Восхитувачки визии кои ја зајакнуваат верата
Врвни точки од Откровение
ЈЕХОВИНИОТ слуга Јован е на малиот остров Патмос, покрај западниот брег на Мала Азија. Овој остарен апостол таму гледа прекрасни работи — симболични, често запрепастувачки и навистина значајни! Доведен е во Господовиот ден, кој започнува од Исусовото востоличување во 1914 до крајот на Неговата Милениумска Влада. Иако Јован гледа настани кои ќе се случат во текот на најмрачниот период за човештвото, колку е прекрасна неговата претслика на Христовата Илјадагодишна Влада! Какви благослови ќе ужива послушното човештво тогаш!
Јован ги запишал овие визии во библиската книга Откровение. Напишана околу 96 н. е., таа може да ја зајакне нашата вера во пророчкиот Бог, Јехова, и неговиот Син, Исус Христос. (За поединости, види ја книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.)
Исус дава љубезен совет
На почетокот на откровението од Бог преку Христос, се појавуваат писма до седум собранија на Исусовите царски сонаследници (1:1–3:22). Сеопфатно, писмата даваат пофалба, откриваат проблеми, даваат опомени и/или охрабрување и наведуваат благослови кои произлегуваат од верната послушност. Иако Ефесјаните истрајале, тие ја оставиле љубовта што ја имале на почетокот. Духовно богатото собрание во Смирна е охрабрено да остане верно среде неволјата. Прогонството не го надвладеало собранието во Пергам, но тоа го толерирало секташтвото. И покрај зголемената активност на христијаните во Тијатира, таму постои влијанието на Језавела. Собранието во Сард треба духовно да се разбуди, а она во Филаделфија е поттикнато и понатаму да се држи за она што го има, додека на млаките Лаодицејанци им треба духовно лекување.
Какви прекрасни зборови за оспособување на идните небесни цареви — всушност, на сите христијани! На пример, дали некој од нас станал млак? Тогаш, преземи акција! Постани освежителен не само како чаша ладна вода на жежок ден, туку почни да покажуваш и горлива ревност за Јехова и неговата служба (Спореди Матеј 11:28, 29; Јован 2:17).
Јагнето отвора свиток
Понатаму, се гледа Јехова на неговиот престол во сјај (4:1–5:14). Опкружен е со 24 старешини и четири живи суштества. Во неговата рака има свиток запечатен со седум печати. Кој може да го отвори свитокот? Јагнето, Исус Христос, е достојно да го стори тоа!
Драматични настани се одвиваат кога Јагнето отвора шест од печатите (6:1–7:17). Кога е отворен првиот печат, се појавува Христос на бел коњ, добива круна (во 1914), и излегува победувајќи. Додека се отвораат други три печата, други јавачи му донесуваат на човештвото војна, глад и смрт. Со отворањето на петтиот печат, оние кои умреле со маченичка смрт заради Христос, викаат за одмаздување на својата крв, и на секој му е дадена ”бела облека“, која означува праведна положба поврзана со нивното воскресение во бесмртни духовни суштества со царски предности. (Спореди Откровение 3:5; 4:4.) Кога е отворен шестиот печат, со еден земјотрес е најавен денот на гневот на Бог и на Јагнето. Но, ”четирите земски ветрови“, кои симболизираат уништувачки суд, се задржани додека не се запечатат 144 000 Божји робови. Кога се помазани со Божјиот дух и прифатени како негови духовни синови, на челото добиваат знак — печат, или гаранција — за своето небесно наследство. Дури после испитувањето, ова печатење ќе стане трајно (Римјаните 8:15-17; 2. Коринтјаните 1:21, 22). И колку Јован е зачуден кога гледа ”големо мноштво“ од сите народи — мнозинство со надеж за вечен живот во земскиот рај! Тие доаѓаат од ”големата неволја“, време од неспоредлива несреќа за човештвото.
