Стави го Бог на прво место во својот семеен живот!
БОБ И ЏИН — брачната двојка што ја запознавме во претходната статија — не дошле до развод. Наместо тоа, за своите проблеми разговарале со еден христијански слуга. Тој набргу увидел дека нивните тешкотии воглавно резултираат од нивните различни позадини.
На пример, бидејќи Боб потекнувал од семејство на трговци и физички работници, а и самиот работел како физички работник, сакал обилен појадок секое утро. Џин, која потекнувала од службеничко семејство, го служела само со кафе и печен леб. Така, караницата околу појадокот прераснала во отворена војна!
Боб и Џин требало да ја подобрат размената на мисли. Меѓутоа, вистинската причина за нивната криза била многу подлабока. ”Дали вие се гледате еден со друг во светлото на 1. Коринтјаните 13:4?“, ги прашал слугата. Тој библиски стих гласи: ”Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее“. Следниот стих вели дека љубовта ”не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло“. И Боб и Џин биле спремни да ги применат овие зборови во својот однос.
Проблемите на оваа брачна двојка првенствено барале духовно решение. Бидејќи Боб и Џин сакале да задржат добар однос со Бог, пред сѐ требало да ги применуваат библиските начела и да сфатат дека ”ако Јехова не ја гради куќата, залудно напорно работеле градителите на неа“ (Псалми 127:1, NW). Стиховите од 3 до 5 се однесуваат на градењето на семејството. Најголемиот успех во остварувањето на среќата во домот доаѓа од тоа Бог да се стави на прво место во семејниот живот (Ефесјаните 3:14, 15, NW).
Што значи да се стави Бог на прво место
Да се стави Бог на прво место во својот семеен живот значи многу повеќе од изреката ”Семејството кое се моли заедно останува заедно“. Според списанието Family Relations, многумина веруваат дека ”религијата овозможува позитивни и здрави односи во семејството и го збогатува животното задоволство на своите членови“. Но самото практицирање на некоја религија не е исто што и да се стави Бог на прво место. Многумина формално се придржуваат на некоја религија едноставно од навика, поради семејна традиција или општествена предност. Бог има малку влијание во нивниот секојдневен живот. Што е уште поважно, не е секоја религија ”облик на обожавање кој од гледна точка на нашиот Бог е чист и неизвалкан“ (Јаков 1:27, NW).
За да го ставиме Бог на прво место во нашиот семеен живот, ние и нашите сакани мораме да го обожаваме Јехова, ”Највисокиот над целата Земја“, онака како што тој бара (Псалми 83:18, NW). Божјиот Син, Исус Христос, рекол: ”Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24). За да го обожаваме Јехова Бог ”со дух“, нашата света служба за него мора да биде поттикната од срце исполнето со љубов и вера (Марко 12:28-31; Галатјаните 2:16). Да се обожава Јехова со ”вистина“ бара од нас да ги отфрлиме религиозните лаги и потполно да се потчиниме на неговата волја која е откриена во Библијата. Не можеме да го ставиме Јехова Бог на прво место освен ако нашата религија не е во склад со неговите стандарди.a Кои се некои од нив? И како може нивната примена да му користи на твоето семејство?
Стави го Бог на прво место како сопруг
Во 1. Коринтјаните 11:3, Библијата вели: ”Глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог.“ Ако си сопруг, тогаш Бог ти дал одговорност да бидеш главниот донесувач на одлуки во твоето семејство. Но, тоа не му дава право на ниеден сопруг да биде угнетувач или диктатор.
Библијата ги охрабрува сопрузите да ги земат предвид чувствата на своите жени кога донесуваат одлуки кои се однесуваат на нив (Спореди 1. Мојсеева 21:9-14). Навистина, Писмото нѐ поттикнува сите нас да ’не се грижиме секој само за себе, туку и за другите!‘ (Филипјаните 2:2-4). Кога не е во прашање библиско начело, христијанскиот сопруг често ќе даде предност на изборот на својата сопруга. Бидејќи е лично заинтересиран за неа, исто така ќе внимава таа да не биде преоптоварена со одговорности. На пример, може да ѝ помага во извршувањето на домашните работи, особено ако има светска работа.
Апостол Павле напишал: ”Така мажите се должни да ги љубат своите жени како своите тела; зашто оној кој ја љуби својата жена, се љуби самиот себе. Зашто никој не го мразел своето тело, туку го храни и грее, како и Господ [Христос] собранието“ (Ефесјаните 5:28, 29, ДК). Исус Христос постапува со членовите на собранието на начин полн со љубов.
Вреден за внимание е и советот од апостол Петар: ”Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“ (1. Петрово 3:7). Зарем не е отрезнувачки да се сфати дека постапувањето со сопствената сопруга без љубов може да биде препрека за молитвите на сопругот? Да, мажот мора да постапува со својата жена со љубов ако сака Бог да ги слушне и да одговори на неговите молитви.
