Имитирај ја Божјата милост денес
”Нека паднеме во рацете на Господ, зашто е голема неговата милост“ (2. САМОИЛОВА 24:14, ДК).
1. Што мислел Давид за Божјата милост, и зошто?
ЦАРОТ ДАВИД од искуство знаел дека Јехова е помилостив од луѓето. Уверен дека Божјите начини или патишта се најдобри, Давид имал желба да ги научи Неговите патишта и да оди во Неговата вистина (1. Дневници 21:13; Псалми 25:4, 5, NW). Дали и ти се чувствуваш како Давид?
2. Каков совет дал Исус во Матеј 18:15-17 за постапувањето со сериозен грев?
2 Библијата ни нуди увид во Божјето размислување, дури и за тоа, што да правиме ако некој греши против нас. На своите апостоли, кои подоцна станале христијански надгледници, Исус им рекол: ”Ако твојот брат направи грев, разоткриј ја грешката меѓу тебе и него насамо. Ако те послуша, си го придобил братот“. Грешката за која станува збор овде не била само лично занемарување, туку сериозен грев, како што е измама или клевета. Исус рекол дека ако овој чекор не го реши случајот и ако има сведоци, оној на кого му е згрешено треба да ги земе и да докаже дека имало грешка. Дали овој чекор е крајното решение? Не. ”Ако [грешникот] не ги послуша, зборувај со собранието. Ако не го слуша и собранието, тогаш нека ти биде како човек од народите и како даночник“ (Матеј 18:15-17, NW).
3. Што мислел Исус кога рекол дека непокајничкиот грешник би бил ’како човек од народите и како даночник‘?
3 Бидејќи биле Евреи, апостолите можеле да разберат што значело спрема грешникот да се однесуваат како спрема ”човек од народите и како даночник“. Евреите го избегнувале друштво на луѓето од народите (паганите), а ги презирале Евреите кои работеле како даночници за Римa (Јован 4:9; Дела на апостолите 10:28). Значи, Исус ги советувал учениците дека ако собранието отфрли еден грешник, треба да прекинат да се дружат со него. Но, како да се сфати тоа што Исус понекогаш се дружел со даночници?
4. Во врска со неговите зборови во Матеј 18:17, зошто Исус можел да се дружи со некои собирачи на данок и грешници?
4 Лука 15:1 (NW) вели: ”Сите даночници и грешници му се приближуваа да го слушнат“. Не се работи за сите даночници или грешници, туку ’сите‘ во смисла на многу такви. (Спореди Лука 4:40.). Кои од нив? Оние кои биле заинтересирани да им се простат гревовите. Некои од нив порано биле привлечени кон пораката за спасение од Јован Крстител (Лука 3:12; 7:29). Така, кога другите дошле кај Исус, тоа што им сведочел на нив не било на штета на неговиот совет од Матеј 18:17. Забележи дека ”многу даночници и грешници [го слушаа Исус] и почнаа да го следат“ (Марко 2:15, NW). Овие не биле такви кои сакале да водат лош начин на живот, одбивајќи секаква помош. Наместо тоа, ја слушнале Исусовата порака и биле допрени нивните срца. Дури и ако сѐ уште грешеле, иако можеби се труделе да направат промени, ’добриот пастир‘ со своето сведочење го имитирал својот милостив Татко (Јован 10:14).
Простувањето — христијанска обврска
5. Кој е основниот став на Бог спрема простувањето?
5 Ги имаме следните топли уверувања за спремноста на нашиот Татко да простува: ”Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“. ”Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот“ (1. Јованово 1:9; 2:1). Дали е можно простување за некој кој е исклучен?
6. Како може на еден исклучен да му биде простено и повторно да се врати?
6 Да. Кога некој е исклучен поради непокајнички грев, старешините кои го застапуваат собранието му објаснуваат дека е можно да се покае и да добие Божје простување. Може да ги посетува состаноците во Царската сала, каде ќе чуе библиска поука која може да му помогне да се покае (Спореди 1. Коринтјаните 14:23-25.).Со тек на времето можеби ќе побара повторно да се врати во чистото собрание. Кога старешините ќе се состанат со него, ќе се обидат да утврдат дали се покајал и дали го оставил својот грешен пат (Матеј 18:18). Ако е така, може повторно да се врати, во согласност со редоследот од 2. Коринтјаните 2:5-8. Во случај да бил исклучен повеќе години, ќе мора да прави усогласени напори да напредува. Исто така можеби ќе му треба прилична помош после тоа за да го изгради своето библиско знаење и ценење и да стане духовно јак христијанин.
Враќање кај Јехова
7, 8. Каков пример оставил Бог во врска со својот народ во заробеништво?