Какви запрепастувачки настани се одвиваат кога е отворен седмиот печат! (8:1–11:14). Получасовната тишина која овозможува да бидат услишени молитвите на светите, е проследена со фрлање на оган од олтарот на Земјата. Тогаш седум ангели се спремаат да затрубат во труби, најавувајќи ги Божјите неволји на т. н. христијанство. Трубите одекнувале од времето на крајот до големата неволја. Четири труби најавуваат неволји на Земјата, морето, изворите на вода и сонцето, месечината и ѕвездите. Звукот на петтата труба повикува скакулци кои ги претставуваат помазаните христијани кои како во рој се спремаат за битката од 1919 па натаму. Со трубењето на шестата труба се одвива напад од коњичка војка. Во исполнување, помазаниците, зајакнати од 1935 со ”големото мноштво“, ги објавуваат мачните вести на осуда против религиозните водачи на т. н. христијанство.
Потоа Јован јаде еден мал свиток, покажувајќи дека помазаниците ја прифаќаат својата задача и се хранат од делот на Божјата Реч кој содржи изрази на божествени осуди кои тие ги објавуваат против т. н. христијанство. Апостолот добил заповед да го измери светилиштето на храмот, означувајќи со тоа одредени исполнувања на Јеховините намери во врска со уредувањето на храмот и дека божествените мерила важат за оние кои се поврзани со него. Потоа Бог помазал ”двајца сведоци“ да пророкуваат во платно од вреќа. Тие се убиени, но повторно се подигнати. Тоа укажува на 1918 и 1919, кога нивното проповедничко дело било скоро умртвено од страна на непријателите, но Јеховините слуги биле чудесно оживеани за својата служба.
Царството е родено!
Звукот на седмата труба го објавува раѓањето на Царството (11:15–12:17). На небото, симболичната жена (небесната организација на Јехова Бог) раѓа машко дете (Божјето Царство со Христос како Цар), но змејот (Сатана) залудно се обидува да го проголта. Како кулминација на војната на небото после раѓањето на Царството во 1914, победничкиот Михаел (Исус Христос) го фрла змејот и неговите ангели долу на Земјата. Тука змејот продолжува да води војна против помазаниот остаток од семето на небесната жена.
Јован потоа здогледува една дива ѕверка на која ѝ е даден одвратен изглед (13:1-18). Оваа седмоглава политичка дива ѕверка со седум глави и десет рогови, излегува од ”морето“, немирните маси на човештвото од кои настануваат човечките влади. (Спореди Книга пророк Даниил 7:2-8; 8:3-8, 20-25.) Кој е изворот на власт на ова симболично суштество? Па, никој друг, туку Сатана, змејот! Замисли само! Таа политичка грозна, двоглава ѕверка (Англо-Американската светска сила) е видена како прави ’лик‘, сега познат како Обединетите Нации. Многумина се присилени да ја обожаваат дивата ѕверка и да го примат нејзиниот ’знак‘ постапувајќи како неа и дозволувајќи ѝ да владее со нивните животи. Но, Јеховините сведоци непоколебливо го одбиваат демонскиот знак на дивата ѕверка!
Јеховините слуги преземаат акција
Различни Божји слуги се гледаат во акција додека се излеваат седум садови на неговиот гнев (14:1–16:21). Слушај! На небесната гора Сион, Јован може да ги слушне 144-те илјади како пеат нова песна. Ангелот кој лета среде небото има вечна добра вест што треба да им ја објави на жителите на Земјата. Што покажува тоа? Дека Јеховините сведоци имаат ангелска помош при објавувањето на веста за Царството.
Јован е сигурно запрепастен кога гледа дека виновата лоза од Земјата е ожнеана и дека се поразени цели нации кога била газена кацата на Божјиот гнев (Спореди Книга пророк Исаија 63:3-6; Книга пророк Јоил 3:12-14.) На Јеховина заповед, седум ангели потоа излеваат седум садови на божествен гнев. Земјата, морето и изворите на вода, како и сонцето, престолот на дивата ѕверка и реката Еуфрат, се погодени со излевањето на првите шест садови. Замисли си го возбудувањето на Јован кога забележува дека демонска пропаганда ги собира човечките цареви на Божјата војна од Армагедон. А последиците се опустошувачки кога седмиот сад се излева на воздухот.
