Сега е време да се бара Јехова
”А Јехова погледал од небото на синовите човечки, да види дали има некој со увид, некој кој го бара Јехова“ (ПСАЛМИ 14:2, NW).
1, 2. (а) Како многумина гледаат на вистинскиот Бог, Јехова? (б) Како знаеме дека Јехова е свесен за рамнодушноста на човештвото?
ДЕНЕС вистинскиот Бог, Јехова, го отфрлаат атеистите, агностиците, обожавателите на лажните богови и милиони кои тврдат дека веруваат во Бог, но се одрекнуваат од него со своите дела (Тит 1:16). Многумина веруваат, како германскиот филозоф Ниче од 19. век, дека ”Бог е мртов“. Дали Јехова не е свесен за оваа безумна рамнодушност? Не, бидеќи го инспирирал Давид да напише: ”Неразумниот рекол во своето срце: ’Не постои Јехова‘. Тие постапувале погубно, постапувале одвратно во своите постапки. Нема никого да прави добро“ (Псалми 14:1, NW).
2 Давид продолжил: ”А Јехова погледал од небото на синовите човечки, да види дали има некој со увид, некој кој го бара Јехова“. Да, Суверениот Господ е свесен за оние кои бараат да го запознаат и да му служат. Значи, битно е сега искрено да го бараме. Тоа ќе значи или вечен живот или вечно уништување (Псалми 14:2, NW; Матеј 25:41, 46; Евреите 11:6).
3. Какви можности постојат за иднината?
3 Оттука можеме да видеме зошто е важно да им помагаме на другите сега да го бараат Јехова. Сѐ уште има милиони луѓе кои никогаш не се сретнале со некој од Јеховините сведоци или не ја слушнале ’добрата вест за царството‘. И колку ќе биде поголем бројот на ’големото мноштво‘ пред ’големата неволја‘, не знаеме. Но сигурно постојат можности за многумина да го бараат и да го најдат Јехова Бог во непосредната иднина пред да биде предоцна. Прашањето е сега: Што можеме да сториме за да им помогнеме на уште миријади да го пронајдат Бог? (Матеј 24:14; Откровение 7:9, 14).
4, 5. Што на многумина повеќе им се допаѓа во нивната потрага по Бог?
4 Денес повеќето луѓе во светот се во потрага, но по што? Само малку од нив навистина го бараат единствениот вистински Бог, Јехова. На многумина повеќе им се допаѓа богот кој одговара на нивните лични желби и предрасуди. Како што изјавил спецалистот за анкети од САД, Џорџ Галуп помладиот: ”Навистина не може да се најде некоја разлика помеѓу оние кои се поврзани со црквата и оние кои не се, што се однесува до лажењето, затајувањето на данок и крадењето, најмногу поради тоа што постои претежно социјална религија“. Тој додава дека ”многумина само си создаваат религија којашто им е удобна и којашто пријатно ги скокотка (. . .) Некои ја нарекуваат религија по нарачка (à la carte)“.
5 Други ќе речат: ”Мојата религија е добра за мене“. Се разбира, прашањето треба да биде: ”Дали мојата религија е добра за Бог?“ Вистина е дека повеќето во т. н. христијанство и во хиндуизмот се задоволни со обожавањето на своите ликови и идоли. Многу таканаречени христијани сметаат дека нивниот безимен троеден бог им е доволен. И преку 900 милиони муслимани веруваат во Алах. Од друга страна, пак, милиони атеисти тврдат дека не постои Бог.
Оние на коишто им е потребна помош
6. Што откриле многумина читатели на Стражарска кула?
6 Но, што е со нас коишто редовно го читаме ова списание? Сме го барале вистинскиот Бог и сме го пронашле. Сме се увериле во вистинитоста на зборовите од Јаков 4:8: ”Приближете се на Бога, и Он ќе се приближи кон вас“. Преку активната соработка со христијанското собрание, сме се приближиле до Бог и сами сме почувствувале како Јехова ни се приближил нам (Јован 6:44, 65).
7. Како знаеме дека постојат многу поединци кои сѐ уште се заинтересирани да станат активни во вистината?