7 Но дали можат самите старешини да преземат иницијатива да му пријдат на исклученото лице? Да. Библијата ни покажува дека милоста се изразува не само со воздржување од казна, туку често и со позитивни дела. Го имаме примерот од Јехова. Пред да го испрати својот неверен народ во прогонство, пророчки го изложил изгледот за нивно враќање: ”Запомни ги овие работи, о Јакове, и ти, о Израеле, зашто си мој слуга. (. . .) Ќе ги избришам твоите престапи како со облак, и твоите гревови како со маса од облаци. Обрати се кон мене, зашто повторно ќе те откупам“ (Исаија 44:21, 22, NW).
8 Потоа, за време на прогонството, Јехова презел натамошни чекори, постапувајќи на позитивен начин. Испраќал пророци, свои застапници, да го повика Израел да го ’бараат и да го најдат‘ (Книга пророк Јеремија 29:1, 10-14). Во Езекиел 34:16 (NW), тој се споредува себеси со пастир, а луѓето од нацијата Израел со изгубени овци: ’Изгубената ќе ја барам, и залутаната ќе ја вратам‘. Во Еремија 31:10, Јехова сликовито се претставил како пастир на Израелците. Не, тој не се претставил како пастир кој чека кај трлото да се врати изгубената, туку се покажал како пастир кој ги бара изгубените. Запази, дури и кога луѓето не се каеле и биле во прогонство, Бог прв презел чекори да се вратат. И во согласност со Малахија 3:6, Бог нема да го промени начинот на постапување во христијанското уредување.
9. Како бил следен Божјиот пример во христијанското собрание?
9 Зарем ова не укажува дека би можело да има причини да преземеме чекори спрема некого кој е исклучен и кој можеби се кае? Сети се дека апостол Павле дал упатства да се отстрани злобниот човек од коринтското собрание. Подоцна го советувал собранието за да ја утврди нивната љубов спрема човекот поради неговото покајание, кое подоцна би довело до негово повторно враќање во собранието (1. Коринтјаните 5:9-13; 2. Коринтјаните 2:5-11).
10. (а) Кој мотив треба да ги поттикне нашите напори да воспоставиме контакт со некои исклучени? (б) Зошто христијанските роднини не треба да бидат оние кои преземаат иницијатива за стапување во контакт?
10 Горе цитираната енциклопедија кажува: ”Основното начело за екскомуникација било да се заштитат стандардите на групата: ’малку квас го потквасува целото тесто‘ (1. Коринтјаните 5:6). Овој мотив е јасен во повеќе библиски и вонканонски текстови, но заинтересираноста за поединецот, дури и по исклучувањето, била основата на Павловата молба во 2. Кор. 2:7-10“ (нагласено од нас). Според тоа, логично е дека денес пастирите на стадото треба да покажуваат ваков вид на заинтересираност (Дела на апостолите 20:28; 1. Петрово 5:2). Поранешните пријатели и роднини можеби се надеваат дека исклучениот ќе се врати; сепак од почит спрема заповедта во 1. Коринтјаните 5:11, не се дружат со оној кој е исклучен.b Тоа го оставаат на наименуваните пастири тие да ја преземат иницијативата да видат дали таквиот е заинтересиран да се врати.
11, 12. Со какви исклучени дури ни старешините не сакаат да воспостават контакт, но какви би можеле да посетат?
11 Не би било прикладно дури и за старешините да преземат иницијатива спрема некои исклучени, како на пример отпадници кои ’зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси‘. Тие се ’лажни учители кои се обидуваат да внесат погубни секти и да го искористуваат собранието со лажни зборови‘ (Дела на апостолите 20:30; 2. Петрово 2:1, 3, NW). Библијата исто така не ни дава никаква основа да ги бараме таквите исклучени кои се непријателски настроени или кои активно го поддржуваат погрешното постапување (2. Солунјаните 2:3; 1. Тимотеј 4:1; 2. Јованово 9-11; Јуда 4, 11).
12 Меѓутоа, многу исклучени не се такви. Некој можеби го прекинал сериозното престапување поради кое бил исклучен. Друг можеби употребувал тутун или во минатото претерано пиел, но сега не се обидува другите да ги доведе до погрешно постапување. Присети се дека уште пред протераниот Израел да се врати кај Бог, Тој испраќал зазстапници кои упорно ги молеле да се обратат. Дали Павле или старешините во коринтското собрание презеле иницијатива да го контролираат исклучениот човек, Библијата не кажува. Кога тој човек се покајал и ја прекинал својата неморалност, Павле му дал упатства на собранието повторно да го примат.
13, 14. (а) Што покажува дека некои исклучени би можеле да реагираат на милостивите иницијативи? (б) Како може старешинството да се договори да стапи во контакт?
