и за помалку од две години се крстивме заедно.“
”Плачев од радост кога ја напуштив црквата, бидејќи се плашев да ги прекинам традициите кои беа вкоренети во мене за овие 76 години. Но, сега сум среќна што одам по Јеховините патишта и се трудам колку што можам да им помагам на другите да излезат од духовната темнина1“ (Спореди со 1. Петрово 2:9).
Берберот го исправа погрешното мислење
Еден бербер во Јапонија имал навика да разговара за демони и НЛО-а додека ги потстрижувал муштериите. Меѓутоа, кога почнал да ја проучува Библијата, увидел колку е опасна таа навика. Така, наместо тоа, ги поканувал своите муштерии да му се придружат во неговото проучување на Библијата. На младите муштерии им сведочел за создавањето. Секоја седмица порачувал нови Библии и книги Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата од Сведоците кои проучувале со него, така што можел да им ги дава на муштериите.
Иако тогаш сѐ уште не бил Сведок, тој дал повеќе од 30 комплети Библии и книги Да се живее засекогаш во текот на првата година од проучувањето. Повеќе од 25 души почнале да ја проучуваат Библијата како резултат на неговото неформално сведочење. Понекогаш дури и по десет души учествуваат на неговата групна библиска студија. Седуммина од оние на кои им сведочел додека ги потстрижувал, го исправиле своето погрешно мислење и сега се крстени Јеховини сведоци!