Две симболични жени
Јован сигурно е восхитен што сведочи за крајот на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, и што ги набљудува радосните настани кои следат по неговото уништување (17:1–19:10). Пијана од крвта на светите, може да се види како јава на црвена дива ѕверка со седум глави и десет рогови (Лигата на Народите и нејзиниот наследник, Обединетите Нации). Ох, но какво уништување претрпува кога роговите се свртуваат против неа!
Се слушаат небесни гласови како го слават Јах поради уништувањето на Големиот Вавилон. И каква громогласна фалба ја најавува венчавката на Јагнето и неговата невеста, воскреснатите помазаници!
Христос триумфира и владее
Потоа Јован го здогледува Царот над царевите како ги води небесните војски во уништување на Сатанскиот систем (19:11-21). Да, Исус, ’Речта Божја‘, води војна против народите. Апостолот ја гледа дивата ѕверка (Сатанската политичка организација) и лажниот пророк (Англо-Американската светска сила) како се фрлени во ”огненото езеро‘, симбол на потполно, вечно уништување.
Што потоа? Па, Јован го набљудува фрлањето на Сатана во бездна. Потоа следи поглед во Христовата Илјадагодишна Влада, во текот на која Исус и неговите воскреснати совладетели ќе му судат на човештвото, подигнувајќи ги послушните до човечко совршенство! (20:1-10). Сега е време за конечен испит. Ослободен од бездната, Сатана ќе почне да го заведува совршеното човештво, но уништувањето ќе го оконча животот на сите демони и човечки бунтовници против Бог.
Враќајќи се назад во времето, колку Јован е восхитен кога гледа дека сите оние во смртта, во Хадесот (општиот гроб на човештвото) и морето се воскреснати и судени пред Бог, кој е седнат на голем бел престол! (20:11-15). И колкаво олеснување ќе уживаат праведните кога смртта и Хадесот ќе бидат фрлени во огненото езеро, за да никогаш повеќе не земаат жртви!
Додека Јовановите визии се приближуваат кон крај, тој го здогледува Новиот Ерусалим (21:1–22:21). Тој управен град слегува од небесата и носи просветлување за народите. Од Новиот Ерусалим тече ”река на вода на животот“, претставувајќи ја библиската вистина и сите други Божји подготовки кои се темелат на Исусовата жртва за ослободување на послушните луѓе од гревот и смртта и доделување на вечен живот (Јован 1:29; 17:3; 1. Јованово 2:1, 2). На обата брега на оваа река Јован гледа дрвја со лековити лисја, кои претставуваат дел од Јеховината подготовка за давање вечен живот на послушното човештво. Завршните пораки на Бог и Христос ги следи една покана. Колку е прекрасно да се чуе како духот и невестата ги покануваат сите кои се жедни да ’дојдат и да земат од водата на животот бесплатно‘! И додека ги читаме заклучните зборови на Откровението, несомнено ја делиме горливоста на Јовановиот повик (NW): ”Амин! Дојди, Господин Исусе“.
[Рамка/слика на страница 21]
Остани буден: Меѓу пророчките зборови за Божјата војна на Хар-Магедон (Армагедон), е речено: ”Ете, Јас [Исус Христос] доаѓам како крадец: блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои, за да не оди гол, и да не се гледа срамот негов!“ (Откровение 16:15). Ова би можело да биде наговестување за должностите на надзорникот, или службеникот, на храмот на гората во Ерусалим. Во текот на стражите, тој одел низ храмот да види дали левитските стражари се будни или спијат на своите должности. Секој стражар што ќе бил затекнат да спие бил тепан со стап, а неговата горна облека можела да биде изгорена во знак на срамна казна. Бидејќи Армагедон е толку близу, помазаниот остаток на ’царското свештенство‘, или ’духовниот дом‘, е одлучен да остане духовно буден. Истото мораат да го направат и нивните другари, ’големото мноштво‘ со земска надеж, зашто и тие му принесуваат света служба на Бог во храмот (1. Петрово 2:5, 9, NW; Откровение 7:9-17). Христијанските надгледници особено треба да останат на стража против развивањето на лоши услови во собранието. Затоа што остануваат будни, сите лојални обожаватели во Божјиот духовен храм ги чуваат своите ’горни облеки‘, означувајќи ја со тоа својата почесна служба како Сведоци на Јехова.