13 Во поново време имало случаи кога некој старешина случајно се сретнал со некој исклучен.c Каде што било соодветно, пастирот накратко ги покажал чекорите кои треба да се преземат за повторно враќање. Некои такви поединци се покајале и повторно биле вратени. Ваквите радосни исходи покажуваат дека можеби има исклучени или самоисклучени кои би реагирале на милостивиот пристап од страна на пастирите. Но, како би можеле старешините да постапат во ваков случај? Најмногу еднаш годишно, старешинството треба да разгледа дали има такви поединци кои живеат во тоа подрачје.d Старешините треба да се сосредоточат на оние кои биле исклучени подолго од една година. Според околностите, ако е прикладно, треба да се одредат двајца старешини (по можност некои кои се запознаени со случајот) да го посетат таквиот поединец. Нема да се прави посета кај некого кој покажува критичен, опасен став или кој дал до знаење дека не сака помош (Римјаните 16:17, 18; 1. Тимотеј 1:20; 2. Тимотеј 2:16-18).
14 Двајцата пастири треба да телефонираат за да замолат за кратка посета, или да навратат во некое погодно време. Во текот на посетата не треба да бидат строги или ладни, туку треба топло да ја одразат нивната милосрдна заинтересираност. Наместо да го разгледуваат случајот од минатото, можат да дискутираат за библиски стихови како што се Исаија 1:18; 55:6, 7 и Јаков 5:20. Ако е заинтересиран да се врати во Божјето стадо, љубезно можат да му објаснат кои чекори треба да ги преземе, како што се читање на Библијата и публикациите на Друштвото Стражарска кула и присуствување на состаноците во Царската сала.
15. Што треба да имаат на ум старешините кои контактираат со некој кој е исклучен?
15 На овие старешини ќе им треба мудрост и остроумност да одредат дали има знаци на покајание и дали би била препорачлива уште една посета. Се разбира, треба да имаат на ум дека некои исклучени никогаш нема да се ’обноват за покајание‘ (Евреите 6:4-6; 2. Петрово 2:20-22). По посетата, двајцата треба да дадат краток усмен извештај до Службениот одбор на собранието. Тие пак, ќе го информираат старешинството на својот нареден состанок. Милосрдната иницијатива на старешините ќе го одразува Божјиот поглед: ”’Вратете се кај мене, и јас ќе се вратам кај вас‘, рекол Јехова над војските“ (Малахија 3:7, NW).
Друга милосрдна помош
16, 17. Како треба да гледаме на христијанските роднини од исклучениот?
16 Како е со нас кои не сме надгледници и кои нема да преземаме вакви иницијативи спрема оние што се исклучени? Што можеме да сториме во согласност со ваквата подготовка и по примерот на Јехова?
17 Сѐ додека некој е исклучен или самоисклучен, треба да го следиме упатството: ”Да не се дружите со оној, кој нарекувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач; со таков дури и да не јадете“ (1. Коринтјаните 5:11). Но, ова библиско упатство не треба да влијае на нашето гледиште спрема членовите на христијанското семејство кои живеат со некој којшто е исклучен. Древните Евреи толку остро реагирале на даночниците што нивната омраза се проширила дури и на семејството на даночникот. Исус не се согласувал со тоа. Тој рекол дека грешникот кој одбил помош треба да се третира ”токму како човек од народите и како даночник“, не рекол дека членовите на христијанското семејство треба да бидат исто така третирани (Матеј 18:17, NW).
18, 19. Кои се некои од начините на кои можеме да го покажеме нашето христијанство спрема верните роднини на исклучениот?
18 Особено треба да ги поддржуваме членовите на семејството кои се верни христијани. Можеби веќе се борат со болка и препреки бидејќи живеат со некој кој е исклучен, кој всушност може да ги обесхрабрува нивните духовни стремежи. Тој можеби не сака христијаните да го посетуваат неговиот дом; или ако дојдат да се видат со верните членови од семејството, можеби нема да биде љубезен да се држи настрана од посетителите. Може дури и да ги спречува напорите на семејството да одат на сите христијански состаноци и собири (Спореди Матеј 23:13.). Христијаните кои се оштетени на овој начин навистина ја заслужуваат нашата милост (2. Коринтјаните 1:3, 4).
