Да се препознае светиот дух
ДАЛИ си знаел дека светиот дух влијае на животот од секој од нас? Дали си знаел дека може многу да го подобри твојот живот? Можеби ова те изненадува. Поправо, можеби се прашуваш: ”Кој или што е светиот дух?“
Ако ѝ припаѓаш на една од црквите на христијанството, веројатно си слушнал како свештеникот го крштева бебето ”во името на отецот и синот и светиот дух“ (Матеј 28:19, ДК). Кога се запрашани да го објаснат светиот дух, повеќето свештеници брзо одговараат: ”Светиот дух е третата личност од Тројството, во сѐ еднаква со Бог Отецот и со Господ Исус.“
Сепак, тоа гледиште не постоело во првите неколку века од нашата ера. За илустрација: Во 381. н. е. — околу три века по смртта на Исусовите апостоли — Грегориј од Назијанзус напишал: ”Некои сметаат дека [светиот дух] е сила (енергеиа), некои - дека е суштество, а некои дека е Бог, додека некои не можат да се одлучат ниту за едно од тоа“
Денес повеќето цркви од христијанскиот свет го прифаќаат тринитаријанското гледиште за светиот дух. Но, дали Библијата тоа го поткрепува? Или е тоа само став заснован на традицијата? Всушност, Библијата никогаш за светиот дух не зборува на ист начин како што зборува за Бог или Исус. На пример, во Библијата светиот дух нема лично име.
Дали е тоа само безначаен детаљ? Не, имињата во Библијата се важни. Бог ја нагласил важноста на своето сопствено име кога рекол: ”Јас сум Јехова. Тоа е моето име, и на никој друг нема да му ја дадам својата слава, ниту својата фалба на резаните ликови.“ (Исаија 42:8). Важноста на името на Исус Христос била нагласена пред неговото раѓање кога ангелот ѝ рекол на Марија: ”Стави му го името Исус.“ (Лука 1:31, ДК). Ако имињата на Отецот и Синот се толку важни, зошто тогаш и светиот дух нема лично име? Сигурно дека само овој детаљ е доволен да нѐ натера на размислување дали светиот дух навистина е еднаков со Отецот и Синот.
Библијата и светиот дух
Во Хебрејските списи, или ”Стариот Завет“, се говори за ”светиот дух“ и ”својот [Божјиот] дух“ (Псалми 51:11; Јоил 2:28, 29). Читаме дека светиот дух може да исполни некого, да слезе на некого, и да обземе некого (2. Мојсеева 31:3; Судиите 3:10; 6:34, Ст). Дел од Божјиот дух може да се одземе од некого и да се даде на друг (4. Мојсеева 11:17, 25). Светиот дух може да делува на некого, овозможувајќи му да прави натчовечки дела (Судиите 14:6; 1. Самоилова 10:6).
Каков разумен заклучок може да се извлече од ова? Сигурно не дека светиот дух е личност. Како може некому да му се одземе еден дел од личноста и да се даде на друг? Освен тоа, од времето кога Исус бил на Земјата нема никакви докази дека верните Евреи го сметале светиот дух за личност еднаква на Отецот. Тие сигурно не го обожавале светиот дух. Нивното обожавање било исклучиво насочено кон Јехова, кого и самиот Исус го нарекол ”свој Татко“ и ”свој Бог“ (Јован 20:17, ДК).
Како во т. н. ”Стар Завет“, и во делот од Библијата што е наречен Христијански Грчки Списи, или ”Нов Завет“, стои дека светиот дух може да ’исполни‘ некого или да биде ’над‘ некого (Дела на апостолите 2:4; Лука 2:25-27, Дуда-Фуќак). Светиот дух бил ’даден‘; ’излиен‘, и ’разделен‘ (Лука 11:13; Дела на апостолите 10:45; Евреите 2:4). На Денот на духови 33. н. е., учениците примиле ’од‘ Божјиот дух (Дела на апостолите 2:17, ДК). Библијата исто така говори и за крштевање со свет дух и за помазување со свет дух (Матеј 3:11; Дела на апостолите 1:5; 10:38).
Овие библиски стихови докажуваат дека светиот дух не е личност. Тој заклучок уште повеќе е потврден кога гледаме дека светиот дух е наведен заедно со други работи кои не се лица. На пример, во Библијата стои дека Стефан бил ”полн со вера и Свет Дух“ (Дела на апостолите 6:5, Ст). Апостол Павле како Божји слуга се препорачал ”во чистотата, знаењето, стрпливоста, добротата, Светиот Дух, во искрената љубов“ (2. Коринтјаните 6:4-6, Ст).
Вистина, понекогаш во Библијата светиот дух е персонифициран. На пример, Исаија рекол како некои бунтовници ”го ожалостиле светиот дух“ Божји (Исаија 63:10, ДК). И Павле рекол дека светиот дух може да биде ’ожалостен‘ (Ефесјаните 4:30). Други библиски стихови говорат дека светиот дух поучува, води, говори, и сведочи (Јован 14:26; 16:13, 14; 1. Јованово 5:7, 8). Но, во Библијата се персонифицираат и други неживи работи, како мудроста, смртта и гревот (Пословици 1:20; Римјаните 5:17, 21). Всушност, тоа е живописен начин на кој Библијата понекогаш се изразува.
Ние денес на сличен начин говориме за Библијата кога велиме дека таа кажува нешто или учи одредена наука. Употребувајќи такви изрази, ние не мислиме дека Библијата е некоја личност, зар не? И Библијата не го претставува светиот дух како личност кога употребува споредби.
Што е тогаш светиот дух? Тоа не е личност. Тоа е Божјата сопствена делотворна сила којашто тој ја употребува за да ја оствари својата волја (1. Мојсеева 1:2). Но, како светиот дух влијае на нашите животи? И како можеме да извлечеме повеќе корист од неговото дејствување?