7 Меѓутоа, знаеме дека има уште многу кои радо повремено се дружат со Јеховиниот народ, но сѐ уште не презеле позитивен чекор да му се приближат на Јехова со предание и крштение. Како го знаеме тоа? Во 1990 скоро десет милиони луѓе присуствувале на Спомен-свеченоста по повод Исусовата смрт. Но, колкумина активно ја проповедаат добрата вест за Царството? Нешто повеќе од четири милиони. Тоа значи дека има околу шест милиони кои се пријателски настроени за вистината и кои се радуваат понекогаш да се дружат со нас, но кои сѐ уште не почнале да го препорачуваат чистиот јазик на вистината преку проповедање на добрата вест за Царството. Без сомнение, во неформални прилики многумина од нив зборуваат за Јехова и неговата Царска влада. Но, сѐ уште јасно не се идентификувале како Јеховини сведоци. И на овие сакаме да им помогнеме (Софонија 3:9; Марко 13:10).
8, 9. (а) Што нѐ охрабрува Јехова да правиме? (б) Зошто не е мудро да го запоставуваме Јеховиниот совет?
8 Ние сакаме да ги охрабриме таквите да станат среќни, активни Сведоци на Јехова во последната фаза од големото дело кое сега се извршува ширум светот. Те молиме, забележи го Јеховиниот љубезен повик во Изреките 1:23 (NW): ”Обратете се на мојот укор. Тогаш ќе дадам мојот дух да се излие на вас; ќе ви ги објавам моите зборови“. (Спореди Јован 4:14.) Колку е охрабрувачки да се знае дека Јехова ќе одговори на нашето превземање на позитивни чекори да се идентификуваме себеси со неговото име и обожавање! Сигурно дека не сакаме да бидеме вброени меѓу оние кои се опишани во Изреките 1:24, 25 (NW): ”Јас повикував, но вие постојано ме одбивате, јас ја пружав мојата рака, но никој не обрнува внимание, и продолжувате да го занемарувате мојот совет и мојот укор не го прифаќате“.
9 Оние кои го занемаруваат Јеховиниот совет да го бараат додека може да се најде и кои ја одложуваат својата одлука додека навистина не го видат почетокот на големата неволја, ќе откријат дека чекале предолго. Таквиот став би покажал недостиг на вера и мудрост и би значел презирање на Јеховината незаслужена доброта (2. Коринтјаните 6:1, 2).
10. Зошто се опасни рамнодушноста и незаинтересираноста?
10 За да ја илустрираме потребата од итно дејствување, дали, на пример, би го следел добриот совет на лекарот тогаш кога веќе си добил двојно воспаление на белите дробови? Или кога ќе ги добиеш првите симптоми на болеста? Тогаш зошто да чекаш повеќе за да се одделиш од болниот свет на Сатана и да застанеш на страната на Јехова и неговите Сведоци? Последиците од рамнодушноста, незаинтересираноста и немареноста се објаснети во Изреките 1:26-29 (NW): ”А јас ќе се смеам на вашата несреќа, ќе се исмејувам кога ќе дојде она од што ве фаќа ужас (. . .) Тогаш постојано ќе ме привикуваат, но нема да одговорам; непрестајно ќе ме бараат, но нема да ме најдат, бидејќи го мразеа спознанието и не го избраа стравот Јеховин“. Да не се најдеме како такви кои ’го бараат Јехова‘ кога ќе биде предоцна!
11. Каква помош им стои на располагање на оние кои бараат да му служат на Бог?
11 Некои кои го читаат ова списание можеби сѐ уште се на патот да го бараат вистинскиот Бог. нас нѐ радува што си истраен во својата потрага. Ние се молиме твоето библиско спознание да те мотивира да преземеш натамошни позитивни чекори за да стоиш цврсто во вистината. Биди сигурен дека секое собрание на Јеховините сведоци е спремно да ти помогне во твојата потрага (Филипјаните 2:1-4).
Време за ревност и акција
12, 13. Зошто е потребно да се преземе акција во поглед на вистинското обожавање?
12 Зошто е важно за секој од нас да преземе акција да се идентификуваме себеси со Јехова Бог и неговото вистинско обожавање? Бидејќи светските настани се движат кон кулминација. Страниците на историјата се вртат побрзо отколку што човек може да ги прочита. Сега не е време да се стои на две страни или да се биде млак. Исус јасно изјавил: ”Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура“. Исто така рекол: ”Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели“ (Матеј 12:30; Лука 9:26).
13 Сега е време за ревност и акција! Ние знаеме во кој правец се движат светските настани, а Армагедон се наѕира на хоризонтот. Според тоа, повикот е да се бара Јехова сега, пред да дојде ’денот на неговиот гнев‘, додека сѐ уште може да се најде. Во големата неволја ќе биде предоцна (Софонија 2:2, 3; Римјаните 13:11, 12; Откровение 16:14, 16).