19 Еден од начините на кој можеме да покажеме блага милост е да ’зборуваме утешно‘ и да водиме охрабрувачки разговори со таквите верни од домаќинството (1. Солунјаните 5:14, NW). Постојат одлични прилики да се даде поддршка пред и после состаноците, за време службата или кога се дружиме во други прилики. Не мора да го спомнуваме исклучувањето, туку можеме да зборуваме за многу изградувачки работи (Изреките 25:11; Колосјаните 1:2-4). Додека старешините и понатаму ќе ги надгледуваат христијаните во семејството, можеби ќе откриеме дека и ние можеме да ги посетуваме без да имаме врска со оној кој е истеран. Ако се случи исклучениот да одговори кога посетуваме или телефонираме, можеме едноставно да прашаме за христијанскиот роднина кого го бараме. Понекогаш христијанските членовите на семејството ќе можат да прифатат покана да се дружиме во нашиот дом. Суштината е: тие — и млади и стари — се слуги како нас, сакани членови на Божјето собрание, да не бидат изолирани (Псалми 10:14, NW).
20, 21. Како треба да се чувствуваме и постапуваме кога некој повторно ќе се врати?
20 Друга област каде може да се покаже милост е кога еден исклучен повторно ќе се врати. Исусовите споредби ја нагласуваат радоста на небесата кога ’еден грешник се кае‘ (Лука 15:7, 10). Павле им пишувал на Коринтјаните во врска со човекот кој бил исклучен: ”Да му простите и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост; затоа ве молам кон него да покажете љубов“ (2. Коринтјаните 2:7, 8). Да го примениме тој совет сериозно и со љубов во деновите и седмиците откако некој повторно ќе се врати.
21 Исусовата споредба за изгубениот син укажува на опасноста која треба да ја избегнуваме. Постариот брат не се радувал на враќањето на изгубениот брат, туку бил завидлив. Да не бидеме такви и да задржуваме лоши чувства поради некоја грешка од минатото или пак да не се радуваме на повторното враќање на некого. Наместо тоа, нашата цел е да бидеме како таткото, кој го прикажува реагирањето на Јехова. Таткото бил среќен што неговиот син, кој бил загубен и се чинело дека е мртов, бил пронајден или се вратил во живот (Лука 15:25-32). Според тоа, слободно ќе разговараме со повторно вратениот брат и ќе го охрабриме на некој друг начин. Да, треба да биде очигледно дека покажуваме милост, како што покажува нашиот милостив небесен Татко кој простува (Матеј 5:7).
22. Што е вклучено во нашето имитирање на Јехова Бог?
22 Без сомнение, ако сакаме да го имитираме нашиот Бог, мораме да покажеме милост во согласност со неговите заповеди и неговата правда. Псалмистот вака го опишува: ”Јехова е милосрден и милостив, спор на гнев и голем во љубезната доброта. Јехова е добар спрема сите, и неговите милости се над сите негови дела“ (Псалми 145:8, 9, NW). Каков љубезен пример којшто христијаните треба да го имитираат!
[Фусноти]
a ”Даночниците биле особено презирани од еврејското население во Палестина од неколку причини: (1) собирале пари за странската сила која ја окупирала земјата на Израел, а со тоа индиректно го поддржувале ова насилство; (2) биле озлогласено бескрупулозни, богатејќи се на сметка на својот народ; и (3) нивната работа вклучувала да бидат во редовен контакт со паганите, кое ги правело ритуално нечисти. Презир спрема даночниците се наоѓа и во Н[овиот] З[авет] и во рабинската литература (. . .) Според вторава, омразата се протегала дури и на семејството на оној кој собирал данок“ (The International Standard Bible Encyclopedia).
b Ако во едно христијанско домаќинство има исклучен роднина, тој сѐ уште би бил дел од нормалните секојдневни домашни работи и активности. Тоа би можело да значи да биде присутен кога духовниот материјал се смета за семеен. (Види Стражарска кула од 15. ноември 1988, стр. 19-20.)
c Види 1991 Yearbook of Jehovah’s Witnesses, стр. 53, 54.
d Кога било кој Сведок при сведочењето од куќа до куќа или на друг начин ќе дознае дека на подрачјето живее некој кој е исклучен, треба таа информација да им ја пренесе на старешините.
Дали ги забележа овие мисли?
◻ Како се однесувале Евреите спрема собирачите на данок и грешниците, но зошто Исус се дружел со некои од нив?
◻ Каква библиска основа постои за милостивата иницијатива која се презема спрема многу загубени?
◻ Како старешинството може да преземе таква иницијатива и спрема кого?
◻ Како би требало да покажуваме милост спрема повторно вратените и спрема семејствата на исклучените?
[Рамка на страница 23]
Секој кој бил дел од Божјето чисто и среќно собрание но сега е исклучен или самоисклучен, не мора да остане во таква состојба.
Наместо тоа, таквиот може да се покае и да преземе иницијатива да биде во врска со старешините од собранието. Патот за назад е отворен.
[Извор на слика на страница 24]
Garo Nalbandian