Ставањето на Бог на прво место исто така влијае на татковиот однос со децата. Тој би требало да биде длабоко заинтересиран за нивната духовна благосостојба. Сепак, според една главна анкета во САД, само половина од мажите рекле дека ”учествувањето во групите за проучување или дискутирање на Писмото“ било ’најважното во духовниот развој на нивните семејства‘. Останатите навеле такви работи како ”гледање или слушање на преноси на религиозни служби“ или ’размислување за смислата на животот‘.
Меѓутоа, Библијата им порачува на татковците: ”Не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [Јеховин, NW]!“ (Ефесјаните 6:4). Меѓу Јеховините сведоци од татковците се очекува да преземат водство во семејното обожавање. Со редовното водење на семејни библиски студии, посетувањето на христијанските состаноци и исполнувајќи ги другите библиски барања, таквите мажи го ставаат Бог на прво место во семејниот живот.
Стави го Бог на прво место како сопруга
Ако си сопруга, тогаш можеш да го ставиш Бог на прво место така што ќе го поддржуваш својот сопруг во неговата улога на поглавар на семејството. Библијата вели: ”Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа!“ (Колосјаните 3:18). Тоа може да биде доста тешко ако мажот е некомуникативен или млитав во преземањето водство во семејното обожавање. Во секој случај, ако постојано се нагласуваат неговите мани или, што е уште полошо, ако му се инати, само ќе се зголемува напнатоста во семејството.
Изреките 14:1 (NW) велат: ”Вистински мудрата жена ја изградила куќата своја, но глупавата ја урива со сопствените раце.“ Еден од начините на кој вистински мудрата, омажена жена може да го стави Бог на прво место и ’да ја изгради својата куќа‘ е да биде подложна на својот маж (1. Коринтјаните 11:3). Со ’законот на љубезна приврзаност на својот јазик‘, таа избегнува да биде непотребно критична спрема својот маж (Изреките 31:26, NW). Таа исто така напорно работи за да успеат неговите одлуки.
Друг начин на кој една омажена жена може да го стави Бог на прво место е да биде вредна сопруга. Се разбира, ако мора да работи и светска работа, можеби нема ни време ни енергија за да го одржува својот дом онака како што таа сака. Сепак, може да се стреми да биде како ”способната жена“ за која Библијата вели: ”Таа надгледува што се случува во нејзиното домаќинство, и лебот на мрзливоста не го јаде“ (Изреките 31:10, 27, NW).
Пред сѐ, жената треба да го задржи обожавањето на Бог на прво месо во својот живот. Многу од оние кои првпат доаѓаат во некоја од Царските сали на Јеховините сведоци го забележуваат уредниот изглед на децата. Работата на жената во тој поглед е од непроценлива вредност. Но таа мора исто така да работи на тоа да ја одржува својата духовност преку молитвата, проучувањето и службата на Бог.
Да се стави Бог на прво место како младинци
Една статија во Adolescent Counselor изнесува: ”Децата тежнееле да развијат ставови и филозофии кои им дозволиле да завладеат со своите родители (...) Бидејќи се изложени на општество кое ги нагласува и велича моменталната награда и материјалното богатство, младинците го развиваат ставот ’Го сакам тоа сега‘. Ако си младинец, дали е тоа и твој став?
Во Колосјаните 3:20 стои: ”Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!“. Младиот човек кој на таквата послушност гледа како на божествено барање, ќе соработува со своите родители. На пример, нема тајно да им се инати така што ќе се дружи со школски другари кое тие не го одобруваат; ниту пак ќе се обидува лукаво да изманипулира еден од родителите за да ја постигне целта (Изреките 3:32). Наместо тоа, младиот човек кој на прво место во својот живот го става Бог, ќе му се подложи на водството од родителите кое е полно со љубов.
Задржи го Бог на прво место!
Без оглед на нашето место што го имаме во семејниот круг, треба да го ставиме Бог на прво место во својот живот и да негуваме еден близок однос со него. Дали ти и твоето семејство го правите тоа?
Во овие ”последни денови“, сите ние се соочуваме со ’критични времиња‘ (2. Тимотеј 3:1-5, NW). Сепак, можно е духовно да се напредува и да се преживее крајот на овој систем (Матеј 24:3-14). Постапувајќи во склад со точното библиско спознание, ти и твоето семејство можете да ја имате надежта во вечен живот на рајската Земја (Лука 23:43; Јован 17:3; Откровение 21:3, 4). Да, може да биде така ако во својот семеен живот го ставиш Бог на прво место.
[Фуснота]
a Види 22. поглавје во книгата Ти можеш заувек да живиш у рају на Земљи, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 5]
Способната жена е длабоко ценета
[Слика на страница 7]
Библијата ги поттикнува мажите да го преземат водството во семејното обожавање