14. Кои причини ги имаме за да го бараме Бог?
14 Навистина, сето човештво треба сега да ја бара Божјата милост. Апостол Павле тоа прикладно го изразил во Дела на апостолите 17:26-28: ”[Бог] од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на Земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење, за да Го бараат Господа, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас: оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме“. Последниот израз, ”оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме“, е доволна причина да го бараме Бог. Благодарение на Јеховината незаслужена доброта, постоиме во тесната но животоважна биосфера на оваа мала Земја. Зарем не би требало да бидеме благодарни на Суверениот Господар на универзумот? И зарем не би требало да ја покажеме таа благодарност на дело? (Дела на апостолите 4:24).
15. (а) Што смета историчарот Арнолд Тојнби дека треба да биде цел на една повисока религија? (б) Што мораме да правиме за да бидеме во состојба да го прославиме Бог?
15 Историчарот Арнолд Тојнби еднаш напишал: ”Вистинската цел на една повисока религија е да ги зрачи духовните совети и вистини кои се нејзина суштина за да стигнат до колку што е можно повеќе луѓе, за да секоја од овие души биде во можност да ја исполни вистинската цел на Човекот. Вистинската цел на Човекот е да го прослави Бог и засекогаш да го радуваме Него“ (An Historian’s Approach to Religion, стр. 268, 269). За да го славиме Бог, мораме најнапред да го бараме и да добиеме точно спознание за него и неговите намери. Затоа е соодветен повикот од Исаија: ”Барајте го Јехова, вие луѓе, додека може да се најде. Повикувајте го додека се покажува како близок. Нека злобникот го остави својот пат и штетникот своите мисли; и нека се обрати кон Јехова, кој ќе се смилува на него, и кон нашиот Бог, зашто тој ќе прости во голема мерка“ (Исаија 55:6, 7, NW).
Каква практична помош можеме да понудиме?
16. (а) Со кои предизвици се соочува христијанското собрание? (б) На кој практичен начин можеме да им помогнеме на другите да му служат на Јехова?
16 Милионите заинтересирани луѓе кои сѐ уште не се активни објавители претставуваат предизвик за сите нас. Што ние, како старешини, слуги помошници, пионери и објавители можеме да направиме на практичен начин за да им помогнеме на оние кои се пријателски расположени спрема вистината да станат активни учесници во вистинското обожавање заедно со нас? Еден од начините на кој можеме да им понудиме практична помош е да ги посетиме во нивните домови и да ги донесеме на состаноците во Царската сала за да можат и тие редовно да ја уживаат користа од Јеховиниот дух. Павловиот совет до Евреите, 10. поглавје, стихови 24 и 25, денес е итен како што бил и тогаш: ”И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, доколку гледате дека се приближува судниот ден“. Ги охрабруваме сите кои сакаат да ја искусат Јеховината наклоност, редовно да се дружат со Јеховините сведоци во својата месна Царска сала.
17. Кои прашања бараат одговор доколку сакаме да им помогнеме на оние кои ја проучуваат Библијата да напредуваат во својата потрага по Јехова?
17 Ако ја проучуваме Библијата со некој кој редовно ги посетува состаноците, дали можеме на таквиот да му помогнеме да се оспособи како објавител на добрата вест? (Види Проводимо организовано нашу службу, страница 98, 99.) И откако тој или таа ќе стане некрстен објавител, дали важи поканата редовно да одат со нас во јавно проповедање и на некои од нашите студии или повторни посети? (Види Стражарска кула од 1. декември 1989, стр. 31.) Со други зборови, штом еднаш таквите нови се оспособат, дали ги охрабруваме така што им дозволуваме непосредно да видат некои од позитивните резултати од нашата проповедничка активност? (Матеј 28:19, 20).
Јехова е достоен да се бара
18. Како Јехова ја покажал својата милост спрема човештвото?
18 Поради откупната жртва на Исус Христос, Јехова не ги споменува нашите поранешни гревови и не се осврнува на нив доколку се покаеме и покажеме вера. Забележи ги зборовите на Давид: ”Не ни сторил според нашите гревови; ниту според нашите грешки го довел врз нас она што го заслужуваме. Зашто, колку што се небесата повисоки од Земјата, толку неговата љубезна доброта е надмоќна спрема оние кои се плашат од него. Колку што е далеку изгрејсонцето од зајдисонцето, толку далеку ги оддалечил од нас нашите престапи. Како што еден татко покажува милост кон своите синови, Јехова покажал милост спрема оние кои се плашат од него. Бидејќи самиот добро ја знае нашата градба, се сеќава дека сме прав“ (Псалми 103:10-14, NW; Евреите 10:10, 12-14).
19. Какво охрабрување постои за оние кои можеби се оддалечиле од вистината?
19 Јехова е вистинскиот добротворен и милостив Бог. Ако доаѓаме кај него со понизност и покајание, тој простува и заборава. Тој не држи вечно лутина и не мачи некого во вечен пеколен оган за казна. Не, туку како што изјавил Јехова: ”А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам“. Какво охрабрување би требало тоа да биде за оној кој можеби се оддалечил од вистината и го занемарил својот однос со Јехова! Тие се исто охрабрени да го бараат Јехова сега и повторно да бидат активно поврзани со народот кој го носи неговото име (Исаија 43:25).
20, 21. (а) Каков охрабрувачки пример наоѓаме во древната Јудеја? (б) Што морале да сторат жителите од Јуда за да добијат Јеховин благослов?
20 Охрабрувачки пример во тој поглед ни е кралот Аса од древната Јуда. Тој го искоренил лажното обожавање од своето царство, но останале траги од паганското обожавање. Извештајот од 2. Дневници 15, стихови 2 до 4, ни кажува што му рекол пророкот Азарија на Аса за потсетување (NW): ”Јехова е со вас сѐ додека покажувате дека вие сте со него; и ако го барате, ќе ви даде да го најдете, но ако го напуштите, тој ќе ве напушти вас. И многу денови Израел беше без вистинскиот Бог (. . .) Но, кога во својата неволја се обратија кон Јехова, Богот Израелов и го побараа, тогаш даде да го најдат“.
21 Јехова не играл криенка со кралот Аса, туку ’дал да го најдат‘. Како реагирал кралот на оваа порака? Во истото поглавје, стиховите 8 и 12 ни даваат одговор (NW): ”И штом Аса ги слушна овие зборови (. . .), собра храброст и даде да се отстранат одвратните работи од сета земја (. . .) и да се обнови Јеховиниот олтар што беше пред Јеховиниот трем. Освен тоа, [Јуда] влегоа во сојуз дека ќе го бараат Јехова, Богот на своите прататковци со сето свое срце и со сета своја душа“. Да, искрено го барале Јехова ”со сето свое срце и со сета своја душа“. Како влијаело тоа на нацијата? Стих 15. ни кажува: ”И сета Јуда се радуваше заради заклетвата; затоа се заколнаа со сето свое срце и со сето задоволство од своја страна го бараа, така што тој даде да го најдат; и Јехова и понатаму им даваше починка секаде наоколу“.
22. Што нѐ охрабрува да бидеме активни во Јеховината служба?
22 Зарем тоа не е охрабрување за сите нас да преземеме позитивен напор во врска со Јеховиното чисто обожавање? Ние знаеме дека постојат можности уште за милиони други да го слават Јехова. Без сомнение, повеќето од нив прават промени во својот живот за да ги задоволат библиските барања за Јеховината служба. Други растат во увидот и верата, го бараат Јехова и наскоро ќе бидат поттикнати да го споделат чистиот јазик со другите, пренесувајќи им темелно разбирање на вистината за Јехова и неговото Царство. Но, зошто е толку животоважно сите ние да го бараме Јехова сега кога може да се најде? Затоа што неговиот ветен нов свет е близу! (Исаија 65:17-25; Лука 21:29-33; Римјаните 10:13-15).
Дали се сеќаваш?
◻ Кој покажува незаинтересираност спрема вистинскиот Бог, Јехова?
◻ До кој степен религијата често влијае на однесувањето?
◻ Каква можност постои да се зголеми бројот на активни Сведоци?
◻ Зошто сега е време за ревност и акција?
◻ Зошто Јехова е достоен да се бара?
[Слика на страница 10]
Многу пријатели на Јеховините Сведоци кои присуствуваат на Спомен-свеченоста се потенцијални Божји слуги
Присутни на Спомен-свеченоста во 1990: 9 950 085
Највисок број на објавители 1990: 4 017 213
[Слика на страница 12]
Во деновите на крал Аса, народот се свртел кон Јехова